НЕСРЕЌНИОТ ВЛАДИКА ОД МАНАСТИРОТ „ТРЕСКАВЕЦ“ И НЕГОВИОТ ГРОБ ВО НАСЕЛБАТА ЃОГДЕРЕ ВО ПРИЛЕП
Преданието за царица Мара1 и запустувањето на манастирот Трескавец во себе крие и еден исклучително трагичен лик со необично трогателен психолошки комплекс. Тоа е ликот на Владиката кој единствен го преживеал колежот во својот манастир кој го направила разлутената жена на султанот. Тој морал да преживува тешки трауми како сведок на невиден колеж на стотици негови калуѓери со сликите од пискотниците, молбите и агонијата, која била општа слика во манастирскиот двор под мечовите на војниците од придружбата на царицата. Таквиот колеж предизвикал реки калуѓерска крв која го наполнила дворот, манастирот и црквата заедно со конаците. Уште повеќе што, веднаш по настанот, несреќниот владика не сакал никој да го прибере и бил презрен и од своите верници и сопствената црква која, веројатно, сметала дека тој направил голема грешка што не ѝ дозволил на силната царица да се причести и исповеда во црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во манастирот. Вака го пренесува тоа Георги Трајчев: – „Ниту Патријаршијата (Грците), а Турците уште помалку (сакале да го примат, з.м.). Заради тоа тој решил да ја прими мухамеданската вера, макар и привидно. Уверени Турците дека прави лицемерие со мухамеданството го убиле и го закопале во своите гробишта. За да се знае дека бил Владика поставиле четири столба на гробот од светиот престол на стари цркви во Варош. За овој владика се пее и песната ’Каде се чуло видело Владика Турчин да биди’.“2 Вака пренесувајќи го преданието, Георги Трајчев укажува на фактот дека владиковиот гроб се наоѓа во ’„турските гробишта во Ѓогдере“.3
Јордан Хаџиконстантнов–Џинот пренесува дека не се работи за владика, туку за некој „постник“ (испосник). Тој вели: – „Ho гope во пештерите имало един постник дедо Арсо нипошто не и допуштал (на царица Мара з.м.) скверно да приеме кровта и телото на Исуса Христа.“4 Кај Џинот две работи се изнесени поинаку. Прво тој наместо владика споменува испосник и што е уште поинтересно го именува со Арсо што значи дека можеби се работи за човек од верата кој го носел името Арсениј, а второ, има објаснување зошто тој не дозволувал причесна на царица Мара. Имено, тој сметал дека нејзината причесна значи сквернавење на христовата вера и цврсто застанал зад таквиот став. Co ова преданието во делот за кобната одлука на Владиката се комплетира. Дали лицето кое во останатите пренесувања на преданието како Владика е споменатиот Арсо (Арсениј з.м.) кој го споменува Џинот тешко е да се каже во отсуство на поцврста аргументација, но и со постојната, се чини, дека зад него сепак се крие некаква историска содржина.
Преданието го пренесува и српскиот писател Јован Хаџи – Василјевиќ во првата монографија за Прилеп. Тој пренесува малку поинаква содржина, односно, дека по колежот на монасите во манастирот Трескавец, придружбата на царицата го донесле владиката жив пред неа. На прашањето зошто се криел од неа, тој се правдал дека најпрво требало тој неа да ја исповеда надвор од манастирот, а потоа да ја пушти внатре за да се причести бидејќи, иако таа не ја променила верата, сепак се отуѓила од неа и била во „ѓаволски раце“.5 Слушајќи ги тие зборови, царицата се покајала за направеното дело, побарала прошка од него и го пуштила на слобода. Владиката, сепак, немал кому да се обрати зашто никој не сакал да го прифати, ниту христијаните, ниту Турците, па бил приморан „привидно“ да ја прими исламската вера, но „неговото срце и душата останале засекогаш чисти и православни“.6 Кога еднаш Турците го прашале што е христијанската вера се облекол во владичка облека, со одежда, митра и владичко жезло, дошол пред нив, почнал да ги „псуе“ и да принесува чаша со вино како да изведува пренесување на светите тајни. Навредените Турците забележале во чашата со вино лик на човек и го прашале владиката кој е тој, а тој им одговорил дека тој е „Исус Христос, Спасителот на човечкиот род, а не нивниот пророк Мухамед!“. Тоа ги разлутило Турците и го убиле владиката, а потоа го закопале во нивните гробишта, но за да се познава дека се работи за некогашен православен владика, „симнале столбови од светиот престол од една стара црква во Варош и ги ставиле на неговиот гроб, каде постојат и на денешен ден“.7 Значи, според Хаџи – Василејвиќ, гробот на владиката во негово време, односно, крајот на 19 и почеток на 20 век бил целосно зачуван.
