ГРАБНАТАТА ЕЛЕНА ОД СПАРТА НЕ СТИГНАЛА ВО ГРАДОТ ТРОЈА

Една од светските легенди, која го „покрива“, речиси целиот свет, е легендата за грабнувањето на убавата кралица, Елена, жена на спартанскиот крал Менелај, брат на кралот на Микена, Агамемнон, двајцата потомци на легендарниот јунак и крал, Пелоп.  Според Хомер, односно, неговиот еп, Илијада, Елена ја грабнал принцот од Троја, синот на кралот Пријам, Парис – Александар при една негова посета на Спарта, односно, на кралската палата на кралот Менелај.1 Преданиската слава на Елена е раширена на поголем дел од светот, а траги од нејзиното патешествие се среќаваат на разни места и во разни форми. Меѓу нив и такви, кои се анахрони, нелогични и контарверзни.

            Елена се родила во семејството на спартанскиот крал Тиндареј и Леда, но во преданијата запишани од старите автори се смета за ќерка на Ѕевс и Леда, додека Тиндареј ѝ бил очув, кој ја одгледал. Кога пораснала била една од најубавите девојки и многу од познатите принцови, кралеви и јунаци од тоа време ја посакувале за своја жена и оделе сами да ја побараат или испраќале свои блиски луѓе да го направат тоа за нив со богати дарови. Меѓу нив биле Диомед, Ајак, Тевкар, Филоктет, Идоменеј, Патрокло, Менестеј и, а дошол и јунакот од Итака, Одисеј, кој знаел дека Елена ќе му припадне на Менелај, како најбогат во областа и подржан од неговиот брат, Агамемнон кој, исто така, му бил зет на Тиндареј за неговата ќерка Клитајмнестра.2 Како мудар човек, Одисеј му дал совет на Тиндареј да бара од секого што дошол да ја бара Елена за жена да се заколне дека ќе го заштитува нејзиниот избраник од „каква било увреда или завера за неговата среќа“.3 За возврат, Одисеј од Тиндареј, барал тој да му помогне да се ожени за ќерката на Икар, Пенелопа.4

Елена од Спарта – во куќата на трагичните поети во Помпеја

            Другиот главен лик, односно, грабнувачот на Елена, исто така, е поврзан со многу мистика од самото негово раѓање. Тој се родил во семејството на кралот на Троја, Пријам, а негова мајка е Хекаба или Хекуба, која на Пријам му родила 19 од неговите 50 синови,5 а му родила и неколку ќерки, меѓу кои и пророчицата, Касандра. Парис, односно, Александар, бил нејзин втор син, кого го родила по нејзиниот најстар син, Хектор.6

            Пред да го роди својот син Парис, Хекаба сонила застрашувачки сон: сонила дека родила сплет од змии. Се разбудила викајќи дека Троја и сите шуми на планината Ида се во пламен. Советувајќи се за овој настан со својот син Ајсак, кој бил видовит, Пријам добил одговор дека детето кое ќе се роди на нивната земја, односно, на Троја ќе и донесе пропаст. Ајсак го замолил својот татко тоа дете, штом ќе се роди, да го отстрани од Троја.7 По неколку дена Ајсак објавил ново пророштво: „Тројанката од кралскиот род, која денеска ќе роди дете, мора да биде уништена заедно  со својот пород!“8 По некоја случајност, тој ден се породила сестрата на Пријам, Кила, па тој ја убил неа и нејзиниот новороден син.9 Тој ден родила дете и жената на Пријам, Хекаба, односно, го породила Парис. Пророците го убедувале Пријам да ги убие, но тој ги поштедил двајцата. Свештеничката на Аполн ја убедувала хекаба да го убие детето, но таа како мајка, не можела да го направи тоа и, најпосле, го наговориле Пријам да го повика својот овчар Агелај и нему да му го довери детето, односно, тој да го убие. Агелај бил добродушен човек, не можел да го убие Парис, па го однесол на планината Ида, каде детето го подоила некоја мечка. По пет дена, Агелај се вратил кај детето и кога го видел настанот со мечката се зачудил, па го зел и го однел во својот дом.10 Многу брзо, Парис го покажал своето благородничко потекло преку неговата убавина, интелигенција и сила. Уште како дете, тој открил една група крадци на добиток и оттука го носи името Александар.11 Иако бил сметан за роб, него за љубовник, сепак, го избрала нимфата Ојнома, ќерка на речниот бог Енеј.12 Подоцна, Парис – Александар,  врховниот бог Ѕевс го избрал да биде судија и да пресуди која од трите божици, Хера, Атина и Афродита е најубава. По добра „анализа“ на нивната убавина, на крајот сепак пресудил за Афродита, која потсетувајќи го на неговата убавина му ветила дека ќе му помогне најубавата од жените, Елена од Спарта, да биде негова.13 Ваквата негова одлука предизвикала гнев кај другите две божици, Хера и Атина, кои уште во тој момент започнале со подготовката како да го уништат градот Троја.14 Тука почнува и приказната за грабнувањето на Елена од Спарта, од дворецот на спартанскиот крал, Менелај, чија жена била оваа убавица.

