НЕВИДЕНОТО ЗЛСТОРСТВО НА ЧЕТИТЕ НА ГРЧКАТА ПРОПАГАНДА ВО МАЛОТО СЕЛО ЖИВОВО ВО МАРИОВО, ВО 1906 ГОДИНА
Македонија, односно, македонскиот народ, континуирано се соочува со повеќе предизвици (читај: непријатели), постојано изложен на разновидни притисоци, на злосторства и трагедии. За жал тоа сѐ уште трае. Додека е под турско ропство, особено, последниот век од него, Македонците се ставени меѓу повеќе огнови. Додека се организираат за ослободување од тоа ропство, мораат да се соочуваат со агресивните пропаганди од нивното соседство. Кога велиме агресивни, мислиме на трагично агресивни, зашто е тешко да се најде друг збор за нивната дејност на просторот на Македонија. Организирани во чети, вооружени и со сестрана подршка од владите на државите од кои потекнуваат правеле невидени злосторства, особено, над мирното и невино, голорако население.
Овде ќе истакнеме еден пример на најтешко злосторство извршено од чета на грчката пропаганда, тн. андарти. За само еден месец, септември 1906 година, во малото село Живово во Мариово, тие направиле два невидени колежи на невини жители од ова село и запалиле голем број куќи, ограбувајќи го целото село.
„Во текот на м. септември (1906 година, з.м.) селото Живово беше двапати напаѓано, опожарувано и ограбено. Првиот пат, на 11, беа исклани 20 души и опожарени 14 куќи, а вториот пат, на 24, убиени 18 души и опожарени 15 куќи. Споредено, овие загуби се поголеми и од загоричанските.“1
Еден од овие колежи го забележал и Георги Трајчев, првиот, но со малку поразлични податоци, зашто кај него е наведено дека се убиени 21 од жителите, а опожарени 18 куќи. Кај Трајчев се разликува и месецот на колежот, односно, место септември тој го наведува август.2
Живово, кое е едно од подалечните села во Мариово, во општина Прилеп во својата долга историја на постоење (најмалку 6 века) никогаш не било големо село. Според податоците со кои располагаме, се чини дека најмногу жители имало токму за време на колежите кои ги направиле грчките андарти. За 1905 година е наведено дека во ова село живееле 400 жители, а во споредба со податоците за него во различни периоди и години тоа е, веројатно, зенитот на неговото жителство. Сепак, се работи за мало село, а четите на грчката пропаганда убиле дури 10 проценти од вкупниот број на жители во ова село само во еден месец и изгореле, најмалку, половина од куќите. Колку имот ограбиле не ни е познато.
Во времето во кое се извршени двата колежи грчката пропаганда во Мариово доживувала свој подем, располагала со голем број чети и напаѓала во голем број села, убивајќи, палејќи, ограбувајќи, измачувајќи на најгрозни начини и силувајќи. Воспоставила контрола над поголем број од селата во областа, а злодела правела, дури, и во селата кои биле под нејзина контрола.
Во податоците кои ни се достапни, не е наведено кој ги водел злосторничките чети при колежите во селото Живово, но познато е дека грчката пропаганда имала свои подржувачи и во ова село. Еден од нив бил познатиот грчки андарт, Трајко Брајанов, кој бил близок со Стојан Цицов од селото Бешиште, исто така познат грчк андарт и соработник на грчката пропаганда. Во првите години на 20 век и двајцата биле членови на Македонската револуционерна организација, но подоцна преминале на грчка страна. Дали овие двајца грчки андарти учествувале во колежот не ни е познато. Веројатно е дека во колежите учествувал познатиот водач на грчките чети, познат како Гудас Капитан, по потекло од селото Магарево, Битолско. Во 1907 година, тој со својата голема чета, повторно го нападнал селото Живово и притоа бил убиен еден од најверните членови на Револуционерната организација, со име Тотко. Во судирот со четите на Организацијата, загинале повеќе андарти, а меѓу нив и познатиот Гуда Капитан.3
1 Христо Силјанов, 224.
2 Георги Трајчев, Град Прилеп, 324.
3 Васил Балевски, Спомени.