ЛЕТОСКА (МИНАТОТО ЛЕТО), МЕСТО В ЛЕТО (ИДНОТО ЛЕТО) – „Летоска (минатото лето) ќе одам на море“!!?
Чудно, дури за неверување е како, и луѓе со факултетски дипломи, па дури и од филолошките групи, па и група македонски јазик, со професија на која основа и е јазикот, ги грешат времињата, грубо ги „испревртуваат“ и поттикнуваат поширока примена на неправилно користење на јазиот. Овојпат ќе посочиме на една многу честа појава на замена на идно време со минато, при употребата на зборот во чија основа е именката „лето“. Се однесува на примената на прилогот за време, „летоска“, кој искажува минато време, односно, значи „минатото лето“, а се применува за да искаже дејство, кое треба да се случи во иднина, односно, во идно време и за кое треба да се употреби формата „в лето“ (пократко) или „идното лето“ (подолго).
Значи, не „летоска (минатото лето) ќе одам на море“, туку „в лето (идното лето) ќе одам на море“. Ова значи дека „летоска“ искажува период на време во лето, кој е дел од минатото и затоа може да се каже „летоска бев на море“. Погрешната примена на терминот „летоска“, особено е видлив кога ќе го замениме со формата „минатото лето и, место „летоска ќе одам на море“ добие форма „минатото лето ќе одам на море“. На овој начин многу појасно се забележува за каква груба грешка се работи и какво нагрдување се прави на литературниот јазик.
Погрешната примена на посочениот прилог за време ја сметаме за уште едно грубо „сквернавење“ на македонскиот јазик кое, особено, паѓа во очи кога го прават професионалци во разни области, како и такви кои работат во авторитетни институции, чие влијание може да биде големо кај пошироката популација, особено кај оние на кои јазикот не им е во „зоната“ на поблиско познавање. Во новинарството, ваквата неправилна примена на оваа лексичка форма се среќава, дури и во наслови од текстови, пример: „Челси не купи никого во јануари, но летоска планира да потроши преку 300 милиони“. Значи, „летоска“ е минато време, а Челси „планира да потроши“ е во идно време. Еве како звучи овој наслов при замена на „летоска“ со „минатото лето“: „Челси не купи никого во јануари, но минатото лето планира да потроши реку 300 милиони“!!? Има ли место за коментар или оправдување?
Ваквото грубо искривување на јазикот, особено, на неговата граматика кое, за жал, не е ретка појава, а често наидува и на поширока примена во документи на јавни институции, во настапи на јавни личности, новинари и кај пошироката популација и се наметнува како нешто правилно, односно, како правилна граматичка форма. За жал, има и други примери на одомаќинето мешање на времињата во примената на македонскиот јазик. Еден таков пример е погрешната примена на глаголот „зеде – зема“, чија форма во минато свршено време, „зеде“, многу често, се заменува со неговата сегашна форма, „зема“.