СТАРИОТ ГРАД ПРИЛЕП БИЛ ГРАД УШТЕ ВО МАКЕДОНСКИОТ И РИМСКИОТ ПЕРИОД (1)

СПОМЕНИЦИ ОД ХРАМОВИ И ДРУГИ ПРЕСТИЖНИ ГРАДБИ ОД АНТИЧКИОТ ПЕРИОД ВО СРЕДНОВЕКОВНИТЕ ЦРКВИ ВО ВАРОШ – ЦРКВАТА „СВ. ДИМИТРИЈА“

          Стариот град Прилеп, располага со една од петте најголеми тврдини на Балканот. Токму тврдината на ридот „Маркови Кули“ претставува акропола на античкиот град кој, особено, се развил во римскиот период. Населбата ги зафаќала и просторите по јужните и западните падини на ридот, на просторот на денешниот Заград, како и денешниот Варош, но нејзиниот антички период е, речиси, непознат за археолошката наука и пошироката јавност. Најголемиот дел од истражувањата за овој град во минатото беа, речиси, тенденциозно насочени во откривањето на неговите културни и историски содржини поврзани со средните векови, односно, од 7 до 14 век на нашата ера, до турското освојување, а таквата тенденција, се чини, е „жива“ и денес. Овде само ќе напоменеме дека е најавен „крупен и значаен“ проект за утврдување на содржини на материјалната култура од 7 до 17 век на просторот на Пелагонија, Мариово и Порече под наслов, „Средновековни населби во Пелагонија, Мариово и Порече“ од страна на една од значајните научни институции, кои се занимаваат со проучување на материјалната и духовната култура во Македонија, како што е Институтот за истражување на старословенската култура во Прилеп.

„Лапидариумот“ воцрковниот двор

          Културните периоди застапени на просторот на кој бил расположен стариот град, Прилеп, може да се каже дека, воопшто не се истражувани систематски, односно, со цел да се утврдат нивните содржини, датирање, просторна површина и слично. Се чини дека за такви научни истражувања на просторот на кој бил расположен стариот град Прилеп како да не постои интерес кај прилепската и македонската научна јавност!!!

          Големиот број споменици на материјалната култура, кои се среќаваат на тој простор, особено спомениците на камената пластика, кои ги има во разни форми и со различни содржини и симболика, а кои потекнуваат од престижни антички градби, како храмови, јавни згради и аристократски објекти, упатуваат на населба која била со градски карактеристики, односно била град, најмалку во римскиот период. Како своевидна поткрепа на еден ваков заклучок, особено, можат да бидат големиот број споменици со натписи. Такви споменици, со потекло од Прилеп, повеќето од Варош и поблиската околина, се регистрирани над 20. На нив можат да се сретнат разновидни имиња, односно, имиња на граѓани на стариот град во првите векови на новата ера, повеќето од 2 и 3 век. Во натписите на споменатите епиграфски споменици можат да се регистрираат имиња со разновидно потекло. И покрај тоа што спомениците се датираат во римскиот период, па дури и од поодминатите векови на овој период, на нив, освен имиња од латинско, има голем број имиња со македонско и друго потекло од овој дел на Балканот.1  

Црквата – западна фасада

          Дека Прилеп бил град во античкиот период, односно, раната антика и римскиот период, се изјаснуваат и познати археолози, кои го посетувале овој простор и правеле истражувања со тематски определувања.2 Може да се каже дека науката не покажала интерес за истражување, откривање и афирмирање на културните содржини на градот Прилеп од постарите периоди, особено раноантичкиот, римскиот и доцноантичкиот период чии содржини во големи количества ги среќаваме на секој чекор во денешниот Варош, во Заград, на ридот Маркови Кули, па дури и во самиот Прилеп,3 каде во подоцнежните периоди биле употребувани разновидни камени споменици од стариот град.  Има мислења дека Прилеп бил град  уште во раната антика, односно, македонскиот период,4 а продолжил да се развива и во римскиот период.

Црквата „Св. Димитрија“ од североисток

          „Во првите векови на новата ера центарот на животот се преселил во југо-западното подножје на акрополата и тука израснал римскиот град со урбанизиран лик, кој за жал сѐ уште не е систематски истражуван, па дури не е ни отпочнато неговото археолошко ископување во урбаниот дел“.5

          Токму од ваквата состојба на планот на истражувањето на стариот град Прилеп во споменатите периоди, денес, тенденциозно „звучат“ и разните карактеризации дека Прилеп се развил како град, дури во средниот век, односно, по времето на цар Самуил или уште подоцна, во времето на кралевите Волкашин и неговиот син Марко. Расветлувањето на положбата, развојот, достигањата и значењето на стариот Прилеп во античките периоди, може да се каже дека е на мртва точка, иако трагите од тие периоди се гледаат и „со голо око“, односно, може да ги забележи сечие „внимателно око“, ако „се загледа“ по теренот од просторот на кој бил расположен градот, во градбите на старите цркви, во дворовите и градбите на жителите на денешниот Варош, во археолошкиот материјал, кој се појавил при истражувањето на средновековните содржини, во материјалот кој се среќава по површината на ридот Маркови Кули, Заград, локалитетот „Крклари“ со гробниците од македонски тип6 и на други места поврзани со неговата култура. Ние ќе се обидеме да дадеме скромен приказ на остатоците на стариот град Прилеп од античкиот период, кој се среќава во градбите на средновековните цркви во Варош и во нивната непосредна околина. Овде ќе ги претставиме импресивните остатоци од тие периоди во градбата на црквата „Св. Димитрија“ и во нејзиниот двор.

