ВО ЦАРСТВОТО НА ТУМУЛИТЕ МЕЃУ СЕЛАТА КРУШЕВИЦА И ЧАНИШТЕ, ПРИЛЕПСКО

Присуството на археолошките наоди од железното време во атарите на селата Чаниште и Крушевица е видно нагласено. Ова посебно се однесува на погребните објекти кои потекнуваат од тоа време, кои се познати како тумули. Тоа се вештачки изградени помали и поголеми тумби во кои се наоѓаат по повеќе гробови, радијално поставени со централен гроб и со ограден ѕид со кружна форма. Нивниот најгорен слој претставува набиеница од земја, која била специјално избирана за таква намена и на тој начин гробовите биле заштитувани од уништување. Бројот на тумулите во овој дел од Мариово е исклучително голем и нив ги има на повеќе места, како во Крушевичко, така и во Чанишко. Нивното присуство во областа Мариово археолозите го забележале уште пред околу еден век – бугарските археолози Гаврил Кацаров и С. Стефанов, кои истражувале тумул во околината на селото Витолиште.1 За тумулите од долината меѓу селата Крушевица и Чаниште пишува археологот Иван Микулчиќ,2 а последниве неколку децении со нив се занимава археологот Александар Миткоски од Заводот и Музеј од Прилеп. Под негово раководство се истражувани неколку тумули во овој простор.3 Во откривањето на голем број нови тумули во овој простор имаме и личен придонес.

Тумул „Ѓерамиди“ Чаниште 2

Најголем број од тумулите за кои овде станува збор се концентрирани во просторот меѓу двете села, Крушевица и Чаниште, од двете страни на Крушевичка Река, на локалитетите: „Таламбасица“, „Падиште“, „Страгата“, „Падарницата“, „Три Дабици“, „Скапците“, „Широк Пат“, „Испраен Камен“ и „Дупенец“, во атарот на селото Крушевица, и локалитетите, „Барата“, „Поповнос“, „Каменица“, „Дашков Гроб“, „Ѓуркова Нива“, „Дојкова Ливада“, „Острилата“, „Тапанот“, „Лочката“„Смесите“, „Чакрева Корија“ „Чука“, „Говедарник“ и „Чардак“ во атарот на селото Чаниште.4

Тумул и менхир од л. „Падиште“ – Крушевица

На локалитетот „Барата“, кој се наоѓа на околу два километри северно од Чаниште, еден од тумулите е ископуван во 1994 година од страна на екипа под раководство на археологот Александар Миткоски од Заводот и Музеј од Прилеп. Во тумулот се пронајдени десет гробови цисти и еден централен поголем гроб, кој е пронајден во деструирана положба. Конструкцијата на тумулот е од типот каков што погоре опишавме, со ограден кружен ѕид и покрив од набиена земја и камења, а во самиот тумул освен радијалното поставување на гробовите, констатирани се и два слоја на гробови цисти.5 Според пронајдената керамика, овој тумул е датиран во железното време, а освен керамиката се пронајдени и фрагменти од железни предмети, од нож и сличен друг предмет. Карактеристично е тоа што во гробовите не се пронајдени цели коски, туку само ситни остатоци, освен во еден мал гроб–циста во кој се пронајдени скелетни остатоци од возрасен маж кој бил погребан делумно со кремирање (спалување).6

Наоди од локалитетот „Страгата“ – цртежи од Александар Миткоски

Интересно е што во кругот околу споменатиот тумул, на растојание од 100 до 500 м по околните ритчиња на доминантни места се наоѓаат уште десетина други тумули од овој тип, што упатува на постоење населба од истиот период во блиската околина. Имајќи предвид дека на спротивниот брег на Крушевичка Река се наоѓа локалитетот „Ѓерамиди“, на неполн километар од локалитетот „Барата“, како и фактот што на овој локалитет е констатирано присуство на археолошки остатоци од праисторијата,7 може да се претпостави временска и културна врска на оваа населба со споменатите тумули. Еден тумул се наоѓа, токму на локалитетот „Ѓерамиди“,8 кој за жал, од пред неколку години е сосема уништен со тешка машинерија од страна на непознати лица.