Скулптура на Парис – Лондон

            Токму во тоа време, кралот Пријам, испратил слуги да земат бик од стадото на Агелај, кој требало да биде награда за победникот на погребните игри, кои ги организирал еднаш годишно. Парис, кој живеел кај Агелај, добил силна желба и тој да учествува на натпреварите, па победувајќи во повеќето дисциплини го предизвикал гневот кај неговите браќа, кои решиле да го убијат. Еден од неговите браќа, кој тргнал на него со меч за да го убие, бил и Хектор, подоцнежниот јунак во војната за Троја. Агелај, кој бил присутен на настанот, брзо отишол кај Пријам и го информирал дека Парис е неговиот изгубен син и така Парис (Александар) бил спасен од неговите браќа и останал да живее на дворот.15 Во неговите мисли останала убавата Елена од Спарта, по која копнеел уште од средбата со Афродита. Затоа, при првата можност, која ја добил, Парис заминал за Спарта и како гостин на спартанскиот двор, искористил една можност, кога кралот Менелај заминал на островот Крит по некоја работа, ја грабнал Елена една ноќ и избегал со неа, а таа уште истата ноќ „целата му се предала“ во едно пристаниште во кое застанале.16 На патот за градот Троја, божицата Хера му испратила голема бура и поради неа морале да застанат на Кипар, а оттаму во Сидон. Во Сидон, Парис го убил и ограбил тамошниот крал.17 Имајќи предвид дека спартанскиот крал Менелај може да тргне во потера по него и по Елена, Парис се здржал подолго време во Феникија, Кипар и Египет, па по некое време стигнал во Троја и го прославил своето венчавање со Елена. Невидената убавина на Елена предизвикала, не само Парис да биде заљубен во неа, туку и цела Троја.18

            Накратко, тоа е приказната за грабнувањето на Елена и нејзиното доаѓање во Троја што, според Хомер, било и оосновна причина за војната на Ахајците под водството на кралот на Микена, Агамемнон, против овој град, кои дошле со војска на Троја19 за да ја вратат грабнатата Спартанка во дворецот на нејзиниот поранешен маж, кралот Менелај.

            Погореопишаната приказна е една од главните содржини во Илијадата на епскиот поет, Хомер, но кај старите автори се среќава и друга верзија. Според неа, Елена воопшто не стигнала во Троја, односно, никогаш не живеела во овој легендарен град и причината за војната на Ахајците против него не била оваа Спартанка. Според некои од постарите антички автори, свештениците од Египет раскажувале дека флотата од Троја, со која патувал Парис со грабнатата Елена, го изгубила правецот на својата пловидба и се нашла на еден залив на Нил во Египет, каде се истоварила.20 Таму се наоѓал храм посветен на Херакле, кој бил светилиште за избегани робови кои, кога би се посветиле на Богот, биле обележувани со извесни тајни знаци по нивното тело. Тоа го направиле и слугите на Парис па, откако се заштитиле на тој начин, под заштита на свештениците, го обвиниле Парис дека ја грабнал Елена. Потоа, Парис бил повикан од кралот на Египет, Протеј, заедно со Елена и украденото богатство, на сослушување. По сослушувањето, Протеј го прогонил Парис од Египет, а ја задржал Елена и богатството, додека не дојде Менелај по неговата жена.21

Мемфис денес

            Слична приказна, многу поопширно, пренесува и Херодот, кој и самиот престојувал во Египет и ја слушнал од тамошни свештеници. Тој пишува: „Кога се распрашував за Елена, свештениците ми раскажаа дека со неа се случило ова: Кога Александар го извршил грабнувањето на Елена и ја одвел од Спарта, отпловил за дома. Него, пак, неповолните ветришта, го отфрлиле на Египетското Море, а оттаму (бидејќи бурата не попуштала) дошол во Египет, и тоа, во заливот на Нил, кој сега се вика Канопски, и во Тарихеја. На брегот се наоѓал, а и сега таму се наоѓа, храм на Херакле, во кој кога чиј било роб би побегнал и би го ставил на себе светиот печат, па така би се ставил под заштита на богот, тогаш никој не смеел ниту да го допре. Сличен на овој и денес постои еден обичај, кој по потекло е многу стар. Имено, неколку пребегани робови на Александар, кои слушнале за заштитата која ја дава овој храм, и откако се ставиле под заштита на богот, со намера да му наштетат на Александар, го обвиниле и раскажале подробно се: како го извршил грабнувањето на Елена и како злосторнички се однесол кон Менелај. Го обвиниле кај свештениците и кај чуварот на овој залив, кој се викал Тон.“22