Скалите од јужната страна

          Црквата „Св. Димитрија“ во Варош, која потекнува од 13 век, е една од најбогатите со културни остатоци, кои му припаѓале на разновидни градби од престижен карактер во античкиот град Прилеп. Во нејзината градба, како на надворешниот, така и во внатрешниот дел се вградени десетици споменици камена пластика, од храмови, јавни згради и аристократски гардби, особено од римскиот период.7 Самата бројка на мајсторски обработени елементи од антички градби упатува на недвосмислен заклучок дека се работи за населба од повисоко ниво, односно градска населба. Тие се еден од главните аргументи за културното ниво, како и политичкото и економското значење на Прилеп во антиката.

Од дворот со „лапидариум“

          Голем број вакви објекти, претежно од мермер, се вградени и во самиот двор на црквата, во подѕидоците на патеката која води до самата градба, каде можат да се набројат поголем број мајсторски обработени блокови од мермер, како и довратници или прагови и сл. Во зелената површина од црковниот двор, лево од пристапната патека се распоредени дваесетина разновидни форми споменици од мермер, како постаменти, столбови (4), фрагменти од плочи со релјеф и други елементи, помалку или повеќе фрагментирани.8 Такви споменици се среќаваат и на просторот, десно од пристапната патека, во подѕидоците или на површината на оформената тераса крај оградниот ѕид. Камена пластика од различни периоди се среќава и на пристапните скали од јужната страна, меѓу кои и неколку основи од столбови или капители.

Покрив од едикула вграден во западниот ѕид и поголема плочеста форма со профилаиран дел

          Западниот и јужниот ѕид на црквата располагаат со неколку десетици помали и поголеми мермерни архитектонски елементи, од кои повеќе фрагменти од архитрави, со поголеми димензии, поголем број мермерни блокови со добро обработени површини и рабови, постаменти и други форми. Тие се распоредени, главно во основата на ѕидот, па се до една половина на висината на ѕидовите, но такви споменици од античките градби можат да се забележат и на поголема височина на ѕидовите. Не е мал бројот на слични споменици вградени како сполии и на северниот ѕид, а неколку од нив среќаваме и на источниот.

Во дворот на црквата „Св. Димитрија“

          Најмалку три поголеми споменици од мермер се среќаваат и во внатрешниот дел од црквата, а има и камени блокови со поголеми димензии и од гранит или сличен камен. Еден од спомениците во внатрешниот дел од црквата е мермерен столб со квадратен пресек, проширени делови во основата и на горниот дел и има форма на повисок жртвеник. Тој е вграден на десната страна од северниот влез во просторот на олтарот. Еден поголем мермерен блок со еден назабен раб е вграден на еден од внатрешните ѕидови во централниот дел на градбата, од северната страна, а на истиот ѕид, веднаш над претходниот се наоѓа вграден дел од мермерен столб со помал пречник. Во нивна близина се забележува и еден камен блок со впечатлива естетика поставен во хоризонтална положба и украсен со две големи и четири мали издлабени крстови. Кемениот блок е вграден во хоризонтална положба на висина од околи 1,5 m во ѕидот. Двата големи крстови се вдлабени еден под друг по должина на блокот и со несиметричен пресек на краците, односно, хоризонталните краци го сечат вертикалниот крак на две третини височина. Секој од краците завршува гранковидно, односно, со два мали крака. Другите четири крстови со помали форми и обична естетика се сместени во долните полиња на големите крстови, лево и десно од вертикалниот крак. На истиот ѕид, во близина, е вграден и еден обичен, но поголем камен блок, со добро оформени рабови и агли.

Камен блок со крстови во внатрешниот дел на црквата

          Впечатливи елементи од античките градби на стариот Прилеп во црквата „Св. Димитрија“ се вградени на западниот ѕид, лево и десно од влезот. Еден од нив претставува покрив од антички споменик – едикула,9 вграден во ѕидот од десната страна на влезот на црквата. Видливиот дел од овој објект е со триаголна форма и го претставува челото на фронтонот, кој во средината на триаголникот (во тимпанонот) има кружно оформен украс – небесен симбол (небесниот круг), односно, симболот на вечноста. Едикулата е архитектонски објект поврзан со култовите кон божествата, како и дел од погребната архитектура, односно, објект од погребен карактер, кој претставува посебна ниша направена со вертикални столбови или пиластри и со покрив со триаголна форма – фронтон. Во нишата од едикулата се поставувале фигури на божества или фигури на починати. Едикулата е присутна и како придружен елемент на храмот, пред влезот, односно, над него за поставување фигура на божеството на кое е посветен храмот.

