МАРИОВО – ОБЛАСТ НА ПРЕДАНИЈА, ПРИКАЗНИ, МИСТЕРИИ, МАТЕРИЈАЛНА КУЛТУРА И НЕЗАПИРЛИВА ВЕРБА ВО ОПСТАНОКОТ
Мариово е област во Македонија со површина од над 1000 (1035) km2 , речиси, целосно запоставена и потценета, економски и културно запустена и отфрлена од сите стратегии за развој. Погрешно категоризирана, погрешно карактеризирана, погрешно третирана. Експлоатирана, потценета и манипулирана од позиција на присвоен повисок авторитет, гледана низ предрасуди и чувство на повисока вредност, опстојувала во најтешки времиња, а беше уништена (ова не го признавам) во, наводно, напредно општество.
Мариово опстануваше во најтешките периоди, со жителство, со економија, со култура, со традиција. Падна во времето на „напредната“ стратегија позната како „индустријализација и интензификација на земјоделството“. За време на едно „напредно“ општество, по кое тагува бесцелна носталгија на денешницата. Оваа стратегија е одамна заборавена, а за младите генерации е смешна и несфатлива. Денес, моќните стратези во државата сѐ уште ја практикуваат – свесно или несвесно. Областа е доведена во колапс. За нејзиниот опстој се борат една рака (можеби и повеќе) ентузијасти, луѓе по потекло опд областа или, едноставно, вљубеници во својот крај и непокорници. Верувам во нивната моќ, речиси, сум сигурен дека ќе успеат. Зашто се убедени во својата цел, зашто беспоштедно се вложуваат, зашто имаат верба!!! Нивната моќ е неограничена зашто извира од нивната душа, а енергијата ја црпат од нивната незгаслива желба да се биде свој, да се биде дрво со корен, да не се напушта своето, да се почитуваат претците и родната грутка. И, знам, само тоа има иднина!!!
Мариово е географска област полна со природни ресурси, со потисната култура, со мистерии, преданија, легенди и приказни за невидено богатство и чуда!!! Низ него и денес се движат безброј занесеници, трагачи по богатства, авантуристи и ентузијасти. И луѓе искрени, со незгаслив оган во срцето и во душата, луѓе со соништа и нескротлива енергија.
Она што некогаш беше извесен стопански капацитет, денес е сосема напуштен, а нови зафати, речиси и не се случуваат. Всушност, за тоа нема ниту услови и можности, бидејќи во поголемиот дел од областа владее екстремно лоша патна инфраструктура, лошо водоснабдување, лошо снабдување со електрична енергија – проследено со чести и долги прекини и сл. Лошата или никаква здравствена покриеност, без организиран превоз, без уредување на пасиштата, без создавање услови за напојување на добитокот, без соодветно внимание од страна на надлежните институции во државата придонесува за натамошно празнење на областа од, и така, малиот број жители во триесетината села.
Несоодветниот, односно, потценувачкиот однос на државните институции во текот на неколку изминати децении остави пустош во областа, а таквиот однос продолжува и денес. Така тврди Иницијативниот одбор за поттикнување на развојот во Мариово, кој е активен неколку години и спроведува разни активности за да го привлече вниманието на сегашните државни институции да прекинат со потценувачкиот и понижувачки однос кон областа, како и кон жителите во неа. И предупредува: идејата е родена, а енергијата е неизмерлива. Победата е неизбежна!!!
Освен малиот број жители, денес, во оваа област има значителен број повремени жители, меѓу кои и такви, кои се занимават и со различни стопански дејности. Особено е нагласен бројот на одгледувачи на пчели, фирми кои се занимаваат со рударство – експлоатација на гранит, мермер, оникс и слично, а има и еден број на лица кои ги обновуваат своите стари куќи или градат нови, како и такви кои се обидуваат во областа на туризмот.
Постојат и извесен број примери на повратници во областа, кои се занимаваат со производство на разновидни производи, па дури и со покомплетно производство потребно за опстанок на едно семејство, односно, ја следат традицијата на областа, од вемето кога семејствата си обезбедуваа артикли за опстанок од домашно роизводство. Тоа е, особено, интересно од аспект на производство на здрава, односно, еколошки исправна храна.
Непостоењето елементарни услови, како што се патната мрежа, водоснабдувањето, здравството, превозот и слично, животот во овој простор го прави, особено, комплициран. Членовите на ИОПРОМ, сметаат дека необезбедувањето на голем број од општите услови за живот во областа Мариово е законска обврска и одговорност, која со децении е запоставувана и, поради тоа, се соочуваме со ваквата состојба. Тие се прашуваат, како е можно толкаво негирање на сопствените законски обврски и сметаат дека се работи за вистинско потценување на областа, Мариово, на жителите кои живеат во неа а, во крајна линија, на самиот закон, кој ги обврзува на конкретни должности и одговорности.
Во саботата, на 19.11.2022 година, по иницијатива на ИОПРОМ, беше реализирана работна посета на делот од Мариово, кој припаѓа на општина Прилеп, од екипа формирана од градоначалникот на Прилеп, Борче Јовчески и членови на споменатиот Одбор за утврдување на состојбите на лице место, подготовка на план и создавање услови за почеток на реализација на обврските, кои се во надлежност на општината. ИОПРОМ смета дека активностите треба да започнат веднаш, затоа што се работи за елемнтарни услови за живот и работа во областа, односно, за елементарни услови, кои можат да бидат само почеток за промена на досегашниот однос и почеток за натамошен развој.
Градоначалникот, Борче Јовчески, вети дека општината ќе направи план и ќе започне со активностите со расположливите средства на општината и општинските јавни претпријатија. Членовите на ИОПРОМ се подготвени во својата мисија да ги анимират надлежните институции да се ангажираат во обезбедувањето основни услови во областа Мариово и анимација на стопанските области и ресурси за нејзин развој. За таа цел, тие ќе продолжат со својата активност, односно, организирање јавни собири, писмено обраќање до институциите, па и протести и блокади, сѐ со цел да се освести соодветниот корпус институции во државата за ангажман во поправање на состојбите и создавање услови за развој на областа.
Неколку единствени примери на ентузијастички стопански зафати од индивидуалци со нескршлива волја се гаранција за успехот на идејата со која се зафатија поголема група вљубеници и ентузијасти во Одборот за поттикнување на развојот на оваа, неправедно потценета, запоставена и понижена област. Бидете тука, следето го незапирливот раст на една безмилосно уништена област, полна со природни ресурси, културно наследство, преданија, легенди, незаборавни приказни и мистерии и, сето тоа, во неповторлив природен амбиент! Круна на сето тоа е нескршливата волја на малиот број жители и вербата во опстанокот. Пелагон, заедно со Вас, ќе го следи тој незапирлив раст, кој допрва ќе следи!