ДЕЦЕНИИ НА УНИШТУВАЊЕ НА ПРИЛЕПСКАТА ТВРДИНА, МАРКОВИ КУЛИ, ЕДНА ОД НАЈГОЛЕМИТЕ НА БАЛКАНОТ И НА СЛИЧНИ ВРЕДНОСТИ ОД ОКОЛИНАТА НА ПРИЛЕП
Некои состојби не се менуваат. Остануваат исти, дури поразително исти. И разочарувачко исти! Се менуваат влади, министри, градоначалници, општински совети, директори на јавни претпријатија и национални и општински институции и установи, но тие состојби, не само што не се менуваат на подобро, ами стануваат сѐ полоши. Пример, дивото сечење на шумите и соголувањето на ридовите и планините околу Прилеп. Овде, овој пример само ќе го искористиме со една појава од последниве децении на еден од најблиските ридови до Прилеп, Маркови Кули, кој не само што е исклучителен споменик на природата (како таков со години чека да биде впишан во листата на заштитени споменици на УНЕСКО), туку е и исклучителен споменик на културата, со особени културни вредности. Иако е толку блиску до Прилеп, и иако е толку значаен споменик на културата и природата, овој локалитет, сепак, е изложен на деструктивните влијанија, кои произлегуваат од несоодветниот однос и несоодветната организациска и кадровска екипираност и потенцијал во соодветните институции. Всушност, може да се каже дека, и покрај спроведувањето на извесни проекти за уредување и заштита, овој локалитет до денес своето значајно место го „добива“, и тоа повремено, само во устата на определени политички гласноговорници или раководители на надлежни институции кои, во дадени моменти, ги истакнуваат високите природни и културни вредности на овој единствен споменик. Вистински однос, односно, вистински и континуиран ангажман во врска со неговото истражување, заштита и афирмација не постои. Еден аспект на крајна запоставеност е уништувањето на растителниот свет, особено уништувањето на големите стебла бадеми, смокви, бреслинки и други слични дрвја. За жал, на очиглед на факторите во градот, тоа се случува со години и од неколку десетици, па и стотици бадемови дрвја, денес, останаа само мал број од нив. Значи, проблемот со соголувањето на прилепската околина не важи само за подалечните шуми, туку и на овој рид, кој е во негова непосредна близина и кој е вистинска природна и културна атракција, основа за соодветен туристички развој, како и простор за едукација и надградба на генерациите со небројните вредности што ги содржи.
Друг вид, драстично несоодветен однос, е создавањето депонии од шут и друг отпад на кој никој не посветува внимание, па и се замижува пред таквите деструктивни појави (За да нема недоразбирање, овде морам да ги истакнам ангажманот на група млади и освестени ентузијасти, кои спроведоа голем број акции за чистење на прилепската околина, а меѓу нив и на Маркови Кули и покажаа вистинска свест за природните вредности и важноста на чистата околина за животот). Таков еден отпад среќаваме во самото подножје на Маркови Кули, непосредно до надалеку познатата камена форма, Слонот. Овде беа истурени цели трактори со градежен шут и друг вид отпад, па беа покриени со земја и врз нив се постави извесна барака за „туристички“цели, која остана само „јалова“ инвестиција (барем засега) – дел од извесен проект од пред некоја година. За тоа веќе пишувавме и имавме реакции дека „сме претерале“ и дека сме ги истакнувале само „негативните“ појави, без да се осврнеме на она што е позитивно во однос на вредностите на овој локалитет. Гревот за неистакнувањето на позитивните активности и проекти поврзани со Маркови Кули нека биде наш, но останува фактот дека, и покрај голем број институции со надлежност и одговорност за овој споменик на природата и културата, тој е во крајно лоша и крајно запоставена состојба, изложен на натамошни деструктивни дејства, без никаков постојан надзор и заштита.
Токму поради ваквиот однос се соочуваме со сѐ полошата состојба во која се наоѓа овој споменик, кој по многу вредности со кој располага е единствен во поиширокиот простор. Според сознанијата, Прилепската тврдина, Маркови Кули, е една од петте најголеми тврдини по површина на Балканскиот Полуостров, делови од одбранбениот ѕид потекнуваат уште од македонскиот период, односно, раната антика, а самиот локалитет крие култура од подлабоката праисторија, дури до новото камено време. Остатоците од долгиот континуитет на живеење во овој простор се среќаваат на секој чекор, а некои од нив се вистинска културна реткост. На Маркови Кули среќаваме специфични цртежи кои потекнуваат од различни времиња, културно оформени карпи со култна симболика, исклучителен број гробови длабени во карпа, кои се своевиден рекорд на такви погребни објекти на еден локалитет, гробници од македонски тип со аристократски димензии, исто така, длабени во карпа, праисториски живеалишта, кралски дворци и уште многу слични вредности од кои голем број се присутни само тука.
Ваквото богатство на локалитетот, особено ретките културни и природни вредности, како и вредностите од историски карактер поврзани со животот на градот Прилеп низ вековите и милениумите, упатуваат на вистинскиот потенцијал и атрактивноста со која располага. Ќе се освестат ли вистинските сили во градот за да заземат вистински став и да постигнат соодветен третман на таквите ведности, кои можат да бидат основа за развој на определени области, а со тоа и развој на денешниот град?
Со голем број од ваквите вредности на овој локалитет треба во иднина да се занимаваат сериозни научници, зашто тие до денес не ја добиле соодветната валоризација, ниту вистинската категоризација и карактеризација. Дури, се чини, како некои од нив да се избегнуваат како тема и вредности, кои заслужуваат внимание. За жал, поради несоодветниот однос и запоставувањето, многу од таквите вредности се изложени на оштетување, па и целосно уништување. Уште повеќе, добронамерните укажувања на тоа институциите најчесто ги третираат како своевиден напад врз нивната работа, мешање во нивната надлежност или, третирајќи ги како некомпетентност, сосема ги омаловажуваат. Се разбира, со тоа назадуваат и сознанијата за културните, но и природните вредности на локалитетот.
На негрижата и несоодветниот однос се надоврзуваат и спонтаните природни динамични процеси, како движење на делови од теренот, ерозија на земјиштето и карпите, како и нарушување на културниот иприродниот амбиент со неконтролирано движење на луѓе и животни. На тој начин, еден од највредните и најблиските култруни споменици на Прилеп, место надградба на сите негови аспекти, останува во се полоша состојба во немоќта да се постигне соодветен однос и третман. Фактот што голем број институции се насочени кон него дава извесна надеж, но само со координирани активности и нагласено внимание за третманот на вредностите на локалитетот.
На крајот, само да посочиме дека во слична, па и полоша полжба се наоѓаат голем број други локалитети кои располагаат со исклучителни културни и природни вредности, но се сосема надвор од било каква контрола, заштита и набљудување и голем број од нив се цел на делумна или целосна деструкција со извесни стопански и друг вид активности. Овде, особено, сакаме да ги посочиме бројните локалитети, кои располагаат со остатоци на праисториска култура, како и култура од поновите периоди и разновидни природни реткости, а се нападнати и, речиси, уништени со експолатација на минерали, особено на гранит. Ваквите локалитети заслужуваат посебно внимание, презентација и анализа, како и афирмација на катастрофалната положба во која се наоѓаат, веќе со децении, а нивниот број, од година во година се зголемува поради немањето правилен однос и занемарувањето на нивната вредност.