СИТЕ СЕ БАРААТ ВО МАКЕДОНСКИОТ ИДЕНТИТЕТ
Никој од соседите не сака да го признае македонскиот идентитет на достоен начин. За жал, такви има и во самата држава Македонија, такви кои се дел од неа, кои градат кариера, особено политичка и создаваат личен капитал на нејзина сметка а, сепак, на разни начини го напаѓаат македонскиот идентитет и македонскиот народ, како „освојувач“, како „узурпатор“ и сл. На тој начин, сите тие се вклучени во борбата за негово бришење и исчезнување. Преземаат разновидни активности за разубедување на Макеонците дека се нешто друго, а не Македонци, шират пропаганди меѓу македонското население во Македонија и светот и вложуваат големи напори и средства за да ги убедат и другите светски нации, односно, меѓународната заедница во непостоење на Македонци и македонски идентитет.
Просто е неверојатно колку енергија се вложува, односно, колку жолчна енергија е упатена кон уништување на еден идентитет чии корени се вкопани многу длабоко во времето, во културата на човекот во најопшта смисла, во општото сознание и спознание на денешниот свет. Всушност, се работи за идентитет кој е во самата основа на добар дел од познатиот свет и, тој свет, всушност, е незамислив без овој идентитет кој е цел на, речиси, општ напад на добар дел од моќната светска реалност.
На извесен начин, целата меѓународна јавност, особено, онаа од западниот свет, го има насочено своето внимание на Балканот, посебно, во ова мало парче земја, кое е дел од поголема територија, која со милениуми се нарекува Македонија и во која со милениуми живеат Македонци. Во долгиот период наназад, моќни сили од соседството, поткрепени од уште помоќните од меѓународната заедница, успеале во своите намери да одземат поголем дел од етничката територија на Македонците, односно од географската целина, која и денес е позната под истото име Македонија. Во остварувањето на тие цели се применувани сите средства, особено, оние од насилна природа, често крајно безмилосни, со примена на тешки злосторства над невиното население, над деца, жени и старци, потоа со присилно раселување или присилување на Македонците на бегаство од соспствените домови.
Проблесокот на Македонците заврши со империја под водство на кралевите Филип II Македонски и неговиот син Александар III Македонски, кога беше освоен поголем дел од светот. Големината на оваа империја беше толкава, што по нејзиното пропаѓање од неа се создадоа уште неколку други империи и владеењето на Македонците со голем дел од светот продолжи уште неколку века. Трагите од тоа владеење и денес се присутни на тој простор (во денешното толкување на проблемот чија била големата империја и помалите империи настанати по нејзината поделба, овојпат, нема да навлегуваме).
Македонското владеење заврши со Македонско-римските војни и поделба на Македонија на четири дела, а подоцна поделба на Македонија на два дела, Македонија Прима, со центар во Солун и Македонија Секунда, со центар во Стоби (нарекувана и Македонија Салутарис). Името Македонија и македонскиот идентитет опстанал и во римското владеење, во некои периоди, особено, нагласено и со практикување на македонските вредости, знаења, традиции и симболи.
Потоа следела таканаречената словенска преселба, но името Македонија и идентитетот Македонци повторно опстанал. Што мислите, зошто? Нема да навлегуваме во анализи и аргументација, овде не е место за тоа. Само ќе констатираме: македонското име, македонскиот идентитет и името Македонија опстанале поради тоа што на оваа територија и во тоа фамозно време на Словените живееле Македонци. Кому не му е јасно? Доколку не верувате во тоа, тогаш мора да се сложите со фактот на „библиски народ“ и тоа дека „Бог ставил рака“ над Македонците и Македонија и го чувал својот „избран народ“. Како и да е светот, односно, оној дел од него на кого му пречи македонскиот идентитет тешко ќе успее во својата намера да се ослободи од него. Всушност, тој дел од светот треба што поскоро да се откаже од таквата намера, зашто таа е залуден и, особено, штетен труд, меѓу другото, и за нив.
Следи долго турско ропство и повторно зачуван идентитет Македонија, Македонци. Потоа ослободување од турското ропство и уште една поделба во Букурешт – една од најфаталните. Големите сили им ја поделиле Македонската земја на денешните соседи, како резултат на долгиот период на асимилаторски пропаганди за разубедување на Македонците дека се нешто друго, а не Македонци – Бугари, Срби, Грци, па и Албанци. Тоа се правело и на најсуров начин, со тешки злосторства, колеж на невино население, уништување на цели села со палење и уривање на куќите, потоа прогонување на Македонците од нивните вековни огништа и така, без крај и без ронка милост, поткрепено од силните влади на соседите. Сепак, остана територија наречена Македонија, етничка и онаа која беше признаена како Република Македонија, односно Социјалистичка Република Македонија по Втората светска војна, останаа Македонци како народ и македонски идентитет. Непризнавањето и прогонувањето беше немилосрдно за Македонците што останаа на своите огништа во соседните држави. Некои од тие „добронамерни“ соседни држави не признаваа ниту М од Македонец и „се граничеа“ со нивни соседи преку Македонија (тој ментален склоп кај нив владее и денес и, особено, денес блесна во целата негова „светлина“ под патронство на „моќните на денот“). И правеа репресии врз сите кои се обидуваа да го пројават својот идентитет. Нема потреба од аргументирање на овој факт, тој и денес е евидентен, иако меѓународната заедница, особено Европа е глува како стар и рѓосан топ, па на разни начини ги подржува своите европски членки, а наши соседи, преку „механизмите“ на интегрираната Европа, под мотото дека сака меѓусебно разбирање и добрососедски односи, како и културен дијалог во името на напредокот на сите во идната проширена Европска Унија. Сè што е направено над македонскиот народ во минатото да се заборави, да се премолчи!!??? И не само тоа, ами сега продолжува уште порадикално, со комплетно негирање на македонскиот идентитет, дури и во ова парче земја за кое измислуваат други имиња и други идентитети и тоа го презентираат и слават како „невиден“ успех на дипломатијата, кој „заслужува“ дури и Нобелова награда.
