АрхеологијаДревни траги

ВИНАРНИК ВО КАРПА СО ЗООМОРФЕН „ЧУВАР“ НА ЛОКАЛИТЕТОТ „ИСПРАЕНА ПЛОЧА“ КАЈ ГОРНО СЕЛО, ОПШТИНА ДОЛНЕНИ

Атарот на Горно Село, општина Долнени, кое се наоѓа на околу 8 км северно од Прилеп, расположено во длабоката долина од северозападната страна на стамениот врв, Златоврв, на планината Бабуна, е преполн со културни остатоци од повеќе периоди. Особено нагласена е културата од македонскиот период, а најимпресивни се аристократските гробници од македонски (пелагонски) тип, кои овде ги има повеќе од десетина. Нивното присуство во толкав број предизвикува на сериозна размисла за тоа дека овде се крие извесна значајна населба од тој македонско-римскиот период. Речиси, нема место во атарот на ова село на кое нема забележителни остатоци од материјална култура, како од движен, така и од недвижен каракатер.

Винарникот

Меѓу културните објекти, кои се среќаваат во атарот на селото, освен гробниците во карпа, посебно место имаат винарниците изработени, исто така, во карпа, кои се среќаваат по целата површина околу селото, како и во самото село. Тоа упатува на развиено лозјарство во минатото, пред се во македонскиот и римскиот период. Се разбира, традицијата на одгледување винова лоза е постара и, веројатно е дека и во овој простор таа има подлабоки корени во времето. Остатоци од праисториското време се присутни на најмалку два локалитети во атарот на селото, што значи дека просторот бил населен и во тие периоди, а најмалку во енеолитот и бронзеното и железното време од кои се среќава култура на локалитетите „Испраена Плоча“, од западната и „Вета Стена – Царина“ од северната страна на селото.

„Чуварот“ од запад

Еден винарник во карпа од локалитетот „Испраена Плоча“, кој се наоѓа во близина на културни содржини од македонско-римскиот, но и бронзениот и железниот период, со својата околина привлекува посебно внимание. Винарникот бил изработен на една карпа на падините од јужната страна, на локалитетот „Испраена Плоча“. Тој се наоѓа на југозападната страна на самата карпа, која од таа страна завршува со поголема, благо закосена површина, а од северната страна, еден нејзин повисок дел, со својата атрактивна зооморфна форма, се однесува како „чувар“ на објектот и пошироката околина. Винарникот е издлабен со правец север-југ, при што подолгиот дел – коритото во кое се гмечело грозјето е на повисокиот северен дел од карпестата површина, а помалиот дел е на понискиот дел, кон јужната периферија. Целиот објект – двата дела заедно, е долг околу 3,5 m, со ширина од околу 0,60 m и длабочина до 0,40 m. Винарникот бил раскопан со диво копање, а притоа на површина излегле делумно обработени камени блокови, камени плочи и фрагменти од керамички садови и тегули. Тоа упатува на извесна надградба на винарникот, која служела во времето кога тој бил користен за намената за која бил изработен.

Винарникот од југ

Просторот околу винарникот, со споменатиот зооморфен дел од карпата, како и со релјефот од пошироката околина, надополнет со другите културни одтатоци во близина, зрачи со посебна мистика и не потсетува на времето на активно живеење во него, кога се вршеле активностите поврзани со одгледувањето на виновата лоза и изработката на вино, како и со придружните активности поврзани со оваа културна гранка. Овде, мислиме на култно-религиските активности, односно, обредите поврзани со богот на виното, Дионис, како и жртвите, кои му биле принесувани за да го смилостиват и да го збогати родот и квалитетот на грозјето и виното. Големиот број обработени делови и форми по карпите од околината, извесни остатоци од стари ѕидови, како и движните наоди по површината ја доиполнуваат богатата културна слика на овој простор.