ЦЕРЕМОНИЈА
04.06.1998
Дојдоа многу луѓе во костуми, но и без нив
за да ја покажат својата моќ на говор.
Се запалија од сопствениот товар
на акумулирано знаење во рамки
и свест за универзумска величина
на новиот збор со метеорска брзина
исфрлен од проклетството
на професионалното небо.
Тежи атмосферата од сериозни погледи,
црвена од лицемерно развлечени насмевки,
вешто стокмени маски за убав впечаток.
Искреноста засрамено се сокри
и заскита од надворешната страна
следејќи го настанот зад прозорците.
Од некаде доаѓаше глас без ехо,
никој не го слушна од вознесеност,
секој беше со себе си
како со расплакано бебе
исплашено од громогласно ракоплескање.