Гробот на владиката во Прилеп е уште еден материјален доказ за трагичното доживување на овој несреќен лик од старото предание. Два мермерни столба со четириаголна форма високи околу 1,5 m и со релјефи и денес стојат во исправена положба крај оградата на денешната стара болница во Прилеп во внатрешниот дел. Растојанието од едниот до другит столб е околу 3 m. И на двата споменика има ретко квалитетна изработка на гирланди со мотиви од флорално потекло, односно, стракови со лисја и гроздови, со нагласена естетика, односно, правилно оформени лисја и гроздови. Во центарот на гирландата е изработен кружен симбол со топчеста форма во неговиот центар. Ваквата симболика упатува на верувањето во обновување на животот, на родност и плодотворност што упатува на тоа дека спомениците, веројатно, потекнуваат од извесен антички храм од прилепскиот простор, од делот на кој бил расположен стариот Прилеп.
Овие два мермерни столба се познати како „Владиков гроб“ и се верува дека тие имаат исцелителна моќ. Верувањето дека тие имаат моќ да лекуваат посебно се однесува на брадавици и голем број луѓе со такви проблеми навечер оставаат шишиња со вода, а рано наутро доаѓаат на гробот од Владиката да ја земат водата и миејќи се со зборовите брадавиците да останат тука на местото, заминуваат без да погледнуваат назад. Многумина потврдуваат дека успешно се ослободиле од брадавиците на ваков начин. Дали тоа е дело на измачениот дух на Владиката од Трескавец тешко е да се каже, но останува традиционалното верување и тврдењето за успешното лекување брадавици што од друга страна го прави ова место и гробот кој важи за гроб на владика постојано актуелен и посетуван.
Според преданието, по убиството на владиката од Турците се случил уште еден трогателен настан. Имено, во него се вели дека откако Турците го заклале владиката, го оставиле така раскрвавен на улица. Никој немал храброст или не сакал да му пријде на раскрвавеното тело на владиката, освен едно дете со многу брадавици на рацете. Тоа пришло до телото на владиката и, сакајќи да му помогне, ја зело неговата глава во скутот. Од крвта која течела од вратот му биле окрвавени рацете со брадавиците. Крвта била лековита и брадавиците од рацете на детето исчезнале. На тој начин, преданието го поврзува верувањето дека на гробот на владиката се лечат брадавици со настанот од неговото убиство.
Слично на пишувањето од Јован Хаџи – Василјевиќ пишува и Георги Трајчев, односно, дека гробот на владиката бил направен од 4 столбови како оние два кои се денес на самото место, а на нив била поставена мермерна плоча.8 И од неговото пишување се стекнува впечаток дека грбот во таква форма бил во времето кога тој живеел, што значи дека неговата конструкција, во првите децении на минатиот век, била сѐ уште компактна. Тоа значи дека плочата и другите два столба исчезнале во последните стотина години.
