МАКЕДОНИЈА И АКТУЕЛНАТА ПОЛИТИКА – НАДВОРЕШНИ САДИСТИ И ДОМАШНИ МАЗОХИСТИ

Политиката на соседите во однос на Македонија и македонската политика кон нив, во голема мерка упатува на двајца познати, но бизарни писатели, Французинот, Донатјен Алфонс Франсоа, Маркиз де Сад и Австриецот, Леополд фон Захер-Мазох според кои се наречени менталните состојби, садизам и мазохизам. Всушност, од сето она што го видовме последниве години на планот на заемниот однос на политичарите од некои од соседните држави на Македонија и македонските политичари садизмот и мазохизмот се нагласени аспекти во тој однос. Овде, пред сѐ, се издвојуваат политичарите од соседна Грција, како и политичарите од соседна Бугарија но, во голема мера, и политичарите од македонската сцена од албанскиот блок, од една страна, и политичарите кои, условно, можат да се сметаат како дел од македонскиот блок. За жал, улогата на европските политичари во голема мерка, е менторски-садистичка.

            Првата страна, според своите постојани напади со негирање, понижувачки понуди и дрски барања, притисоци за попуштање на планот на името и идентитетот, за одрекување од основните историски и културни вредности иманентни на македонската историја и култура, притисоци за одрекување од автентичноста на јазикот, од постоењето на македонски идентитет и слични вредности, стана вистински садистичка.

            Втората страна, македонски политичари, со постојаното прилагодување, попуштање, дури и помагање на садистичката страна во остварување на нивните намери и цели, со одобрување, потврдување и прифаќање на негаторските ставови и цели, доколку воопшто, се чувствуваат како суштества кои „не се од куче“, туку со потекло, од татко и мајка, од сопствен род, доколку тоа им значи нешто за сопственото постоење, за достоинството и честа, тогаш нивниот однос во оваа политика е крајно мазохистички, уживаат во сопственото измачување и понижување и, веројатно е да се претпостави дека, доживуваат задоволство во тоа. Врв на садистичкиот настап на првата страна и на мазохистичкиот однос на втората страна беа двата договора со Грција и Бугарија, кои бе основа за натамошниот садо-мазохизам, со притисоци за побрза ратификација на договорите, со имплементирање на членови од нив во Уставот на Република Македонија, со менување на името на државата, садистички напади на јазикот и мазохистички попуштања и прифаќања на „задоволувачките“ притисоци од втората страна. Садизмот ескалираше од истокот, а мазохизмот доживеа „оргијастички“ димензии. Садистите се голем број, од врвни политичари, до минорни опозициски мешетари, историчари, академици, писатели – повикани и неповикани, а не е мал бројот ниту на домашните мазохисти, чии желби за „задоволување“ се остваруваат на повеќе начини и форми. Од една страна, со натамошното непризнавање за суштества со некакво потекло од типот „нема Македонци“, а потоа доаѓање на гости кај непостоечките. Не е ли тоа врв на садизам од едната и врв на мазохизам од другата страна? Твојот партнер да те негира како постоење и да продолжи однос со „непостоечките“. Какво ли е задоволството кај „непостоечките“, дали е тоа врвно мазохистичко чувство?

            Лицемерието, секако, е стимулативно, како за садистите, така и за мазохистите, а сквернавењето (пример, на македонската химна), исто така. Тоа, веројатно, ги доведува до врв чувствата на надворешните „садисти“ и на внатрешните „мазохисти“. Во случајот, за кој овде станува збор, мораме да се повикаме и на крајно стручните толкувања на врвните психоаналитичари, какви што се Зигмунд Фројд и Карл Густав Јунг, кои ваквите ојави ги објаснуваат со прародителскиот грев. Зашто за пројавениот садизам и нему прилагодениот мазохизам мора да има сериозна причина. Овој крајно понижувачки и садистички однос кон Македонците, секако дека има своја генеза, а не треба да се исклучи ниту факторот, „прародителски грев“ во случајот на актуелните „садисти“ и „мазохисти“. Чувството да се откажеш од своите родители и прародители, мора да е крајно фрустрирачко, а тоа може да биде и објаснување за актуелниот садомазохизам поврзан со Македонците, македонската култура и идентитет. Додека „садистите“, ниту го признаваат, ниту се идентификуваат со него, а го негираат како врвни „стручњаци“ и познавачи, иако се „голи“ политичари, домашните „мазохисти“, исто така, како „врвни“, прифаќаат, морализираат, советуваат, утврдуваат, категоризираат и запаѓаат во „екстази“ за прашања, кои се далеку од нивниот видокруг. Се разбира, сето ова може да сеобјасни само со потребата од насилство и садизам поради уживање на „садистите“, како и потребата од сопствено измачување, трпење насилство, понижување и изживување на „мазохистите“. Инаку, како да се објаснат актуелните, крајно лицемерни, крајно негирачки, ужасно иритирачки постапки за нормална личност, со објективен поглед на свет, со ставови изградени на реална основа и со слободен ум и мисла?

