„ВРЕМЕПЛОВОТ“ НА ЕВРОПРАТЕНИКОТ АНДРЕЈ КОВАЧЕВ И „ПЕГЛАЊЕТО“ НА МАКЕДОНСКАТА ИСТОРИЈА

Ние не можеме ниту да замислиме колку „рачки“ за кочење кон приемот на Македонија во ЕУ ќе измислат бугарските политичари. Како тргнало, а не е далеку од нивните амбиции, тие ќе побараат од Македонците и на своите родители да им се обраќаат со „башта ми“, „нано“ и слично, инаку „њама ЕУ“. Каква политика започнале, не треба да не чуди дека еден од условите може да стане и начинот на изведување парастос кој го правиме за починатите. Зашто со условите од типот да не се слави овој или оној празник во Македонија, веќе се доближија до тоа. Дното, нема „дно“ за бугарската политика. Се чини дека потсмешливата фраза “тʼзи дупка не е дупка“ за бугарските полтичари не е обична фраза, туку реален став.

            Лично немам дилема дека бугарската политика нема дно во негирањето на македонскиот идентитет, култура и историја. Тоа е јасно од самиот почеток, зашто односот на бугарската политика кон Македонците е под секое морално ниво, со крајно необјективно негирање на секаков вид вредност, која содржи елементи на македонска определеба. Освен географската определба, се разбира, со што јасно се искажува претензија дека Македонија е „бугарска земја“. Поинаку не може да се карактеризира, толку негаторска политика, со која се прават обиди да му се „наложи“ на македонскиот народ да прифати идентитет, кој е „измислен“ 1944/45 година од Коминтерната, од Тито, од Сталин и нивниот омразен Ѓорѓи Димитров (каква баналност!!!). Токму со тие години, годините на фашизмот, комуницира и денешната политика на Бугарија кон Македонија. Зашто тогаш, во името на „бугарскиот идентитет“ на Македонија настрадаа голем број Македонци од бугарската војска и полиција под патронство на фашистичка Германија. И тоа, повеќето настрадаа маченички, не беа само, просто убивани, ами и мачени на најѕверски начин – бодени со штикови, со ножеви, со спици под ноктите, со вжештено железо и слично. На некои им беа сечени главите и со нив се играло фудбал на плоштадите или селските ледини!!??? Денес бугарската политика наложува „пеглање“ на историјата до ниво на заедничка историја. Повторно со негирање и непризнавање на македонскиот идентитет, на македонскиот јазик и култура, тврдо, исто како и во горе-споменатите немили години. Ако тоагш тоа се правеше под патронство на силната фашистичка Германија, сега нема друг патрон, освен Европа во која Бугарија е рамноправна членка.

            Денес, бугарската политика отиде дотаму што се обидува, преку Европа, а преку грлото на европратеникот Андреј Ковачев, да ни забрани да ги славиме и најголемите наши празници, каков што е 11 октомври. Да се сменел празникот на македонското востание, кое е неспорен факт, како што е неспорно дека беше подигнато против тогашниот окупатор, Бугарија и нејзиниот патрон фашистичка Германија. Во името на заедничката историја!?? Па каква заедничка историја е тоа преку нишанот од пушката? Да, потекнува од исто време, се случила во еден меѓусебен однос но, за жал или не, непријателски. Тоа ли е заедничка историја, која треба да ја испегламе за да биде по „кеф“ на денешните бугарски политичари. Замислете: во името на надминување на омразата. Еве, јавно да го повикаме, господинот европратеник, Андреј Ковачев, да дојде во Македонија со својот времеплов, да се вратиме во времето, сите заедно, и да ги „испегламе“ настаните и односите, па да го смениме и празникот, зашто ќе ја отстраниме потребата од него. Поинаков начин, здравиот разум, тешко ќе најде. Што се однесува до денешната омраза кај Македонците кон Бугарите, нека бидат спокојни! Такво нешто, речиси, нема. Се чини дека бугарската политика со вакви измислици сите не замајува, особено Бугарите во нивната земја, но и цела Европа. Зашто пораката од еден европратеник, па тој нека биде и Бугарин, до нас допира како од Европа, кон која со децении целиме. Европа, пак, веројатно, сообразно со принципите на Заедницата, на ваквите ставови, повици и пораки, молчи. Не изразува ни мисла, ни став, туку реагира со молчење. Се знае кој е подржан со молчењето, сигурно не Македонија и Македонците.

            Ах, ќе заборавев! Македонските политичари? Има ли македонски политичари кога не реагираат на беспримерното негирање на македонскиот народ и македонскиот идентитет од надворешни фактори со грубо мешање во внатрешните работи на државата Македонија? Не, постојат само администратори, кои спроведуваат секаква, но не домашна политика и, веќе, се вистински узурпатори на буџетот на државата, кој е народен буџет за градење на здрава држава и здрав систем, а не за слугување на странски политики и остварување желби на надворешни фактори. За жал, самоуверено не убедуваат дека ги трошат нашите пари за „наше добро“ и дека го „ставаат на тезга“ македонскиот идентитет во името на нашата „поубава иднина“. За нашето македонско достоинство и другите моралнии вредности и да не говориме, тоа не е „модерно“ за ова време и оваа политика. Всушност, личи дека убаво им „лежи“ буџетот и сѐ прават за нивната лична „статус-кво“ состојба.