Мора да се работи за „големо име“ („Големо ни е името …“ – Блаже Конески) штом толку големи сили застанале во неговото негирање и убедување дека не може да биде сопственост на Македонците. И тоа, не може името Македонија, ниту македонски идентитет, ниту македонски јазик, ниту маккедонска култура, зашто на тоа „имале право“ други – Грци, Бугари, Албанци и други. Чудно!!! Зарем ни име човек и народ во овој свет не може да си избере по своја желба и знаење?!! Особено кога ниту еден друг народ на земјинава топка не го носи тоа име, ниту една држава на планетата Земја нема име Македонија, па каде е тука проблемот? Кому му крадат име Македонците во светот кога никој не се идентификува со него? Овој свет станува се почуден и поизлуден. Се занимава со непостоечки проблеми и ја вложува, речиси, целата своја енергија во тоа. Притоа нанесува ненадоместлива штета на еден народ, бескрупулозно го понижува, ги прегазува сите меѓународни декларации и резолуции за правата и слободите на човекот и го урива општото ниво на морал на човештвото. Со него се занимаваат соседите, особено Грција и Бугарија, дел од внатрешната популација, речиси, сите европски првенци, Америка, Велика Британија, Германија, Франција … . Од друга страна, проблемот со името на државата Македонија, проблемот со идентитетот Македонец, како и проблемот со идентитетот на македонскиот јазик, култура, фолклор и традиција го омаловажуваат, како нешто небитно, ситно, кое не заслужува внимание!?? Тоа, особено, ни го предочуваат нам, кои не сакаме да ја прифатиме „новата нормалност“. Замислете: нова нормалност!!! Дали тоа е, всушност, стара ненормалност? Па, зарем толкава сила за решавање на толку „ситен проблем“? Зошто губите време на неважен проблем, Вие господа од соседството и светски господа?
Не, и милион пати не! Нема да не убедите дека залудно се занимавате со овој „ситен проблем“ само поради тоа што овде, во Македонија и меѓу Македонците во светот има „тврдоглавост“, па не можат да разберат дека обезличувањето, не е ништо страшно, всушност, со тоа ништо не се губи туку многу се добива. Дека во суштина нема такво нешто, дека се ќе остане по старо, никој не менува име, не менува идентитет, не менува идентитет на култура, на јазик, на историја, на традиција. Лично, верувам дека овие вредности кај Македонците во иднина само ќе се зацврстуваат, ќе растат, ќе збујнат, како за инает на беспримерната сила насочена против нив. Зашто нивната длабочина, нивната широчина, нивната тежина, нивниот волумен и нивната сила и нивната естетска енергија никој не може да ги согледа, а уште помалку да ги избрише, да ги обезличи и да ги присвои.
Лично сметам дека се работи за нешто сосема друго! Сето ова личи како нечија желба да се идентификува со тие вредности, да стане дел од нив, да ги стави како своја основа на која е „поставен“, како темел на своето постоење, поради тоа што се чувствува слаб и покрај „големината“. Инаку зошто би вложувал толкава енергија, речиси, целата за да го нападне тој непроценлив „габарит“, кој е длабоко вткаен во општото човештво, со империи, со кралства, со наука, со култура, со книжнина, со јазик, со традиција, со вера и добронамерна мисла? Дали соседите, кои денес не се идентификуваат со тоа име и идентитет, всушност, се бараат во него? И не само соседите, ами и Европа, па и некои надвор од неа. Се бара ли добар дел од светот во македонскиот идентитет, во македонското име, во македонската култура, односно, во македонската цивилизација, која е дел од светската? Лично, нема да бидам зачуден, ако еден ден, добар дел од овој забрефтан и морално нагризан свет самиот побара да се идентификува, да се пронајде во оваа непризната цивилизација и култура, односно, цивилизација и култура, која избегнуваат да ја наречат со вистинското име, како светските првенци, така и во светската наука. Едно, сепак, треба да се знае: колку и да ја избегнува, од различни причини, човекот е создаден да се движи кон вистината па, кога и да е, ќе мора да се соочи со неа. Вистината е, пак, дека постои МАКЕДОНСКИ ИДЕНТИТЕТ, МАКЕДОНЦИ, МАКЕДОНСКИ ПЕРИОД ВО СВЕТСКАТА ЦИВИЛИЗАЦИЈА И КУЛТУРА, кој не може никој да го избрише од историјата на човештвото. Може само да се бара во него и да се идентификува со него!!!