ВОЈВОДАТА МЕТОДИЈА ПАТЧЕВ, КАКО УЧЕНИК ВО ОХРИД, „СО ПОМОШ“ НА СЛАВНИОТ АНТИЧКИ ФИЛОЗОФ, СОКРАТ, ГИ СТАВИЛ СВОИТЕ УЧИТЕЛИ „ПОД НОЗЕ“

По повод 121 година од битката во Кадино Село, Прилепско, и херојскиот чин на четата на војводата Методија Патчев

             Есента 1901 година, откако Никола Петров Русински го напуштиле местото војвода на прилепската чета, кратко време на тоа место дошол Даме Попов од селото Долнени. Доцна есента за околиски војвода во Прилеп бил назначен Методија Патчев од Охрид. На таа дожност го назначил Даме Груев, кој во тоа време се наоѓал во битолскиот затвор на отслужување казна.1 Должноста ја примил во Селце, во близина на Прилеп каде отишол во придржба на прилепчанецот Рампо Пешков.2 Патчев се покажал како способен организатор и агитатор и набрзо ги зацврстил редовите на Организацијата во Прилеп. Во првите месеци на 1902 година ги зацврстил комитетите во прилепските села, а успеал и да ја прошири Орагнизацијата и во селата, кои дотогаш не биле вклучени во неа. Познато е дека во Орагнаизацијата го вклучил селото Ракле во областа Прекурид, кое дотогаш не било вклучено.3 Посебно се залагал, секое село да располага со извесно количество пушки и муниција.4

           

Војводата Методија Петчев

Методи Патчев е роден во Охрид, во сиромашното семејството на рибарот, Јаќим и Марија. Семејството било многубројно, со четири машки деца – Коста, Сандре, Никола и Методија и едно женско – Вета. Сепак, Методија успеал да заврши прогимназија во Охрид, а потоа заминал во Пловдив каде работел како кожувар. Извесно време му помагал и на својот тако во риболовот, борејќи се за опстанок на своето семејство и за себе. Желен да го продолжи образованието, се обидел да најде подршка во Солун и Софија, но не успеал во тоа. Започнал да го посетува специјалното училиште во Самоков каде учел повеќе занаети, но се вклучил и во работата на револуционерниот кружок, кој таму бил многу активен.

МЕТОДИЈА ПАТЧЕВ ГО ЧИТАЛ СОКРАТ

            Во Охрид Патчев бил еден од редовните посетители на Неделното училиште каде еден негов настап не ги оставил рамнодушни, ниту неговите учители. Еве што ни пренесува еден од неговите учители: „Во неделни и празнични денови секогаш ги водевме учениците во црква. Еден од најредовните посетители во неделното училиште беше младото кожуварче Методи Патчев, кој имаше завршено трети клас. Тој често ме посетуваше во станот. Еден ден, на почетокот на пролетта, Методи ми рече: „И јас сакам да држам збор во неделното училиште. Ве молам да ми помогнете. Во библиотеката од училиштето имаше една убава книга на руски јазик за Сократ. Му ја дадов и му помогнав да напише состав за него. Кога го читаше сите беа восхитени. Многумина од учителите му рекоа: „Методи, ти не стави под нозе!5

            Пред поставувањето за војвода во Прилеп, Методија Патчев, веќе имал зад себе подолга кариера на активен и бескомпромисен борец и револуционер во Македонската револуционерна организација. Неговата дејност, посебно, се засилила по поставувањето за учител во Охрид во учебната 1896/97 година. Заедно со Христо Узунов тие биле столбови на организацијата ВМРО во Охрид. По налог на Охридскиот револуционерен комитет, Методија Патчев извршил смртна пресуда над Димитар Грданов, кој бил соработник и шпиун на

српската пропаганда во градот.6 Во врска со ова убиство, турската власт уапсила повеќе лица во Охрид, а меу нив бил и Методија Патчев, кој бил осуден на 15 години робија. По поднесувањето жалби до повисоките судови, тој, на 19 јули/1 август нов стил, 1901 година добил ослободителна пресуда.7

