БРИГИЕЦОТ ПЕЛОП, ПЕЛОПИДИТЕ И МАКЕДОНИЈА – МИТОЛОШКО-ИСТОРИСКИ И КУЛТУРНИ ВРСКИ (2)
МИТОЛОШКИОТ ПЕЛОП И НЕГОВИТЕ ИСТОРИСКИ ПОТОМЦИ
Јасно е дека Дедал и Пелоп се познати само од митолошките приказни, но ако се следи нивното потомство се навлегува во историјата на Пелопидите, односно, се доаѓа до историски потомци на Пелоп, познати кралеви и кралски лози. Некои од авторите, сметаат дека двете имиња – Тантал и Пелоп, всушност, претставувале извесни кралски титули,1 кои биле важечки во некој од старите периоди, па затоа се претвориле во митолошки ликови, кои се претставувани во разни уметнички форми преку кои дошле и до нас.
Старите автори како, Хомер, Хесиод, Херодот, Диодор, Павсанија, Полибиј, Страбон, Ливиј, Плутарх и други, во своите дела, набројуваат голем број ликови, како од митолошко, така и од историско потекло како потомци на Пелоп. За нас, особено е инересно потеклото на познатите кралеви на Микена, кои, според старите автори, водат потекло од овој митолошки лик.
ПЕЛОПИДИТЕ АТРЕЈ И ТИЕСТ
Атреј и Тиест, исто така, ги знаеме од митологијата, особено од познатите дела на Хомер, Илијадата и Одисејата, во кои се опишани настаните поврзани со војната за градот Троја, односно, Илиј (Илион). Имено, Хомер ги споменува двајцата браќа од Микена и објаснува како дошле до престолот на микенското кралство. Преку неговите стихови „дознаваме“ дека кралскиот скиптар бил изработен лично од богот на ковачкиот занает Хефест, кој „многу се изнамачил“ притоа, а потоа му го дал на својот господар, Ѕевс, кој му го подарил на Хермија, овој на Пелоп, Пелоп на својот син Атреј, а Атреј на Тиест.
Скиптарот в рака дрежејќи го, со кој се намачи Хефест;
Хефест на господарот го даде Кронионот Ѕевс, а овој
на Хермија проводаџијата скорешен му го даде, па потоа
Игрокоњецот Пелоп од Хермија го доби на дар,
Пелоп на Атреј потоа пастирот на народот му го даде,
Атреј на Тиест сточниот му го остави при својата смрт,
Тиест, пак, на Агамемнон му го подари, нека го носи.
И нека со острови многу и Аргос цел владее.2
Слични податоци изнесува и Павсаниј,3 кој користел податоците од Хомер.
Атреј, сепак, е потврден како историски лик, крал на Микена околу 1250 година пред нашата ера.4 Синови на Атреј биле двајцата војсководачи на Ахајците против градот Троја, Агамемнон и Менелај. Првиот крал на Микена, а вториот крал на Спарта на кого Парис, односно, Александар од Троја му ја грабнал сопругата Елена, позната како Елена Тројанска. Агамемнон, како главен војсководач на Ахајците во војната против Троја е на безброј места споменуван во Илијадата на Хомер и е нарекуван син на Атреј, Атрејд, Атрејев син и сл. Слично е нарекуван и неговиот брат Менелај,5 односно, Хомер ги сметал за браќа, синови на микенскиот крал Атреј.
Да заклучиме: Ако Атреј заедно со неговиот брат Тиест се синови на Пелоп, а Агамемнон и Менелај се синови на Атреј, тогаш и двајцата потекнуваат од семејството на Пелопидите, односно, тие се внуци на Пелоп. Тогаш, ако Пелоп е Бригиец (Бригијци се викале кога живееле во Македонија), односно, Фригиец (Фригијци се викале кога живееле во Мала Азија) по потекло, логично е да се заклучи дека и неговите потомци биле од истиот род. Од сето ова произлегува дека со Микена и Спарта во тоа време, односно, во време на Тројанската војна, како и пред неа, владееле Бригијците, односно, Фригијците кои, од друга страна, населувале и добар дел од етничка Македонија,6 како и од Мала Азија. Археолозите и историчарите, односно, некои од нив упатуваат на извесно продирање на Бригијците длабоко на југот од Балканот и нивно владеење со тој простор во периодот околу Тројанската војна,7 кога се случиле и повеќе движења на население во Медитеранот, особено од Мала Азија кон Балканот и Европа и обратно. Токму со етничките преселби по Тројанската војна се поврзува и преданието за потеклото на Римјаните, односно, на основачите на Рим, потомци на Енеј, за кого старите автори се произнесуваат дека бил, исто така, Бригиец.8 Зашто Енеј е еден од бранителите на Троја, кој по нејзиното паѓање морал да замине со неговите следбеници, поминал низ Македонија и се населил на Јадранскиот брег на страната на днешна Италија на устието на реката Тибар.9 Според преданието, неговите потомци го основале Рим,10 па поради тоа Римјаните, секогаш кога оделе во Мала Азија доаѓале на местото на градот Троја и им принесувале жртви на своите далечни претци.
