ЛИЧНИ ПРЕДМЕТИ НА АЛЕКСАНДАР МАКЕДОНСКИ ВО КРАЛСКА ГРОБНИЦА ВО КУТЛЕШ

Приказната за Александар Македонски, односно, македонскиот крал Александар III, синот на Филип II Македонски, позната и како Александар Велики, веројатно, ќе трае, додека трае овој свет. Неговата личност и подвигот во освојувањето на светот до Индија, како и разновидните дела направени на тој пат, по многу нешта единствени, легендите кои го следат неговиот лик и дело, создавани во различни делови од светот, постојано го иритираат човечкиот дух и го предизвикуваат на ангажман за потрага по неразјаснетите моменти од неговата личност. Може да се каже дека денес, различни научници, истражувачи, писатели и авантуристи се во потрага по непознатите подвизи на овој единствен крал и освојувач, на долгиот пат во создавањето на големата Македонска империја. Светот не може да остане рамнодушен ниту денес поради разновидните контакти и големите истражувачки мисии за запознавање на природните и културниите вредности во освоените територии, како и неповторливите културно-социјални проекти на мешање на културите и размена на културните вредности, кои ги остварил и кои го обликувале тогашниот свет, а со своето влијание досегаат до современиот свет и современата личност.

Александар Велики – Археолошки музеј во Истамбул

            Може да се каже дека најголем предизвик на денешнината, поврзан со Александар Македонски е предизвикот за пронаоѓање на неговото вечно почивалиште, односно на неговиот гроб, кој и по повеќе до два милениуми е мистерија од светски ранг. Приказните поврзани со неговата смрт и погребувањето се безброј, а по неговиот гроб се трага и денес. Во целата потрага има и многу мистика, но и разновидни локации на неговото погребување, како во просторите кои ги освоил, така и во Македонија, државата Македонија, но и во етничкиот простор на Македонците. Најголем број потраги по гробот на Александар Македонски има во Египет (од 100 до 200), но до денес сите се неуспешни, па така гробот на Александар и денес е еден од најпосакуваните експонати на археолозите, истражувачите и авантуристите од светот.

Александар и Хефестион

            Последниве неколку децении излегоа голем број приказни и „сензации“ за пронаоѓање на Александровиот гроб и во Македонија, па така како негови локации беа посочени, Билазора кај Свети Николе, Хераклеја кај Битола, Исар кај селото Марвинци и на други места во Македонија,меѓу другото, и во егејскиот дел.

            Приказната за гробот на најголемиот крал на Македонија започнува многу брзо по неговата смрт во Вавилон. Откако починал без јасно да назначи свој наследник и по подготовката на неговото тело за погребување почнуваат разновидни сплетки и интриги околу тоа каде да биде погребан и кој ќе го преземе неговото тело. Била определена група од Македонци, кои требало телото на кралот да го спроведат до Македонија за да биде погребано во кралските гробници во градот Еге (Ајга).1 Овој транспорт и погребувањето во Македонија не бил остварен, веројатно, поради верувањето и извесно пророштво дека тој, кој ќе го поседува телото од кралот, ќе биде непобедлив. Од такви причини неговите најблиски другари и генерали се натпреварувале кој ќе го преземе. Во тоа најуспешен се покажал неговиот генерал и другар, Птолемеј, синот на Лаг, за кого Македонците тврделе дека е и полубрат на Александар Македонски, кој успеал да го преземе Египет и да стане негов крал, познат како Птолемеј I Сотер (305 – 283 п.н.е.). Имено, Птолемеј ги наговорил Македонците кои биле избрани да го однесат телото на Александар во Ајга да му го предадат нему, па го пренесол во градот Мемфис во Египет и таму го погребал според македонските традиции.2 

Саркофагот на Александар Македонски од музејот во Истамбул

            Подоцна, односно, по смртта на Птолемеј I Сотер, неговиот син Птолемеј II го преместил телото на Александар од Мемфис3 во Александрија.

            Едно треба да биде јасно – македонските кралеви во антиката имале свое погребно место, а тоа е Ајга, на реката Бистрица, каде била и првата престолнина на Македонското кралство, сѐ до времето на кралот Архелај (413 – 399 п.н.е.), кој престолнината ја преселил во Пела. Доколку било решено телото на Александар Македонски да биде донесено во Македонија, логично е да биде погребан на местото на кое се погребувале македонските кралеви. Различните тврдења и претпоставки, изнесени од разновидни трагачи по неговиот гроб, го посочуваат неговото погребување на разни други места во Македонија со објаснување дека тоа е направено за да се прикријат трагите на неговиот гроб од евентуалните ограбувачи. Особено голем број места се посочувани како места на погребување на Александар Македонски во Египет, а меѓу нив се градот Александрија, храмот на Амон во Сива и други. Според едно истражување телото на Александар, можеби е пренесено во Венеција во црквата посветена на св. Марко. Слични приказни и истражувања се пренесуваат, речиси секоја година, и тоа, во голем број.