            Уште се доаѓањето во Прилепско, Патчев добил наредби од Организацијата, за егзекуција на лица кои ја попречуваат нејзината дејност. Неговата чета го ликвидирала членот на Организацијата, Тале Горанов, кој бил дури и војвода во Охрид, но исклучително недисциплиниран и со лош карактер8 со кој нанесувал ненадоместливи штети на револуционерната дејност. Четата на Методија Патчев, посебно, ја редизвикала турската власт по ликвидирањето на учителот, Милан Чорбев, во селото Мажучиште, Прилепско, па потерите и проследувањето биле видно засилени. Димитар Димески – историчар од Прилеп – истакнува дека ова убиство било директно поврзано со уништувањето на четата во Кадино Село, Прилепско. Историчарите не се единствени во врска со учеството на Методија Патчев во убиството на Милан Чорбев, кој исто така, бил член на Револуционерната организација.9

НЕВИДЕНО ХЕРОЈСТВО ВО СТАРАТА КУЛА НА ВРБОВЦИ ВО КАДИНО СЕЛО

            На 24 март стар стил, односно, на 6 април нов стил 902 година (недела), четата на Методија Патчев, составена од 7 комити, заедно со војводата Патчев, дошла во Кадино Село, Прилепско.10 Четата имала таен состанок со двајца свештеници и неколку жители на селото. Додека траел состанокот, старата турска кула во која се наоѓале комитите и другите повикани на средбата, била опколена од едно одделение на турската жандармерија од 50 души. Подоцна пристигнала и кавалерија (коњица), како и пешадија од Прилеп, но и засилување од Битола. На турските регуларни единици им се придружил и башибозук од околните села.11 Меѓу башибозукот бил и ознатиот разбојник Расим со група од 25 души.12

Гробот во кој се погребани Војводата Методија Патчев и неговите комити

            Борбата почнала на 24 март, односно, 6 април, нов стил, во неделата вечерта. Додека Г. Трајчев наведува дека четата броела 8 души, Д. Димески тврди дека четата била составена од 7 души. Наспроти малата чета, од другата страна имало силен турски аскер од неколку стотици војници. Во изворите кои ги користи Димески се истакнуваат различни бројки. Додека кај Христо Силјанов се истакнува дека аскерот броел околу 500 души, во весникот „Реформи“ се тврди дека имало 850 души. Во трет извор се наведуваат дури 880 души. За сите овие бројки Димитар Димески смета дека се хиперболизирани.13 Четата се борела храбро и долго време ги одбивала нападите на многубројниот турски аскер, кој жестоко напаѓал на кулата во која биле лоцирани комитите на чело со војводата, Патчев. Во понеделникот претпладне нападите на Турците зачестиле и, поради тоа, четата останала без муниција. Не гледајќи друг излез, прифатлив за вистински револуционери и борци за слободата на својата татковина, Македонија, комитите решиле сами да си го одземат животот за да не паднат во рацете на непријателот. Следел трогателен и драматичен чин, исполнет со трагичност, но и фатална решителност, величенственост и херојство. Најпрво биле искршени пушките за да не паднат во рацете на Турците. Потоа, војводата Методија Патчев, со револвер ги застрелал сите другари од четата. Тие умирале прегрнати двајца, по двајца.14 Кога завршил со тешката задача да ги убие сопствените другари, Патчев се обидел да изведе уште една херојска акција. Зел две преостанати бомби, излегол од кулата и ги фрлил на аскерот. Времето било дождливо и, поради влагата, бомбите не експлодирале. Војводата се вратил во кулата и, стрелајќи си со револверот во устата, си го одзел животот.15 Херојската чета на Методија Патчев, заедно со херојскиот војвода, несебично го вложила својот последен залог за слободата на Македонија. Битката, според Трајчев, траела два дена.16 Според Д. Димески, битката започнала во неделата вечерта, а завршила следниот ден во претпладневните часови.17

Од одбележувањето на настанот оваа година

            По завршувањето на херојскиот чин и прекинувањето на стрелбата од кулата, Турците се охрабриле и влегле во неа. Како што беше наведено погоре, според Димески седуммина, а според Трајчев осуммина револуционери лежеле на подот облеани во крв.18 Сликата во кулата, со која се соочиле Турците, воопшто, не им одговарала. Затоа набрзина подготвиле маса со печено јагне и вино покрај мртвите тела на хероите и така ги фотографирале.19

Тројца потомци на војводата на гробот во Кадино Село

            Според текст, објавен по повод херојската смрт на комитите од четата на Методија Патчев, седуммината убиени биле:

  1. Методија Патчев, војвода од Охрид, учител на 27 години.
  2. Арсение …, од селото Козица, Кичевско, учител на 23 години.
  3. Стефан …, на 34 години
  4. Ѓорѓи …, од Демирхисарско (Битолско), земјоделец на 20 години
  5. Рафаел …, од Демирхисарско (Битолско), земјоделец на 23 години
  6. Коте …, од Битола, кројач на 20 години.
  7. Коста …, од селото Долгаец, Прилепско (денес општина Долнени), земјоделец на 40 години.

