СТАРИОТ ГРАД ПРИЛЕП БИЛ ГРАД УШТЕ ВО МАКЕДОНСКИОТ И РИМСКИОТ ПЕРИОД (5)
СПОМЕНИЦИ ОД ХРАМОВИ И ДРУГИ ПРЕСТИЖНИ ГРАДБИ ОД АНТИЧКИОТ ПЕРИОД ВО СРЕДНОВЕКОВНИТЕ ЦРКВИ ВО ВАРОШ – ЦРКВАТА „СВЕТИ НИКОЛА“
Во кругот на црквата „Св. Никола“ во Варош, како и во градбата на црквата, на плочникот, како и во самиот ограден ѕид, можат да се видат голем број споменици од престижните градби од римскиот период. Уште голем број такви споменици, кои потекнуваат оттука се наоѓаат во Скопје, главно, во Музеј на Македонија. Голем број од овие споменици се со натписи, а во натписите се среќаваат имиња на повеќе личности, односно, граѓани на Прилеп, со имиња од латинско, но и со имиња од домородно потекло, всушност, имиња, од македонско потекло од античкиот период.

Повеќето од спомениците се од мермер и некои од нив привлекуваат, особено, внимание со нагласената естетика на изработка на релјефни форми и симболи. Еден камен блок, вграден во самата основа на ѕидот на црквата, од десната страна на вратата на западниот ѕид остава силен впечаток со украсниот релјеф и симболиката. На аголот на мермерниот блок, во горниот дел, е изработена форма на глава од овен, а лево и десно – една од широките страни, како и профилот на мермерниот блок ги красат полукружно изработени две гирланди, кои се поврзани над главата на овенот. Главата на овенот, за жал, делумно е оштетена во пределот на устата и носот, но остава впечаток на квалитетна изработка, со правилни форми на ликот, како и добро измазнети овршини. Сличен е квалитетот и на гирландите, кои се украсени со цветни и листовидни форми, како и форми на гроздови од винова лоза.

Објектот кој е украсен со глава од овен и гирланди, можел да претставува дел од едикула, дел од саркофаг или украсен дел од извесна престижна градба.1 Слични украсувања од античкот период можат да се сретнат и на други места во Македонија, како во црквата „Св. Богородица“ во Матка, Скопско, во Охрид и на други места.2
Претставата на овен на овој објект од Варош – Прилеп нѐ упатува на митолошкото време на овие простори, поврзано со преданието за Аргаонаутите, односно, потрагата по златното руно во која биле вклучени голем број митолошки јунаци од овој простор. Покрај Јасон, кој бил предводник на потрагата, во големата екипа биле Херакле, Кастор и Полидевк, Орфеј и многу други.3 Всушност, оваа претстава, веројатно, е поврзана со претхристијанските верувања и култови, па токму поради тоа, има индиции дека овој објект бил дел од извесен антички храм во стариот град Прилеп.

Архитектонски елементи од мермер, кои потекнуваат од античкиот период, особено, римскиот период и доцната антика, односно, раното христијанство, има голем број вградени во градбата на црквата и околу неа. Еден камен блок, со добро обработени правоаголни форми, како и со една страна оформена со рамка и убаво израмнето натписно поле, содржи подолг натпис на кој се споменуваат неколку имиња на граѓани на стариот град, како и едно божество. Натписот потекнува од времето на еден од римските императори, познати како Севери, односно, во првиот дел од натписот го среќаваме името на императорот, Луциј Септимиј Север (193 – 211), а веднаш до него е врежано името на Улпија Исидора,4 веројатно жител на населбата, односно, на градот. Интересно е дека од семејството Улпија потекнува и познатиот римски цар Трајан (98 – 117). Потоа следи името на богот, Сарапис.5 Сарапис бил култ во Египет, а во Македонија, односно, на Балканот е востановен како култ за време на династијата македонски фараони во Египет, Птолемеи, односно од основачот на оваа династија Птолемеј I Сотер (323 – 283), кој бил еден од најблиските другари и генерал, учесник во походот на Александар Македонски, а по неговата смрт станал владател на Египет. Сарапис бил бог на плодородноста и изобилието, како и бог на подземниот свет и здгробниот живот, лечител и спасител.
Во подолниот дел од натписот го среќаваме името, Аврелиј Антигон, па Полемон, три пати се повторува Антигон и уште еднаш богот, Сарапис.Една од формите во кои се содржи името Антигон претставува женско име Антигона. Во

