ИМИЊА НА ЕПИСКОПИ, ЕСНАФИ, СЕМЕЈСТВА И ГРАЃАНИ ОД ПРИЛЕП НА НАТПИСИ НА КНИГИ И НА МЕРМЕРНИ ПЛОЧИ ОД МАНАСТИРОТ ТРЕСКАВЕЦ

На културните остатоци од манастирот „Успение на Пресвета Богородица – Трескавец“ кај Прилеп треба сериозно да им се пристапи и, особено, аналитички да се проследат и истражат. Особено на спомениците со натписи, на натписите по ѕидовите и натписите на живописот, зашто тие се вистински документи,кои сведочат за животот на манастирот, на градот Прилеп и пошироката област. Тие кријат драгоцени содржини, кои фрлаат светлина на времињата од кои потекнуваат, на настаните, личностите кои биле фактори на определени случувања, на културата, начинот на живеење, верувањето и сл.

Имајќи го предвид фактот дека светилиштето под Златоврв има многу длабоки корени во времето, од културните остатоци кои потекнуваат од тој локалитет, може да се проследи континуитет на култура од неколку илјади години. Додека за античкиот период говорат мермерните  споменици со натписи, за периодот на средниот век, освен натписи на камени споменици, се соочуваме и со бројни пишани документи по ѕидовите со живопис, по разновидните црковни книги и други видови печатени или рачно пишувани документи и сл. Иако најголемото богатство од стари книги, ракописи пишувани на кожа или папируси, евангелија и други црковни книги,  е однесено од манастирот во разни периоди кога неговата положба не била завидна,1 сепак, познати се повеќе документи, кои имаат особено значење и заслужуваат посебно внимание, проучување и анализа. Во некои од натписите среќаваме и имиња на личности, кои имале посебна улога во манастирот, но и во поширокиот простор. Во поранешни материјали веќе пишувавме за споменувањето на двата цареви, Андроник II (1282 – 1328) и Михаил IX (1294 – 1320)2 чии имиња и ликови се среќаваат на натпис на надворешната страна на западната порта во манастирот, над влезот, како и за живописот на кој е претставен царот Стефан Душан (1331 – 1355), на западниот ѕид на црквата.3 Исто така, го споменавме и натписот на мермерна плоча вградена во северниот ѕид на црквата од надворешната страна, а на кој се споменува извесен Дабижив, енохијар царски пехарник на царот Стефан Урош (1355 – 1371).4 Овие натписи, делови од живописот и сличните културни остатоци упатуваат на високото значење на ова свето место низ неговата долга активна историја и почитта која ја имале кон него, не само верниците од обичниот народ, туку и неговите првенци, цареви, кралеви, членови на нивните семејства и други врвни личности од тие периоди. 

Црквата во манастирот Трескавец

            Некои натписи од од овој манастир, кои потекнуваат од поновите векови на средниот век, се помалку познати, а особено интересни. Во нив се споменуваат голем број личности, познати граѓани на Прилеп, како и личности од други градови и села низ Македонија, па и надвор од Македонија, кои го поткрепувале манастирот, подарувале имот, донирале средства за изработка на делови од живописот или за изработка на икони, учествувале во изградбата на конаците или одржувањето на црквата и сл.   На некои од натписите се споменуваат и високи личности од црквата, како епископи, разни претставници на црквата и игумени. Овде ќе наведеме неколку од нив, меѓу кои и поголем број мермерни плочи со натписи од постари жители на Прилеп и околните села, посебно, плочи со натписи на кои среќаваме имиња на истакнати прилепчани и на лица од прилепските еснафи.

