ДокументиИсторија

ВОЈВОДАТА И РЕВОЛУЦИОНЕР, ХРИСТО УЗУНОВ – ДУЛЕ – БЛАГОСЛОВЕН ОД ГРИГОР ПРЛИЧЕВ, „КРСТЕН“ ОД ДАМЕ ГРУЕВ

118 години од невиденото херојство на војводата Христо Узунов и неговата чета во селото Цер, Кичевско

            Ликовите како оние на охриѓаните, Методија Патчев и Христо Узунов не можат да изб

ледат во општата меморија на македонскиот народ. Неповторливата саможртва, која ја дале за слободата на Македонија, како и чистината и искреноста со која овие двајца револуционери му пристапиле на овој свет долг кон татковината ги надминуваат границите на просечноста и ги воздигнуваат нивните ликови на небото на општочовечкиот копнеж и општочовечката борба за слобода. Токму ваквите ликови од македонската историја се вистински столбови на македонскиот нескршлив дух, на македонскиот иднтитет и на македонскиот национален и културен опстој. Всушност, тие се глогов кол во срцето на бескрупулозните пропаганди на соседните држави во обидите да го негираат, да го потиснат и уништат мекедонското неколкуилјадно национално, историско и културно живеење на овој простор, често како главен фактор на општиот културен и историски развој во овој дел од светот, па и во поширокиот свет.

Христо Узунов во помладите години

            Христо Узунов, кој е познат и под името Дуле, како и под други псевдоними (Арсениј, Арсо, Маглата, Ристо и Самуил), е роден во семејството на Димитрија Узунов, учител, близок роднина и пријател и соработник на Григор Прличев и на Анастасија, која потекнувала од семејство Чакарови и е вистински лик на херојска мајка. Според, тврдењето на истражувачите на ликот на Христо Узунов, но и според тврдењето на самиот Узунов, Анастасија е, токму, главниот воспитувач на свите деца во македонски патриотски дух. Татко му на Христо Узунов починал многу рано, 1887 година, кога Христо имал само 8 години. Тоа се случило во Куманово, според некои од природна смрт, но начинот на кој се случило тоа давал сомневање дека бил отруен.1

            Товарот за подигнување на децата и одржувањето на семејството останал на Анастасија која, според современиците, била ена од ретко убавите жени во Охрид и Струга и имала понуди за брак од угледни охриѓани и стружани, но таа решила да му се посвети на своите деца,2 да ги одгледа, воспита и насочи на вистинскиот пат.

            Уште со раѓањето на Христо Узунов, на третиот ден, кога се собрале роднините за да го благословат малиот охриѓанец, неговиот роднина, големиот поет и преродбеник, Григор Прличев, го благословил со следните зборови: „На планина знаме да развеваш! Македонија од ропство ти да ја ослободиш!3 Христо Узунов завршил четиркласно училиште во Охрид, а потоа Педагошко училиште во Солун. Токму во Солун, тој бил посветен, односно, „крстен“ во Македонската револуционерна организција од еден од нејзините основачи и водачи, Даме Груев.4 Од тој момент, животот на Христо Узунов станал, организирање на населението, борба, затвор и учителствување. Веднаш по завршувањето на педагошкото училиште бил назначен за учител во Дедеагач, но неговите сограѓани, кои многу го сакале младиот Узунов, брзо реагирале и не го пуштиле од Охрид, туку го поставиле за учител во едно од основните училишта во градот. Тој бил многу омилен кај охриѓани и му дале прекар Дуле.5 Учителствувал три години и за тоа време, односно во 1898 година за првпат бил затворен по ликвидирањето на еден србоман, Димитар Грдан. Него, сред бел ден во градот, го застрелал младиот учител и соборец на Узунов, Методија Патчев. За убиството на Грдан биле затворени Методија Патчев, Христо Узунов, Кирил Прличев и др. Од затворот, Христо Узунов, на својата мајка и пишува: „Во името на моите свети чувства кон тебе – те молам немој да се грижиш, ниту да плачеш за мене. Ќе се чувствувам најзадоволен ако ти со твоето поведение бидеш пример за другите мајки.6 По шест месеци, во април 1899 година, бил пуштен од затворот, а во учебната 1901-1902 година бил назначен за учител, но не можел слободно да ја извршува својата учителска дејност, бидејќи постојано бил проследуван од власта.