Тумул „Ѓерамиди“ Чаниште

Во следниот период истражувани се уште неколку тумули од атарите на селата Крушевица и Чаниште. Тоа се тумулите на локалитетите „Страгата“, „Падината Таламбасица“ и „Три Дабици“ во атарот на Крушевица и „Попов Нос“ во атарот на Чаниште. Во тумулот од „Три Дабици“ не е констатирано погребување и се смета дека се работи за култно-религиски објект од типот кенотаф посветен на некој од првенците во областа.9 Во повеќето од истражуваните тумули е констатирано погребување во подолг период, односно, освен праисториското погребување од железното време, констатирани се погребувања и во доцната антика, па и средниот век. Тоа упатува на фактот дека населението во областа имало пиетет кон нивните претци на тој простор, им пристапувало со почит на покојниците и истиот простор, односно, истите погребни објекти продолжило да го користи како почивалиште на своите покојници. Во однос на предметите кои се пронајдени во некои од тумулите, може да се констатира присуство и на многу постара култура, како бронзеното време и уште постарите, енеолит и неолит. Ова, особено, се однесува на тумулот „Страгата“, каде во текот на ископувањето се пронајдени разновидни археолошки предмети од повеќе културни периоди.10

Наоди од керамика од л. „Три Дабици“ – Крушевица (А. Миткоски)

Самото користење на слични погребни објекти и гробни конструкции, како и продолжувањето на другите културни форми на погребување, особено начинот на обележување на гробните места и во подоцнежните периоди упатува на извесен културен, па и етнички континуитет на населението во областа. Што се однесува до  начинот на обележување на гробните места и гробовите, потврдено е дека еден вид антропоморфни надгробни споменици, кои се сметаат за културен белег на железното време и архајскиот период се практикувале и во првите векови на новиот милениум.11 Нивниот број во областа Мариово е особено нагласен, а на просторот меѓу селата Крушевица и Чаниште се среќаваат на повеќе места.12 

Фактот што тумулите се поставувани на доминантни места, по ритчињата, а поретко во долините, укажува на тоа дека некогашните жители кои живеелaе во родовски заедници, ги одбирале околните ритчиња за поставување на своите гробници кои служеле и како своевидни култни објекти на кои се вршеле различни ритуални активности поврзани со култот на мртвите, односно, почитта и обожувањето на духот на претците. Фактот на поставувањето на самите гробови во тумулот околу еден централен гроб со поголеми димензии, говори за општественото уредување во родовски заедници во кои старешината бил поставуван на соодветно место и во самите погребни објекти, односно тумулите.

Култна маса од л. „Трештена Стена“ (А. Миткоски)

Кои биле жителите чии членови почиваат во тумулите?

Имајќи предвид дека тие се карактеристични за бронзениот, а особено за железниот период, кои како периоди од развојот на човештвото се посебно значајни од аспект на формирањето на етничките заедници, можат да се изведат извесни заклучоци. Според некои археолози и историчари тумулите кои се наоѓаат во Пелагонија имаат ист радијален распоред како и гробовите во тумулите пронајдени во македонската област Ботиаја, при што се мисли на тумулите во Кутлеш, односно Вергина, каде што се наоѓаат и македонските кралски гробници.13 Токму овој период на тумулите во Вергина се поврзува со бригиската популација, односно, Бригите кои по неколку преселувања се рашириле на поширок простор, на некои делови на Јадранот и во Мала Азија. Имајќи предвид дека бригиската компонента се смета за една од главните компоненти во формирањето на античките Македонци, а некои историчари Бригите ги нарекувале и македонско племе,14 може да се земе дека и Мариово кое се наоѓа меѓу Пелагонија и Ботиаја, било населено од сличен или ист етнички елемент. Од друга страна, присуството на Бригите во Пелагонија е потврден факт.15

Печка од л. „Трештена Стена“ (А. Миткоски)

