ДАЛИ СЕ СЛИКАВТЕ СО НОВОИЗБРАНИОТ ГРАДОНАЧАЛНИК?
(За да не бидеме погрешно разбрани, уште на почетокот, ЧЕСТИТКИ ДО НОВОИЗБРАНИОТ ГРАДОНАЧАЛНИК НА ПРИЛЕП, БОРЧЕ ЈОВЧЕСКИ, СО ЖЕЛБИ ЗА ВИСТИНСКИ УСПЕСИ ВО НЕГОВИОТ МАНДАТ!)
Општина Прилеп беше една од поретките општини во Македонија во која изборите завршија уште во првиот круг. Нормално беше да се прослави и да се изрази радоста кај оние што победија, па и кај некои од другите во општината, кои се чувствуваа „нелагодно“ со досегашната власт. Што се однесува до областа од која доаѓа новиот градоначалник нема промена – тој, како и претходниот, е од областа на медицината. Разликата треба да се бара во енергијата, способноста, мудроста – умешноста, широкогледоста, хуманоста, несебичноста, особено во умешноста за екипирање на соодветни кадри за посебните области.
Некои, за победата, рекоа „заслужено“, но не би рекол дека тој збор е соодветен на постигнатото, зашто „заслужено“ е посоодветно за добиена награда. Може да се каже дека и добиените избори се награда од народот, но ваквата награда, ми се чини, треба да се заслужи во иднина, зашто, ако се разбере само како награда, тогаш излегува дека нема повеќе за што да се трудиме, туку да уживаме во наградата. Всушност, ваквата награда е голем предизвик за она што треба да се покаже и постигне од утрешниот ден натаму.
Често се добива впечаток дека по „заслужената“ победа остануваат голем број „заслужни“ за неа на кои треба да им се врати со доделување атрактивни функции, членства во атрактивни управни одбори и комисии, добивање разновидни привилегии и работни места. Во такви услови, скоро сите гарнитури на власт завлегуваа во „отплата“ кон „заслужните“, многу често, кон оние гласните и оние кои први се сликаа со новоизбраниот градоначалник и другите од повисоката гарнитура на власта и подзабораваа на вистинските состојби и соодветното екипирање на способни кадри во областите. На тој начин, место, слобода, повторно се случуваше „заробување“. Некои кадровски решенија значеа вистинско „ропство“ за областите во кои беа поставувани. Да не зборуваме за јавното користење на привилегии и криминално однесување во кое страдаа „мравките“, оние кои цел живот работат и придонесуваат во своите области и со својата дејност, а за сметка на „тркачи“, „сликачи“ со лица на високи позиции, „заслужни“ за „напредокот“, за градот, за државата и сл. А сите знаеме каков напредок, каква општина, каква држава, какви услови и сл. Зашто, освен туркањето во метежот за да се дојде до новоизбраниот за сликање, потребни се голем број други способности, знаење и вештина за да се постигне вистински напредок. Несоодветните кадри и кадрите со негативна енергија, со енергија за одмаздување и слично, носат ново „ропство“. Ослободувањето значи отворање на вратите за потиснатата енергија и потиснатите и маргинализирани делови и групи во општеството. Оние, кои се вистински заинтересирани за дејностите во соодветните области, а кои досегашните општествено-политички структури ги занемарија и, често, ги ставаа во крајно лоша, понижувачка, социјална состојба. Сето тоа во името на „заслужните“ за победата. Што добива со тоа градот, општината, граѓаните?
Прилеп и општината се исти и денес како и вчера. Се појави само нова надеж и, да се надеваме, ќе се ослободи нова енергија, која ќе ги надмине досегашните слабости. А тие не се малку и не се само во една област. Може да се каже дека Прилеп, во некои области, со лошите состојби, предничи пред многу општини во Македонија. Знаеме како поминаа тутунарите во минатата година, како и граѓаните од другите области на стопанството, индустријата, земјоделството, културата, медиумите, спортот, каква е инфраструктурата, положбата на селата и понижувачките комунални состојби во нив и во многу други средини. Во сето тоа, особено лошо поминуваа оние кои не сакале или не успеале да се сликаат со „соодветната“ личност. Или тоа доцна го направиле или зборувале „несоодветно“ на јавни места и сл.
Можеби е несоодветно, ама преку еден личен пример би сакал ова да го илустрирам: Пред неколку години еден од директорите на значајна институција (барем за мене) му забрани на своите вработени да ме ангажираат во екипите за реализација на нивни проекти, замислете, во екипа за работа со обичен алат, лопата, казма! На прашањето зошто тоа го направил, директорот ми одговори: Ми кажуваа дека многу си зборувал на телевизија! Замислете: му кажувале, тој (таа) не ни слушнал со свои уши, ниту видел со свои очи – му кажувале!!??? Се обидов да реагирам и кај соодветните власти, но мојата реакција не вроди со плод. А мојата положба од таквиот однос, а на сите кои го доживуваат тоа во ова мало општество??! Оттогаш, до денес во таа институција соработувам со поединци од вработените, само на нивна молба, за проекти за кои имам сопствени информации, податоци, материјали и знаење, но секогаш волонтерски, без надоместок. Значи, ставот на претходниот директор, во однос на мојата дејност, го усвоил и актуелниот. Верувајте дека тоа не е особено пријатна положба, а чувството е поразно. Чувство на затворени врати и непожелност. Особено ако тоа трае со години и станува вообичаена пракса. Да не се навраќам на некои мои скромни анализи од изминативе години за положбата на оние, кои немаат волја и расположение да се туркаат за сликање со „новоизбраните“ (https://www.pelagon.mk/2020/04/17/). Од друга страна, во Прилеп, и вистински, нема каде да „се сликаш“ зашто нема ниту една локална телевизија, која би се занимавала со темите и проблемите на градот и граѓаните од „поблиску“ (https://www.pelagon.mk/2020/03/06/). Затоа многу состојби и судбини се скриени зад грбот на „сликани“, „заслужни“, „херои на новото време“. Сето тоа придонесува за состојба на „заробен ум“, која никако да ја надминеме, оптоварени сами со себе и обземени од чувството на „лична заслуга“ за победата, како и од чувството дека треба да бидеме наградени за тоа. Праксата, пак, на награда и казна во нашите средини, е сосема занемарена и, речиси, не постои. Токму изборите потсетуваат на таквата пракса со тоа што народот, кого политичарите, често, знаат да го потценат и да го наречат со најпогрдни зборови, ќе покаже дека знае да награди и да казни.
Завршуваме со надеж дека досегашната пракса и состојба ќе биде надмината, барем до едно објективно ниво, кое ќе ја ослободи заробената енергија на напредокот, односно, ќе ги ослободи „заробените“ области и состојби и ќе ја надмине состојбата на „заробен ум“.
За крај (за оние кои имаат мерак за сликање), доколку не успеале до денес, сѐ уште имаат време да се сликаат со новиот градоначалник на Прилеп, но и со другите новоизбрани фактори на политичката сцена и на општинскиот развој. А може и со оние на заминување, за спомен, ако сте за обично сликање, инаку, можеби, не е препорачливо, особено, ако сликањето е само почетен акт кон „повисока“ цел.