Во целата приказна за владиката и убиените калуѓери во Трескавец посебно место зазема психолошкиот момент при трагичното премислување на самиот Владика при одлуката да ја напушти христијанската вера на која и го посветил животот и да ја прими, сосема спротивната, мухамеданска вера. Во ситуација на презир од сите Владиката морал да направи непромислен чекор со менување на верата кој многу брзо му донесол смрт слична на неговите калуѓери од Трескавец со убиство кое му го подготвиле Турците бидејќи не ги убедил во своето искрено приоѓање кон нивната вера. Од друга страна Турците, сепак, му посветиле внимание како на вистински Владика и по убиството му направиле гроб од стари споменици украсени со релјефи од разурнатите варошки цркви. Дали неговиот крајно трагичен живот на крајот, сепак, предизвикал почит кај Турците?
Без разлика каков настан во историска смисла се случил во манастирот во времето за кое зборува преданието факт се потврдените ликови и моменти кои упатуваат на некои историски подлоги и на самото предание. Најпрво, тука е главниот лик во приказната, царицата Мара која се потврдува како преку историјата, така и преку археолошките наоди поврзани со нејзиниот имот на реката Струма.9 Тука е и гробот на Владиката за кој има индиции дека е гроб на Владиката кој е опеан во споменатата песна за потурчениот Владика и на крај археолошките сознанија за историските рушења на манастирот кои, исто така, на некој начин се поклопуваат со времето за кое говори преданието.
Ламјата која доаѓа по колежот на калуѓерите мора да се сфати како персонификација за долгите години пустош во манастирот што, од своја страна, исто така, е страшна судбина за ова свето место кое од древни времиња било светилиште со големо значење за поширокиот простор. Спорно е, сепак, големото клање кое не е забележано од историјата, а кое со никаков документ не се споменува ниту на некои делови од црковниот живопис, ниту на некој поинаков натпис во кругот на манастирот. Дали, можеби, треба да се бараат аргументи за слично случување во некое многу подалечно време од постоењето на храмовите на Трескавец со претпоставена можност дека преданието има во себе многу поголем набој од времиња и настани?
Што се однесува до гробот на Владиката, исто така, не може да се каже ништо со сигурност за идентитетот на погребникот во овој впечатлив посмртен дом. Ако се земе предвид дека со манастирот Трескавец се поврзуваат имињата на повеќе владици токму во времето на царица Мара или во време блиско до него не е исклучено некој од нив, исто така, трагично да завршил во времето на турското ропство, на бунтови и немири. Еден од таквите владици е и Владиката Давид на кого манастирот му е доделен во владение како мулк од страна на турскиог султан. Од друга страна, таквата судбина можеби навистина го втасала некој од старешините кои биле поставувани во манастирот Трескавец во тоа време. Во натамошното истражување на евентуалниот историски настан сличен на оној од преданието не треба да се отфрли ниту тврдењето на Џинот за името на испосникот Арсо, односно Арсениј, а посебно истражување заслужува во тој контекст целиот период од првите децении на XV век до 1570 година кога се забележани некои деструктвни случувања на градбите од манастирот.10
На крајот мораме да истакнеме дека овој споменик, како и голем број други во градот, се наоѓа во крајно запоставена положба, без никакво внимание од надлежна институција, сосема неугледно, обраснат во трева и грмушки и опкружен со разновиден отпад.
1 Тренчо Димитриоски, Историската основа на преданието за Царица Мара или Мара Султанија и областа Мариово, (https://www.pelagon.mk/2019/07/21/).
2 Г. Трајчев, Град Прилеп, Македонска библиотека, Софија 1925, 39, 40.
3 Исто, 39.
4 Б. Конески, Ј. Х. – Џинот.
5 Јован Хаџи Василјевиќ, Прилеп и његова околина, Издање Чупичеве задужбине, Београд 1902, 103 – 105.
6 Исто, 104.
7 Исто, 104, 105.
8 Г. Трајчев, Град Прилеп … 39, 40.
9 Тренчо Димитриоски, Историската основа на преданието за Царица Мара или Мара Султанија и областа Мариово, (https://www.pelagon.mk/2019/07/21/).
10 Бошко Бабиќ, Манастирот Трескавец со црквата Св.Успение Богородичино, ИСК, Прилеп 1981.