ЦРКВАТА „СВЕТА ПЕТКА“ КАЈ СЕЛОТО БРАЈЧИНО, РЕСЕНСКО, СО ЖИВОПИС ОД 15 ВЕК ИЗРАБОТЕН ОД НЕПОЗНАТ КОСТУРСКИ МАЈСТОР

Во полите на Баба Планина, високо над брегот на Преспанското Езеро, на околу половина час пешачење над селото Брајчино се наоѓа еден од најстарите и најинтересни манастири во овој крај. Тоа е манастирот со црквата „Св. Петка“, кој на ова место, со падови и воздигнување, опстојува околу 5 века. За тоа зборува живописот во црквата, кој бил изработен од непознат живописец од костурскиот зографски круг. Најстариот живопис е датиран во крајот на 15 век, а на ѕидовите на црквата се среќаваат фрески и од подоцнежните периоди, како од 16, и 18 век.1 

Пред манастирот „Св. Петка“

            Манастирот е сместен на една поголема рамна тераса на планината, опкружена со пасишта и шума од даб, бука, леска, јасен и сл. Тој е снабден со бистра планинска вода, која е еден од условите за изборот на локацијата. Од почетокот на изградбата на манастирот сочувана е само малата градба на црквата, која претставува еднокорабна градба со тристрана апсида. Не е познато зошто, но во извесен период од последните векови манастирот изгледа бил напуштен, запоставен и, во голема мерка, ограбен и уништен. Северниот ѕид на малата црква бил делумно, а јужниот целосно срушен. Според извесни податоци, оваа несреќа манастирот ја доживеал во 17 век.2 За среќа, по неговото обновување во 18 век, сепак, биле затекнати зачувани делови од најстариот живопис во црквата, кои и денес можат да се видат. При обновувањето на манастирот црквата доживеала извесни архитектонски доградби и измени. Била изградена припрата, а бил проширен и наосот на старата градба на црквата за околу 0,40 m.3

Црквата „Св. Петка“ од североисток

            Најстариот живопис од 15 век е зачуван на источниот и западниот ѕид од наосот, како и на западниот ѕид однадвор. Живописот на источниот ѕид ја раскажува основната и суштинска мисла на христијанството. Во главната ниша на апсидата, конхата, која располага со богато и впечатливо украсен триумфален лак, во горниот дел, ја среќаваме Мајката божја, односно, Св. Богородица Небесна со малиот Исус. Во долниот дел на конхата, во средишниот простор е насликана служба, Света литургија, со покриениот Исус Христос – жртва, поставен на чесната маса, со путирот со лажиче на страната на нозете, а сослужители се св. Василиј од десната – јужна страна и св. Јован Златоуст од левата – северна страна. Од двете страни на чесната трпеза стојат по еден ангел-ѓакон, а меѓу нив е насликан херувим – ангел од највисок ред.

ЖИВОПИСОТ НА ИСТОЧНИОТ ЅИД

            Во највисоката зона на живописот на источниот ѕид е насликана композицијата Вознесение, која според познавачите, веројатно потекнува од најстариот живопис од 15 век, но дека подоцна е обновувана од подоцнежните сликари, односно, реставрирани се делови од неа. Веднаш под Вознесението е насликано Благовештението, разделено од двете страни на апсидата. На северната страна се појавува Архангел Гаврил со црвени крилја и во црвена царска облека, во рацете држи жезол (скиптар) и благословува. На јужната страна е насликана св. Богородица во исправена положба, со отворена дланка на десната рака, која се појавува под мафорионот (наметката) и спуштена лева рака во која држи предиво. Зад ликот на св. Богородица е претставена фигура на светец во стоечка положба, кој во рацете држи натпис на правоаголна плочка. Ликот на светецот е многу оштетен, а натписот со неговото име е тешко да се идентификува.

Живописот на источниот ѕид

            Од двете страни на конхата, е поставен по еден светец од најпознатите столпници, поставени на капители – св. Симеон од северната и св. Данаил Столпник од јужната страна. Столбот на Данаил е целиот богато украсен со растителни мотиви и изгледа мошне свечено, а на столбот на кој е поставен Симеон украсувањето е забалежливо само на капителот, од кој излегува спуштена надолу неговата десна нога, додека украсувањето на стеблото тешко се идентификува поради оштетување на боите. Двајцата светци во десната рака држат крст од сличен тип, односно, крст со еден вертикален крак и три хоризонтални. Ликовите на овие светци прикажуваат два постари лика со сериозен и благ израз на лицето, а притоа, ликот на Симеон оддава впечаток на поголема смиреност, додека на Данаил на продлабочена размисла со поглед свретен нагоре, кон небесата.