НАТПИС ВО АПСИДАТА НА ЦРКВАТА СО ИМЕТО НА ОБНОВИТЕЛОТ НА ЗАПУСТЕНИОТ МАНАСТИР, СТОЈАН ХРАНЧЕВ

            Еден интересен натпис и документ од историјата на манастирот Трескавец потекнува од источниот ѕид на црквата, меѓу апсидата и нишата на ѓакониконот. Тој потекнува од 1570 година, кога црквата е обновена, а во натписот стои дека Стојан Хранчев со својата жена вложиле средства за да се наслика и да се украси олтарот. Во натписот, кој има 40 реда, стои и тоа дека ова се случило во времето на игуменот Пахомиј и епископот Григориј. Според податоците, помеѓу дваесеттите години на 15 век и 1570 година дошло до уривање на источниот ѕид на црквата.5 Должината на тој период на лошата состојба на манастирот, асоцира на преданието за неговото запустување, кое траело според она што е наведено во него, 160 години.6 Преданието, кое е особено содржајно, со поголем број истакнати личности во него, го раскажале повеќемина постари автори, како, Јордан Хаџи Контстантинов – Џинот, Георги Трајчев, Јован Хаџивасилјевиќ и други. Во центарот на ова предание се ликовите на извесна царица Мара, непознатиот владика од манастирот и 300 (некаде  и 700) монаси, како и ламјата „која го запустила манастирот“.7

            Од втората половина на 16 и првата оловина на 17 век се споменати дарители во манастирот од кратовските рудници, односно, нивните богати сопственици од семејствата Пепиќ и Бојкиќ. Од тоа време, познати дарители на манастирот се и влашко-молдавските болјари и господари.8

            Во минејот за месецот ноември од крајот на 16 век е запишано името на препишувачот Јоаникиј.9

ПРИЛЕПСКИ ЕПИСКОП ЈОСИФ

            На еден од натписите во црквата „Успение на Пресвета Богородица“, околу иконата на св. Богородица, се наоѓа натпис кој упатува на изработката на иконата во 1657 година, во времето на прилепскиот епископ Јосиф и игуменот Максим.10 Во натписот во врска со името на епископот Јосиф нагласена е определбата „прилепски“. Не е јасно за каков епископ станува збор, односно, дали на чело на соодветната епархија стоел епископ со потекло од Прилеп или се работи за епископско седиште во Прилеп. Еве го натписот во превод на современ македонски јазик: „Оваа божествена икона се изработи во лето 1657. Митрополит прилепски Јосиф, игумен Максим и настојателите Цветко Лебар, Василко Мутавџија.“11 Веројатно е дека презимињата на двајцата „настојатели“ (членови на црковниот одбор на манастирот) Цветко и Василко се описни, односно, се однесуваат на нивниот занает. Првиот бил лебар, значи, работел со фурна, а другиот бил мутавџија о занает, односно, изработувал торби, престилки, покривачи и други производи со ткаење и плетење од козјо влакно.

Црквата „Успение на Пресвета Богородица од југ

НАТПИС НА ЕДНО ИНТЕРЕСНО ЕВАНГЕЛИЕ НА КОЈ СЕ СПОМЕНУВА И НАСТАН ОД ВРЕМЕТО НА КАРПОШЕВОТО ВОСТАНИЕ

            Во еден текст на едно особено интересно и украсено четвороевангелие, кое е пронајдено во селото Тројкрсти, Прилепско, а кое потекнува од 15 или 16 век,12 се споменува и личност од времето на познатото Карпошево востание, односно, една година по неговото задушување и страдањето на населението потоа. Натписот потекнува од 1690 година (Востанието се случило претходната, 1689 година) и се наоѓа на првата корица. Во него е запишано: „Помени г(оспод)и д(оу)ши раби свои: Неда, Стојан, Цветко, Калина, Петко, (Петкана), Јован. Оваа книга Евангелие преповеза Еромонах Нектариј от село Ложани (Лажани, Прилепско – з.м.), а арчот го плати Неда Кипровица и за евангелието и за октоихот. Бог да ја прости во царство небесно, амин. Во лето 1690. Тогаш разби Халил паша Скопје и Качаник исече Скопска нахија. Тогаш беше тешко зло и скапија.13

            Значи, во натписот се споменуваат неколку имиња на посетители на манастирот,како и Еромонахот Нектариј од селото Лажани кај Прилеп и донаторката која ја платила поправката, односно, репарацијата на евангелието и октоихот, Неда Кипровица, за која нема податок од каде потекнува, но веројатно е дека била истакната верничка од Прилеп. Особено е интересен податокот, кој говори за страдањата на Скопје и Качаник, како и целата Скопска нахија од зулумите на турските војски и башубозуци предводени од Алил паша, кои следеле по задушувањето на востанието на Карпош. 

