ГОЛЕМ ВИНАРНИК ВО КАМЕН НА ВИСОКИОТ БРЕГ НА ЦРНА РЕКА КАЈ СЕЛОТО МАНАСТИР, ПРИЛЕПСКО
На високиот брег на Црна Река, на околу 200 м јужно од селото Манастир, во грамадни карпи кои се надвиснуваат високо над реката се среќаваат остатоци од древна обработка на каменестите површини. Тука се наоѓа едно ретко големо двојно корито, кое служело за гмечење грозје, односно, за цедење на сокот од грозјето и подготовка за правење вино. Првиот дел од каменото корито е правоаголен, со димензии 3,50 х 2,45 х 0,20 – 0,50 m, а вториот во кој се цедела течноста од згмеченото грозје е полукружен базен со пречник 1,50 m. Грозјето се ставало во големото корито, кое зафаќа површина од околу 7 m2 каде се гмечело со посебна направа, со толчење или газење, а сокот се сливал низ посебен отвор во помалото корито, кое се наоѓа на пониско ниво од големото. Потоа, сокот се собирал во посебни метални или земјени садови во кои, од него, се правело вино.
Наодот од археолозите е датиран во римско време1, со што се совпаѓа со датирањето на остатоците од населба на локалитетот „Грамаѓе – Белило“, кој се наоѓа на неколку стотици метри источно од селото Манастир, на едно плато на ридот, кој денес е раскопан при експлоатација на дијатомејска земја од поранешната Фабрика и рудници „Партизан“.
Каменото корито на јужната страна има канал со пречник од 0,10 m, и должина од 0,80 m, кој полукружно води во правоаголниот базен, односно, големото корито од винарникот во кое се гмечело грозјето. Овој дел од винарникот, на неговиот југозападен раб располага со вертикален канал токму на средината на работ кој, веројатно служел за држач на направа за гмечење на грозјето. Слична намена имала и една мала кружна јама со пречник од 0,10 m и слична длабочина, која се наоѓа на околу 0,30 m од работ. Помали и поголеми кружни јами или други обработени делови по каменестата површина од околината на винарникот упатуваат на своевидна надградба на објектот, покрив, определени простории во кои се носело грозјето, се чувале садови за собирање на сокот од згмеченото грозје и сл.
Дека објектот за гмечење грозје не бил осамен во времето на неговата активна функција укажуваат и другите археолошки наоди од околината, особено гоем број фрагменти од керамички садови со разновидна големина, како и фрагменти од покривен материјал, тегули и сл. Ваквиот материјал упатува на остатоци и од други објекти во околината навинарникот, односно на населба, која може да се датира во античките периоди, особено, римскиот период. Формата на винарникот во камен била оштетена со подоцнежно експлоатирање камен од овој локалитет, особено за вадење кружни камени форми, односно, воденички камења.
Поради присуството на винарникот во камен овој локалитет жителите на селото Манастир го нарекле „Камено Корито“.
Интересно е да се каже дека овде опишаниот винарник во камен е со ретко нагласени димензии, особено ширината на правоаголното корито кое служело за гмечење на грозјето, околу 2,5 m (вообичаена ширина на повеќето објекти за ваква намена во областите Пелагонија и Мариово е околу 1 m). Исто така, важно е да се знае дека не е осамен наод за ваква намена во околината на селото Манастир, како и во целата област Мариово. Имено, само во атарот на селото Манастир нам ни се познати десетина вакви објекти, а низ поширокиот простор има голем број винарници во камен, кои упатуваат на развиено лозјарство во областа уште во постарите периоди, најмалку во римскиот период.
[1] Археолошка карта на Република Македонија (Б.К., Л.К., К.К.).