Сцената со Исус Христос жртва од олтарниот простор

              Во најдолниот ред на источниот ѕид, лево (северно) од конхата до споменатиот столпник, Симеон, во нишата (протезисот) е насликан архиѓаконот Стефан, облечен во богослужбена облека, односно, стихар (вообичаена облека за свештениците) и орар (неизоставен дел од облеката при богослужба), украсен со крстови и везови, како и црвена наметка украсена со бисери. Од десната (јужна страна) во ниша го среќаваме, силно изразен, ликот на св. Роман Мелод, со црвена коса и ретка брада и мустаќи. Тој е облечен во бела украсена облека, орар украсен со бисери и црвена наметка. Во рацете држи свеќа и дарохранителка. Десно од нишата со св. Роман Мелод е насликан уште еден лик, веројатно, уште еден архиѓакон во исправена положба.

ЗАПАДНИОТ ЅИД ВО НАОСОТ

            На западниот ѕид во наосот, се среќаваме со повеќе композиции, теми и ликови од христијанството. На највисоката зона на овој ѕид се забалежува лошо зачувана композиција, Преображение, која е во многу потемнета состојба. Исус Христос, облечен во бело, стои и благословува. Свртени кон него околу се старозаветните пророци поставени во издвоени зраковидни мандорли (елипсовидни рамки – ореоли). Лево пророкот Илија, кој држи затворена книга во рацете, десно, со испружени раце е Мојсеј, во подножјето на гората Тавор се тројца апостоли во различни положби со нивните тела, лево апостолот Петар, клечејќи, гледа во Христа, во средината Јован, а десно Јаков паднат на грб.

Св. Архангел Михаил

            Во позачувана форма е композицијата Вознесение на св. Богородица, која се наоѓа во централниот дел на ѕидот. Богородица, во легната положба, со скрстени раце, е поставена на одар, а апостол Петар кади кај зглавјето. Апостол Павле стои крај нозете на Богородица, а други четворица, предводени од Јаков и Андреј, се наоѓаат над одарот. Другите се симетрично распоредени околу одарот. Христос, со душата на Богородица во рацете и по еден ангел со црвени крилја од двете негови страни се насликани во белузлава полукружна мандорла. Од двете страни на мандорлата се наоѓа по еден белокос архиереј со затворен кодекс во рацете. Под одарот, покриен со пурпурна ткаенина, се наоѓа сцена во која ангел со меч му ги отсекува рацете на грешниот и безбожен Јефониј. Издвоени со бордура, од двете страни на Успението стојат светите пеачи – Јован Дамаскин од јужната и Козма Мајумски од северната страна, а под нив, во медалјон, ги среќаваме св. Екатерина, јужно и св. Ефтимиј, северно. Св. Екатерина е со круна на главата, во црвена облека со маченички крст во десната рака, а Ефтимиј е претставен проќелав, со долга и бела брада, во рацете држи свиток и благословува.

Св. Константин и св. Елена

            Од јужната страна на влезот во црквата се наоѓа впечатлива фигура на св. Архангел Михаил, во царски и убаво украсен костум, со црвени крилја и со подигнат меч во десната рака, а свиток со натпис во левата. Северно од влезот се претставени св. Константин и св. Елена со вообичаениот дрвен и украсен крст меѓу нив. Двата лика се со препознатливи особини, во царска, убаво украсена облека, со круни на главите.

ЗАПАДЕН ЅИД, ОД НАДВОРЕШНАТА СТРАНА

Живописот на западниот ѕид надворешна страна

            Надворешната фасада на ѕидот од старата црква бил целосно украсен со живопис и е релативно добро сочуван. На него се среќаваат повеќе сцени од Страшниот суд, односно Второто доаѓање на Исус Христос, како и сцени од христијанските празници и христијански светци. Традицијата на сликање на Страшниот суд на западниот ѕид е, речиси, вообичаена по христијанските цркви, но на западниот ѕид на црквата „Св. Петка“ во Брајчино, освен од Страшниот суд, се соочуваме и со христијански ликовни содржини од историјата на христијанството.