            Од 1712 година е познат еден мал натпис на кој се споменува јеромонахот Захарие. Натписот се наоѓал на еден минеј, а се однесува на тоа дека минејот бил напишан од споменатиот монах.14

                Во поменикот на манастирот Трескавец, кој денес се наоѓа во Народната библиотека во Санкт Петербург (поранешен Ленинград), во збирката на Гиљфердинг, се запишани имињата на неколку игумени од 1795 до 1804 година, и тоа: Јосиф, Исаија и Тимотеј. Тимотеј се споменува и во 1826 година, кога зографот Михаил ја зографисувал иконата на Исус Христос.15           

            Од почетокот на 19 век се споменуваат двајца монаси, Иларион светогорец и Игнатиј. Според кажување, тие биле убиени од извесен Даут, качак од Кичевско, кој грабнал една девојка и дошол со неа да живее во манастирот Трескавец. Споменатите монаси му се спротиставиле и поради тоа биле убиени.16      

ПЛОЧИ СО НАТПИСИ, КОИ СТОЕЛЕ НАД ВРАТИТЕ НА СОБИТЕ ВО КОНАЦИТЕ

            Во манастирот Трескавец се среќаваат голем број плочи со натписи за лицата или еснафите кои изработиле дел од конаците или соби во конаците на манастирот. За жал, нивното значење е запоставено. па некои до нив често се наоѓале расфрлени по дворот на манастирот, со што се оштетуваат и распарчуваат, па доаѓаи до нивно целосно уништување. Поголемиот број од нив потекнуваат од 19 век и, како што потврдуваат постарите автори, тие стоеле над вратите на собите во конаците. Тоа упатува на потребата од слично аранжирање на овие плочи, односно поставување над вратите од обновените соби, со цел да се зачуваат како документи на определено време, односно, документи за историјата на манастирот.

  1. Една мермерна плоча, која потекнува од 1826 година располага со врежан текст на кој се споменуваат имиња на лица од алачискиот, односно дрндарскиот занает, кој бил дел од јорганџиството и се однесува на обработка на волната или памукот, односно, нивно растресување и подготовка за полнење на перници или јоргани. На овој натпис се остава спомен за изработка на одаја во конаците и се споменуваат следните имиња: Моисо, Атанаси, Моисо, Ристе, Најдо, Ристе, Кочо, Ристе, Димо, Ангеле, Јовче, Кочо, Димо, Велјан, Моисо, Ангеле и Димо.
  2. Една мермерна плоча е со потекло од деветнаесетиот век, а поради оштетување тешко е да се прочита една од бројките во годината, па така, може да се идентификува само 18-3. На неа е врежано дека во манастирот изградиле одаја православни христијани од селото Богомила, Велешко.
  3. Една од плочите, која потекнува од 1867 година е особено интересна бидејќи на неа стојат голем број имиња на личности од познати семејства од градот Прилеп. Тие се споменуваат како членови на трговско – манифактураџискиот и азарџискиот еснаф: Х. Хр. Х. Илиов, Димшо Х. Илиов, Кузман Х. Илиов, Х. М. Бомболов, Х. Пано Х. Илиов, Диме М. Пазов, Христо М. Пазов, Д. Х. Наумчев, Дамјан Петров, Диме Лепавцов, Костадин Марков, Јовче Тошов, Браќа Кусеви, Илија Тошов, Тасе Димов, Адамче Трпев, К. Ст-џиев, Г. Протоколе, К. Зојче, М. Јо(а, з.м.)шар и К. Керпич.       
Плоча со натпис со имиња на членови на алачискиот еснаф

  

Проследувајќи ги имињата, особено, презимињата на личностите наведени на натписот од оваа плоча, се забележува дека се споменуваат личности на повеќе познати прилепски семејства. Тука се, дури, неколку членови од познатото семејство на Аџи Илиовци, кое е едно од најстарите и најпознатите прилепски семејства по потекло од селото Мало Радобил, Прилепско.17 Го среќаваме и името на најпознатиот член на семејството Бомболовци, кои се роднински поврзани со претходноспоменатите и нивни трговски соработници. Името на Бомбол е синоним за богатство, не само во Прилеп. Следат и членови на семејството Пазовци, Петрови, Тошови, Кусеви, Лепавцови, Зојче, Јашар, Керпич и други.

