НЕСРЕЌНАТА БУГАРИЈА И НЕСРЕЌНИТЕ БУГАРИ

Ако сме искрени и добро ги детектираме историските, културните и етнографските моменти, аргументи и документи јасно е дека она што им го прави Бугарија на Македонците, односно Бугарите на Македонците е вистински апсурд, а дека Бугарија е една „несреќна“ држава и Бугарите еден „несреќен“ народ.  Апсурд е поради тоа што, според сите анализи и докази од генетско, историско, етнолошко, лингвистичко и културолошко потекло, од старото потекло на Бугарите останало многу малку, малку биолошко, малку културно, малку јазично (се калкулира со ситни проценти), а добар дел од Бугарите, од 1 до 2 третини се по потекло од територијата на Македонија. Уште повеќе, ако се навлезе во историските, културните, црковните, јазичните, научните, уметничките и другите вредности, кои се темел на денешната бугарска држава ќе се забележи дека добар дел од нив се дело, токму на Македонци или на граѓани на Бугарија по потекло од Македонија, кои денес се идентификуваат како Бугари. Се разбира, тешко е да  се разбере погореистакнатиот момент, како Бугарите, речиси исчезнале, а овие од Македонија или од други места, кои немаат биолошко, културно и јазично бугарско потекло се идентификуваат како Бугари, но тоа е факт, а правото на самоопределување е лично право подржано и со документи од општосветско значење, како општочовечка и културна придобивка. Дека има елементи на апсурд, има. Како што е апсурдно и тоа што добар дел од Македонците (денес декларирани Бугари), кои се по потекло од Македонија биле и се на врвни функции во бугарската држава, добар дел од нив се вградиле во создавањето и развојот на бугарската држава со своите творечки и интелектуални способности и дела и, можеби, тие се најупорните, па и најрадикалните бугарски поборници за „освестувањето“ на нивните браќа во Македонија, односно, будење на „бугарска “ свест кај Македонците. Ете, не е ли тоа вистински апсурд? И нека е! Проблем станува радикалниот однос на бугарската политика кон Македонците во Македонија врз кои врши силен притисок, користејќи ја и својата надмоќ како членка на Европската заедница, како и крајно грубите притисоци за потпишување на обврзувачки документи поврзани со јазикот, со културата, со потеклото, со идентитетот и сл. Не е само бизарно, ами и нискоумно, наивно и, простете, вулгарно, зашто се добива впечаток како некој, од бугарска страна, да ги следел и основните биолошки и физиолошки активности на Македонците во Македонија, па сега „знае“ кој со кого спиел и кој со кого што правел па, оттаму, извлекува идентитетски, културни и биолошки квалификации. Ве молам! Има ли граница овој апсурд, всушност, простаклук? Како врвната европска политика влезе со сите сили во него? На до ниво на свест е денешниот свет, односно, оние кои се наметнуваат како негови водачи?

            Бугарија е „несреќна“ земја, како што Бугарите се „несреќни“! Ете, оваа држава наречена Бугарија, за жал, немала среќа да биде создадена од Бугари по потекло од нејзината денешна територија, ами во најголем процент од странци, односно, нејзини граѓани кои, по потекло, се најмногу од Македонија. Особено оние, кои ги создавале основните културни и цивилизациски вредности, како што се писмото, јазикот, културата. Почнувајќи од прифаќањето, ширењето и развојот на христовата вера, па продолжувајќи со светите браќа, Методиј и Кирил, кои се по потекло од Солун, а јазикот што го применувале е токму македонско солунско наречје (Дури и најекстремните проучувачи од Бугарија не можат да го избегнат идентитетскиот момент и ова наречје го нарекуваат бугарско македонско наречје). Во тоа време Солун се сметал за главна македонска метропола. Токму тој јазик и тоа писмо денес е основа на бугарскиот јазик и писмо. Потоа, најголемиот процент на книжевните документи, на кои се заснова бугарскиот јазичен и културен развој се по потекло од Македонија, од Западна, од Источна или Централна Македонија. Потеколото на таквите споменици во бугарските архиви и музеи, над 90 проценти е од Македонија, како што е и потеклото на голем број културни дејци, преродбеници, борци за ослободување на Бугарија, политичари, револуционери, научници, архитекти, писатели и сл. Ете, тоа е „несреќата“ на Бугарија и Бугарите денес. Современа Бугарија, во голем процент, е дело на Македонци, кои се идентификуваат како Бугари. Од Охрид, Ресен, Битола, Прилеп, Скопје, Велес – од источна, западна или јужна Македонија. Пример: неповторливата Дебарска или Мијачка школа на градители и зографи. Всушност, денешното културно наследство на Бугарија е „македонско“ зашто е дело на културни дејци од Македонија. Ете, тоа Бугарите ги прави „несреќни“, а нивната држава „несреќна“. Од толкава територија на државата, главната содржина им е македонска. Toa што голем број културни центри на „бугарштината“ се од „македонски произход“, како што и голем број културни дејци на Бугарија се Македонци по род.

Најпрво христијанството, па писменоста со св. Методиј и св. Кирил и по нив св. Климент, св. Наум, Сава, Ангелариј, Горазд, па Охридската книжевна школа (всушност универзитет пред универзитетите), Света Гора, најстарите писмени споменици, плочата на Цар Самоил од 993 година – Герман, Преспанско, натписот од Варош кај Прилеп од 996 година, натписот од царот Јован Владислав од Битола, Богомилството, „возраждането“ со Христофор Жефаровиќ, Партенија Зографски и други преродбеници од Македонија, основоположникот на бугарската историска наука, отец Пајсиј, треба ли уште да се набројува? Набројаното погоре е само нафрлено и сè е македонско, од Македонија, а основа на бугарската култура, историја и основа за развој на бугарската држава. И…? Што да правиме, ние, Македонците денес на ваквата апсурдна политика на нашите роднини во Бугарија? Да прифатиме дека сме Бугари, дека сè што сме создале е бугарско, дека македонската култура е бугарска, македонската писменост и јазик се бугарски, македонската историја, која е двапати подолга од бугарската е бугарска? Или да бараме аргументи сето тоа да го потиснеме во името на нашите „братја“, Бугари? Има ли малку зрела свест во нашата околина? Има ли зрелост, особено морал, во недостижната Европа? Го усвои ли врвната европска политика принципот, „т‘зи дупка не е дупка“?