БУГАРСКОТО ПОНИЖУВАЊЕ НА МАКЕДОНИЈА СО АМИН ОД ЕВРОПА

или: „Тзи дупка не е дупка“ – „тзи рамка не е рамка“

                Јасно е, Бугарија не ја крие својата намера да владее со Македонија и да му поставува политички, идеолошки и психолошки ултиматуми на македонскиот народ преку актуелната македонска власт. Всушност, да врши невидена тортура и понижување на Македонците и обезличување на македонската култура, историја и традиција. Користејќи го своето членство во Европската унија, бугарската власт, крајно арогантно и бескрупулозно се меша во внатрешните работи на Македонија, наметнувајќи сопствена волја и сопствени идеи, односно, наметнувајќи ја својата власт во Македонија  преку своите македонски колеги од власта, кои се однесуваат како нејзини ренегати и послушници, односно, како администратори на бугарската власт во Македонија. Со тоа, македонската власт, всушност, со сите свои сили учествува во потценувањето на личните права и волјата на сопствениот народ не обрнувајќи внимание на силните пораки од него за прекинување на бескрупулозниот однос и понижување. По договорот во Преспа и договорот за добрососедство меѓу Бугарија и Македонија, кои беа само продолжување на двата претходни – Рамковниот и Пржинскиот, притисокот за прифаќање на состојба без сопствен идентитет врз македонскиот народ продолжи со уште посилен и побескрупулозен (особено, бесрамен) интензитет, особено, од страна на Бугарија. Со новоформираната, сега веќе падната, влада на чело со Петков, иако декларативно беше најавена соработка во економијата и другите области, сепак, секојдневна активност беше негирање на македонски јазик, македонска култура, македонска историја и образование и македонскиот идентитет во целина, односно, чепкање со острица во „македонското срце“. Економската „соработка“, како започна, така и заврши. Беше воспоставена авионска линиа Софија – Скопје, беше “извозена“ македонската елита од власта, авионската линија беше прекината, а македонската власт и понатаму ја „возат“.

                Јасно е, целиот проблем на Бугарија е македонскиот народ, македонскиот идентитет, македонската култура и традиција, македонската историја, со еден збор, севкупниот македонски идентитет кој, за нивни сфаќања, се чини, е непојмлив, не можат да го согледаат, не можат го прифатат, особено, решени се по секоја цена тој да биде дел од бугарскиот. Забораваат, односно, не сакаат да знаат дека бугарскиот идентитет е современик на македонскиот последните 1740 години, додека во претходните, барем уште 1500 години кои, сакал некој или не, признавал или не, се клучни во создавање на македонскиот идентитет, бугарскиот е непостоечки. Но, поентата на овој текст не е историско, културно, цивилизациско и идентитетско разјаснување. Тоа му е јасно на светот, особено на светскта наука. Жално е што Бугарија, овој непримерен притисок, кој премина во нивно владеење со Македонија со сестрана подршка од внатрешни сили и „администратори“, а бугарската идеја во Македонија, подржана од највисоките структури на власта во Бугарија, се разви „до небесни височини“ и една група од стотина „Бугари“ во Македонија се возвеличи како цело племе и беше удостојувана од нивното „величие“ – највисоката власт, како Претседателот Симеон Радев и други, кои ги тешеа да издржат на „силната омраза“ кај Македонците кон нив. Од друга страна „нема Македонци во Македонија, само Бугари“. Па кој ги мрази Бугарите во Македонија? Бугарите ли мразат Бугари? Апсурдно, срамно и недостоинствено, особено, смешно и, во исто време, трагично зашто си играат со судбината на еден народ, со судбините на македонските граѓани и судбината на Македонија, која е држава во која, без проблем, живеат голем број национални заедници. За разлика од тоа, Бугарија не ги признава Македонците во нивната земја, ги притиска и прогонува, ги затвора и компромитира („група пијаници“ и сл.) и тврди дека тоа го прави поради „таквиот“ бугарски устав. Каков е тој највисок закон во државата, кој е основа на негирање, тортура и забрана на произнесување на поинаков идентитет и култура од бугарската? Европски ли?

                Сето тоа, Бугарија, всушност, го прави со „амин“ на целата Европска унија, од која на разни начини стигнуваат сугестии до Македонија, често и арогантни предлози и упатства за решавање на билатералните проблеми меѓу Македонија и Бугарија, со условување за идниот прием во ЕЗ. Последниот предлог доаѓа од Франција, преку нејзиниот претседател Макрон и во него се содржани сите бугарски барања кон Македонија, но и кон Македонците (зашто „непримерното“ однесување ќе се санкционира и кога е изнесено преку социјалните мрежи), зашто Македонците „знаат да бидат непослушни“, па често реагираат на личните и идентитетските навреди, негирање и понижување, кои се секојдневн – замислете: реагираат поради тоа што некој ги понижува и тероризира, не само духовно?!!! Во предлогот на Макрон е внесена, речиси, целата рамка на барања кон Македонија. Знае ли тој дека Бугарите фукционираат по принципот „тʼзи дупка, не е дупка“, односно, „тʼзи рамка, не е рамка“?

                Значи, билатералните прашања меѓу Бугарија и Македонија, сепак, ги решава Европа во името на Бугарија? Или е обратно, Бугарија во името на Евопа, со европскиот „амин“ за бришење на македонскиот идентитет, па влез во „високоценетата“ Заедница. Според нас, се работи за второто, зашто, ако беше поинаку Европа ќе ги искористеше своите механизми да ја дисциплинира својата дрска членка која, ни оддалеку не го зголемува авторитетот на Заедницата. Напротив, само ја внесува во ниски нивоа на европски морал, кој се повеќе запаѓа во „темниот лавиринт на Кносос“, влегувајќи во него без клопчето на Аријадна.