ЛИЧНИ ПРЕДМЕТИ НА АЛЕКСАНДАР МАКЕДОНСКИ ВО ГРОБНИЦАТА НА НЕГОВИОТ БРАТ ФИЛИП АРИДЕЈ

            Независно каде се наоѓа денес телото на овој македонски крал, интересно е она што е пренесено за предмети кои му припаѓале на Александар III Македонски, а биле пронајдени во една од гробниците, кои се откриени и истражувани во Кутлеш (Вергина). Имено, во гробницата број 2 се пронајдени повеќе предмети за кои има индиции дека му припаѓале на Александар Трети.4

Тумбата во Кутлеш во која се откриени кралските гробници

            Во Кутлеш биле откриени и истражувани три гробници и една друга структура, која е идентификувана како хероон.5 Гробницата број 1 е пронајдена во ограбена состојба и во неа се идентификувани остатоци од три скелети, кои им припаѓале на еден возрасен маж, една помлада жена и дете. За неа денес се вели дека била гробница на Филип Втори, неговата жена Клеопатра и на малото дете, кое го родила таа пред да биде погубена.6

Коска за која се смета дека е од левата нога на Филип Втори

            Предметите, кои се поврзуваат со Александар Трети се идентификувани во гробницата број 2, за која се смета дека му припаѓала на братот на Александар, Филип Аридеј и неговата жена Евридика. Познато е дека со подршка на генералите на Александар, Филип III Аридеј станал крал на Македонија.7 По големиот број сплетки и интриги на македонскиот двор, Филип Аридеј и неговата жена Адаја – Евридика биле ликвидирани. Тоа се случува во 317 година, а следната, 316 п.н.е., новиот крал, Касандар (316 – 297), синот на Антипатар, организира вообичаено погребување.8 Гробницата во која биле погребани е гробница од т.н. „македонски тип“, таа содржи две простории – претсобје и одаја. Кралот бил погребан во одајата, а кралицата во претсобјето.9 Во двете простории се пронајдени златни ковчежиња со посмртните останки, според кои е направена идентификацијата. Ковчежето со посмртните останки на кралот било со совршен дизајн и украсување, а ковчежето со останките на женскиот покојник малку поедноставно.10 Во гробницата има голем број садови од сребро и бронза, како и богато украсен мебел. Меѓу предметите има оружје и воена опрема, садови за служење вино и други предмети. Целата гробница е со богато украсени ѕидови со еден долг фриз, совршено насликан со сцена од лов.11

Коски од бебе од гробницата број 2 во Кутлеш

            Третата гробница е слична со втората, од македонски тип и се смета дека во неа бил погребан синот на Александар Трети, Александар Четврти, исто така, со богати украсувања и богати прилози.

КОИ СЕ ПРЕДМЕТИТЕ, КОИ МУ ПРИПАЃАЛЕ НА АЛЕКСАНДАР МАКЕДОНСКИ?

            Според американскиот историчар Јуџин Борза, во гробницата 2 се среќаваат извесен број стилски особини кои можат да сеповрзат со периодот по освојувањето на Азија од страна на Александар Трети. За таков го смета сводестиот покрив, сцените со лов на лав и сл. Од предметите кои се поврзуваат со Александар Трети, пред сѐ, се споменува еден уникатен железен шлем, каков што, според описот на Плутарх, Александар носел во битката кај Гавгамела.12 Во гробницата се пронајдени и дел од личната опрема на Александар Трети. Така, според описот од страна на Квинт Куртиј Руф, во настаните по смртта на Александар во Вавилон, во јуни 323 година, неговиот генерал Пердика го изложил кралскиот трон украсен со дијадема, кралска одежда и оружје. Меѓу предметите, кои му припаѓале на Александар се споменуваат и скиптар, како и оклоп. Голем број од нив, односно, слични на нив се пронајдени и во гробницата број 2 во Кутлеш: оклоп за градите сличен на оној прикажан на мозаикот од Помпеја, како и позлатена сребрена дијадема направена да се носи директно на главата или како украс на македонската капа.13

Од гробницата на Филип Аридеј – залтно ковчеже со шеснаесеткрако сонце и дијадема

            Особено е интересен еден наод на скиптар (кралско жезло) во футрола, долг два метри, кој се споменува во првите извештаи на археологот кој ја ископувал гробницата, а кој подоцна веќе не се споменува.14 Каде исчезнал скиптарот?

            Во споменатата гробница е пронајден и еден церемонијален штит со добра изработка од слонова коска, злато, стакло и дрво, а во врска со него Борза истакнува: „блескаво дело на античката уметност, е уникатен, а потсетени сме од веродостојни извори од антиката дека Александар имал во своја сопственост церемонијален штит, земен од храмот на Атина во Илиј“.15

Дел од гробницата на Александар Четврти

            За предметите, кои се лична своина на Александар, Јуџин Борза истакнува: „Можеме да сугерираме дека кога Касандар го закопал Архидај тој го закопал не само најстариот син на Филип II, туку исто така и личната своина на Александар, вклучувајќи го и скиптарот на Аргеадите. Тоа било знак дека Стариот Поредок завршил; за неколку години синот на жената на Александар ќе биде испратен на оној свет, а Аргеадите ќе ги нема повеќе.“16

Музеј во Кутлеш (Вергина)

 

1 Pauzanija,Vodič po Heladi, Logos, Split 1989, 25.

2 Исто.

3 Исто, 26.

4 Јуџин Н. Борза, Во сенката на Олимп појавата на Македон, Патрија, Скопје 2004, 289 – 301.

5 Исто, 290.

6 Исто, 290 и 300.

7 Никола Шелдаров, Виктор Лилчиќ, Кралевите на античка Македонија и нивните монети во Република Македонија, Македонска цивилизација, Скопје 1994, 75 – 77.

8 Исто. Јуџин Борза, Во сенката …, 294.

9 Исто, 290, 291.

10 Исто.

11 Исто, 291, 292.

12 Исто, 296.

13 Исто, 296 – 298.

14 Исто, 298.

15 Исто, 299.

16 Исто, 298, 299.