СТРМНИТЕ БРЕГОВИ НА ЦРНА РЕКА ВО МАРИОВО КРИЈАТ ДЕСЕТИЦИ ВИНАРНИЦИ ВО КАМЕН ОД АНТИЧКИОТ ПЕРИОД КОГА БИЛЕ ПОЛНИ СО ВИНОВА ЛОЗА

Екипата на Пелагон откри два нови винарници во, речиси, непристапен простор

            Извесни наоди на материјалната култура по стрмните брегови на Црна Река во Мариово упатуваат на активно користење на тој простор во подлабокото минато. Денешната состојба на сосема напуштена средина, како и суровиот природен изглед на бреговите може да ве залаже во помислата дека тука никогаш немало присуство на каква било култура. Напротив, остатоците на материјална култура од праисторијата до денес, овде се присутни, речиси на секој чекор. Се среќават голем број остатоци населби, населби со тврдини, култни објекти, разновидни објекти во камен и сл. Особено, голем е бројот на објекти во камен познати како винарници, кои биле длабени во погодни карпести површини или на површините на карпите, а служеле за гмечење на грозјето и цедење на гроздовиот сок, кој потоа се собирал во керамички или метални садови.

По античкиот пат покрај Еригон

            Во изминатиот период, односно во годините наназад, нашиот портал Пелагон има регистрирано десетици винарници, поблиску или подалеку на бреговите на Црна Река во Мариово. Тоа упатува на големо присуство на виновата лоза по овие ридести површини од длабоката Скочивирска Клисура, на деловите во областа Мариово во минатото. На некои места има и по неколку, 3-4 и повеќе, винарници на мал простор, кои се сведоци на далечното минато на одгледување винова лоза во тој простор. За тоа говорат и голем број преданија за места во кои се одгледувала виновата лоза, како и големиот број топоними, кои асоцираат на оваа популарна култура. Не се ретки топонимите, како „Стари Лозја“, “Лозата“, „Лазевите“, Горни Лозја“, „Долни Лозја“ и слични топоними во атарите на повеќе села.

            Последниот таков наод на екипата на Пелагон беше сосема изненадувачки. Беа пронајдени два винарници во камен во, речиси, непристапен и тешко прооден реон, на стрмните брегови од левата страна на Црна Река во атарот на селото Чаниште, во потегот кон Расимбегов Мост.

ВИНАРНИК БР. 1

Винарник бр. 1 од југ

            Пробивајќи се по левиот брег на Црна Река и излегувајќи по сосема обрасната козја патека членот на екипата, Воислав Ушкоски, наиде на објект издлабен во карпа со несекојдневна форма. Всушност, се работеше за винарник во карпа, односно, двојно корито, од кој поголемото корито немаше правоаголна форма, туку петоаголна, односно, горниот дел на коритото завршува со тап агол, а надолу зафаќа трапезоидна форма, односно, неговите димензии хармонично се стеснуваат. Според нашите сознанија за разновидни форми на слични објекти во камен, опишаната форма на овој винарник претставува негова специфика и реткост. Коритото било изработено според условите кои ги дава површината на карпата, која има закосена површина во правец северозапад – југоисток и, притоа, големото корито е на горниот, југоисточен дел, а малото на долниот, северозападен дел на карпата.  Самата карпа е со површина од 5-6 m2, од северозападната страна сосема ниска, а од/ јужната и источната со височина и до 1-2 m. Вкупната должина на објектот е 2 m. Краците на аглестиот дел на големoтo корито се со димензии 0,90 х 0,70 m, основата на триаголникот е 1 m, југоисточната страна е долга 1,30 m, северозпадната 1,25 m, а во долниот дел, ширината на коритото е 0,60 m. Двете корита ги дели ѕид со дбелнина од 0,20 m, а поврзани се со отвор во основата на ѕидот со пречник од 0,10 m. Длабочината на големото корито е различна и варира од 0,36 до 0,10 m. Малото корито во кое се слевал исцедениот гроздов сок е со многу помали димензии, 0,50х0,50х0,50х0,40х0,10-0,20 m. Во централниот дел, на дното на малото корито бил издлабен помал кружен дел за таложење на густите делови на сокот. Овој кружен сад е со пречник од 0,20 m и длабочина до 0,7 m.