            Проблемот на „садомазохизмот“,  односно, со „садистите“ и мазохистите, воопшто не би требало да не допира, доколку нивните фрустрации и потреби за „задоволување“ не ги наметнуваат на цел еден народ, на поширока популација, па дури и на добар дел од постоечкиот свет. За жал, „садомазохизмот“ доби многу поопшта и поширока форма и премина во нискоумна бламажа, која ја трпат сѐ поширок круг на консументи, сакале или не.

            Последна „бламажа“ исполента со негирање и лицемерие, однсоно, со „садомазохизам“ беше гостувањето на новопечениот бугарски премиер Кирил Петков и гостопримството од страна на новопечениот македонски премиер, Димитар Ковачевски. Првиот, добро „стокмен“ на домашен терен, од неговите постари колеги во Бугарија, како и од соодветните бугарски авториитети од „садистички“ тип, најпрво изврши „садистички“ напад врз Македонците, со изјава дека тие не постојат, а потоа, свечено тргна на гости кај својот колега „мазохист“, кој го пречека со прифатеното чувство на своето „непостоење“, со “осакатена“ македонска химна и во амбиент на неизмерно лицемерие за пријателство, соработка и напредок на меѓусебните односи.

            Кога говориме за „садомазохизмот“ во односите на соседите и Македонија, од ова ментална состојба не се исклучени и разновидните помали играчи од разните министерства, како и учесниците во големиот број комисии, кои имаат задача да ја унапредат оваа садомазохистичка состојба, особено Комисијата за историски и образовни прашања, односно, за оформување, „штимање“ и конструирање на заедничката историја. Ова е особено важно прашање, зашто конструирањето на заедничка историја е навистина тешка задача, во која делот од Истокот настапува со ултиматуми, односно, „садистички“, а делот од Македонија е приморан тоа да го “вари“, односно, да се однесува „мазохистички“, со оглед на непоместливата бугарска црвена линија и ароганцијата со европски амалгам.

            Еден момент од внатрешната „мазохистичка“ состојба треба посебно да се објасни, односно, албанскиот дел од македонската „мазохистичка“ влада, за кој често се добива впечаток како да е наклонет на „садистите“ и притиска за прифаќање на нивните „добронамерни понуди“ во името на „напредокот“. Овие политичари имаат и „садистички“ и „мазохистички“ елемент бидејќи, како незаинтересирани за основниот македонски проблем – негирање, непризнавање, обиди за бришење и слични садистички напади врз македонскиот идентитет – нивното однесување добива „садистичка“ димензија, но како претставници на една држава, на еден ентитет за кој носат голема одговорност, сепак не се далеку од мазохистичката димензија. Како тоа го разбираат самите, сами си знаат, но како граѓани на Македонија, како уживатели на македонскиот буџет и привилегии, како и одговорноста за опстанокот на државата, која ја водат, гледано од неутрална позиција, сепак, се дел од „мазохизмот“.

            Сега, „по големиот напредок“, кој го постигна бугарскиот премиер на средбата со својот македонски колега и пошироката политичка јавност во Македонија, веројатно е дека и „садистите“ и „мазохистите“, освен Фројд, Јунг и другите психоналитичари, ќе имаат потреба да ја консултираат и Ерика Јонг, особено нејзиното дело „Страв од летање“ поради најавената авиолинија Софија – Скопје. Дали и таа ќе биде производ со „садомазохитички“ карактеристики, останува да видиме.