Од живописот на западниот ѕид – надворешна страна (деизис)

            Во централниот дел на ѕидот е патронската фреска, која ја прикажува св. Петка. Тука светицата ја среќаваме во вообичаена облека со црвена боја, со крст во десната рака и со отворена дланка на левата рака. Целата фигура е ставена во свечен портал со столбови во долниот дел и впечатливо украсување во горниот дел. Гледајќи го овој приказ на св. Петка, Викторија Поповска – Коробар изнесува сомневање дали се работи за светицата св. Параскева Римска или за некоја од другите две светици со исто име, св. Параскева Иконијска или св. Параскева Епиватска. Имено, датумот на празникот кој, во манастирот во Брајчино се слави на 8-ми август, се однесува на св. Параскева Римска, но приказот во патронската ниша, според, Поповска -Коробар упатува на св. Параскева Епиватска, која се слави во Октомври.4

Св. Петка во патронската ниша

            Во највисокиот дел од живописот, во фронтонот, се среќаваме со ликот на Исус Христос Пантократор, кој е во средината, од неговата јужна страна е св. Богородица, а од северната св. Јован Претеча. Исус е прикажан во свечен лик, во царска облека украсена со многу бисери и скапоцени камења и плитка, богато украсена, круна. Неговата десна рака е стокмена за благословување, а во левата држи книга. Св. Богородица, исто така, во богато украсена облека, со круна на главата, насликана е во положба со глава молитвено наведната кон Исус. Св. Јован е претставен, исто така, наклонет кон Исус Христос, но со поглед насочен кон него.

Св. Мина

            Во полето под фронтонот, односно, во полето во кое се наоѓа нишата со патронот на црквата, св. Петка, претставени се двајца светци, воини. Северно од од св. Петка претставен е св. Ѓорѓи во црвена облека и црвена наметка, на бел коњ, со подигнати предни нозе, а пред коњот ламја, односно, змеј со исправена глава и отворена уста. Светецот со копје го убива змејот и спасува една принцеза, која е претставена во десниот агол од рамката со оваа претстава. Телото на змејот е змијулесто извиткано под нозете на коњот.

Св. Ѓорѓи

            Од јужната страна на патронската ниша, се среќаваме со ретка претстава на св. Мина, исто така, на коњ, облечен во воена облека, со кожен панцир и црвена наметка, со копје во левата рака закосено со острицата нагоре и со знаменце веднаш до делот со острицата. Долу, коњаникот го следат три бели ѕверови со отворени ждрела врзани за вратовите со јажиња, а слични ѕверови, кои личат на бесни кучиња со отворени усти, се надѕираат скриени зад карпа, зад него. Ваквата претстава на св. Мина не е позната досега и претставува особеност на живописот во црквата „Св. Петка“ во Брајчино. Според Викторија Поповска – Коробар, ист приказ на св. Мина има на икона во од иконостасот на црквата „Св. Богородица“ на архонтот Апостолакиј од 1605 година во Костур. Тргнувајќи од стилскоте карактеристики, таа, иконата од костурската црква ја датира во крајот на втората половина на 15 век, како што е датиран и живописот од црквата „Св. Петка“ во Брајчино, па изнесува мислење дека мајсторот на иконата бил од тајфата, која го изработила и живописот во црквата во споменатиот манастир.5

Исус Христос Пантократор

            Претставите и на двата светци – воини, изгледаат впечатливо и, особено содржајно, со извесна доза на динамичност и драматичност, но и поттикнуваат на размислување и истражување на животот на овие значајни христијански ликови и за нивната улога во одбраната и зачувувањето на христијанството, особено во одбраната на монашкиот живот, кој се одвивал со специфична природна средина, во планини и гори, кои се живеалишта и на дивите животни и ѕверови. Фактот што манастирот „Св. Петка“ кај селото Брајчино е сместен во таков планински простор, во полите на планината Баба, можел да биде и инспирација на извесните мајстори на живописот за ваквиот редок приказ на овие воини – светци.

Дел од живописот на западниот ѕид – надворешна страна

            Во најниската зона на надворешната фасада на западниот ѕид, северно од единствениот влез во црквата, се среќаваме со една интересна сцена на рајот, кој е простор заграден со ѕидови и обраснат со дрвја. Внатре, од десната страна, зад портата со огнениот херувим ѕирка лик на праведен разбојник, а ведаш до него на престол седи св. Богородица, со едната рака на коленото, а другата ја држи со отворена дланка пред себе. Веднаш до неа, од левата страна е ликот на Аврам со погледот кон неа, држи души на праведници, какви што има и во позадината. Лево од него седат Јаков и Исак, свртени еден кон друг, во разговор. Овие ликови од стариот завет, непознатиот зограф ги пренесол со особена вештина, со сензибилна стилска изразност и психолшки израз на лицата на претставените ликови, кој оддава впечаток на старечка сериозност, но и духовна динамичност. Од долните ѕидови на рајот излегуват рајските реки.

