ТРАГИ ОД ПРАИСТОРИСКА КУЛТУРА НА ПРОСТОРОТ НА ШАТОРОВ КАМЕН И ТОПТАШ, КАЈ ПРИЛЕП
Корените на животот на човекот и на човечката култура се среќаваат во разни форми на целиот простор на Прилеп и неговата потесна и поширока околина. Нив ги има и на блиските излетнички места како што се Топташ и Шаторов Камен, кои се наоѓаат источно и североисточно од Прилеп на еден посебен рид во близина на градот. Овде во разни форми се забележуваат траги на старо присуство на човекот кои ги има и по површините на самите карпи, но и меѓу нив во форма на фрагменти од разни керамички садови и други археолошки предмети. Меѓу керамиката, во најголем дел, е присутна онаа од праисторијата, посебно на првата повисока камена тумба на Топташ, која се наоѓа на јужната страна на споменатиот рид и која, во поново време, е во голема мерка уништена со кршење камен за градба. Примерите на (се надеваме) ненамерно уништување на трагите на древната култура на нашиот простор и овде во голема мерка не лишиле од евентуалните остатоци на карпестите површини и меѓу нив. Сепак на просторот на споменатата тумба има голем број остатоци од керамички садови, кои според квалитетот и белезите водат потекло од праисториските времиња на културата, поконкретно, бронзеното и железното време, односно, периодот од 2 500 до 700 г. пр. н.е.
Слични културни траги се среќаваат на северната страна на ридот, позната како Шаторов Камен. Таму меѓу големи гранитни монолити вниманието посебно го привлекува една пештера со долг ходник кој се поминува со помош на светилка. На рамнината која е расположена од горната страна на ридот можат да се забелажат, исто така, траги од древно присуство на човекот. Тука има некакви траги од стари гробови, а според сознанијата од жителите на селото Лениште и од археолозите, на овој дел од Шаторов Камен се пронајдени гробови од античкиот период од времето на Македонската империја. Сопствениците на ниви во овој дел и неговата околина укажуваат на наоѓањето стари човечки коски со впечатлива големина. Интересно е дека во т.н. Заполшка Река која се наоѓа од задната страна на Шаторов Камен по заветните долини има голем број керамички фрагменти, кои упатуваат на присуство на градби од антиката. Ако се земе предвид географската положба и природните карактеристики на овој простор не е исклучено тука во овој период да постоеле градби од т.н. Villi rustiki (селски куќи) какви што се откриени или констатирани на голем број места во прилепскиот крај. Тие, како што е познато, биле цели имоти во кои имало услови за престој преку целата година, а биле привилегија на богатиот слој на античкото општество. Всушност, во состав на таквите имоти имало поголеми површини земја, која била засадена со лозја, житни култури, овошни насади и сл. Се разбира, во тоа време таа била обработувана од слугите на нејзините сопственици.
Самиот рид Шаторов Камен, кој е дел од погореспоменатиот рид и има форма на поголема карпеста тумба, располага со голем број траги од старата култура, особено фрагменти од керамички садови, куќен лепеж, тегули и сл. Освен тоа, наместа се насетуваат и остатоци од ѕидови од камен, а има индиции дека рамното плато на тумбата било заштитено со ѕид. Тоа е со површина од околу 300 до 400 m2 и има форма на неправилен круг. По целата негова површина, особено по падините од западната и јужната страна, се среќаваат споменатите археолошки наоди. Меѓу нив се среќаваат рачки со јазичеста и трапезоидна форма, кои упатуваат на споменатите праисториски периоди, но има и керамика од античкиот период.
Особено интересни се просторите меѓу грамадните карпи, извесни посебни заштитени простори на кои археолошките остатоци укажуваат на стари градби за живеење и слична намена, вклопени во самите карпи. Од југозападната страна на тумбата, се издигаат грамадни карпи со привлечни форми, меѓу кои се наоѓа и една поголема пештера во која се влегува право, а потоа, речиси, под прав агол, се појавува долга и потесна просторија. Помал број фрагменти од керамика можат да се забележат и на подот од пештерата, што укажува на тоа дека таа била користена за определена намена.
ОД АМБИЕНТОТ НА ЛОКАЛИТЕТОТ
КЕРАМИКА
Фрагмент од керамички сад од праисторијата Рачка од керамички сад со трапезоидна форма Фрагмент од рачка од керамички сад Рачка од керамички сад со јазичеста форма Две рачки од керамички садови Две рачки и еден фрагмент од керамички садови Група фрагменти од керамички садови Неколку фрагменти од керамички садови Неколку фрагменти од керамички садови 2