АРИСТОКРАТСКАТА ГРОБНИЦА „РАЗБОЈНА ДУПКА“ КАЈ СЕЛОТО АЛДАНЦИ, ОПШТИНА КРУШЕВО

Пред неколку години, археолозите од Институтот за истражување на старословенска култура во Прилеп, под раководство на археологот м-р Дејан Кебакоски, во координација на Управата за заштита на културното наследство на Македонија, истражуваа еден, особено, интересен локалитет познат како Кале – Локвени или Кале – Подвис. При извршените ископувања беа откриени интересни остатоци од животот на античката населба на споменатиот локалитет, која располагала со добро утврден простор на врвот, познат како Кале – Локвени. Меѓу откриените предмети се и неколку керамички садови, накит, монети со ликот на Александар Македонски и др.

Кале – Локвени од југоисток

            Локалитетот се наоѓа на повисок рид, меѓу атарите на селата Алданци, Локвени и Подвис, а располага со поголемо плато на врвот и неколку тераси од страната на селата Локвени и Подвис. Со истражувањето беше утврдено дека се работи за остатоци од значајна населба со силно утврдена акропола од раната антика, односно македонскиот период. Дури беа изнесени претпоставки дека е можно да се работи за античкиот град Аписаон, кој го споменуваат старите автори и кој се наоѓа во поширокиот круг на Пелагонија, односно на нејзината западна периферија.

Остатоци од ѕидот од утврдувањето на Кале – Локвени

            Дека се работи за остатоци од населба од престижен карактер во потесната или пошироката област, може да потврди и еден археолошки објект од јужната страна на споменатото Кале, на падините на планината во еден нејзин карпест дел. Имено, во една поголема карпа од таа страна на калето, на растојание од неколку стотици метри од тврдината, била издлабена гробница за некој значаен жител на населбата. Денес, локалитетот со гробницата го носи името „Разбојна Дупка“. Се работи за добро обработен дел од карпата, со дромос или ходник од два до три метри, врата за влез висока околи 1,2 м и широка околу 0,70 м, како и просторија од околу 2х1,5 м, со посебно издлабена правоаголна форма за поставување на можтите на покојникот и поголеми ниши од левата и десната, како и задната страна. На нишата од задната страна има издлабено и посебен мал сад, веројатно за поставување одредени прилози на покојникот. Таванот на просторијата со правилно обработен полукружен свод, со релативно добро обработени рамни површини.

Аристократската гробница „Разбојна Дупка“

            За разлика од повеќето гробници од македоснки тип, кои во голем број се среќаваат на поширокиот простор на Пелагонија, оваа гробница е содржи само дромос и и комора – погребна просторија со правоаголна погребна јама на дното во просторијата, односно не бил изработен вообичаениот дел, кој го има кај најголемиот број слични погребни објекти, односно преткомората. Од повеќето кои ни се познати, слична на гробницата од Разбојна Дупка е гробницата на локалитето Кукул (или Кутлиште), во близина на Прилепското Езеро. За разлика, пак од оваа, македоснката или Пелагонската гробница од Кукул, нема посебно изработена погребна јама во комората.

Гробната јама и нишите во комората на гробницата

            Наоѓајќи се на релативно блиско растојание до населбата на Локвенско Кале, речиси е сигурно дека аристократската гробница од Разбојна Дупка му припаѓала на некој виден жител на оваа македонска анселба од раната антика. Ваквите гробници, археолозите ги датираат во 3 и 2 век пред нашата ера, со што коинцидираат и наодите од споменатото кале, кое има културни содржини и од пораните векови.