На турската страна имало голем број мртви и ранети. Димески споменува педесетина мртви и ранети Турци.20 Кај Трајчев е наведена бројка од 63 мртви и ранети Турци.21

Од одбележувањето на датумот на битката во 2019 година

Веднаш по битката почнале апсења на сомнителни лица. За неколку дена биле уапсени 12 лица, меѓу кои, најмногу од Кадино Село.22 Во облеката на војводата Методија Патчев Турците нашле неколку писма и една тетратка со шифрирани списоци на имиња на раководители на Организацијата во Прилепско, кои власта, за неполн месец, успеала да ги дешифрира и била разоткриена мрежата на Организацијата во Прилепско. Биле испратени многубројни потери по селата и следел уште еден бран голем број апсења и затворања во Прилепско и Мариово. По неколкумесечен престој во прилепскиот затвор, затворениците врзани во синџири и, под силно обезбедување, биле спроведени во битолскиот затвор.23 Од сите затворени лица биле осудени 16, а другите, поради недостиг на докази биле ослободени.24 Освен апсењата, Турците правеле и голем број други малтретирања на населението во Прилепско. „Утрината аскерот навлегува во селата и ја претресува секоја селска куќа: едни барале комити и пушки, други моми и невести, јајца, кокошки, маст, тенџериња, чорапи … селанецот никогаш не преживеал такви зулуми“ – пишува весникот „Реформи“ во текстот под наслов „Ужасна афера во Прилепско“.25

 ЧЕТАТА НА МЕТОДИЈА ПАТЧЕВ БИЛА ПРЕДАДЕНА

Драматичниот настан во кадино Село предизвикал пошироко внимание. Денот по битката, 8-ми април 1902 година, во Кадино Село пристигнале странските конзули од Битола во придружба на битолскиот валија, Хасан Едип – паша. Тие сами се увериле во херојскиот чин на војводата Методија Патчев и неговата чета. Големиот број жртви во нападот на кулата во Кадино Село, меѓу турските сили, како и трогателниот и трагичен настан со самоубиството на цлата чета биле директни причини за сменувањето на прилепскиот кајмакам, што следело набрзо по битката.26

За виновник за трагичниот крај на чеатата на војводата Методија Патчев, Организацијата го прогласила кметот на Кадино Село, кого го сметала за предавник. Кратко време по крвавиот настан двајца луѓе на Организацијата го следеле кметот на Кадино Село и, во погоден момент, стрелале во него. Атентатот бил извршен на 15.05.1902 година среде прилепската чаршија.27 Тој бил тешко ранет, но успеал да се излекува. Поради овој атентат следело апсење на 8 лица во Прилеп од турската власт. Подоцна кметот на Кадино Село бил убиен од четата на Петар Ацев.28 Според Димитар Димески, четата била предадена на турската власт од  страна на селскиот кмет од непознати причини.29 Според едни извори, предавникот се викал Ристо, според други Станко Врба.30

Цветан Самарџиоски од Кадино Село го поттикна одбележувањето на овој настан пред неколку децении

Во народното предание, кое настанало по потресниот настан на саможртва на четата на Методија Патчев во Кадино Село, предавникот не е селскиот кмет, туку извесен Станко, кој на денот на престојот на четата во селото, дошол во Прилеп за да купи риби за гостите. Постоја три варијанти за тоа како е извршено предавството. Според една, директен предавник е Станко од Кадино Село. Според другите две тој несвесно ја предал четата. Според втората варијанта, Станко му кажал на рибарот од кого ги купил рибите дека тие се наменети за да се нагостат комитите од четата, која се наоѓала во селото. Рибарот веднаш отишол во касарната во Прилеп и му пренесол на командантот на касарната. Според третата варијанта, Станко му кажал на извесен Павле Прдан, кој отишол кај мајка му на учителот Милан Чорбев, кој бил убиен во Мажучиште, ѝ кажал дека четата на Патчев е во кадино Село, а таа отишла во касарната и му кажала на командантот.31 Варијантата дека предавството на Патчев и неговата чета во Кадино Село е направено како одмазда за убиениот учител, Милан Чорбев, во селото Мажучиште, меѓу населението во Прилепско, посебно во Кадино Село, е присутна и денес.

