„СМРТ ЗА ПЕЧАТЕНИТЕ, СЛОБОДА ЗА ДИГИТАЛНИТЕ КНИГИ“

Последнава година владата на Македонија започна агресивна кампања за отфрлање на печатените учебници во училиштата и примена на дигитални учебници, односно, кампања за воведување на новиот Закон за учебници и други наставни и дидактички материјали. Оваа кампања, како дел од реформата во образованието, всушност, вистинска пропаганда, започна одеднаш, некако без најава, односно, без посебна анализа од страна на релевантни фактори, туку со политичка иницијатива и ангажман. Независно колку е потребно или непотребно отфрлањето на печатените учебници од употреба, односно, дали тоа ќе биде корисно или штетно за идните ученици, објективно се наметнува едно суштинско прашање. Дали агресивната кампања за отфрлање на учебниците, како физичка појава, од нивна употреба во училиштата не е, всушност, во голема мерка силна пропаганда против книгата, воопшто. На тој начин, секако се прави силен удар врз печатените изданија, а со тоа и на сите поединци, правни субјекти и други, кои се занимаваат и живеат од книгата. Всушност, со оваа „пропаганда“ се удира во самиот корен на печатените изданија, зашто таа се однесува, главно, на најмладите на кои не им се сугерира, туку им се наметнува користење само на дигитална литература. Една опстојна анализа може да покаже какво влијание има таа врз интересот за книгата последниве месеци и каков финансиски ефект постигнале поединците и фирмите, чија главна дејност е книгата. Гледано од овој аспект, сметам дека државата, пред да ја започне ваквата „пропаганда“ е неопходно да го реши проблемот со опстанокот на ти поединци и фирми. На овој начин, верувам, им нанесува голема штета и ги доведува во незавидна положба, која и досега не беше, особено, розова. Ваквата „пропаганда“, односно, новиот Закон за учебници, според „експертите“ од владата била започната „врз основа на анализи на позитивни практики од повеќе развиени земји во Европа“. Да, но тие се развиени земји, а Македонија? Или со воведувањето на ваков закон за учебници, автоматски, и Македонија ќе стане развиена земја во Европа??! Верувам, дека тие во Европа сигурно не постапиле на ваков начин при „инсталирањето“ на таквиот закон кај нив и, сигурно, имале решение и за негативните ефекти од неговото „инсталирање“, а нивниот развој беше постигнат многу порано, не со воведувањето на овој закон.

            Кој ќе претрпи последици од ваквата „пропаганда“? Се разбира, во основа ќе претрпат последици лицата кои се знимаваат со книга, односно, чија главна дејност е книгата. Речиси, сигурно е дека оваа „пропаганда“ кај многумина ќе влијае на односот кон книгата, односно, на потценувањето и негирањето на потребата од книга. Тоа директно влијае на општиот интерес за книгата и веројатно е дека ќе се намали потрошувачката на книгите, иако и досега таа не беше на некое завидно ниво. Всушност, со ваквото грубо инсталирање на дигитализирана форма на содржини кај најмладите, ќе влијае на нивниот однос кон книгата и ќе создава одбојност и игнорирање како кон нешто излишно, непотребно.

            Верувам дека ваквата „пропаганда“ ќе предизвика и отуѓување од книгата, нејзино фрлање на „буништето“ на културата и физичко ослободување од неа со фрлање на буништата низ државата, бидејќи е „непотребна“. Значи, суровото наметнување реформи во образованието и културата, секако е необмислена и штетна работа. Кому му користи таквиот начин, тоа го знаат само тие кои го спроведуваат. Секако, за Македонија, за Македонците, за националностите кои живеат во неа, како и за културата во Македонија, воопшто, таквиот начин на „инсталирање“ реформи е далеку од објективен и корисен.

            Агресивното, пак, бранење на неопходноста од дигитализација на образованието и исфрлање на печатените книги звучи како своевидна парола, „Смрт за печатените, слобода за дигиталните книги“.