АрхеологијаДревни траги

ЛОКАЛИТЕТОТ „КАРАКАМЕН“ КАЈ ВОЛКОСЕЛО, ПРИЛЕПСКО, СО ТРАГИ ОД ПРАИСТОРИСКА И АНТИЧКА КУЛТУРА СЕ ПРЕТВОРА ВО ОТПАД

На периферијата на рамниот дел на Пелагонија, западно од селото Волково, Прилепско, десно од патот за селото Прилепец, се наоѓа еден понизок рид со раширена куполеста форма која на врвот завршува со поголеми карпи и кој доминира нат тој дел од просторот. Со благите и зелени падини, наместа избраздени со суводолици, како и со карпите на врвот, ридот претставува посебен природен феномен и го привлекува вниманието од подалеку. Веројатно е дека неговата позиција и формата го привлекле вниманието на луѓето уште од старите периоди, па денес на површината на локалитетот се среќаваат остатоци од керамички садови, длабени форми по карпите и сл.

Поглед на „Каракамен“ од Селечко

Локалитетот е познат како „Каракамен“, а археолошките остатоци се среќаваат на поширокиот простор, на самото плато од северозападната страна на карпите на врвот, меѓу самите карпи, а особено на југоисточната падина. Тука можат да се најдат фраг­менти од кермички садови, како и длабени форми по карпите, кои биле конструктивни елементи од старите градби или извесна симболика поврзана со културата на старите ѓители на тој простор. Според белезите на керамиката, на ова место имало присуство на човекот во повеќе периоди. Поголем број фрагменти од керамички садови упатуваат на бронзеното и железното време, а некои од нив даваат индиции и за постариот период, енеолитот.  Меѓу фрагментите од праисторијата, присутни се устинки, делови од телото или слични остатоци од керамички садови работени рачно, односно, без коло. Еден, мал фрагмент од материјал, кој потсетува на темносив камен или глина, упатува на интересна форма на антропоидна фигура, можеби женска фигурина, па наведува на посигурен заклучок дека на тумбата има остатоци и од енеолитот.

Карпа на врвот

Особено присуство на површински наоди се среќаваат од македонско-римскиот период, меѓу кои, фрагменти од керамички садови, тегули, питоси и сл. Такви наоди се присутни околу самите карпи на врвот на ридот, како и по падините од јужната и југоисточната страна. По сртот од јужната страна, во продолжение од околу 200 m, се среќаваат наоди од макеоднско-римскиот период, меѓу кои и остатоци од градби, нагласено присуство на покрупна керамика, односно, тегули, цигли, питоси и слично, како и фрагменти од помали форми керамички садови. Во близина на градбата се среќава и еден винарник издлабен во ниска карпа, од кого останал горниот елемент – поголемото корито кое служело за гмечење на грозјето. Неговата насока е, приближно, север – југ, а остатокот од објектот има должина од околу 2 m. Ширината на коритото е од 0,8 до 1 m и е со очистено дно. Во негова непосредна близина, од неговата западна страна се наоѓаат остатоците од споменатиот објект. На 50 до 100 m североисточно од него, повторно се наидува на винарник во карпа, кој е добро зачуван, но исполнет со земја. Винарникот има вкупна должина од околу 3,5 m и ширина од 0,9 до 1 m. Расположен е во правецот северозапад – југоисток. Во малку подалечната околина, на падините на „Каракамен“ се среќава, најмалку, уште еден винарник во карпа, а малку подалеку, на следниот рид, пред селото Волкосело, други два винарници. Нагласениот број винарници во камен упатува на развиена култура на одгледување винова лоза и производство на вино.

Столбесто оформена карпа

Културни траги се среќа­ваат и на самите карпи на чија површина можат да се видат разновидни длабени форми, особено кружни, но и правоаголни задлабувања за греди и сл. Една карпа на стотина метри јужно од врвот, посебно го привлекува вниманието, столбесто оформена со кружна платформа на врвот, со од­ре­ден број кружни длабнатинки на неа, – една поголема кружна јама во центарот и повеќе помали кружни јами, кои формираат круг.

Кружен симбол на столбесто оформена карпа

Овде, мораме да истакнеме дека локалитетот „Каракамен“ се наоѓа на 500 до 700 m од големиот локалитет „Долиште“ меѓу селата Волкосело и Прилепец, кој крие остатоци од значајна населба од македонскиот и римскиот период.1 Тоа упатува на размислување дека двата локалитети биле во своевидна културна врска. Особено, поради тоа што на двата локалитети можат да се констатираат слични културни остатоци. Позицијата на „Каракамен“ кој „го набљудува поширокиот простор од сите негови страни, веројатно била искористена и во време на активниот живот на античкиот град на локалитетот „Долиште“ заедно со двте тврдини на „Марков Ѕид“,2 на една поголема тераса на планината над селото Прилепец и „Коњарник“, на самиот врв на планината со надморска височина од 1537 m.3

Дел од винарник во карпа со остатоци од градба и „Каракамен“ во позадина

Во долината меѓу споменатите села се среќаваат и бројни други локалитети со културни содржини од различни периоди.

Стратешката позиција на ридот го привлекла вниманието и во време на немирните настани на овој простор, особено првата светска војна, па во близина се среќаваат ровови, остатоци од бункери, шрапнели од гранати, па и цели гранати.

Градежен камен – раскопани остатоци од стара градба

Атрактивноста на локалитетот, како и извесни преданија за скриени богатства од царот Самоил или други значајни личности од историјата на овој простор, привлекува и голем број трагачи по скриени богатства, кои често раскопуваат разни делови од него, како околу карпите на врвот, така и по неговите падини. Со таквите активности се нападнати и некои помали карпи со забележителни форми, па дури се раскопувани и превртувани со надеж дека кријат извесно богатство. На тој начин е раскопана и градбата од јужната страна на врвот, која ја споменавме погоре.

Фрагмент од извесен праисториски предмет – веројатно фигурина

Во последно време на овој локалитет се случува една, особено, загрижувачка појава. По асфалтирањето на патот Прилеп – село Прилепец ридот „Каракамен“ кај Волкосело е особено посетуван од разни лица, групи и слично, кои престојуваат во текот на денот или вечерните часови за забава, со седење, пиење и храна, па по нив на површината остануваат разни видови отпад, како книжни, најлонски, пластични, стаклени и друг вид отпадоци. Освен ваквите отпадоци, практика станала и истурањето на отпад од градежен материјал, па на повеќе места се среќаваат и купови од градежен шут, малтер, и сл. На тој начин, за неколку години, локалитетот е претворен во вистински отпад. Со тоа, од атрактивно место за излет, како и своевиден природен амбиент, локалитетот се претвора во крајно непријатно место за престој. Да не зборуваме какво е влијанието на културните остатоци што се кријат на површината и под неговата површина.

 

1 Тренчо Димитриоски, Древна Пелагонија II, Ризница – Прилеп, Прилеп 2009, 69 – 84.

2 Исто, 80 – 82.

3 Исто, 83, 84

ОД АМБИЕНТОТ НА ЛОКАЛИТЕТОТ

Разновидни фрагменти од керамика околу мала кружна јама на карпеста површина
Мала кружна јама во карпесата површина

КЕРАМИКА:

1. ПРАИСТОРИСКА

2. АНТИЧКА