СПОМЕНИК СО НАТПИС ВО ЧЕСТ НА МАКЕДОНСКИОТ КРАЛ ФИЛИП V КАЈ СЕЛОТО ОЛЕВЕНИ, БИТОЛСКО
Просторот на македонското кралство во антиката постојано бил изложен на напади и ограбувања од соседните племиња, особено од Дарданците и Илирите, кои биле негови соседи од север и запад. Меѓу нив посебно опасни напади вршеле Дарданците кои живееле, некаде на денешниот простор на Косово. Нагласено навлегување во ограбувачки походи на споменатите племиња се случувало за време на отпочнувањето на Македонско римските војни, особено во времето на кралот Филип V. Тој често бил приморан да заминува на воени походи за да ги смирува разните немирни делови од кралството, а тоа го користеле споменатите племиња за ограбувачки походи.
Поради ваквата состојба, кралот морал да ги обновува и зацврстува тврдините, кои се расположени на соодветни места окоу превоите за влез во рамнината Пелагонија, која била прва на удар на ограбувачите. Такви се тврдините како што се: Маркови Кули кај Прилеп, Баба, Трескавец, Грамаѓе под Трескавец од јужната страна, Ќаве (Мажучишки рид) кај Мажучиште, Градиште кај Дабница, Градиште, кај селото Дебреште, Марков Чардак кај селото Бело Поле – сите во Прилепско и голем број утврдени градови и населби од деловите на Пелагонија во битолскиот крај, распоредени по работ на рамнината. Анализирајќи ги локациите на овие тврдини ќе се забележи дека се наоѓаат на блиски растојанија една од друга, а големиот број навистина фасцинираат како населби на еден мал простор со впечатливи градби како што се тврдините.
За време на владеењето на Филип V (220–179 г. пр. н.е.) се случиле Првата и Втората Македонско–римска војна. Користејќи ја зафатеноста на кралот и македонската војска со овие војни, во соработка со Римјаните или самостојно, племињата како Дарданците и Илирите ги засилиле нападите во Македонија. Овој познат македонски крал од династијата на Антигонидите, речиси, цело време за своето владеење водел војни за обезбедување на стабилноста на кралството, кое го напаѓале од разни страни и притоа морал да ја разделува војската за да одговори на сите предизвици.
Првата Македонско-римска војна траела од 215 до 205 година пред н. е. Доцна во летото 211 г. Филип V ги нападнал Илирите околу градот Аполонија, минал низ Пелагонија и го освоил градот на Дарданците, Синтија, преку кого тие навлегувале во ограбувачки походи во Македонија.1 Потоа минал низ Линкестида и Ботиаја во правец на Тракија и освоил повеќе градови. Летото 209 година кралот со војската се наоѓал на Пелопонез во градот Дима каде бил информиран дека се одметнал старешината на градот Лихнид (Охрид), Европ.2 Во тоа време Дарданците во повеќе групи, преку Пелагонија и Линкестида, со ограбување стигнале длабоко во Македонија, до областа Орестида и заробиле 20.000 Македонци, па кралот морал да се врати за да ги изгони од Македонија. Таков поход против Дарданците тој направил и во 208, како и во 206 година п.н.е.3
Еден споменик со натпис во малата црква „Св. Ана“ кај селото Олевени, Битолско е вистински документ за походот на Филип V против ограбувачите Дарданци, веројатно, од 206 година. Овој споменик е подигнат во чест на победата на кралот со неговата војска над Дарданците. Испишан е текст во 14 реда, од кои почетните неколку реда се во голема мерка нечитливи, додека другиот дел од текстот, епиграфичарите успеале да го идентификуваат и запишат.4 Дека се работи за споменик во чест на победа над Дарданците може да се види во последните три реда. Слободно преведено, во нив стои: „Царот Филип за победата над Дарданците.“5
Овој споменик денес се наоѓа вѕидан на западниот ѕид на црквата „Св. Ана“, изградена во поново време. Него го вградиле лево од западниот влез во црквичката. Внатре во црквата, во близина на јужниот ѕид, блиску до олтарот се наоѓа и еден ранохристијански мермерен елемент, прозорско мено, делумно закопано во подот, а мермерен блок со, приближно, квадратен пресек, на сличен начин, е поставен кон средината на истиот ѕид. Според кажувањето на жителите на селото Олевени, на местото на оваа црква се наоѓала и една мермерна скулптура, која градителите ја поставиле на постамент од цигли, прилепен, исто така, до јужниот ѕид, во внатрешниот дел на црквата, но набрзо потоа, таа исчезнала, односно, некој ја украл од црквата „Св. Ана“. За нејзиното постоење денес сведочи една релативно бледа фотографија.