Кога сме кај Атреј и неговиот брат Тиест, па и следниот крал на Микена, Егист, потребно е да се потенцира дека денес се знае за стариот град од нивното време и за градбите поврзани со нив. Во седумдесеттите години на 19 век, германецот Хајнрих Шлиман ископува во Микена и открива повеќе градби, меѓу кои и гробници од тоа време, како гробницата на Атреј, позната како Атрејева ризница и други кралски гробници од Микена.11
ОРЕСТ, МАКЕДОНИЈА, ОРЕСТИДА И МАКЕДОНСКОТО ПЛЕМЕ ОРЕСТИ
Врските на Македонија со Микена и Пелопидите не завршуваат тука. Според преданието, во Македонија, односно во областа околу денешниот град Воден, дошол и синот на Агамемнон, Орест, кој со своите следбеници населил една област, која според него го носи и името Орестида, како што според него се нарекло и едно од македонските племиња, Орести.12 Имено, откако Орест го одмаздил својот татко Агамемнон, убивајќи го својот роднина Егист и својата мајка Клитајмнестра поради неверство и убиство на неговиот татко, тој заминал на север, во Ематија, односно, во Македонија.13 Според Диодор, во времето на еден од првите македонски кралеви, Орестите војувале со своите соседи Еордаите и нивниот цар го викнал на помош Каран ветувајќи му дека по победата ќе му даде половина од неговата земја да владее со неа.14 Така и се случило.
Во контекст на блискоста на Македонија со Пелопонез и Пелопидите, ова преание, односно, преданието за првиот македонски крал Каран е особено интересно и вредно за анализа. Имено, според Диодор, Каран собрал народ и војска од Пелопонез, Аргивци и други и тргнал во Македонија за да му помогне на Орестите бидејќи
нивниот крал побарал помош од него. Кога дошол во Орестида, откако извојувале победа над Еордаите, Каран основал свое кралство со кое владеел додека бил жив, а по него владееле неговите потомци, од кои прв бил Коин.15
Како син на Агамемнон, кој потекнува од Пелоп, значи и Орест е Пелопид, односно, по потекло е Бригиец. Неговото име е популарно на многу поширок простор на Балканот, а неговите синови се споменуват и како организатори на походи во Мала Азија.16 Според податоците, името на Орест, освен во Микена, на Пелопонез и во Аркадија се среќава и на други места. Всушност, тој се развил во посебен култ, кој бил особено значаен и чествуван на поширок простор. Страбон забележува дека и името на Пелагонија во некој од постарите периоди било Орестида,17 односно, потекнувало од името на Орест. Земајата која ја завладеал Орест, односно, неговите потомци се протегала од Македонскиот (веројатно Термајскиот) залив до Јадранското Море.18 Постоело верување дека и по смртта на Орест, неговата моќ не исчезнала, па често се појавувале пророштва дека определен успех, некое кралство или војска во битка, ќе постигне доколку ги поседува коските на Орест. Затоа, често се трагало по неговиот гроб и по неговите коски.19
Фактот што Орестите, преку нивниот крал, побарале помош од Каран, како и просторот кој ги поврзува Орест и Каран – Пелопонез, покажува извесна сродност меѓу нив, односно семејна поврзаност која, веројатно, е главен фактор за нивната соработка и делење на кралството Орестида.
На овие наводи се надоврзува фактот што Орестите, заедно со Елимиотите, Пелагонците,20 како и Линкестите21 и голем број други племиња биле дел од Македонија, односно, биле македонски племиња.
Традицијата на примена на името Орест изгледа продолжила на македонскиот простор, па такво име среќаваме и многу подоцна, односно, во првите векови на новата ера. Пример: Орест е името на еден граѓанин и старешина на античкиот град Стибера, кој се наоѓал меѓу селата Тројкрсти и Чепигово, Прилепско, во Пелагонија, односно во Девриоп.22 Тој бил угледен граѓанин на овој голем антички град, од угледно семејство на свештеници и старешини на поголема област. Неговото име, како и името на неговиот син Филоксен, се среќава на повеќе места во Пелагонија. Освен во Стибера, каде се пронајдени бисти на таткото и синот, нивни бисти или скулптури имало во Хераклеја,23 се споменуваат на натпис во селото Прилепец, Прилепско24 и на други места. Тие потекнуваат од вториот век на нашата ера и, како свештеници, но и административни намесници, односно, старешни на поголема област стекнале голем углед.