Работно на
Винарник бр. 1
Фото: Воислав Ушкоски

            На растојание од 0,40 m од темето на аглестиот дел на големото корито, во продолжение на карпата, бил издлабен помал сад со димензии 0,25х0,20х0,7 m, кој веројатно служел за ритуални активности пред почетокот со работа на објектот, односно, пред започнувањето со гмечење на грозјето. На околу 2 m источно, на површината на карпата се среќава уште една издлабена, приближно правоаголна форма на јужнуит раб на карпата која, веројатно била користена за надградба на објектот, односно, конструкција за заштита или покрив. Дека исцедениот сок се собирал во садови имаме потврда во еден фрагмент од устинка од питос, односно, од поголем керамички сад, кој се задржал во близина на објектот. Треба да се напомене дека покрај карпата со објектот се забележуваат делови од тесна патека поплочена со поголеми камени плочи и блокови.

ВИНАРНИК БР. 2  

Винарник бр. 2
Фото: Воислав Ушкоски

            Дека не се работи за осамен наод на винарник, потврда е уште еден таков објект на само десетина метри северно од претходно опишаниот. Винарникот број 2 е со поголеми и правилни форми. Тој е издлабен на ниска карпеста површина со слична насока како и првиот, но со обратен распоред на двата дела, односно, распоредот на неговите два елементи бил рилагоден на закосената површина на карпата. Имено, големото корито на винарникот бр. 2 е на северозападната страна, а малото на југоисточната страна. Овој објект е во дел, кој е многу обраснат со повисоки дрвја, капини, трње и други растителни видови и, некои делови од него се непристапни. Сепак, констатиравме вкупна должина на објектот од 3,25 m. Големиот дел од винарникот е со димензии од 2,10 m должина и 0,90 m ширина, додека малиот дел – коритото во кое се собирала течноста е со димензии 0,90х0,60х090х070 m. Ѕидот што ги раздвојува двата дела е со дебелина од 0,25 m. Длабочината на коритата не може да се измери бидејќи се полни со земја и обраснати со трева и други растенија.

Брегот на кој се наоѓаат двата винарници во камен

            Теренот на кој се расположени двете корита е сосема запуштен и стрмен и може само да претпоставуваме каде и како биле расположени лозовите насади. Имајќи предвид дека во околниот простор се забележуваат некои помали или поголеми простори со релативно зарамнети делови, како и голем број растурени камења, па дури и видливи мали остатоци од подѕидоци, може да се претпостави дека целиот простор, во тоа време, односно, пред околу 2.000 години, бил во многу поинаква форма. Денес, речиси, нема трага од некогашните лозови насади, освен некои диви лозници, главно, покрај самото течение на Црна Река. Нашите два винарници се наоѓаат релативно блиску до реката, на околу 200 m од нејзиното течение и можно е дека просторот за одгледување на винова лоза бил искористен до самата река, каде се среќаваат и рамни земни површини.

Делот на кој се располжени двата винарници со Црна Река

            Со оглед на фактот што, релативно, инцидентно наидовме дури на два винарници во камен на овој ростор, сосема е веројатно дека во нивната околина се кријат и други слични објекти како и други културни објекти и остатоци од материјална култура. Одгледувањето винова лоза е поврзано, не само со прилагодување на соодветен простор за нејзиното засадување и негување, туку и со алтаки за обработка на земјата, огради за заштита од добитокот, алати и предмети, кои се користеле при собирањето на грозјето, гмечењето на гроздовите и собирањето на течноста, како и транспортот на собраната течност до населбата во која живееле одгледувачите, односно, до местото на складирање.

