СВЕТИ ЈОВАН БИГОРСКИ – МАКЕДОНСКИ – ОД МОНАХ ДО ПАТРИЈАРХ И ПРВ АРХИЕПИСКОП НА ОХРИДСКАТА АРХИЕПИСКОПИЈА
Го красат голем број имиња. Се среќава како Јован Дебранин, Јован од Дебарско, Јован Монах, Јован Бигорски, но и св. Јован Бигорски и св. Јован Македонски. Потекнува од западниот дел на Македонија, од околината на Дебар, од село во близина на Галичник, кое до денес не е идентификувано. Mалку се знае за неговото потекло и семејство, а сознанијата за тоа се среќаваат, главно, во преданија од селата во Дебарско, околината во која престојувал и се сподвижувал како монах и старешина на манастир. Можеби најблиску до идентификувањето на неговото место на раѓање се доближил Георги Трајчев од Прилеп кој, извесно време, бил училишен инспектор во Западна Македонија, односно, во Дебарската епархија1 и се обидел да го истражи потеклото на овој светол лик од македонската историја, особено, македонската црковна историја.
Кај постарите автори, како село од кое потекнува овој голем христијански сподвижник од Македонија се среќава извесно име, Агноадника или Агноанднискои, но се добива и впечаток дека се работи за област во Дебарско со такво име. Единствен документ во кој станува збор за местото на потекло и живеење на архиепископот Јован Дебранин или Јован Бигорски е тн. Диканжов каталог или список, односно, Каталог на бугарските архиепископи.2 Во овој каталог за архиепископот Јован се вели дека потекнува од селото Агноандника од околината на Дебар.3 Според него, нема сомневање дека неговото потекло е од село во околината на Дебар, но неговата точна локација до денес не е позната.
Неколку постари автори се обиделе да го идентификуваат местото од кое потекнувал првиот архиепископ на Охридската архиепископјија, но помалку или повеќе, неуспешно. Единствено не е спорно дека ова село се наоѓало во околината на Дебар, односно, во Реканската област. Еден од оние, кои се обидел да го идентификува местото на раѓање на Јован Дебранин е Стамат Стаматов, кој го пишува трудот, „Осмиот патријарх и првиот архиепископ на Охридската патријаршија – архиепископија, монахот Јован Дебранин“. Тој, името на местото запишано во Диканжовиот каталог, Агноандника го третира како погрешно интерпретирано име на грчки јазик, па се обидува да го објасни како „неразбирливо“.4 Тој пренесува мислења и тврдење на повеќе автори, кои изнесуваат став за местото на раѓање на првиот архиепископ на Охридската архиепископија, Јован Бигорски. Така, Голубински за негово родно место го сметал Дебар во областа Агноандника и игумен во манастирот „Св. Богородица“, а Марин Дринов за негово родно место го смета селото Дебар, кое се наоѓало по течението на Црн Дрим и бил игумен во некој тамошен манастир „Св. Богородица“.5
Георги Трајчев, областа Агноандника ја поистоветува со денешниот Рекански крај во западниот дел на Македонија, меѓу Дебар и Маврово.6 Името на местото кое е се споменува во Диканжовиот каталог, Агноандника, Трајчев смета дека е погрешно пренесено и тој смета дека можеби се работи за Агноангнискои, Аноангина што би значело Радишко Грло или Горно Грло, како што ја викале областа тогашните жители.7