најдолниот дел од натписот среќаваме име на висок службеник, односно, старешина, примипилариј (он).6 Оваа функција, веројатно, се однесува на Аврелиј Антигон, кој, како што се гледа од натписот, носи римско (Аврелиј), но и македонско (Антигон) име. Имено, познато е дека една од династиите македонски кралеви е, токму, Антагониди, востановена од кралот Антигон I Едноокиот (382 – 301 г. п.н.е.), кој бил еден од генералите во војската на Александар Македонски и основач на оваа династија, која владеела со Македонија од 277 до 168 година п.н.е. На тој начин, споменатиот споменик со натпис станува, особено, интересен и содржаен и, секако, заслужува сериозно научно внимание бидејќи е значаен документ за Прилеп, односно, за политичкото, административното и културното ниво на стариот град расположен на ридот Маркови Кули, како и на просторот на Варош и Заград, во времето на првите векови од новата ера.

Интересно е што, веќе, спомеантото име Антигон, од претходниот споменик, во неговата женска форма, се среќава на уште еден споменик пронајден кај црквата „Св. Никола“. Се работи за надгробен споменик во форма на ара, со натпис на една од страните кој, според некои истражувачи, бил поставен од извесен Кокејан, заедно со неговата сестра Антигона Никотихе.7 На него стоела скулптура или биста, веројатно, претстава на покојникот на чиј гроб стоел. Тој се чува во Музејот на Македонија во Скопје.8 На јужната страна од црквата, во близина на оградата се наоѓаат уште два репрезентативни споменици со натписи и релјефни претстави. Тие се во големина до 1,5 m и имаат форма на ара. Едниот од нив е во исправена положба, додека другиот е прекршен во два дела и се наоѓа во легната положба.
Оштетениот споменик, на една од страните има рамкирано правоаголно натписно поле, кое во горниот дел има изработено јавач на коњ од типот Тракиски коњаник, со нешто како штит во десната рака, а левата му е скриена, додека под него е врежан натпис, кој тешко се идентификува во целост. На почетокот се споменува име Овалериј,

потоа едно име Архос и уште едно Парамон.9 Секако се работи за споменик од надгробен карактер, поставен во чест на некој покојник – истакната личност од споменатата населба.
Вториот споменик, кој се наоѓа во негова близина и е поставен во исправена положба, исто така, во форма на ара, на една од страните поседува релјеф на кој се изработени повеќе човечки фигури во различна големина. Ликовите се во голема мерка оштетени од ерозија и тешко е да се каже нешто повеќе за нив. Сосема е веројатно дека овој споменик претставувал и своевиден постамент на кој стоела и друга фигура, односно, скулптура или биста на извесен покојник од повисокиот општествен слој на населбата.

Од западната страна на црквата, во паркот е поставена и една стела со форма на плоча, оштетена во горниот дел, кој бил оформен како ниша во која во релјеф се претставени пет ликови – два возрасни лика – маж и жена и три помали ликови – деца, кои се претставени во различни возрасти, односно, со различна височина. Релјефот, секако, имал за цел да претстави извесно петочлено семејство од градот, а стелата била поставена на гроб од негов покојник. Под нишата со релјефот плочата е мазна и на неа се среќава натпис, кој содржи две имиња, веројатно, на сопругот и сопругата. На натписот, кој е многу оштетен, епиграфичарите успеале да прочитат две имиња, Зосима и Александар (Александрон)10 и, веројатно е дека сопругата Зосима му поставила споменик на својот покоен сопруг Александар. Овде, повторно, среќаваме имиња од македонско, односно, балканско, а и медитеранско потекло. Името Зосима се смета за име со балканско потекло, додека за Александар, може да се каже, дека е едно од најкористените имиња во Македонија, од антиката, па до денес, односно, тоа е најприменуваното македонско име, дома и во светот.