Споменикот Христо Узунов во Цер 2

            Во јануари 1902 година, Христо Узунов, без посебно испитување, повторно се нашол во затвор каде останал до март 1903 година. По излегувањето од затворот, тој отишол да ја посети својата мајка, која била во нејзиниот роден град, Струга.7 Токму во тоа време, во битка, загинал Тома Давидов, кој бил војвода на охридската чета, па неговото место го зазел Христо Узунов. Тоа значи дека станал раководител на Организацијата за Охридско и Дримколско.8 Бил способен и многу активен организатор и ги зацврстил редовите на Организацијата во неговиот реон. на Смилевскиот конгрес тој бил поставен за воен началник на реонот и учествувал во многу битки. По задушувањето на Илинднското востание, за разлика од голем број војводи, револуционери и борци, кои се повлекле во Бугарија, Христо Узунов, како и Даме Груев, останал во својот реон. Чувствувал голема вина за страдањето на населението како последица на востанието и, поради тоа, и самиот страдал. Познат е еден негов трогателен говор, кој го одржал пред жителите на селото Куратица. Обраќајќи им се, тој им рекол: „Браќа, сакавме сонце, не добивме ниту искра. Посакавме и ние, како и другите, да живееме во слобода а, ете, со крв и оган се залеа нашата земја. И за сето тоа – знаете ли? Јас сум виновен. Затоа ви се предавам вам – што сакате правете со мене. Предадете ме, убијте ме …“ Настанало општо плачење. Узунов бил премален и блед, а очите му биле полни со тага. Некоја баба, низ солзи, извикала: „Гледајте, Христос! Втор Христос!“ Никој не помислил да го обвини или укори, па така, во општа тага завршил тој настан.9

Споменикот Христо Узунов и неговите комити во Цер 2

            Во 1904 година, Христо Узунов бил поставен за секретар на Прилепскиот конгрес и продолжил со својата револуционерна и организаторска дејност. Тој е еден од ретките револуционери, кој со крајна посвета и со искрен пристап работел на делото. Тоа го правел сѐ до 11 (стар стил), односно, 24 (нов стил) април, 1905 година кога, следен од турската потера, со својата чета бил обиколен во селото Цер, Кичевско. Тука дошол со уште двајца војводи, Ванчо Србакот и Петре Георгиев – Пеце, односно, со вкупно, уште 14 комити.10

Селото Цер денес

            Според еден од авторите, кои го опишуваат настанот со битката во Цер и загинувањето на целата чета со саможртва, Узунов со четата бил испратен во Кичевско да ликвидира, дури, 15 предавници и шпиуни, а тоа требало да го направи за една ноќ и брзо да се врати во Охридско.11 При тргнувањето за селото Цер, Христо Узунов испратил курир од Крушево во селото Пуста Река, но од Пуста Река не бил испратен курир до селото Цер, каде требало да стигне четата. Таа била постојано следена од турска војска и, како што тврди еден од авторите, кои го опишуваат овој настан, таа имала намера да ги нападне и убие сите од четата во местото „Скала – Порадин“, но откако сфатила дека четата се упатила кон селото Цер, ја пропуштила слободно да влезе во него.12

Од старата архитектура на селото Цер

            За случајот, особено драматично, раскажува во своите спомени, Тома Николов, кој е свештеник, но и револуционер, раководител во Организцијата. Тој, во тоа време, од Кичево тргнал на гости во манастирот „Св. Богородица Пречиста“, кој се наоѓа во планината над градот. Над селото Манастирско Доленци, го пристигнал курир, кој му предал писмо и го предупредил дека е итно. Тома Николов го отворил писмото и брзо сфатил дека тоа е од Христо Узунов.13 Еве што пишува Тома Николов: „Го отворив писмото и видов дека тоа е напишано од Узунов, кој ме известуваше дека од Крушево, придружен од 15 добро вооружени четници и двајца комити: Ванчо Србаков и Пецето (се мисли на Петре Георгиев, зм.) и оди за Кичевско за да го исполни во една ноќ решението за погубување на петнаесетина ренегати (всушност, предавници, зм.), кои откако ќе ги егзекутира по хунски, истата ноќ заедно со четата да го напушти Кичевско. Во манастирот поминав како на трње и другиот ден веднаш се вратив во Кичево, и покрај настојувањето на игуменот да останам. Вечерта ја запалив ламбата во својата соба, но уште со запалувањето шишето прсна на неколку парчиња. Тоа нешто ме пронижа како со нож и ме исполни со суеверие, дека ќе се случи некоја несреќа. Зараната, на чисти понеделник, за време на страсната седмица, по Битолскиот пат забележав како се движи војска со горска артилерија на чело со кичевскиот кајмакам со брз од и во голема тревога. Излегов на пазарот и научив дека во с. Цер била опсадена една чета и таа војска одела на помош. Таа информација ме прободи како нож, зашто разбрав дека била опсадена Узуновата чета, на пат од Крушевско за Кичевско.14