Како што забележал и самиот Трајчев, после манастирот „Св. Јован Бигорски“, просторот е навистина таков. Имено, во тој дел, по реката Радика, планините формираат специфичен тесен простор, кој е тешко прооден, формиран од околните планини, Бистра, Шара, Бигор. Токму во тој простор се распоредени селата, Битуше, Ростуше, Требиште, Јанче, Скудриње, Галичник, Долно Косоврасти и други, во „таа теснина (Агноангина)“ како што констатира Трајчев,8 треба да се бара родното место на овој исклучителен Mакедонец, христијански сподвижник и просветител, Јован Бигорски, првиот арехиепископ на Охридската архиепископија. Упатувајќи на тоа дека Јован Бигорски, по потекло е Мијак, Трајчев наведува и еден запис од архимандритот Кирил Рилски, кој потекнува од селто Битуше, Дебарско. Имено, Трајчев го цитира Кирил Рилски, кој изјавува: „По предание се знае дека Јован, родум бил од с. Долно Косоврасти, на патот од Дебар за Гостивар, по десниот брег на реката Радика“.9 Според други автори, монахот Јован потекнувал од селото Требиште (Јаким Деребанов), или Битуше (Ристо Огнановиќ – Лоноски од село Галичник) и тн.10
МОНАХОТ ЈОВАН
Според усните преданија од Дебарско, но и постоечките документи, сигурно е дека првиот архиепископ на Охридската архиепископија , Јован, во раниот живот престојувал како монах во западниот дел на Македонија. Според преданието, тој се повлекол во некое место во споменатата област и започнал монашки живот. Всушност, тој започнал живот на пустиножител во некоја пештера недалеку од манастирот „Св. Јован Бигорски“, односно, на патот од манастирот за селото Галичник. Тука се оддал на пост и молитва станал познат во тој крај. Набрзо нему му се придружиле и други лица од областа, кои се оддале на монаштво. Грижејќи се за нив, тој почнал почесто да го посетува околните села, особено, Галичник чии жители секогаш му помагале со храна. Станало обичај жителите на Галичник да носат во пештерата по едно лепче. Со тек на време, братството се намножил, па групата монаси на чело со Јован Бигорски се повлекла во манастирот „Св. Богородица“ во блиското село, Скудриње.11
Според други автори, Јован Бигорски, бил монах меѓу 1015 и 1018 година, кога по смртта на цар Самоил, бил сменет од поглавар на тогашната Охридска патријаршија и се повлекол во манастирот „Св. Богородица“. Имено, некои од авторите сметаат дека Јован бил осмиот патријарх на Охридската патријаршија, поставен во времето на цар Самоил, но по неговата смрт, кога на неговото место дошол неговиот внук Јован Владислав, кој го убил синот на Самоил, Гаврило Радомир, како и неговиот зет, Јован Владимир, тој морал да се повлече од таа функција, односно, бил испратен на зточение во споменатиот манастир.12 Објаснувањето е дека со доаѓањето на Јован Владислав на власт, кој со интриги и измами ги ликвидирал своите ривали, односно, претенденти на престолот, синот на Самоил, Гаврило и неговиот зет, Владимир, сметајќи го патријархот Јован за приврзаник на семејството на Самоил, го испратил на заточение во манастирот „Св. Богородица“ каде Јован станал игумен на манастирот. Ако се земе дека ова било вистинското случување и му се верува на преданието за Јован во Дебарско, со Јован Владислав, тој по вторпат станува монах и останува како таков до смртта на Владислав, односно до 09.01.1018 година.13 Првиот пат со неговото замонашување во своите помлади години, односно, со оддавање на аскетски живот во пештера во близина на денешниот манастир, „Св. Јован Бигорски“, а вторпат, по смртта на цар Самоил и убиството на неговит син Гаврило Радомир и неговиот зет Јован Владимир.
