Охридска јагула, (Anguilla anguilla)
Охридската јагула спаѓа во групата европски јагули, живее во езерата и реките од Јадранското сливно подрачје и е една од 16 видови слатководни јагули. Познати се 400 видови јагули, кои имаат змијовидно тело и најголемиот број живеат во морињата. Според науката, јагулата живеела уште пред 140 милиони години. Охридската јагула живее во бистра слатка вода и во реки и кои имаат врска со морето. Таа има маслинесто зелена, кафеава или маслинесто сива, па и боја на бронза на грбот, а стомакот и е жолтеникав до бел. Таа ја менува бојата во зависност од средината во која живее, а посебно за време на нејзиниот долг пат до Саргаското Море, кога патува дотаму поради оплодување. Главата и е сплескана, а во устата има неколку реда ситни заби. По целиот грб има перка, која започнува од три четвртини на телото и продолжува до задниот дел. Жабрите и се наоѓаат во мали перки на градите. Целото тело на јагулата е покриено со ситни лушпи, кои се речиси, невидливи. Под лушпите на телото има систем од капилари преку кои прима кслород од воздухот и водата со што го надополнува дишењето преку жабрите. Според истражувањата, јагулите можат да поминат пократок пат и на суво, па дури и излегуваат на суво по храна, каде бараат полжави, црвја, тревки и слично. Со своето долго тело достигнуваат брзина и до 35 km/h. Силно им е развиено сетивото за мирис, но имаат слаб вид.
Женските јагули растат поголеми и можат да достигнат должина и до 2 m и тежина до 6 kg, машките се многу помали и достигнуваат должина до 0,5 m и тежина до 0,2 kg.
Кога ќе им дојде време за мрестење, јагулите се подготвуваат за пат долг од 5 до 7 илјади километри, се до Саргаското Море во Атлантскиот Океан. Извесен период, пред да тргнат на свадбениот пат, прекинуваат да се хранат и доживуваат промени во организмот, со тоа што органите за варење на храната им се смалуваат, па дури и исчезнуваат. Мрестењето се одвива во пролетните месеци од февруари до април на длабочина од околу 400 m. Женките се многу плодни и положуваат до 1 милион јајца со пречник од 1 mm. По мрестењето сите јагули умираат, како машките, така и женските. Од положените икри се формираат ларви со форма на лист од маслина или врба. Ларвите се долги околу 5 mm, а по три години, користејќи ја Голфската струја тие пристигнуваат на северните брегови на Африка и Европа. Во тоа време јагулите достигнуваат должина до 65 mm. По 4-5 години јагулите стигнуваат до сливовите на реките и имаат тело со проѕирна боја, па се наречени стаклести јагули. Кога ќе се најдат во слатките води ја менуваат бојата на телото – грбот потемнува, а стомакот добива жолтеникаво бела боја. Во реките и езерата со слатка вода јагулите остануваат од 5 до 14 години машките и од 7 до 18 години женските, кога достигнуваат полова зрелост и се подготвени за повторно враќање во Саргаското Море за мрестење.
Со разновидните проекти, особено од градежен карактер, човекот им прави многу пречки на јагулите при обидите да дојдат до своето исконско место за размножување, односно, до Саргаското Море. Јагулата, сепак, опстанува. Рибарите тврдат дека јагули има и во Црна Река и дека порано ловеле и таква риба. Последно време послабо се среќавале со неа. Некои од нив со децении не виделе јагула во оваа македонска река, но ние имавме среќа да се соочиме со еден добар примерок од Црна Река во селото Бучин, Крушевско. Се погоди токму тој ден, односно, понедлник, 09.08.2021 година, застанавме во близина на мостот во Бучин, влеговме во блиската продавница и при излегување го сретнавме Тони Мицески, познат како Јајчарот. Во пластична кофа со вода носеше јагула, која ја фатил во реката во близина.
– Со децении никој не видел јагула овде. Денеска, појдов на реката и ја здогледав во водата. Најпрво помислив дека е змија, но излезе дека била јагула, па успеав да ја фатам. Да ја фотографирам,па ќе ја пуштам повторно во реката нека си живее. Јас не јадам риба.
Тони, така и направи, ја фотографираше, па ја испрати фотографијата преку социјалните мрежи и за кратко време информацијата и фотографијата „појдоа“, дури, до Америка. И таму разбраа за јагулата во Бучин, која се појави пред очите на Тони Мицески. Значи, јагулите се присутни во Црна Река. Овде, кај Бучин, реката е бистра и, веројатно, погодна за опстанок на јагулите. Оваа беше долга 40 – 50 sm со тежина околу 300 g.