НАСЕЛБАТА ВО КОЈА ЖИВЕЕЛЕ ОДГЛЕДУВАЧИТЕ НА ВИНОВА ЛОЗА, СОПСТВЕНИЦИ НА КАМЕНИТЕ ВИНАРНИЦИ

            Излегувајќи нагоре кон повисоките делови од брегот се среќаваат и други културни остатоци, главно фрагменти од помали или поголеми керамички садови кои упатуваат на остатоци од помала населба во близина и на времето во кое се одгледувала винова лоза на овој простор, односно, на времето од кое потекнуваат погореопишаните винарници во камен. На седлото, на највисокиот дел од брегот наидуваме на многу понагаласено присуство на материјална култура, односно на голем број фрагменти од керамички садови со различна големина и различна дебелина на керамиката, како и остатоци од повеќе подѕидоци и растурен градежен камен. Највиоскиот дел од локалитетот е една помала тумба, која располага со најмногу подѕидани делови и остатоци од градежен камен, како и нагласено присуство на фрагменти од керамички садови, питоси и слично. Керамиката носи белези од македонскиот и римскиот период но, иако ретки, некои од фрагментите упатуваат и наподлабока старост. Наидувајќи на остатоци од населбата, културната слика се дополнува и може да се идентификува појасен концепт на некогашната инфраструктура, на животот и културата, како и на активностите во времето во кое биле активни опишаните содржини. Всушност, сосема слободно може да се каже дека во споменатата населба живееле некогашните одгледувачи на винова лоза на овој дел од брегот на реката Еригон (Црна Река), кои биле изработувачи и сопственици на двата винарници од понискиот дел на брегот.   

Локалитетот со остатоци од населба во близина на винарниците

АНТИЧКИОТ ПАТ ПО ТЕЧЕНИЕТО НА ЦРНА РЕКА ПО КОЈ ПОМИНАЛ И АЛЕКСАНДАР МАКЕДОНСКИ

            Во контекст на погореопишаниот локалитет, неминовно е да се изнесат и извесни други сознанија поврзани со течението на античкиот Еригон, односно, денешната Црна Река. Имено, познато е дека по нејзиното течение водел пат уште од античкиот, односно, македонскиот период, па дури се наведува дека, по тоја пат, во 335 година пред нашата ера поминал и големиот македонски крал и војсководец, Александар Трети – Македонски, кога одел во поход на Илирите на запад, за да го обезбеди своето заминување во подалечните освојувања во Азија.1

Дел од патот по кој поминал македонскиот крал

            По течението на Црна Река, на голем број места се среќаваат остатоци од населби, меѓу кои и населби со тврдини, од различни културни периоди од праисторијата, раноантичкиот, доцноантичкиот период, како и од средниот век. Особено е нагласен бројот на локалитети со значајни културни остатоци во околниот простор на локалитетот на кој се наоѓаат двата винарници, кои ги опишуваме погоре. Такви локалитети се среќаваат на двете страни на реката, како на левиот брег, на кои се наоѓаат опишаните винарници, во атарот на селото Чаниште,2 така и на десниот брег во атарот на селото Манастир.3

            Нагласениот број населби, меѓу другото и од праисторијата, како и евидентниот голем број објекти за гмечење на грозје по бреговите на Црна Река, не наведува на натамошно размислување и анализа, односно, на тоа дека традицијата на одгледување винова лоза и подготовка на производи од грозје, особено вино, на овие простори има многу длабоки корени во времето.      

ВИНОВАТА ЛОЗА, ВИНОТО, БОГОТ ДИОНИС И МАКЕДОНИЈА

Дионис_Louvre_Ma8
Дионис_Louvre_Ma8

Според некои од старите митолошки преданија виновата лоза е карактеристика на овој простор од најстари времиња. Се разбира, со тоа е поврзан и еден од најпопуларните пијалоци, виното, кое нашите претци го пиеле уште во времето на Хомер, односно, најмалку во бронзеното време. Според Хомер и неговиот еп, Илијада, виното се пиело и се користело при принесувањето жртви уште за време на Тројанската војна4 а, секако, неговата појава треба да се бара многу порано. Според преданијата, виното го пронашол самиот бог Дионис,5 чија карактеристика е и бог заштитник на виновата лоза и виното. Нему му се припишува и заслугата за почетоците на развојот на оваа култура, односно, во преданието се вели дека тој самиот ги научил луѓето на одгледување винова лоза и производство на вино. Тој е син на ќерката на Феникиецот Кадмо, Семела и врховниот бог Ѕевс и, поради тоа бил прогонуван од љубоморната сопруга на Ѕевс, Хера. За одмазда, таа му испратила лудило, па оттогаш, следен од голем број митолошки суштества, како Пан и Силен, како и од дива војска од Сатири и Менади вооружени со извесни камшици исплетени од стебла на бршлен, со шишарки на врвовите, кои ги нарекувале тирсови, со мечеви и змии, следени од страшно рикање на бикови скитал низ светот. Интересно е тоа што преданието вели дека Дионис со оваа раскалашна придружба заминал за Египет каде понесол и винова лоза со себе, а таму гостопримство му пружил кралот Протеј на осторвот Фар. По повеќе бурни доживувања, Дионис се упатил кон исток и стигнал до Индија, а таму го развил лозјарството и производството на вино, на Индијците им дал закони и им изградил големи градови.6 Овој поход на Дионис, многу подоцна, според некои автори е инспирација за сличниот поход на Александар Трети – Македонски, кој се движел на слични релации и ги освоил Египет и Индија.