            По самоубиствениот чин во Кадино Село, Прилепско останало без сопствена чета. Затоа, Окружниот комитет во Битола му дал налог на војводата Ѓорѓи Сугарев да замине во овој реон, обезбедувајќи му неколку комити. „За да се закрепи духот меѓу населението во Прилепско и да се докаже на турците дека не може да не истребат, макар ја избијат целата чета, окружното управително тело препиша веднаш да замине Сугарев за Прилепско, давајќи му неколку четници.“32

 

1 Димитар Димески, Македонското националноослободително движење во Битолскиот вилает (1893 – 1903), НИО „Студентски збор“, Скопје 1982, белешка 53, 420.

2 Георги Трајчев, Град Прилеп, Софија 1925, 232.

3 Димитар Димески, Македонското националноослободително движење …, 420.

4 Исто.

5 Коста Николов, Странстваниата на еден учител, Спомени, Издателство „Каролов и сие“

6 Димитар Димески, Македонското, 310, 311. Востаничкото движење во Југозападна Македонија по спомени на Славејко Арсов, книга II, Материјали за македонската национал-револуциона историја, Научен институт за национална историја на македонскиот народ, 12.

7 Димитар Димески, Македонското националноослободително движење …, 312, 313. Востаничкото движење …, 12.

8 Димитар Димески, Македонското националноослободително движење …, 379, 380.

9 Види во насловот, „Убиството на учителот Милан Чорбев во Мажучиште“.

10 Г. Трајчев, Град Прилеп, 233.

                Според Димитар Димески четата броела 7 души. (Види: Д. Димески, Аферите во Битолслкот вилает (1895 – 1903), Книгоиздателство Матица Македонска, Скопје 1993, 74). Ѓорѓи Поп Христов, исто така, наведува дека четата на Методија Патчев била составена од 7 души (Види: Ѓ. П. Христов, Спомени, 37). Дека четата броела 7 души потврдува и војводата, сограѓанин и соработник на Патчев, Христо Узунов во своите спомени. (Види: Дневници и спомени за блгарската историја, ДНЕВНИЦИ И СПОМЕНИ ЗА ИЛИНДЕНСКО-РЕОБРАЖЕНСКОТО ВОСТАНИЕ, Издателство на отечествениот фронт, Софија 1984, 84. )

11 Г. Трајчев, Град Прилеп, 233. Д. Димески, Аферите …, 70, 71.

12 Д. Димески, Аферите …, 71.

13 Исто, 72 и белешка 363 на истата страна.

14 Исто, 72.

15 Исто, 72, 73.

16 Г. Трајчев, Град Прилеп, 233.

17 Д. Димески, Аферите …, 70, 71.

18 Види фуснота 9..

19 Д. Димески, Аферите …, 74.

20 Исто, 74.

21 Г. Трајчев, Град Прилеп, Табела на битки во востанието, 236.

22 Д. Димески, Аферите …, 75, 76. (Димески изнесува список со имињата на уапсените).

23 Исто, 75 – 80. (Димески изнесува список на уапсени и при овој бран на апсења во Прилепско. Во списокот се наведени имиња на 68 уапсени) Г. Трајчев, Град Прилеп, 233, 234. (Трајчев тврди дека во апсењето биле

опфатени 18 села во Прилепското поле, 6 села во Мариово, а имало апсење и во Прилеп. Димески наведува дека се упасени околу 100 лица, а 66 од нив биле спроведени во Битола).

24 Г. Трајчев, Град Прилеп, 234. Д. Димески, Аферите …, 82.

25 Д. Димески, Аферите …, 76 и белешка 415 на истата страна.

                Г. Трајчев, исто така, наведува дека, освен апсењата, Турците  вршеле „нечуени зулуми“ (Види: Г. Трајчев, Град Прилеп, 233).

26 Д. Димески, Аферите …, 75.

27 Г. Трајчев, Град Прилеп, 264.

28 Исто, 234.

29 Д. Димески, Аферите …, 70.

30 Исто. (Според спомените на Крсте Гермов – Шакир).

31 Танас Вражиноски, Илинденското востание во Прилепско и некои други региони во Македонија (Според репертоарот на Велко Дуртаноски, раскажувач од с. Кривогаштани), Прилеп и Прилепско (1893 – 1918), 280, 281.

32 Славејко Арсов, Востаничкото движење во Југозападна Македонија …, спомени, 23.