ПОСМРТНОТО ЧУВСТВО
Минувам низ ѕвездите
крај сонцето и месечината
и безбројни планети
се движам по автостради и
козји патеки
по сртови и речни долини
низ капини и шуми
се сопнувам и прескокнувам
се провирам и лазам
само се обидувам
цврсто да газам
крај политички гарнитури
недоносени владетели
корумпирани институции
самоуверена власт
лажни борци за слобода
и самобендисани патриоти
криминални групи
вознесени пријатели
и себични другари
и еве ме како на почетокот
гол како штотуку роден
па се мислам
што ќе им оставам
на децата – на потомците
за да ме споменуваат на седенките
и да ми го разубават
посмртното чувство.