ИГУМЕН НА МАНАСТИРОТ „СВ. БОГОРОДИЦА“
Според преданието, но и извесни историски текстови, Јован Бигорски бил и старешина, односно, игумен на манастирот, „Св. Богородица“, за чија локација сѐ уште се спори во науката. Според едни, тој манастир бил во Ростуше, според други во Требиште, а се споменуваат и други села во кои се наоѓал манастирот „Св. Богородица“, на пример, селото Скудриње и други села од тој регион. За местото на манастирот „Св. Богородица“ во селото Ростуше, по предание, се знае дека тој опстојувал пред доаѓањето на Турците и дека во турскиот период бил разрушен и на негово место била изградена џамија. По заминувањето на Турците, на истото место, повторно, во 1918 година, била изградена црква од страна на Кирил Рилски. Таа се наоѓа во центарот на селото. Околу оваа црква, како што пренесува, Кирил Рилски, се наоѓале стари и вредни археолошки остатоци, а за самата црква тој тврди дека била од манастирот во кој престојувал Јован Дебранин пред да стане архиепископ на Охридската архиепископија.14 Тој споменува ѕидани и засводени гробници и сл. Тој пренесува еден настан во селото, кога извесен помак сакал да гради куќа. Имено, во 1908 година, копајќи темели за градбата, помакот наишол на добро изѕидана, засводена гробница, а во неа наишол на цело, нерасапднато тело. Помакот решил телото да го фрли во реката Радика, но ноќта на сон му дошол некој човек и му рекол да не го допира телото, зашто човекот е жив и ништо не може да му направи. Тогаш, помакот повторно ја затрупал гробницата и така ја оставил.15
Во преданијата, главно, се пренесува дека Јован Дебранин најпрво се повлекол во аскетски живот во извесна пештера во Дебарско, а откако му се придружиле поголема група монаси – пустиножители, заедно со нив се прибрале во манастирот „Св. Богородица“ каде станал и игумен. Според историските сознанија и настани од неговото време, некои од авторите упатуваат на тоа дека тој бил игумен на споменатиот манастир по смртта на царот Самоил, зашто пред тоа тој бил последниот патријарх на Охридската патријаршија, која како таква била воздигната во Самоиловото царство.16 Имено, по смртта на Самоил, на негово место дошол неговиот син Гварило Радомир, но тој брзо бил ликвидиран од неговиот братучед Јован Владислав, кој го ликвидирал и зетот на Самоил, Јован Владимир. Овие автори претпоставуваат дека Јован Владислав го сметал Јован Бигорски за приврзаник на Самоил, односно, на неговиот син Гаврило Радомир и поради тоа го прогонил во манастирот „Св. Богородица“ каде останал до неговото назначување за архиепископ на Охридската архиепископија од страна на императорот, Василиј II.17 Георги Трајчев пишува дека некои Јован Бигорски го сметале, дури, и за најмал брат на Самоил, Давид, Мојсеј и Арон.18
ПАТРИЈАРХОТ ЈОВАН ДЕБРАНИН
Достапните историски извори се недоволно јасни околу црковните функции на кој бил именуван Јован Бигорски. Поради тоа, различни автори, различно се произнесуваат. Од втората повелба на Василиј II јасно е дека во 1018 година Јован Бигорски бил назначен за архиепископ на Охридската архиепископија, која до паѓањето на цар Самоил била патаријаршија. Тоа се гледа од првата грамота на царот Василиј II. Од достапните историски текстови и документи недоволно е јасно дали Јован бил патријарх и кога е сменет од ова функција. Некои од авторите сметаат дека Јован бил патријарх на Охридската патријаршија, која била подигната на тоа црковно ниво пред 1000-тата година од царот Самоил. По неговата смрт, а поточно по убиството на неговиот син Гаврило Радомир, кој го наследил на престолот, веројатно е дека Јован бил сменет поради неговата блискост со Самоил и царското семејство, бидејќи, неговиот внук Јован Владислав, кој му бил син на Арон, желен за царскиот престол, го убил Гаврило Радомир во 1015 година, а набрзо потоа и зетот на Самоил, Јован Владимир, кој подоцна бил прогласен за светец. Заклучокот дека Јован бил сменет од функцијата патријарх се извлекува од фактот што како близок на Самоил и неговото семејство, Јован Владислав не можел да го остави на таа функција и, веројатно е дека го заменил со друг висок свештеник, а Јован бил испратен во своевидно црковно заточение во манастирот „Св. Богородица“.19
