СИЛНИКОТ МУСА МУСЛИОСКИ – ПЕЛИВАНОТ ОД МУСИНЦИ (1)
(Од книгата „Жива историја – раскажувања за историјата на Пелагонија и Мариово 1856 – 1950
Автор: Томе Велјаноски
Подготвил за печат: Тренчо Димитриоски)
Во овој текст ќе биде опишана личноста и карактерот на Муса Муслиоски – Пеливанот од Мусинци, Битолско, сега во општина Добрушово и неговиот насилнички однос кон незаштитеното христијанско македонско население. Неговите насилства биле толку нечовечки што ги натерало жителите на селото Подмол да се организираат и да го убијат. Последиците од ова убиство биле големи, не само за директните извршители на убиството, туку и за целото село Подмол. Денес за овој настан кој се случил во Подмол се знае сосема малку, и приказната кружи како мит меѓу постарите жители на селото. Јас ќе го запишам она што го дознав прашувајќи многумина постари подмолци за да стои запишано, зашто настанот е веќе во заборавање.
ЛИЧНИ ОСОБИНИ НА МУСА
Роден – Мусинци 1860/5 година
Раст – крупно и набиено тело на пеливан (борач).
Боја на кожата – калеш, со црна кадрава коса, носел и мустаќи
Лице – тркалообразно
Очи – бил гороглед
Брачна состојба – имал жена и три деца
Убиен –1902 година во Подмол
Годината на раѓање на Муса Пеливанот не е потврдена. Постојат повеќе верзии за возраста на овој силник во времето кога бил отепан. Мусинчани кажувале дека Муса бил на возраст од 35 до 40 години.
Уште како дете, кога Муса ги пасел воловите по синорот на Мусинци и околните села Подмол и Лопатица си создал чудна навика. Пасејќи ги воловите летно време, тој почнал да се зближува најпрво со аргатите од селото Лопатица, а подоцна и со аргатите од Подмол. Секогаш кога аргатите ќе седнеле да ручаат Муса бил присутен кај некои од нив на ручекот. Тоа му станало навика. Со тек на времето Муса се ослободил од срамот и стравот од аргатите и почнал самиот да си порачува за ручек што ќе му паднело на ум. Аргатите сметале дека не е добро да го бркаат бидејќи може да ги накодоши кај Турците дека ѓаурите се лоши и да претрпат непријатни последици, па си велеле: „Нека го, бесот да го фати, кога ќе порасне ќе се засрами и самиот ќе се одвикне од лошите навики“.
Пораснал Муса големо момче, но наместо да се засрами и да се одвикне од лошата навика, како што мислеле лопатичани и подмолци, се случило обратното. Муса продолжил со неговата стрвливост и сосема си го загубил срамот и стравот, та почнал сам да оди во селата Лопатица и Подмол и да си порачува да му се прават јадења по негов вкус. Вака ми кажуваше баба ми Трајана (1879–1954), мајка му на татко ми, која по потекло беше од Степановци од Лопатица: „Ние ќе работиме по нивјето преку летото и за ручек иа горештината ќе си поминиме со лук и киселина, Муса горогледиот, ќориот ќе оди во нашето село Лопатица да порачува јадење или да си земе од некој во селото. За селото Подмол каде што не го гледавме, беше башка (посебно).“ Навиката на Муса му останала и кога станал возрасен маж и се оженил. Тој се гордеел со фактот дека во својата најсилна возраст бил прочуен пеливан (борач). Се занесувал со умот дека на силен пеливан не му е страв од ништо. Откако го ожениле Муса станал и ловџија, купил пушка, завртил загари.и по враќањето од лов секогаш навраќал на ручек во Лопатица или во Подмол. Тој имал два вида загари. Некогаш одел на лов со загарите кои истерувале зајаци и лисици, а некогаш одел на лов без пушка со загарите (’ртовите) кои од трага многу не разбирале, ама кога ќе го скорнат дивечот го фаќале со гонење. Лопатичани го прашувале: „Ефенди Муса, зошто не носиш пушка?“ Муса им одговарал: „А, не. Јас бев на аџилак и не смеам да тепам. Јас голем аџија и затоа носам ’ртката, тие ќе фатат и удават зајакот, тие нека носат гревот.” „Ааа, да сте здрав и жив ага, така е!“ – му велеле селаните од Лопатица и Подмол.
Муса станал повеќе од досаден со неговите пребарувања. Ручек за него, јадење за загарите. Со тек на време покажувал уште полоши табиети. Почнал да им префрлува на жените кога ќе поминел крај нив и се правел паметен правдајќи се: „Вие ѓаурите го имате убав верата. Ако кажите нешто на туѓ жена ќатипо ваш не пиши грев, ама ако ние погледаме друг жена од нашата вера, е бога ми алах одма ќе запиши во ќатипо и ќе суди кога ќе појдиме кај него.“ Селаните тешко ги поднесувале неправдите и насилствата на Муса, но стравот бил уште поголем и трпеле. Пусто турско, што да прават.