Раширената практика на погребување во тумули во железното време упатува на уште еден момент поврзан со појавата на Македонците на Балканот. Имено, нивната појава на овој простор се случува во овој период, поточно, во осмиот и седмиот век пред нашата ера, кога се споменуваат првите македонски кралеви, Каран, Темен, Пердика, Европ и други.16 Истиот период ги крие и тајните на поврзувањето на македонскиот идентитет со Бригијците, како и со Пелопидите, кои се сметаат за Бригијци. Нивното доселување во областа Ботиаја се совпаѓа со истиот период, а доказ за нивното живеење во тој простор се, токму, тумулите од околината на градот Ајга, старата престолнина на македонскте кралеви. Ваквото просторно совпаѓање на бригиските погребни објекти – тумулите и центарот на македонското кралство, заедно со гробниците на македонските кралеви, кои се појавуваат на истиот простор (Кутлеш е дел од истата област) дополнето со културното и јазичното совпаѓање меѓу Македонците и Бригијците создава основа за продлабочена научна анализа и истражување.

Тумулот „Страгата“ пред ископувањето

Самото присуство на повеќе десетици тумули на релативно мал простор во споменатата долина, која Крушевичка Река ја дели на два, речиси, исти делови нѐ наведува на констатција дека во бронзеното и железното време во неа се случило особено населување. Со оглед на фактот што појавата на тумулите и појавата на Македонците на Балканот, исто така, се во извесно временско совпаѓање предизвикува на продлабочено размислување, анализа и истражување на овој факт. Големото присуство на споменатите погребни објекти имплицира помисла за своевидно „царство“ на тумулите во овој дел од областа, а нивното натамошно истражување може да доведе до значајни археолошки откритија, но и до потврда и дополнување на извесни историски сознанија. Во тој контекст, неизоставно не допира помислата за големиот број легенди и преданија во Мариово за извесни кралства, кралеви и кралици, кои се присутни до денес меѓу населението на областа. Имајќи го предвид преданието за првите македонски кралеви, односно, за браќата Пердика, Гаван и Аероп, раскажано од Херодот,17 тумулите од споменатата долина добиваат на значење. Имено, пред да дојдат во Долна Македонија и да го формираат Македонското кралство со центар во Ајга на реката Бистрица, браќата биле присутни во  Горна Македонија каде, исто така, се соочуваме со „царство“ од тумули. Атарите на селата Крушевица и Чаниште временски коинцидираат со посочениот простор на реката Бистрица, како што коинцидираат и некои други географски и културни особини на тој простор, па повторно сме предизвикани на сериозна размисла за местото во кое престојувале браќата, односно, за спомената Лебаја кај Херодот и за кралот кај кого браќата слугувале.

Тумулот од л. „Ѓерамиди“ со „Убава Глава“ во позадина

Доколку станува збор за населбите од периодот на тумулите, освен погореспоменатата населба на локалитетот „Ѓерамиди“ кај селото Чаниште, која поседува култура од многу подлабоката праисторија – неолитот, во околината на долината со тумулите се среќаваат повеќе други остатоци од населби од праисторискиот период. Токму со нив би требало да ги поврземе овие погребни објекти, односно, со жителите на тие населби, кои ги погребувале своите покојници во нив и ги правеле сите почести, обреди и жртвувања поврзани со култот на претците и актуелната религија. Меѓу најистакнатите населби од периферијата на споменатата долина ја истакнуваме населбата од локалитетот „Трештена Стена“ во атарот на селото Манастир, всушност, на тромеѓето од атарите на селата Чаниште, Крушевица и Манастир. Овој локалитет, кој го откривме во далечната 1996 година е истражуван неколку години со ред и, притоа, се пронајдени бројни и значајни наоди поврзани со културата на жителите на населбата. Според археологот Александар Миткоски, оваа населба егзистирала во крајот на неолитот и бронзениот период. Во нејзина поблиска околина се поголем број тумули од локалитетот „Падиште“, „Таламбасица Падината“, како и неколку во потегот кон селото Чаниште.

Антопоморфен сад од л. „Трештена Стена“ (А. Миткоски)

Во околината на споменатиот локалитет „Падиште“ од атарот на селото Крушевица, на североисточниот раб на овој локалитет, на еден карпест рид и неговата околина, на локалитетот „Ковчезите“ се наоѓала населба од бронзениот период и железното време. Од истиот атар е и локалитетот „Котелот“, кој содржи остатоци од култура од праисторијата, како и неговиот близок локалитет „Коњарникот“, кои се поблиски до тумулите од локалитетот „Три Дабици“.