Локалитетот на кој се наоѓа црквата „Св. Ана“ се вика „Брце“ и се наоѓа неколку стотици метри над селото. Археолозите на овој локалитет констатирале наоди од раната антика и раното христијанство.6 Тој претставува пространа рамнина на која денес се изградени три цркви, заедно со споменатата „Св. Ана“, со мал обем, а еден мал простор се подготвува за четврта. Другите две цркви се „Св. Петка“ и „Св. Илија“, а во подготовка е „Св. Антониј“.
Целиот локалитет располага со разновидни културни остатоци, како фрагменти од керамички садови, тегули, питоси, цигли и сл. На некои места на површината се среќаваат и траги од темели од градби, кои упатуваат на некогашно населување на овој простор. Керамички наоди се среќаваат и по падините кон селото, па веројатно е дека се работи за населба од раната антика, како и доцната антика и средниот век со поголема површина.
Кога се размислува за тоа како на ова место дошол споменатиот споменик со натпис на кој се споменува името на Филип V и победата над Дараднците, мора да се има предвид дека тој не бил поставен на празен простор, туку можеби во рамките на тогашната населба на ова место и, уште повеќе, во извесен храм или друга значајна градба во населбата. Можно е дека тој е поставен по наредба на самиот крал или со залагање на старешините на населбата, како благодарност за спасот од ограбувачите и нивното прогонување од овој простор. Можеби и исчезнатата скулптура, која е украдена од црквата „Св. Ана“, била дел од тој храм.
Нападите на северните племиња, Дарданци, Илири, Трибали и др. биле посебен проблем за кралот Филип V, па поради тоа тој морал да ги зајакнува позициите на северната граница на Македонија и да гради утврдувања, кои ќе бидат упоришта за одбрана од нападите. Во напорите да ги спречи ваквите напади, тој секогаш кога бил зафатен со војни на југот на кралството, на северната граница оставал војска под команда на неговиот малолетен син, Персеј, идниот крал на Македонија. Еден таков случај е забележан од историчарите за тврдината чии остатоци денес се наоѓаат кај селото Дебреште кај Прилеп. Додека кралот бил зафатен со војна на други страни од кралството, го оставил својот син со војска да ја чува северната граница на кралството, па се претпоставува дека тоа била оваа тврдина, која се наоѓа пред излезот од Пелагонија преку превојот Барбарас. Персеј тогаш имал само 13 години.7
Иако времето во кое владеел Филип V било критично за Македонското кралство, тој успеал да го остави кралството по неговата смрт, стабилно, со полна каса. Проблемите што следеле по неговата смрт, за време на неговиот син Персеј (179 – 168 п.н.е.) биле слични на претходните. Во тоа време започнала и третата Македонско-римска војна, која завршила со неуспех на кралот Персеј и неговата војска и во 168 година, со битката кај Пидна, била запечатена судбината на ова кралство и славна империја.8
1 Полибиј, Истории. Никола Шелдаров, Виктор Лилчиќ, Кралевите на античка Македонија и нивните монети во Република Македонија, Македонска цивилизација – Скопје, Скопје 1994, 98.
2 Исто. Фанула Папазоглу, Хераклеја и Пелагонија, Жива антика IV год. том 2, Филозофски факултет, Семинар за класична филологија, Скопје 1954, 327. Вера Битракова Грозданова, Паско Кузман, Lychnidos во раната антика, Македонско наследство, Списание за археологија, историја, историја на уметноста и етнологија, година III, број 8, деекември 1998, 14, 15.
3 Никола Шелдаров, Виктор Лилчиќ, Кралевите …, 98.
4 Inscriptiones Graecae, Epiri, Macedoniae, Thraciae, Scyithiae, Pars II – inscriptiones Macedoniae, Ediderunt: Fanula Papazoglu, Milena Milin, Marijana Ricl, Gualterus de gruyter, Berolini . Novi Eboraci, MIM, 2-4.
5 Исто, 3.
6 Археолошка карта на Република Македонија, МАНУ, Скопје 1996.
7 Никола Шелдаров, Виктор Лилчиќ, Кралевите …, 99.
8 Исто, 109.