МИКЕНЦИТЕ СЕ ДОСЕЛУВААТ ВО МАКЕДОНИЈА
Македонија и Микена, кралството на Пелопидите, ги поврзува и еден настан од историското време. Имено, во 478 година пред нашата ера, кога градот Микена бил разрушен од страна на Аргос, односно, од Аргосците, Микенците се доселиле во Македонија.25 Овој настан го споменуваат повеќе антички автори, меѓу кои Страбон26 и Павсаниј.27 Еве што пишува за тоа Павсаниј: „Ваму (во Керинеја, з.м.) се доселиле и Микенците од Арголида во врска со некоја нивна несреќа. Имено, Аргосците не можеле да ја освојат микенската тврдина со сила бидејќи како и Тиринт, имала ѕидови што ги граделе таканаречените Киклопи. Сепак, натерани од нуждата, Микенците го напуштиле градот поради недостаток од храна. Некои отишле во Клеона, но повеќе од половината од граѓаните избегале во Македонија кај Александар…“28 Според некои историчари, токму овие Микенци ја рашириле и легендата за доселувањето на Орест во Македонија и формирањето на кралство Орестида.29
Значи, доселувањето на Микенците во Македонија се случило во времето на македонскиот крал Александар I (498 – 452 п.н.е.), кој бил крал во време на воените походи на овој дел од Балканот од страна на Персијанците спрема кои Македонија имала вазален однос.
Дали доселувањето на Микенците во Македонија е поврзано со извесна блискост меѓу нив и Македонците? Ако се земе предвид дека со Микена, подолго време, владееле Пелопидите, кои се Бригијци, односно, Фригијци, а се знае дека Бригијците долго време биле присутни и на македонскиот простор, одговорот на ова прашање би требало да биде потврден. Уште повеќе, од археологијата е познато дека центарот на Бригијците, односно, на нивната култура бил во Ајга, каде се наоѓала и старата престолнина на Македонија. Токму во тој простор се лоцираат и другите настани поврзани со Бригијците, како и настаните со Орест и Микенците од 478 година п.н.е. Всушност, тоа е простор во кој егзистирал значаен културен центар, како на Бригијците, така и на Македонците, чие сродство не може да се негира. Токму, првите македоснки кралеви се поврзани со Бригијците, односно, со легендарното кралското семејство Пелопиди, како што се поврзани и со Хераклидите на кои се повикува една од првите кралски лози на Македонија, почнувајќи од првиот крал, кој се споменува како историски крал на Македонија, Каран. За ваквото потекло на владетелите на македонскиот двор ќе се обидеме да направиме поопстојна анализа во следното, трето продолжение.
1 Слично се смета и за Фригиските (читај: Бригиските) кралеви Гордиј и Мида, чии имиња се повторуваат, односно се среќаваат повеќе кралеви со тие имиња.
2 Хомер, Илијада, Второ пеење, стихови 101 – 108.
3 Павсаниј, Водич по Грчкој, 485.
4 Елеонора Петрова, Бриги, 139.
5 Хомер, Илијада.
6 Елеонора Петрова, Бриги.
7 Исто, 139.
8 Исто, 140 и 165..
9 Исто, 165.
10 Страбон, Географија, Книга 5, глава 3.
11 Освен гробниците, откриени се и кралската палата, големи ѕидови со камени блокови со повеќетонски камени блокови, лавовската порта и други градби, како и ексклузивни движни наоди, шлемови, мечеви, метални и керамички садови и слични предмети, а меѓу најексклузивните наоди спаѓаат златните погребни маски, односно, златната погребна маска на кралот Агамемнон.
12 Страбон, Географија, Кн. 9 – глава 5 – 11. Орестите учествувале и во походот на Александар III Македонски, заедно со Линкестидците под водство на Пердика. (Види: Диодор, LVII).
13 Наде Проева, Студии за античките Македонци …, 94.
14 Диодор, Фрагмент 15.
15 Исто.
16 Страбон, Книга 9, глава 2 – 3.
17 Исто, Книга 7 – 38.
18 Н. Проева, Студии …, 94.
19 Pauzanija, Vodič po Heladi, …, 150, 162.
20 Страбон, Книга 9, глава 5 – 11.
21 Тукидид, Пелопонеските војни.
22 Иван Микулчиќ, Стибера, Македонско наследство бр 1, Македонска цивилизација, Скопје 1966, 26 и 29. Весна Калпаковска, Епиграфски сведоштва за жителите на Стибера, НУ Завод и Музеј – Битола, Битола 2004, 25, 26..
23 Весна Калпаковска, Аница Ѓеорѓиевска, Животот во Heraclea Lγncestis преку епиграфските споменици, Завод, Музеј и Галерија – Битола, Битола 2003, 38, 39.
24 Тренчо Димитриоски, Древна Пелагонија I, Ризница – Прилеп, Прилеп 2009, 86, 87.
25 Н. Проева, Студии …, 94.
26 Страбон, Книга 8, глава 5 – 10.
27 Павсаниј, 364.
28 Исто.
29 Н. Проева, Студии …, 94.