Покрив од едикула со соларен симбол на западниот ѕид

          На западниот ѕид на средновековниот објект на црквата „Св. Димитрија“ во Варош, впечатливи се и голем број други добро обработени големи камени блокови, архитектонски елементи од објекти со престижен карактер на античкиот град Прилеп. Посебно паѓа во очи еден голем архитрав (камена греда) од мермер со профилирани страни, долг 2,15 m, кој бил лев дел од фасада на храм.10 Од овој архитрав се среќаваат уште два дела, од кои едниот се наоѓа во дворот на црквата, а другиот е вграден во северниот ѕид.11 Лево од влезот во црквата слободно е поставен еден поголем мермерен елемент со форма на камена маса, односно, извесен постамент со добро оформена хоризонтална површина на горниот дел и профилиран долен дел, а на левиот, односно, северниот агол од западниот ѕид среќаваме неколку блокови од мермер со различни големини, но сите со нагласени димензии. Еден од блоковите со должина од околу 1,5 m и ширина од 0,80 m. Блокови со слична големина, но и со поголеми димензии, особено, во должина се среќаваат и на јужната фасада на црквата, но и на северната. На источната фасада, односно, во близина на апсидата – од нејзината северна страна, се среќава и една правоаголна форма од мермер, со неправилни рабови, веројатно, поради откршување и со мал издлабен сад во убаво оформената хоризонтална површина, исто така, со правоаголна форма. Во близина на овој објект се наоѓа вграден и едн фрагмнентиран постамент од столб или основа од храм -крепидома.

Архитрав вграден во основата на западниот ѕид, десно од влезот во црквата

          Од регистрираните архитектонски елементи, се споменуваат еден дел од подиум на храм од мермер профилиран како крепидома и уште еден сличен таков елемент – постамент на база или едикула.12

             Еден горен дел од надгробен споменик, се споменува како наод од гробиштата кај црквата „Св. Димитрија“, а на него се констатира розета во горниот дел во триаголно поле, а четири лика во едикулата долу, од кои се два машки и еден женски лик, а четвртиот претставува дете.13

 

          Како споменик, кој потекнува од црквата „Св. Димитрија“ се споменува и една помала форма на плоча со натписи – еден од античкиот период, со поголеми форми на писмените знаци, во само неколку реда и еден преку него со мали форми на писмените знаци и многу повеќе редови, кои претставуваат ерменски натпис во кој се споменува извесен манастир.14

          Други два регистрирани споменици пронајдени кај споменатата средновековна црква наведуваат на истражување за идентификување на жители, односно, граѓани на стариот Прилеп во римскиот период, чии имиња можат да се сретнат на натписите со кои располагаат тие. Еден од нив е надгробен споменик (стела), со натпис во кој,

Натпис на кој се споменуваат неколку имиња од македонскиот и римскиот период

меѓу другото, се споменува извесен Аврелиј Андроник, а се датира во 3 век наша ера.15 Во горниот дел на стелата се претставени четири лика, од кои еден од левата страна со поголема димензија и три лика на постамент од десната страна на плочата, односно, од левата страна на првиот лик. Во посебно изработено поле, во долната половина на споменикот е испишан текст во 7 реда.16 Вториот споменик претставува убаво обработен мермерен блок на кој се наоѓа натпис на една од убаво обработените страни со рамка.17 Овој споменик е датиран во вториот век на нашата ера, а во неговиот натпис, покрај другото, се среќаваат имињата, Тит Ајлиј, Антигон, Ајлијан и Нике.18

 

 

1 INSKRIPTIONES GRAEKAE, Epiri, Macedoniae, Thraciae, Skithiac, Pars II, INS­KRIP­TIONES MACEDONIAE, Ediderunt Fanula Papazoglu, Milena Milin, Marijana Ricl, Sualterus de gryuter, Berolini.Novi Eboraci MIM, 99 – 108.

2 Виктор Лилчиќ, Македонскиот камен за боговите, христијаните и за живот по животот, Том I, Македонска цивилизација, Скопје 2001, 383.  

3 Исто.

4 Исто.

5 Исто.

6 Тренчо Димитриоски, Древна цивилизација I – археологија, митологија, преданија, Прилепско, ЦПРТВ – Прилеп, Прилеп 2000, 78.

7 Виктор Лилчиќ, Македонскиот камен …, 382 – 385.

8 Во овој дел од црковниот двор, во зелената тревна површина се распоредени четири мермерни столбови, неколку постаменти и гоем број други споменици од мермер со што просторот е украсен на своевиден начин и е направен приказ на антички споменици.

9 Виктор Лилчиќ, Македонскиот камен …,385.

10 Исто, 384, 385.

11 Исто.

12 Исто.

13 Никола Вулиќ, Споменик, Српска краљевска академија, Београд 1931, 21.

14 Тренчо Димитриоски, Древна цивилизација I, 78.

15 INSKRIPTIONES GRAEKAE, Epiri, Macedoniae,…, 106.

16 Исто, Tabula XXXI, 225.

17 INSKRIPTIONES GRAEKAE, Epiri, Macedoniae,…, 104 и Tabula XXX, 220.

18 Исто, 104.