КОНЦЕПТОТ НА ЗОГРАФОТ ЗА ЖИВОТОТ НА ЗЕМЈАТА И ЗА ЗАДГРОБНИОТ ЖИВОТ

            Концептот, кој го оформил зографот на надворешната фасада од западниот ѕид на црквата „Св. Петка“ во Брајчино, секако заслужува сеопфатна анлиза и толкување. Набљудуван во неговата целост оддава впечаток на продлабочена смисла на прикажување на човечкиот живот низ христијанската мисла и разбирање. Низ призмата на праведноста и неправедноста, на гревот и невиноста.

Св. Варвара

            Ако од северната страна на живописот пред влезот во старата градба на црквата, во долниот дел, е претставен рајот, на јужната страна од влезот среќаваме неколку сцени, кои се однесуваат на пеколот, на судењето на грешниците и на страшниот Тартар. Овој дел од ѕидот е поделен на повеќе полиња. Веднаш до влезот, во повисоката зона, среќаваме претстава на душите во тартар, поле со светла и поле со темна претстава, а веднаш до него, во посебно поле со квадратна димензија, гледаме силно изразена фигура на Ангел господов, кој посветено се занимава со мерењето на гревот на душите, насочувајќи го својот трозабец кон ѓаволите, кои навалуваат на вагата, обидувајќи се да натежнат на некој од тасовите, тргајќи или бесејќи се на нив. Со силно изразени црвени крилја, облечен во црвена облека, украсена со бисери, ангелот, со десната рака замавнува со трозабецот на ѓаволите, а со левата се обидува да ја заштити душата на праведникот од нив.

Од живописот на западниот ѕид надворешна страна

            Во пониската зона од овој дел од живописот, се насликани неколку фигури на грешници, предадени во положба на нивната казна за гревот. Тука се прикажани индивидуални гревови, оној кој орал туѓа земја, воденичар што крадел брашно и лихвар.

Од казната на грешниците

            Гледајќи ги претставите во долните зони од надворешната фасада на живописот на западниот ѕид, се добива впечаток на своевидна ликовна рамнотежа во приказот на задгробниот живот на праведниците и грешниците. Од едната страна – северната, како што веќе опишавме, го среќаваме рајот и рајскиот мир, во богата и убава природна средина, а од другата – пеколот, со измачени ликови, во темен и тесен простор, во друштво со ѓаволи. Нам ни изгледа, особено интересен и другиот дел од овој концепт, особено претставата на потронската ниша со св. Петка, ставена во свечено украсена триумфална арка од двете страни заштитена со два силни христијански ликови, воините-светци, св. Ѓорѓи и св. Мина, во решителна борба со злото, претставено од змејот и дивите ѕверови. На највисока позиција од целиот концепт, како неприкосновен владетел на севкупното постоење, на целокупниот живот, оној на земјата и на задгробниот живот, е поставен Седржецот Исус Христос, во придружба на неговата безгрешна мајка, св. Богородица и неговиот предвестител св. Јован, и двајцата во молитвен наклон кон него. Ваквиот приказ е познат под името деизис.

Св. Богородица од фронтонот на западниот ѕид однадвор

            Мали делови од најстариот живопис од 15 век се среќаваат и на јужниот и западниот ѕид. Делови од него среќаваме на југозападниот агол од јужниот ѕид. Тука се забележуваат две фигури, од кои едната во монашка, а другата во тн. лаичка облека.6 За жал, добар дел од живописот и од подоцнежниот период е оштетен. Од она што е зачувано може да се истакне дека, иако мала градба, црквата содржела интересен, содржаен и добро конципиран живопис, кој заслужува и натамошна анализа на историчарите на уметност. Секако, оваа црква е значаен споменик на културата, особено, на црковната уметност и има свое место во историјата на уметноста на Македонија.

 

1 Викторија Поповска – Коробар, Зидно сликарство с краја XV века у манастирској цркви Свете Петке код Брајчина, Зборник радова Византолошког института XLVI, 2007, (UDK: 75.052:271.222(497.17)„14“), 549, 550.

2 Исто.

3 Исто, 550.

4 Исто, 52, 553.

5 Исто, 557.

6 Исто, 552 и 558.