Лопатичани скроиле еден план, го накодошиле Муса на Толепашовци, се договориле со нив да го извадат на лов над село, во орманот (шумата) за да го убијат, но од тоа ништо не станало. Муса не сакал да оди горе во шумата. Дали некој му потшепнал нешто или го чувал неговиот ангел, тој на лов одел само во рамното, во полето на селата Лопатица, Подмол и Бонче. Ако излезел на лов над селата Мусинци и Мојно ќе поминел и во Лопатичкото, ќе ручал во Лопатица и ручекот што му преостанувал си го носел дома во Мусинци бидејќи велел дека неговата жена не знае да прави јадење, па да каснат „деците“. Се случувало на ручек да донесе и негови другари од Мусинци. Ако тргнел на лов во Подмолското и Бонечкото за ручек еве ти го во Лодмол. Така терал со години. Лопатичани повторно им се пожалиле на Толепашовци, тие еднаш го запукале во Лопатица, но имал среќа и не го убиле.
Муса, се чини, не ја сфатил сериозно работата и продолжил да доаѓа во Лопатица и да порачува јадење. Летно време на горештината кога не му се одело до селото ќе застанел под некое дрво крај патот, ќе седнел и ги пречекувал и ги претресувал домаќинките која какво јадење носи за аргатите на нивјето по полето и ако му се бендисало јадењето ќе и го земел на домаќинката и ќе си заминел за Мусинци, а нејзините аргати ќе останеле гладни. „И, тој пуст ѕвер ќе и рече на домаќинката да оди во таа и таа куќа за да му порача такво и такво јадење, а што беше уште полошо му префрлаше на жените и срамни зборови“ – ми раскажуваше баба Трајана. „Јас бев на осумнаесет години, стрина ми Китаница беше редовница во куќата, ќе ни носи јадење. Ни направила стрина зелници, ја пречекал Муса и сакал да ѝ го земе јадењето. Таа беше од селото Чаниште, беше бестрашна жена, не му го давала зелникот и тој и го истурил. Дојде стрина, нѝ кажа, се налутија стрикој ми Ристе и Божин и заедно со Грујо Шијакоски следниот ден кога доаѓал пак да порачува јадење му застанале на патот под селото со набодните (вилите) в раце и не го пуштиле да влезе во нашето село. Муса не сакал да се враќа и беше ти го поткачиле со камење, видел Муса дека наишол на тврдо, побегнали се вратил дома во Мусинци. По неколку дена нашето село беше нападнато ноќе од арамии и цела иоќ се пукаше. Тоа беше направено од Муса Пеливанот. На моите стриковци и на Грујо Шијакоски, Турците мусинчани и канатларчани им направија заседа за да ги отепаат, куртулија и отидоа кумети во четата на Толе Паша. Стрико ми Ристе набргу се врати, одеше и правеше разни баења и врзувања и можи тоа му помогна, ништо не му сторија, а стрико Божин и Грујо Шијакоски не се вратија, можи повеќе се карале со Муса, останаа во четата на Толе Паша сѐ додека не го отепаа во Мариово. А Муса Пеливанот од тој себап со кавгата никогаш повеќе не доаѓаше во нашето село Лопатица, се рајатисавме – раскажуваше баба ми Трајана. И тој, ѕверот, се наседели во Подмол, на патот по кој лопатичани одеа на пазар. Нашите лопатичани ги фати страв да излезат по патиштата. Не знаат што ги чека. Ќе одеа на пазар во Прилеп и пазарџиите уште одвечер ќе земат збогум со домашните. Не знаеја што ги чека на патот за Подмол каде што се опценал Муса. Понекогаш им ги претресувал торбите на пазарџиите и тие за да бидат побезбедни се групираа во групи и така одеа на пазар. Кога ќе си дојдеа дома беше вистинска веселба, пазарџиите беа среќни зашто ништо лошо не им се случило по патот.
Кога се случи убиството на тројцата црничанци кај Каменот во Марулското кога се враќале од пазар, нашите селани долго време потоа не одеа по тој пат за Прилеп. Почнаа да одат на пазар преку Бонечкото, на превојот Слива, по мариовскиот пат преку Штавица. И на овој пат често имало арамии што ги ограбувале пазарџиите, но на Слива не им било лесно ниту на арамиите зашто таму нив ги пречекувале Толепашовци, та не му стегало многу овде да ги пречекуваат пазарџиите. И така, нашинците не беа спокојни од стравот од тој пусти ѕвер Муса, но даде господ и го отепаа во Подмол, та да се куртулат нашинците“ – повторуваше баба Трајана. Таа често велеше: „На Муса не му стегаше, имаше страв од Толепашовци, затоа што беше пукан и не доаѓаше во Лопатица.“