Црквата „Св. Никола“ – во Цер

            Тома Николов веднаш испратил курир со писмо за да ги информира војводите од околните села, како војводата Лазар и Алексо Стефанов, за да се собере селска милиција и да ѝ помогне на четата. Милицијата се собрала во селото Мало Црско, но преку денот не можела да замине кон селото Цер на помош на четата, зашто местото било голо и каменесто, наблизу било албанското село Слп, а имало и големо движење на турска војска и башибозук, па војводите со четите и милицијата морале да ја чекаат ноќта.15

Од Чествувањето за Узунов пред неколку години

            Узунов со четата влегол во селото Цер, во зорите на 11/24 април. Влегле во куќата на Спасен Филипов Цивиров. Тука биле почестени со кафе од домаќините, но уморени од патот, кога Ванчо Србаков зел да го пие кафето, задремал, па го испуштил филџанот на подот и кафето му се истурило. На тоа Узунов реагирал со зборовите, „Таа дремка не е на арно“.16 Во тоа време, селото било опсадено од турската војска подготвена за напад. Откако убаво се разденило, затрубиле труби и почнале стрелби од оружје. Во меѓувреме пристигнала дополнителна војска од Кичево, а со нив довлечкале и еден планински топ.17 Жителите се преплашиле и ги затвориле и замандалиле вратите на своите куќи. Христо Узунов со четата излегол од куќата во која биле запоседнати и се обидел да излезе со неа од селото, но стрелбата од турската војска била жестока и тоа не било можно. Во таква положба, тој ја нашол новоизградената куќа на мајсторот – ѕидар, Стојан Ѕунов, која ја изградил за еден од синовите, и која биланотворена, ги извадил децата од неа и се забарикадирал внатре со четата. Ванчо Србаков избегал во планината над селото оттаму, со фрлање бомби и стрелба кон војската, се обидел да се пробие, но бил заобиколен и убиен.18

Анастасија – мајка му на Христо Узунов

            Командата на војската од Кичево ги извадила жителите надвор од селото во местото „Преку Шума“ но, притоа, ги задржала првенците во селото, како коџобашијата (кметот), учителот и свештеникот и ги оставила заедно со војската. Тие биле тешко малтретирани, терани пред пушка и пцуени, со закана дека, доколку војводата не се предаде, селото ќе биде запалено и многумина ќе бидат убиени.19

            Узунов, опсаден од војската, добил понуда за да се предаде со четата, а тој одговорил дека ќе се предаде, но само преку ноќта, зашто преку денот му било „срам“ да го направи тоа.20 Во меѓувреме, соочени со безизлезната положба, комитите се договориле никако да не му се предадат живи на турскиот аскер. За тоа време, Узунов, на еден жител на селото, кој бил негов близок пријател, му дал писмо, запечатено со негов, сопствен печат упатено до Окружниот комитет во Битола.21 Во него, меѓу другото, истакнал: „Не верувам дка сме предадени, туку случајно сме откриени зашто војската постојано не следеше. Да избегаме е невозможно; ние направивме голема битка и ако продолжиме да стоиме во селото ризикуваме ова село да го видиме изгорено и да бидеме убиени, поради тоа ни се налага да се самоубиеме за да го спасиме селото без да се предаваме живи. Тоа ќе го направиме. Ве молам, посебно, поздравете ја мојата мила мајка, која никогаш не ми излегла од умот, зашто … нека и таа ми прости дека со ништо не се израдувала од мене.22

            Четата не смеела да излезе од куќата во која се забарикадирала, зашто аскерот бил насекаде и постојано се зголемувал неговиот број, но и турската војска не смеела да се доближи до куќата поради стрелбата на комитите. Командата на турската војска, на разни начини, се обидувала да го убеди војводата да се предаде заедно со четата, но тоа не ѝ успевало. Еднаш, Турците го испратиле свештеникот, тој да се обиде да го убеди Узунов да се предаде, но тоа не му успеало. По него била испратена учителката од селото, која се задржала подолго во куќата со комитската чета а, за тоа време, Узунов напишал писмо до Окружниот комитет во Битола, кое и го предал, а таа го скрила во пазувите и успеала да го сочува, бидејќи Турците жените не ги претресувале.23

Христо Узунов – облечен како свештеник

            Не наоѓајќи друг излез, опсадени од силна војска, комитите, за да не паднат живи во рацете на непријателот, но и за да не бидат живи изгорени во куќата, донесле исклучително смела одлука сами да си го одземат животот. Според една верзија, Узунов, најпрво ги зел пушките и ги искршил, за да не бидат плен на Турците, потоа ги стрелал своите другари и, на крај, самиот се убил.24 Според друга, Узунов ги следел своите другари, кои сами се убивале со своите пушки, а потоа ги уништил пушките. Кога ги слушнале грмежите на пушките во куќата, Турците и башибозукот припукале и, во голем број, се втурнале за да ги земат пушките на комитите. Узунов бил се уште жив и припукал на нив, при што убил двајца, па потоа сам се убил со револверот.25 Турците наишле на мртвите комити и успеале да заробат само две пушки, и тоа од Ванчо Србаков, кој се обидел да се пробие преку планината над селото и бил таму убиен и уште една, од Јордан Годивјанецот (од селото Годивје).26