Мозаик од градот Дион - сцена со Дионис
Мозаик од градот Дион – сцена со Дионис

            Од Индија, Дионис со својата дружина повторно се вратил во Европа, односно, во Тракија, Бојотија и другите места на овој дел од Европа. На тој начин тој се наметнал како бог, кој бил почитуван во целиот свет, се вознесол на небото меѓу дванаесетте главни богови и седнал од десната страна на неговиот татко, врховниот бог Ѕевс.7

            Интересно е што од митологијата е познат уште еден исклучителен лик, познат од македонскиот културен и етнички простор, кој е поврзан со Дионис, односно, бил негов свештеник. Тој е славниот музичар и основач на посебен религиски правец познат како орфизам. Една од сличностите на овие два лика е приказната за влегувањето во пеколот и обидот за враќање на своите сакани личности оттаму. Додека Дионис слегол во пеколот за да ја врати оттаму својата мајка Семела,8 Орфеј тоа го направил за својата сакана, Евридика.9 Секако, ваквото слегување во пеколот и враќање на мртви оттаму е поврзано со верувањето во воскреснувањето и ритуалите, кои се правеле за време на соодветните празници во тој период.

Еврипид - Pio-Clementino_Inv302
Еврипид – Pio-Clementino_Inv302

            Култот на Дионис во Македонија бил, особено, жив и развиен, односно, Македонците го славеле со посебен пиетет, нагласени чувства и на автентичен начин. За тоа зборува и трагедијата на познатиот трагичар од антиката, Еврипид, која ја напишал на македонскиот двор во Пела за време на кралот Архелај (413 – 399 п.н.е.). Тоа повторно говори за развиеното лозјарство во Македонија, како и за развиеното производство на вино, со што се поврзани погореопишаните објекти во камен од бреговите на Црна Река. Всушност, во Македонија Еврипид бил воодушевен од култот и процесиите поврзани со него во Македонија што го инспирирало да ја напише една од своите најуспешни  трагедии, „Бакхи“.10

            Овде, во овој краток прилог, неизоставно треба да истакнеме една од главните особини на богот Дионис, како бог кој постојано умирал и воскреснувал, како бог на природата, која во пролетните месеци се „раѓа“ и развива бујно, а во доцните есенски и зимски месеци „умира“, односно, се повлекува во земјата, чекајќи го своето воскреснување во следната пролет. Природниот амбиент во кој се наоѓаат опишаните два винарници, со рановидниот растрителен и животински свет и разановидните природни геолошки форми по бреговите, потсетува на бујната природа, која му се припишувала на споменатиот бог и на неговата способност за воскреснување на севкупната природа.  