            Парис (Александар) бил уапсен и заедно со Елена, бил испратен кај кралот на Египет, Протеј, во Мемфис. Сослушувајќи го Парис, како и неговите робови, кои настанот со грабнувањето му го раскажале посебно, кралот на Египет, меѓу другото, му рекол: „Сега, значи, бидејќи јас поради принцип не убивам странци, сепак нема да те пуштам да заминеш со жената и богатството, туку неа ќеја задржам за пријателот од Хелада, додека тој не дојде, ако сака и не ја земе. А тебе и на твоите другари ви наредувам, во рок од три дена, да ја напуштите мојата земја и да заминете во друга земја; во спротивно, ќе постапам како со непријатели.“23

            Херодот, коментирајќи го ова сведочење на египетските свештеници, додава дека за оваа приказна, веројатно, знаел и Хомер, но дека таа  не му изгледала добра за неговата  песна, па затоа се послужил со поинаква приказна. Херодот понадолго се занимава со приказната за Елександар, синот на Пријам и за задржувањето на Елена во Египет. Според она што му го раскажале свештениците во Египет, кога тој ги запрашал дали е точно тоа што Хелените раскажуваат за Тројанската војна, тие му рекле дека за тоа го прашале и самиот Менелај и дека од него го слушнале оова: Веднаш по грабнувањето на Елена, дошле сите Хелени со голема војска во земјата на Тевкрите да му помогнат на Менелај. Кога се истовариле на копното и  зазеле позиции, испратиле пратеници во Илиј (Троја, з.м.), а со нив отишол и Менелај. Овие, потоа, влегле во градот и побарале да му биде вратена Елена и богатството, кое го украл и однесол Александар, а барале и да му се надомести за штетата.24 Тевкрите (Тројанците), тогаш, без заклетва им изјавиле, како и после со заклетва, дека ни Елена, ни споменатото богатство не е кај нив, туку дека сето тоа е во Египет и дека не е право тие да полагаат сметка за она што го зел египетскиот крал Протеј. Хелените сметале дека овие им се подсмеваат и почнале со опсада на градот се додека не го зазеле. Бидејќи Елена не се појавила ниту по заземањето на градот, а бидејќи им рекле исто што и порано, се увериле дека Тевкрите им ја зборувале вистината и првиот пат и го испратиле Менелај во Египет.“25

Менелај – Brogi,_Giacomo_(1822-1881)

            Менелај отишол во Египет, стигнал до Мемфис каде бил убаво пречекан и, притоа, му била вратена здрава и жива неговата жена Елена и целото негово богатство што му било украдено. И покрај тоа, тој многу лошо им вратил на Египќаните. Имено, бидејќи кога сакал да тргне назад со бродовите, мирното море, без ветрови, не му давало тоа да го направи, па тој фатил две тамошни деца, ги заклал и му ги принесол како жртва на боговите. Кога времето овозможило да отплови, Египќаните тргнале во потера по него, но тој успеал да избега во Либија. Свештениците, кои раскажувале за овие настани не знаеле да кажат каде отпловил Менелај од Либија, но тврделе дека е точно се што раскажале дека се случило во нивната земја.26

            Во своето раскажување за патешествието на спартанската кралица, која била грабната од Парис – Александар, синот на кралот на Троја, Пријам, Херодот се обидува да објасни дека, дури и ако Елена била во Троја, сакал Александар или не сакал, сепак, ќе му била вратена на напаѓачите на Троја, односно, на Менелај за да го спасат градот и жртвите кои се случиле во долгогодишната војна, во која загинале и неколку синови на Пријам.27 Според едно митолошко предание, кое се однесува на мешањето на боговите во човечките судбини, богот Хермес ја украл Елена по наредба на Ѕевс и му ја доверил на кралот на Египет, Протеј. Божицата Хера, пак, направила замена, односно, направиле уште една Елена од облаци, која отишла со Парис во Троја, само поради тоа да предизвика војна.28