            На тој начин завршил животот на овој исклучителен лик од македонската историја – учител, војвода, револуционер, способен организатор на македонската борба за слобода и бескомпромисен борец за татковината. Херојски го завршиле својот живот и другите 14 негови соборци од четата, не премислувајќи се сами да си го одземат својт живот во името на Македонија.

            Настанот силно одекнал, не само меѓу турската војска и башибозукот, кој учествувале во битката, туку и кај странските мисии во Македонија. Во Цер пристигнал, лично, началникот на европската жандармерија, капетан Лоди, според едни, за да се увери во самоубиството на четата, според други, тој побрзал да стигне на местото за да ја спаси четата, но кога пристигнал, Узунов и неговите комити, веќе, биле мртви. По негова наредба, херојските борци биле погребани сите во една гробница над селото, во близина на местото „Лакчур“.27

            Набрзо по настанот Организацијата дознала дека се работи за предавство уште при излегувањето на четата од Крушево. Потоа аскерот ја следел четата до селото Цер, каде пристигнала војска од селото Прибилци, од Кичево и други места,28 па така комитите биле опсадени, без можност да го пробијат обрачот.

            Веќе следниот ден по битката, во Кичево стигнало известување дека целата чета се самоубила. Како еден од раководителите на Организацијата, во Кичево бил Тома Николов, кој се сретнал со учителката Коца Галабова, која била од Струга. Пред да замине за Струга за велигденските празници, таа го прашала Тома Николов дали е вистина дека Христо Узунов загинал, но тој не ѝ ја кажал вистината, туку ѝ порачал да ја посети мајката на Узунов во Струга и да ѝ пренесе дека нејзиниот син е жив и ѝ испраќа големи поздрави. Кога учителката Галабова дошла во Струга, ја посетила мајката на војводата, пренесувајќи ѝ го поздравот, но таа не ѝ поверувала и храбро ѝ одговорила: „Поп Тома многу добро знае, но не ти ја кажал вистината за да не ме разжалостува.29

          

1 Симеон Радев, Рани спомени, Ново, коригирано и допълнено издание под редакцията на Траян Радев, Изд. къща Стрелец, София, 1994.

– Симеон Радев е современик и, речиси, врсник на Христо Узунов (бил помал само една година, роден 1879) и многу близок другар со него.

2 Иван И. Карцов, Краток биографически очерк на Христо Узунов, Софија 1908, 6. Симеон Радев, Рани спомени, … .

3 Исто.

4 Исто. Иван И. Карцов, Краток биографически очерк на Христо Узунов, Софија 1908, 6.

5 Исто.

6 Симеон Радев, Рани спомени,… .

7 Иван И. Карцов, Краток биографически очерк …, 7.

8 Исто. Симеон Радев, Рани спомени,… .

9 Симеон Радев, Рани спомени,… .

10 Тома Николов, Спомени из моето минало, Издателство на отешествениот фронт, Софија 1989, 176.

11 Исто.

12 Иван И. Карцов, Краток биографически очерк …, 8.

13 Тома Николов, Спомени из моето минало, …, 176.

14 Исто, 176, 177.

15 Исто, 177.

16 Иван И. Карцов, Краток биографически очерк …, 8.

17 Исто, 9.

18 Исто. Тома Николов, Спомени из моето минало, …, 177.

19 Иван И. Карцов, Краток биографически очерк …, 9, 10.

20 Исто, 10. Тома Николов, Спомени из моето минало, …, 177.

21 Иван И. Карцов, Краток биографически очерк …, 10. Симеон Радев, Рани спомени,… . – Според Симеон Радев, писмото Узунов и го доверил на учителката во селото, која била испратена од Турската војска за да го убеди на предавање.

22 Иван И. Карцов, Краток биографически очерк …, 10,11. Симеон Радев, Рани спомени,… .

23 Симеон Радев, Рани спомени,… .

24 Тома Николов, Спомени из моето минало, …, 177.

25 Иван И. Карцов, Краток биографически очерк …, 11.

26  Исто.

27 Тома Николов, Спомени из моето минало, …, 177, 178. Симеон Радев, Рани спомени,… . Иван И. Карцов, Краток биографически очерк …, 11.

28 Тома Николов, Спомени из моето минало, …, 178.

29 Исто.

Христо Узунов
Христо Узунов