            Кога се работи за одгледувањето винова лоза и производството на вино во Македонија, со богот Дионис е поврзана и една интересна митолошка приказна за митолошкиот македонски цар од бригиско потекло, Мида. Имено, тој во Македонија имал многу убави градини и, еднаш, неговите слуги во нив мртов пијан го пронашле сатирот Силен, кој бил учител на Дионис и дел од неговата дива дружина.11

Монета со Силен од Локвени - аверс
Монета со Силен од Локвени – аверс

            Самото славење на Дионис е, особено, раскалашно и диво, со употреба на алкохол и опојни супстанци, со дива игра и песни. Особено се познати таканаречените менади или мајнади, поклонички на култот на Дионис, кои на денот на празникот се впуштаат во крајно опуштено славење на богот, со оргијастички процесии и ритуали, изразувајќи ги сосема слободно природните нагони, собрани во раскалашни дружини, превејќи ритуални активности во длабок занес.12

            Природната околина во просторот во кои се наоѓаат гореопишаните винарници, со своите природни форми, од разноводен геолошки состав асоцира на дионисискиот култ, на неговата разиграна дружина од Пан, Силен, сатири и мајнади, кои се „скамениле“ по високите брегови на дивата античка река Еригон. Освен присуството на дивата лоза, смоквата и другите растенија, кои се припишувале на плодородноста и дарежливоста на древниот бог, покрај речното корито, нагласено е застапен и бршленот, растение кое има посебно место во култната природа на Дионис, како и во неговата примена при неговото славење. Земајќи ги предвид и митолошките преданија за Дионис, како бог кој ја „расеал“ виновата лоза низ светот и ги научил луѓето да ја одгледуваат и да го цедат животоносниот сок, кој го поткрева духот, ги отвора чувствата и го подгрева општото расположение, односно, ги научил да произведуваат вино, нѝ дава можност за натамошна размисла. Всушност, се поставува прашањето дали, можеби, овој простор е поврзан со најстарите корени на оваа култура, односно, одгледувањето на виновата лоза и произвидството на вино, кое започнувало со гмечење на грозјето, токму, во вакви објекти, какви што екипата на Пелагон откри на стрмниот брег во атарот на селото Чаниште. Овие два објекти за гмечење грозје, односно, објекти во камен со двојни корита – винарници се само два експонати од стотиците, кои сме ги регистрирале, документирале, опишале и архивирале до денес во областите Пелагонија, Мариово и Прекурид. Темата за виновата лоза и виното во Македонија е далеку од соодветно истражување и проучување, кое треба да следи во иднина.

Од поширокиот амбиент – асоцијација на дружината на богот на виното

            Фактот дека човекот од многу одамна уживал во виното и го користел во голем број ритуали е потврден преку разни форми на пренесување на сознанијата од минатото, како преку споменатите објекти – винарници, натписи накои се споменува виновата лоза и виното, како и личностите од митологијата поврзани со оваа култура, но и пишаните текстови, уште од настарите познати автори, како што се Хомер, Херодот и други.

            Кога сме кај Македонците и одгледувањето виновата лоза, како и уживањето во нејзиниот главен производ, виното, се знае дека постои разлика и во тоа, како уживале во него жителите на најјужните делови на Балканот, односно, жителите на Атина, Коринт и другите развиени антички градови, од една страна и Македонците од друга. Имено, документирано е дека во споменатите градови држави од југот, виното се пиело мешано со вода во кратери и слични садови, додека Македонците уживале во чисто вино.13

 

1 Аријан, Александровата војна (Анабаза), превод, Милан Стахулјак, Матица српска, Загреб 1952.

2 Тренчо Димитриоски, Древна цивилизација II – Мариово, РАСТЕР-КОМ – Прилеп, Прилеп 2002, 105 – 127.

3 Исто, 71 – 104.

4 Хомер, Илијада, превод, Михаил Петрушевски, Македонска книга, Скопје 1982. – Во Илијада од Хомер се среќаваат голем број описи на употреба на виното при разновидни жртвувања на боговите, но и жртвување при погреби на загинатите јунаци. Исто така, постојат голем број описи на уживање ликовите во епот во виното.

5 Роберт Гревс, Грчки митови, Фамилет, Београд 1999, 85 – 91.

6 Исто, 86.

7 Исто, 87.

8 Исто.

9 Исто, 91, 92.

10 Еврипид, Хиполит, Ифигенија во Авлида, Бакхи, превод, Даница Чадиковска, ЗУМПРЕС, Скопје 1995.

11 Роберт Гревс, Грчки митови, …, 223, 224.

12 Исто, 85 – 91.

13 Наде Проева, Студии за античките Македонци, HISTORIA ANTIQUA MACEDONICA, посебни изданија, книга 5, Скопје 1997.