Плоча со натпис со имиња на членови на трговскиот и азарџискиот еснаф

4. Една од мермерните плочи кои стоеле над вратите на собите е со врежан текст на грчки јазик и писмо, а потекнува од истата година како и претходната, односно, од 1867 година. Првиот дел од натписот на неа е со ракописни, а вториот со печатни букви. На неа, исто така, се среќаваат имиња на членови од познати прилепски семејства од деветнаесеттиот век, како , Бомбол, Ќовкар, Трпче и други.

Плоча со натпис на грчки јазик и писмо
  1. Особено интересна е една посебно оформена мермерна плоча, со полукружен горен дел и натписи на повеќе нивоа и во разновидно оформени полиња. На горниот полукружно оформен дел се изработени три полукружни лентести полиња, сите на различни нивоа, потоа една голема ниша на подлабоко ниво, преку целата површина на плочата, засводена со полукружните форми, а во долниот дел, од левата и десната страна, затворена со делови оформени како столбови. Во нишата е изработен голем крст чиј долен дел е значително раширен, со поголема површина. Целиот споменик е испишан,односно, натписи се врежани на сите споменати полиња – трите лентести полукружни форми, како и во нишата, над крстот, лево и десно од него, како и на површината на самиот крст. Од самиот текст се забележува дека овој споменик имал посебна цел, за испраќање порака со молитви до Господ, како и до светителката, Мајката божја, односно, Богородица, за здравје, за спас на душите на дарителите, како и за напреден живот и добробит. Лично не сме во состојба да утврдиме од која година потекнува овој споменик, но веројатно е дека и тој му припаѓа на деветнаесетиот век. За жал, и овој интересен споменик, при нашата посета пред неколку години, го сретнавме во купот од, речиси, нафрлани слични споменици со натписи, во еден агол од манастирскиот двор. Се надеваме дека, со средувањето на конаците и дворот, добар дел од нив се заштитени за да бидат зачувани како документи за историјата на манастирот, за верските традиции на овој простор, но и за животот од поблиската и подалечната околина на манастирот.         
Плоча со натпис со жители на селото Богомила

Како што наведува Георги Трајчев, конаците во манастирот Трескавец биле двоспратни згради со повеќе од 60 соби уредени за гости. Тој додава дека во 1865 година, во месец февруари, се случил пожар во манастирот и изгореле сите згради од конаците, со исклучок на јужното крило и трпезаријата. Во 1867 година, со организиран ангажман на прилепските еснафи и населението од околината, за кратко време конаците биле обновени.18 Токму од таа и следните неколку години потекнуваат голем број плочи со врежани натписи со имињата на еснафите и граѓани на Прилеп и околните села. Трајчев ги наведува и имињата на еснафите и селата кои учествувале во обновата на манастирот, а кои ги забележал од плочите кои стоеле над влезните врати од собите на конаците, односно, плочите со имињата на оние, кои изградиле соби со свои средства. Еве го списокот наведен кај Трајчев: Самарџиски (1867), Казанџиски (1867), Терзиски (1867), Ќуркчиски (1867), Кантарџиски и демирџисаки (1869), Папуџиски (1868), Кафеџиски (1869), Бакалски (1869), жителите на Кадино Село (1869), анџиски, меанџиски и ракиџиски (1870), жителите на село Беловодица (1870), дрварски еснаф (1870), алачки (1871), жителите на селото Сенокос (1871).19   

Плоча со особена естетика, целосно испишана

       

Во споменатиот куп од споменици слични на погореопишаните сретнавме и фрагменти од голем број други, исто така, испишани со имиња на лица, еснафи, села и слично, за жал, поголем број од нив делумно уништени поради пожарите од последните децении, но и поради нашата несоодветна грижа и несоодветен третман. На некои фрагменти од мермерните плочи можат да се сретнат имиња на лица, села или еснафи, кои учествувале во обновувањето на манастирот. Ние ќе навдеме само некои до нив, како селото Ерековци, Ношпал, Тополчани, Беловодица а, секако, во обновата учествувале и голем број други села од поблиската и подалечната околина, како и голем број поединци од разни места во Прилепско и Македонија.