Всушност, според некои автори, Јован Бигорски бил осми по ред патријарх на Охридската патријаршија, а ваквиот заклучок се изведува според Диканжовиот каталог на бугарските архиепископи, каде Јован е наведен како последен, односно, осми патријарх, по Филип, кој е седми.20 Според некои од авторите Јован Бигорски за патријарх е избран, веројатно во 1016 година, но овој момент не е доволно разјаснет, бидејќи според други документи и автори, во времето на царот Јован Владислав (1015 -1018), поглавар на Охридската архиепископија – патријаршија бил Давид, кого го среќаваме во Кратката историја на Јован Скилица, и тоа, на двапати. Првиот пат како учесник во заверата на Јован Владислав при убиството на зетскиот кнез, зет на царот Самоил за неговата ќерка Косара, Јован Владимир, а вториот кога во 1018 година, кај Струмица му предал писмо на царот Василиј II од вдовицата на Јован Владислав, Марија за уасловите под кои таа би ја напуштила земјата.21
ПРВ АРХИЕПИСКОП НА ОХРИДСКАТА АРХИЕПИСКОПИЈА – ЈУСТИНИЈАНА ПРВА
По паѓањето на Самоиловото царство, Јован Дебранин бил поставен за архиепископ на Охридската архиепископија, која на тоа ниво ја симнал Василиј II. Овој податок го среќаваме во грамотите на Василиј II, во кои Јован Дебранин е наречен монахот Јован од Дебар.22 Ваквите податоци упатуват на тоа дека Јован Дебранин (Бигорски), по доаѓањето на власт на Јован Владислав бил испратен на своевидно заточение во манастирот „Св. Богородица“, па веројатно е дека оттаму, сметајќи дека е на соодветно ниво и достоен за таа функција, Василиј II го поставил за архиепископ на Охридската архиепископија.23
Функцијата архиепископ, Јован Бигорски ја обавувал 19 години, односно, од 1018 до 1037 година, кога се упокоил на возраст од 59 години. Ваков податок изнесува Георги Трајчев врз основа на сопствена анализа, претпоставувајќи дека на архиепископското место бил поставен на 40 години и додавајќи ги на нив 19 години на таа функција.24 Како голем духовник и посветен христијански сподвижник, архиепископот Јован се залагал за служба на словенски јазик и работел на создавање и преведување на црковни книги за служба на тој јазик. Познато е дека тој порачувал преводи на стари црковни книги, од грчки на словенски јазик што ја покажува неговата грижа за вистинско пренесување на верата на верниците, односно, се грижел за соодветно црковно христијанско образование, соодветно на народносниот состав на верниците во неговиот крај. Меѓу таквите негови зафати се споменуваат Житијата на свети Антониј Велики и свештеномаченикот Панкратиј епископ Тавромениски.25
Според историските и црковните документи, за време на архиепископот Јован Бигорски, Охридкста архиепископија имала блиски контакти и со Киевската епархија, односно, Киевската епархија била под јурусдикција на Охридската архиепископија. Во тој контекст се споменува и посета на Јован Бигорски на оваа епархија, како и тоа дека тој оваа епархија ја снабдувал со црковни христијански книги, а има индиции дека некои од нив и самиот ги препишувал или преведувал на старословенски јазик со старословенско писмо. „Во дел од односната историографија постои мнение дека во периодот од 988 до 1037, когабила конечно востановена Киевската митрополија од Константинопол, Киевската црковнајерархија била во некаква зависност од Охрид. Така, архиепископот/митрополитот Јован/ којшто се спомнува во Чтението за стратотерпците Борис и Глеб, составено од преподобниотНестор Летописец, Киево-печерски монах (крај на XI или поч. на XII век) и во Сказанието за истите маченици (напишано веројатно од Јаков Црноризец, крај на XI или поч. на XII век),многумина го поистоветуваат со архиепископот Јован Охридски, кој патувал во Киев зацрковни работи (Приселковъ 1913: 40-51; Koch 1938: 273-84; Конески 1976: 63; Ристовски 1988: 87, 90;Чилингиров 2011: 60 и бел. 93). Во една прилика, киевскиот кнез Јарослав го повикалархиепископот Јован да го изврши со големо торжество првиот пренос на моштите насветите маченици Борис и Глеб. Потоа, на совет на архиепископот Јован, кнезот Јарославподигнал голем и прекрасен храм посветен на Мачениците.“26