            И поетот Стесихор од Сицилија, кој живеел во градот Химера во крајот на 7 и почетокот на 6 век пред н.е., напишал песна во која Елена ја претставил во лоша светлина, односно, ја обвинувал и навредувал дека таа е виновна за Тројанската војна.29 Стесихор ослепел и подоцна сватил дека Елена и мртва му се одмаздила.30 Подоцна, поетот Стесихор, објавил стихови со ваква содржина: „Приказната е вистинита, ти не пловеше во бродови полни со клупи, ниту си била во тројанските кули.“ Откако јавно ги објавил овие стихови, Стесихор оздравел и прогледал.31  

Елена и Менелај – Лувр, Франција

              Според преданијата Елена, всушност, била спартанска божица на месечината32 која, веројатно, била култ на повеќе места на Балканот и Медитеранот. Освен на Менелај, се вели дека му била жена и на познатиот јунак Тезеј, кој сакајќи да им стане зет на познатите близнаци Кастор и Полидевк, познати како Диоскури, ја грабнал Елена и ја држел додека не морал да отпатува на венчавањето на неговиот голем пријател Пиритој, кралот на Лапитите во Тесалија.33 Тезеј, кога ја зел за жена Елена изградил, дури, и капела посветена на Афродита Вереницата, која се наоѓала во близина на старо култно место, кај градот Трезен на Пелопонез, кое претставува извесна карпа, која во постаро време се викала Жртвеник на Ѕевс Стениј (Силниот), а подоцна го добила името Карпа на Тезеј.34 Во Спарта се наоѓал и храм посветен на Елена, во близина на храмот на Херакле.35 Во близина на источниот брег на Лаконијскиот залив, се наоѓа островот Кранаја на кој, според Хомер, Александар (Парис) прво тука живеел со грабнатата Елена, а на копното спроти островот се наоѓал и храм на Афродита Мигонитида (која спојува телесно), за кој се велело дека го изградил Александар.36 

Елена и Менелај – на антички сад

            Трагите од животното и култното патешествие на Елена ги среќаваме на многу места и во разни форми. Нејзиното име се среќава и како географско. Во околината на Атина е познат островот Елена, релативно близу до брегот, за кој се смета дека по ппадот на градот Троја, Елена најпрво стапнала на него и затоа го добил нејзиното име.37  

Antonio_Canova – Елена од Троја

            Според еден податок изнесен кај Павсанија, во Терапна, во Лаконија се наоѓал храм на Менелај и се раскажувало дека тука биле погребани Менелај и Елена. Сепак, истиот автор, изнесува и друг податок, односно, дека Родјаните не се сложувале со Лакедемонците,туку тврделе дека по смртта на Менелај, Елена била прогонета и дошла на островот Род кај својата пријателка Поликса.38 Родјаните раскажувале дека Поликса сакала да и се одмазди на Елена поради смртта на нејзиниот маж Тлеполем и еднаш, кога Елена се капела таа и ги испратила своите дворјанки преправени во еринии. Тие ја зграбиле Елена и ја обесиле на дрво. Поради тоа Родјаните имале храм посветен на Елена Дендритида (Обесена на дрво).39

Александар во храмот на Апис во Мемфис – Египет – by_Andre_Castaigne_(1898-1899)

            Кај Павсаниј има уште една приказна за Елена, која ја раскажувале Жителите на Кротон, а со нив се сложувале и граѓаните на Химера. Во оваа приказна, меѓу другото, се вели дека Елена се омажила за Ахил и дека него го испратила во Химера да му каже на поетот Стесихор дека ослепел поради нејзиниот гнев.40    

 

1 Хомер, Илијада.

2 Роберт Гревс, Грчки митови, Фамилет, Београд 1999, 484.

3 Исто, 483.

4 Исто.

5 Исто, 479.

6 Исто, 480.

7 Исто, 484.

8 Исто.

9 Исто.

10 Исто.

11 Исто.

12 Исто.

13 Исто, 486.

14 Исто.

15 Исто, 486, 487.

16 Исто, 487.

17 Исто, 487, 488.

18 Исто, 488.

19 Хомер, Илијада.

20 Роберт Гревс, Грчки митови, 488.

21 Исто.

22 Херодот, Историја, Матица српска, Нови Сад 1988, 159, 160.

23 Исто, 161.

24 Исто, 162.

25 Исто.

26 Исто, 163.

27 Исто. Хомер, Илијада.

28 Роберт Гревс, Грчки митови, 488.

29 Исто, 489. Паузанија, Водич по Хелади, Логос, Сплит 1989, 175 и 188 – белешка 41)

30 Роберт Гревс, Грчки митови, 489.

31 Исто.

32 Исто.

33 Павсаниј, 70, 71.

34 Исто, 133.

35 Исто, 167.

36 Исто, 178.

37 Исто, 63.

38 Исто, 174.

39 Исто.    

40 Исто, 174, 175.