Плочи со натписи во дворот на манастирот

            Доколку се направи подетална анализа на спомениците во кругот на манастирот и црквата, како и да се препрочитаат текстовите на постарите автори, слични споменици и натписи, сите со особена важност, можат да се најдат уште голем број. Овде ќе ги наведеме уште неколку, споменати во текстовите што ги проследивме. Еден таков натпис споменува и Георги Трајчев, а се однесува на обновување и живописување на сликата на Мајката божја, а во натписот стои дека тоа се случилово месец октомви 1430 година. Токму оваа година се смета дека се случила извесна обнова на манастирот.20

Голем број фрагменти од искршени плочи со натписи во дворот на манастирот

            Особено е интересен еден поменик, за кој пишуваат Никола Ганчев Еничерев, кој бил учител во Прилеп во втората половина на деветнаесетиот век, а за кого пишува и Георги Трајчев и други автори. За овој поменик се вели дека потекнува од времето пред доаѓањето на Турците и дека на него со „красни“ букви биле запишани имињата на поголем број дарители на манастирот. Еве дел од тие имиња: Богојчета, Божик, Вʼлчета, Гурко, Доклета, Којчета, Кремче, Кутета, Рајко, Ралета, Столета, Безцена, Бера, Богдана, Богослава, Божка, Божана, Белка, Вида, Влада, Гордана, Дабка, Деда, Добра, Добрена, Душа, Душмана, Давка, Дејана, Ерита, Жуда, Јаглика, Јадра, Калина, Ласка, Лоза, Пена, Рада, Романа, Ружа, Руска, Стана, Стена и др.21

Неколку мермерни плочи со натписи

1 Ова, особено, се однесува на 19 век, кога од манастирот се однесени цели товари книги од манастирската библиотека, но и други предмети и експонати. За ова пишуваат повеќе автори, како Јордан хаџи Константинов – Џинот, А. П. Стоилов, Никола Ганчев Еничерев, Георги Трајчев и други.

2 Бошко Бабиќ, Манастирот Трескавец со црквата Св. Успение Богородичино, Институт за истражување на старословенската култура, Скопје 1981, 38.

3 Исто, 38, 39. Георги Трајчев, Град Прилеп, Македонска библиотека, Софија 1925, 53. Јован Хаџивасилјевиќ, Прилеп и његова околина, Издање Чупичеве задужбине, Белград 1902, 85.

4 Јован Хаџивасилјевиќ, Прилеп …, 83. Г. Трајчев, Град Прилеп, 60. Б. Бабиќ, Манастирот Трескавец …, 45.

5 Б. Бабиќ, Манастирот Трескавец …, 41.

6 Јован Хаџивасилјевиќ, Прилеп …, 102 – 106. Г. Трајчев, Град Прилеп, 57, 58.

7 Исто, Тренчо Димитриоски, Древна цивилизација I, ЦПРТВ-Прилеп, 2000.

8 Б. Бабиќ, Манастирот Трескавец …, 42, 43.

9 Исто, 43.

10 Г. Трајчев, Град Прилеп, 52, 53. Б. Бабиќ, Манастир…, 43.

11 Г. Трајчев, Град Прилеп, 52, 53.

12 Исто, 56.

13 Исто.

14 Б. Бабиќ, Манастирот …, 43.

15 Исто, 43, 44.

16 Јован Хаџивасилјевиќ, Прилеп …, 108. Г. Трајчев, Град Прилеп, 58, 59.

17 Чешма стара околу четири века изградена од предок на угледното семејство Аџи Илиовци од Прилеп https://www.pelagon.mk/2020/04/25/

18 Г. Трајчев, Град Прилеп, 53.

19 Исто.

20 Исто, 52, 53. Б. Бабиќ, Манастирот …, 41.

21 Г. Трајчев, Град Прилеп, 57. А. П. Стоилов, Во Трескавскиот манастир.