Од времето кога Јован Дебарски, веќе, бил архиепископ на Охридската Архиепископија потекнува и создавањето на манастирот „Св. Јован Бигорски“, односно, од 1020 година, како што е запишано на еден натпис во овој манастир, но и во натписот на една икона на св. Јован Крстител.27 Имено, според натписот, јасно е дека прв ктитор на овој исклучителен манастир и своевиден центар на христијанството во западниот дел на Македонија бил Јован Дебранин, односно, Јован Бигорски или Јован Охридски, но и св. Јован Македонски. Во врска со овој настан, односно, изградбата на манастирот „Св. Јован Бигорски“ е и една чудотворна икона, која претходно се наоѓала во некоја помала стара црква, која се разрушила, па потоа иконата подолго време се наоѓала на отворено, а жителите од околните села тоа го знаеле и гледале чудесни појави на тоа место. Оваа икона, на сличен, чудесен начин му се прикажала на монахот Јован Дебранин, па по изградбата на манастирот, таа се нашла во него.27а
СВЕТЕЦОТ ЈОВАН МАКЕДОНСКИ ВО КИРИЛСКАТА ЦРКВА ВО КИЕВ
Од блиските контакти на Јован Бигорски со Киевската епархија, за време на неговото поглаварство на Охридската архипископија во денешниот Киев можат да се сретнат траги и спомени. Овој голем христијански сподвижник и поглавар на Охридската црква, бил израмнет по достоинство со најголемите светители, како што се светите Кирил и Методиј и светите Климент и Наум Охридски. Всушност, тој во овој град е воздигнат на ниво на светец, па неговиот лик го среќаваме во црквата „Св. Кирил“, која е посветена на св. Кирил Александриски, кој бил архиепископ во Александрија во петиот век. Неговиот лик бил насликан во северната апсида на црквата, во близина на жртвеникот, заедно со Јосиф Солунски и е претставен како свети Јован Македонски („Иоанъ Македоньски“). Ваквата претстава на Архиепископот Јован во Киев потекнува од третата третина на XII век.28 Според пишаните текстови и документи, нема податок за прогласување на Јован Бигорски за светец, но неговото претставување како таков во Кирилската црква во Киев, секако не е случаен и самоволен акт.
Вквата претстава на Јован Бигорски зборува за големата почит, која му била давана во православното христијанство, особено во тогашното руско христијанство, кое својот корен го има од овие простори, според едни од Константинопол, според други од Охрид.29 Всушност, почитта кон македонските светители во Киевската епархија ни дава јасно до знаење дека нејзината врска со Охридската Архиепископија била многу блиска.
УШТЕ ЕДНАШ ЗА ЛИКОТ И ДЕЛОТО НА ЈОВАН ДЕБРАНИН
Очигледно е дека Јован Дебарски (Дебранин, Бигорски, Јован Монах) е исклучителен лик од македонската црковна, културна и образовна историја. Неговите заложби за вистински однос и вистинско пренесеување на верата, како и неговите заложби за обезбедување соодветна црковна христијанска литература, односно, богослужбени книги за потребите на монасите, свештенослужителите и верниците упатуваат на неговитие исклучителни духовни вредности. Може да се каже дека се работи за личност со длабока посветеност кон верата, но и висока просветеност, со широки познавања во повеќе области, зашто само таква личност можела да биде избрана на такви висок функции како што се патријарх и архиепископ. Некои автори, изнесуваат и своевидни заклучоци и претпоставки за неговиот лик, како и за неговото потекло. Знаејќи го амбиентот на времето во кое живеел Јован Дебранин, може да се претпостави дека тој потекнувал од семејство, кое било на содветно духовно, но и општествено ниво, кое имало можности да им обезбеди на своите членови посоодветно воспитување и образование, какво што Јован Бигорски, секако, поседувал.