Надгробен споменик со натпис од локалитетот „Три Кладенци“ во близина на „Убава Глава“

Многу значаен локалитет, со остатоци на култура од праисторијата, особено бронзениот период, железното време и архајскиот период е локалитетот „Богданова Нива“ во атарот на селото Чаниште, наспроти селото Манастир, кој е малку поодалечен од нашата долина, но некои од тумулите не се многу далеку од него. Култура од тие периоди во атарот на селото Чаниште, остатоци од стари населби се и „Кукулати Камен“, „Главицата“, „Ташова Ливада“, сите од атарот на селото Чаниште.

Две фигури од локалитетот „Трештена Стена“ – од трудот на Александар Миткоски

Посебно ќе го истакнеме локалитетот „Убава Глава“, кој се наоѓа северно од селото Чаниште, на еден доминантен рид, кој „владее“ со долината на Крушевичка Река и ја „држи“ контролата на долината на Црна Река. Во неговата околина се наоѓаат десетина тумули од локалитетот „Барата“, „Попов Нос“ и некои други локалитети. На него се констаирани остатоци од тврдина од доцната антика и средниот век, но се среќават и остатоци и од постарите периоди, особено, бронзеното и железното време.

 

1 Се работи за времето на Првата светска војна, кога е ископуван еден тумул во близина на лкалитетот „Св. Петка – Голем Даб“ крај патот Витолиште – Живово, а било ископувано и на локалитетот „Грамади“ од страна на С. Стефанов и, притоа, било констатирано дека се работи за остатоци од населба од неолитот (Александар Миткоски, Мариово во праисторијата, МАА бр. 19 2004 2006, Скопје 2010, 52.

2 Ivan Mikulčić, Pelagonija u svetlosti arheoloških nalaza – od egejske seobe do Avgusta, Arheološko društvo Jugoslavije – Arheološki muzej  – Skopje, Skopje 1966, 14, 15.

3 Александар Миткоски, Мариово во праисторијата, МАА бр. 19 2004 2006, Скопје 2010, 49 – 64.

4 Исто, 50.

5 Александар Миткоски, Железното време во Мариово, МАКЕДОНСКО НАСЛЕДСТВО, бр.9, Скопје 1999.

6 Исто.

7 Александар Миткоски, Мариово во праисторијата, 52 – 54. Александар Миткоски, Железното време …,

8 Исто. Тренчо Димитриоски, Древна цивилизација II – Мариово, РАСТЕР-КОМ – Прилеп, Прилеп 2002.

9 Александар Миткоски, Примарниот тумул од локалитетот Страгата кај село Крушевица, Мариово (https://www.academia.edu/62958305/BE_Primarniot_tumul_od_lokalitetot_Stragata_kaj_selo_Kru%C5%A1evica_Mariovo). Александар Миткоски, Мариово во праисторијата, 57, 58.

10 Александар Миткоски, Мариово во праисторијата, 58, 60 и 75.

11 Наде Проева, Студии за античките Македонци,

12 За нас се познати 2 во атарот на селото Крушевица и две во Чаниште.

13 Елеонора Петрова, Бриги, 107 и 208. Наде Проева, Студии за античките Македонци, Historia Antiqua Macedonica, Скопје 1997, 100.

14 Наде Проева, Студии за античките Македонци, 98, 103. Вакво именување се среќава кај Стефан Византиски (Ethnika, s.v. Brygias).

15 Елеонора Петрова, Бриги, 208. За Пелагонија е потврдено дека имала бригиска популација и во историското време.

16 Наде Проева, Студии за античките Македонци, Скопје 1997, 293. Елеонора Петрова, Бриги,. Никола Шелдаров – Виктор Лилчиќ, Кралевите на античка Македонија и нивните монети во Република Македонија.

17 Херодотова историја, превод од грчки Милан Арсенић, Матица српска, Нови Сад 1988, 279, 280.