Од црквата „Св. Никола“ во Варош потекнуваат уште два споменици со натписи. За жал, натписите се во голема мерка оштетени и се идентификувани само мали фрагменти од нив. Едниот споменик претставува надгробен споменик – плоча од мермер со горен дел оформен во триаголник – тимпанон украсен со релјеф со претстава на Тракиски коњаник, во полето веднаш под него се изработени четири човечки фигури во различна големина, а во најдолното поле има натпис,11 на кој се распознаваат само мал дел од зборовите и тешко може да се идентификува име или сличен термин, но јасно е дека се работи за споменик на извесен покојник од градот.

Вториот споменик е, исто така, стела со натпис со 1,72 m височина, 0,65 m ширина и 0,13 m дебелина.12 На неа, исто така, се среќава натпис, кој располага со текст во 4 реда, но во голема мерка оштетен и е идентификуван само мал дел од него.13
Во ѕидот на црквата „Св. Никола“, како и во нејзиниот двор и парковските површини се среќаваат уште голем број споменици во различни архитектонски форми, како фрагменти од столбови, основи од столбови со различни пречници, плочи од мермер и слично. Вниманието го привлекуваат еден камен објект, кој претставува дел од направа за гмечење овошје, односно, за цедење сок, кој се наоѓа на парковската површина од западната страна на црквата, кој е изработен од домороден гранитен камен. Од истата страна, поблиску до црквата, на плочникот среќаваме еден поголем квадратно оформен блок од мермер со издлабен квадратен објект во неговиот централен дел кој, веројатно, бил дел од извесна архитектонска градба од постар период.

За камената пластика со интересни украсувања во релјеф, главно на северниот ѕид на црквата, кои потекнуваат од ранохристијанска црква на ова место, веќе пишувавме во поранешен прилог.14
Сите овие споменици од црквата „Св. Никола“ оддаваат впечаток на развиена култура, најмалку во римскиот период, со нагласено естетско ниво, кое упатува на античка населба со особено значење, односно, населба од градски карактер. Тоа значи дека сите карактеризации на античката населба во околината на денешниот Варош и ридот Маркови Кули, кои говорат за населба од понизок ранг и дека прилеп прераснал во значајна населба – град дури во средниот век мораат да бидат соочени со фактот дека, на просторот на днешниот Варош,особено во рамките на црквите, се среќаваат толку многу споменици од античкиот период што е силна потврда дека се работи за значајна населба, односно, населба од повисок ранг, всушност, град уште во тој период.
1 Виктор Лилчиќ, Македонскиот камен за боговите, за христијаните и за живот о животот, том I, Македонска цивилизација, Скопје 2001, 388.
2 Исто, 138 и 358.
3 Роберт Гревс, Грчки митови, Фамилет, Белград 1999, 444 – 450.
4 Fanula Papazoglu, Milena Milin, Marijana Ricl, Inscriptiones Graecae, Epiri, Macedoniae, Thraciae, Skythiae, Berolini – Novi Eboraci MIM, 103, 104.
5 Исто.
6 Исто.
7 Исто, 105.
8 Исто.
9 Исто, 105, 106.
10 Исто, 104.
11 Исто, 107.
12 Исто.
13 Исто.
14 (Тренчо Димитриоски, Ранохристијанските цркви во стариот град Прилеп, https://www.pelagon.mk/2021/03/05/).
Фрагмент од мермерен столб на јужниот ѕид на црквата Црквата „Св. Никола“ во Варош – Прилеп од југоисточна страна Мермерни блокови на плочникот пред црквата „Св. Никола“ Архитектонски елемент од мермер во парковска површина Надгробен споменик со претстава на семејство пред црквата – детал Мермерни блокови во црковниот двор Голем мермерен блок со издлабен сад во центарлниот дел Мермерен стол со правоаголен пресек на западниот ѕид на црквата Камениот блок со натпис од времето на Северите на аголот на западниот ѕид Мермерен блок на јужниот ѕид Мермерен блок на јужниот ѕид -2 Мермерен блок вграден во ѕидот на црквата Голем споменик во форма на ара украсен со релјеф од јужната страна на црквата скршен на два дела Фрагмент од мермерен столб во црковниот двор Мермерен блок вграден во ѕидот на црквата – јужен ѕид Надгробна плоча од мермер од поново време