Тргнувајќи од ваквите основи, познатиот музиколог, Сотир Голабовски, во својот труд посветен на Јован Кукузел, уште еден познат лик од македонското поднебје, односно, најпознатиот византиски и словенски црковен композитор и музички теоретичар, современик на Јован Дебранин, изнесува мислење или претпоставка, односно, дава можност дека се работи за ист лик. Ова го поткрепува со едно преданике, кое изнесува такво тврдење, но и фактот што и двајцата, според преданието, потекнуваат од истата област, иако се наведуваат различни места на нивното потекло, но и од фактот што се работи за ликови со слично духовно и културно ниво. Еве цитат од трудот на Голабовски:
„Првиот Македонец на кого му било допуштено да биде на чело и да управува со Охридската архиепископија е Јован Дебарски (XI в.), кој според едно народно предание би можел да биде Јован Кукузел Ова предание би можело да има некоја основа, бидејќи знаеме дека тогашните врвни теолози главно биле и врвни музичари. Покрај тоа логично е да се претпостави дека византискиот император Василиј II на такво место можел да постави само човек кој се школувал во Цариград и бил миленик на владејачката класа.“30
1 Георги Трајчев, Принос км историјата на првиот охридски архиепископ Јован од Дебарско, 688.
2 Јеромонах Кирил Бигорски (Делоски), Јован Дебранин како Архиепископ Охридски и прв ктитор на Свештената Бигорска Обител, Реферат произнесен на Првата национална византолошка научна конференција одржана во Охрид на 25 и 26 октомври 2018 лето Господово, 1.
3 Георги Трајчев, Принос км, 688 – 690. Стамат Стаматов, Осмиот патријарх и првиот архиепископ на Охридската патријаршија – архиепископија монахот Јоан Дебранин, втор прилог на периодичното списание „Дебарски глас“, Софија 1940, 17, 18. Јеромонах Кирил Бигорски (Делоски), Јован Дебранин … .
4 Стамат Стаматов, Осмиот патријарх …, 17, 18.
5 Исто.
6 Георги Трајчев, Принос км, 688 – 690.
7 Исто.
8 Исто, 689.
9 Исто. Архимандрит Кирил Рилски, Кратки спомени от управљението ми на Драмската и Дебарската епархии од 1910 до 1920 г.,Софија 1924, 29, 30.
10 Јеромонах Кирил Бигорски (Делоски), Јован Дебранин како Архиепископ Охридски и прв ктитор на Свештената Бигорска Обител, Реферат произнесен на Првата национална византолошка научна конференција одржана во Охрид на 25 и 26 октомври 2018 лето Господово
11 Стамат Стаматов, Осмиот патријарх и првиот архиепископ на Охридската патријаршија – архиепископија монахот Јоан Дебранин, втор прилог на периодичното списание „Дебарски глас“, Софија 1940, 6, 7.
12 Исто, 5 – 7.
13 Исто. Драган Зајковски, Црковната хиерархија на Охридската патријаршија во времето на Самоиловата држава, Историја, ИСТОРИЈА, год. XLVII, бр.1, Здружение на историчарите на Македонија (ЗИРМ), Скопје 2012, 177, 178.
14 Архимандрит Кирил Рилски, Кратки спомени, 29, 30.
15 Исто, 30, 31.
16 Драган Зајковски, Црковната хиерархија на Охридската патријаршија …, 175 – 177.
17 Стамат Стаматов, Осмиот патријарх …, 5 – 13.
18 Георги Трајчев, Принос …, 691.
19 Стамат Стаматов, Осмиот патријарх …, 6, 7.
20 Исто, 5. Драган Зајковски, Црковната хиерархија на Охридската патријаршија …, 175 – 179.
21 Драган Зајковски, Црковната хиерархија на Охридската патријаршија …, 178.
22 Исто, 175 – 179. Стамат Стаматов, Осмиот патријарх …, 5 – 7.
23 Исто. Георги Трајчев, Принос …, 691, 692. (Драган Зајковски смета дека Јован Бигорски бил патријарх од 1015 до 1018 година, а потоа бил детрониран во ерхиепископ на Охридската Архиепископија од страна на царот Василиј II – Види: Д. Зајковски, Црковната хиерархија, 179).
24 Георги Трајчев, Принос …, 692.
25 Јеромонах Кирил Бигорски (Делоски), Јован Дебранин … .
26 Исто.
27 Исто.
27а Исто. Стамат Стаматов, Осмиот патријарх …, 31.
28 Јеромонах Кирил Бигорски (Делоски), Јован Дебранин … .
29 Исто.
30 Сотир Голабовски, Животот и делото на Јован Кукузел, 132.