УБИСТВОТО НА ЕДЕН ПРИЛЕПСКИ НАСИЛНИК ОД ЃОРЃИЈА БЕШЛАКОСКИ

(Од книгата „Жива историја – раскажувања за историјата на Пелагонија и Мариово (1856 – 1950) со преданија за населени места“ – запишано од Томе Велјаноски, подготовка за печат, Тренчо Димитриоски)

Во времето кога браќата Бешлакоски, Петре, Ѓорѓија и Трајче живееле и момокувале во селото Мусинци, во 1896 година, во куќата на беговите кај кои момокувале, имало некоја свадбена веселба. На свадбата имало дојдено на гости Турци и од градот Прилеп. Еден од прилепските Турци си го заборавил фесот кај своите роднини во Мусинци. Прилепските Турци порачале фесот да им го однесе некој од момоците кога ќе доаѓаат на пазар во Прилеп. Петре Бешлак еднаш дошол во Прилеп на пазар, но заборавил да го донесе заборавениот турски фес. Кога го пречекале Турците на анот за да им го даде фесот Петре се извинил и ветил дека следниот пат кога ќе доаѓа на пазар ќе ја заврши работата.

Улица во Прилеп пред околу 1 вк

Следниот пат Петре Бешлак дошол на пазар со многумина други пазарџии од Мусинци. Агите повторно го чекале Петре Бешлак на анот во кој доаѓал за да си го земат фесот. Петре Бешлак се сетил на фесот дури кога ги видел агите како го чекаат на анот. Тој го имал земено фесот откај своите газди, чифлигари, но заборавил да го однесе во Прилеп. Петре повторно им се извинил на агите во Прилеп и им ветил дека следниот пат сигурно ќе го донесе фесот, а ако не дојде самиот ќе го испрати по своите пријатели. Турците му поверувале и останале да чекаат до следната сабота.

Во Прилеп пред околу 1 век

Дошла следната сабота, Петре Бешлак то подготвил својот коњ и со другите пазарџии дошол во Прилеп. Тој ден на пазар во Прилеп со него дошол и неговиот брат Ѓорѓија Бешлак. Агите со заборавениот фес повторно го пречекале Петре Бешлак на анот, а тој се сетил на фесот дури откако го растоварил својот коњ во анот и кога ги видел агите како го чекаат да им го предаде фесот. Турците овојпат се налутиле и му рекле: „Ти лажиш нас, а? Не си тепан од своите газди, ама кај нас нема лесно да поминеш!“ Турците со заборавениот фес, за да останат тие и натаму примерни, му испратиле на Петре Бешлак убијци за да направат кавга со него и да го отепаат. Одејќи дента Петре низ пазарот, Турците убијци направиле така, како тој да сопнал некого, дошло до кавга и тие извадиле оружје. Времето било попладнето и нападнатиот Петре Бешлак бегајќи се скрил во гранапите–дуќаните и притоа го видел својот брат Ѓорѓија Бешлак како влегува во некоја ковачница. Отишол со трчање и му кажал дека го гонат Турци. Горѓија им рекол на ковачите да го скријат брат му Петре во јагленот зад мевот и да усвитат еден паличник. Тепачите, кои биле неколкумина, со револверите в раце проверувале од дуќан во дуќан барајќи го Петрета. Кога еден од нив дошол со револверот во рацете на вратата од ковачницата ѕирнал за да види дали е внатре Петре Бешлак. Горѓија Бешлак, скриен зад вратата, кога Турчинот влегувајќи ја подал главата со револверот в рака, му го забодил усвитениот паличник во стомакот и со едната рака го тргнал веќе отепаниот Турчин во ковачницата. Потоа го измачкал со коломаст (маст за подмачкување на тркала од коли) на местото на раната за да не крвари, отишол кај анот и ги зел двата коњи, неговиот и од брат му Петре. На едниот од коњите го товарил пазарлакот, неговиот и од брат му, а на другиот, неговиот коњ, од едната страна го товарил отепаниот Турчин ставен во вреќа, а на другата товарил нешто за да не се настранува товарот и тргнал да си оди од градот. Кога излегол од градот, на Селечка Река, под патот за Лагово кај денешното претпријатие „Пелагонија транспорт“, го растоварил од коњот отепаниот Турчин и сосе вреќа го фрлил во длабоките вирови на реката обраснати со високи треви. Потоа си ги потерал коњите и заминал за Мусинци како ништо да не се случило.

Во Прилеп пред околу 1 век – 2

Ковачите го пресоблекле Петре Бешлак, го исцрниле по лицето со саѓи и го изнесле од градот. До вечерта и Петре си отишол во Мусинци. Турците, агите од Прилеп што нарачале убиство на Петре Бешлак, биле збунети, но се сетиле дека се измамени и место да го бараат Петре за да го отепаат, почнале да го бараат отепаниот Турчин, кој се викал Насуф. Тие ги прашувале присутните во чаршијата да не го виделе Насуф и викале: „Насуфе јави се, каде си? Насуфе, јави се барем на сон!“ Тие претчувствувале дека со нивниот Насуф се случило нешто страшно и затоа викале, ако не може да се јави на јаве, да се јави барем на сон. Насуф останал вечно да почива во вировите на Селечка Река, меѓу високите треви, шавори. За жал не можам да ги најдам белешките во кои ми се запишани имињата на мусинските и прилепските аги, кои нарачале убиство на Петре Бешлак и имињата на ковачите.

По убиството на прилепскиот насилник Насуф Бешлаковци се преселиле од Мусинци во Подмол.

 Белешка:

По ослободувањето од телото на убиениот Насуф, Горѓија Бешлак излегол со коњите на пазарџискиот пат за дома и наишол на група пазарџии, а на горната страна крај Селечка Река имало собрано повеќемина прилепски бегови, сите имале велосипеди и ги возеле. Велосипедите биле со дрвени рачки и на еден од беговите јавајќи на својот велосипед му се скршиле рачките и паднал во тињата во реката. Некои од пазарџиите се насмеале, Турците се налутиле, извадиле револвери и почнале да пукаат по нив. Дали пукале за да ги погодат или само да ги заплашат не знам, но жртви немало. Слободниот коњ на Ѓорѓија Бешлак се исплашил од пукањето, му откинал на својот сопственик и си отишол во Мусинци сам.

Велосипедите што ги возеле турските бегови крај Селечка Река кај Прилеп нашите постари ги сметаа за први прилепски велосипеди бидејќи дотогаш вакви чудни возила не биле забележани. Човек да врти со нозете на педали и да вози на две колца – да се тркала.

 Кажувано од:

  • Трајан Ѓорѓиев Бешлакоски (1906–1991)
  • Вангел Ристев Јовчески (1912–1997), татко ми
Остаток од турска кула во селото Марул