РЕТКА ПРЕТСТАВА – БОРБА СО КЕНТАУР НА МЕРМЕРНА ПЛОЧА ВГРАДЕНА ВО ЦРКВАТА „СВ. СОФИЈА“ ВО ОХРИД
Фактот што со градот Охрид се поврзани голем број значајни културни содржини од минатото на Македонија и македонскиот народ упатува на неговото значење како своевиден културен центар во овој простор. Специфичните наоди од постарите периоди, односно, културните експонати кои говорат за митолошкото време на овие простори упатуваат на тоа дека Охрид крие значајни содржини и од праисториските периоди, односно, времето за кое нема историски документи и записи. На ова секако се надоврзува приказната за Феникиецот Кадмо и неговата жена Хармонија кои, според митолошките преданија, последните години од својот живот ги поминале меѓу етничката заедница позната како Енхелејци, а кои биле дел од македонскиот етнички и културен круг. Тука, односно, во просторот околу Охрид, а можеби и во самиот Охрид, Кадмо и Хармонија оставиле и свое потомство. Им се родил син, кој се викал Илир, кој го наследил нивното кралство.1
При ископувањата во Охрид, пред неколку години беше пронајдена и една добро сочувана бронзена фигура на Дедал, единствена од ваков вид, исто така, митолошка личност, позната како првиот летач, односно првиот изумител, ковач и архитект, кој успеал да направи крилја и да лета со нив. Според легендата, тој, заедно со неговиот син Икар, летнал од Крит за да избега од одмаздата, која му ја подготвувал кралот Мин(ос). Го опоменал неговиот син да не лета премногу високо зашто крилјата биле залепени со восок, па восокот може да се истопи од сончевите зраци, крилјата да се распаднат и тој да падне на земјата. Икар не го послушал, радосен што може да лета, се вивнал високо на небото, дошол многу блиску до сонцето и неговите крилја не издржале на сончевата топлина. Тие се распаднале, а Икар настрадал.2 Дедал, дошол сам на определената цел во Сицилија.3 Во преданието за него, се вели дека Дедал посетил повеќе други места пред да дојде на Сицилија. Дали, можеби, едно од местата на кои „слетал“ бил и Охрид? Нема такви докази, но бронзената фигура на Дедал, која беше пронајдена во овој град, нѐ доближува до оваа претпоставка, односно, ни потврдува дека Дедал, сепак, бил „присутен“ во стариот Охрид, кој во античко време го носел името Лихнид.
За нас беше, особено, изненадување еден специфичен споменик, кого го забележавме вграден на западниот ѕид, во тремот на црквата „Св. Софија“. Се работи за еден блок или плоча од мермер, кој е вграден на северната половина од западниот ѕид на црквата, лево од една од спорените врати, на кого среќаваме претстава, која предизвикува на размисла за митолошкото време на Охрид и на поширокиот простор. Имено, на плочата релјефно се изработени две фигури, кои упатуваат на тоа. Од левата страна е изработено суштество, кое во горната половина е човек, а во долната коњ, односно, претставува митолошко суштество познато како Кентаур. Од десната страна, во жестока борба, со закосено тело нанапред, забиено со главата и градите во предната страна на телото на Кентаурот, кој е со дигнати предни нозе во борбена позиција, се наоѓа фигура на човек. Долниот дел од телото на Кентаурот е во потклекната положба, со свиткани задни нозе, десната предна нога испружена косо напред, а левата свиткана и поткрената. Горниот дел од телото му е исправен, а главата поднаведната над противникот, со свиткан врат нанапред. Неговиот противник е во потклекната положба, со левата нога потсвиткана и напред, а десната малку повеќе свиткана и назад, што му дава стабилна позиција. Мечот на борецот, кој го држи во десната рака, е забиен длабоко во телото на кентаурот, речиси до дршката, а со левата рака, која му е свиткана и крената над телото, ја турка главата на противникот. За жал, главите на двајцата борци се оштетени и ништо не може да се забележи од нивните ликови.
Борбата е претставена во амбиент со дрвја, со цветови и лисја, што упатува на шума, а овој споменик, веројатно, е дел од подолга претстава, бидјќи се забележува дека плочата е откршена и би можело да се претпостави дека е дел од извесен подолг фриз од некој антички храм со слични претстави.
Не ни е познато дали некој од археолзите ја забележал оваа претстава и дали ја опишал, но Ј. Г. Хан, кој пропатувал низ Македонија во втората половина на 19 век и го посетил Охрид, покрај поголем број други споменици прави опис и на овој споменик.4
Кои се двајцата борци претставени на сликата на споменикот е тешко да се каже, но следејќи ги митолошките преданија, пренесени од повеќе автори, можеме да се доближиме до нивната идентификација. Според митолошките преданија, Кентаурите биле суштества, половина човек, половина коњ, односно, долната половина им била коњ, а горната човек. Кентаури, од друга страна, биле племе кое живеело во северна Тесалија, односно во областа Магнезија. Нивни соседи биле племето Лапити, кои им биле големи противници и постојано воделе меѓусебни борби.5 Претставата во црквата „Св. Софија“ во Охрид може да се однесува, токму, на оваа ривалство меѓу двете племиња. Иако биле големи противници, потеклото на Кентаурите и Лапитите во митолошките преданија е поврзано. Имено, според едно од преданијата, извесен Иксион бил син на кралот на Лапитите, Флегиј. Како гостин на Ѕевс и негов штитеник, Иксион намислил да ја силува Хера, жената на Ѕевс. Ѕевс ги прозрел неговите намери и направил лажна Хера од облаци. Иксион, поднапиен, убаво се забавувал со лажната Хера и не бил во состојба да открие дека не е вистинската Хера. Токму со лажната Хера, која подоцна ја нарекувале Нефела, Иксион добил син, непризнато дете, Кентаур. Кога пораснал во возрасно момче, Кентаур ги оплодил магнезискте кобили и, на тој начин, станал татко на Кентаурите.6 Како син на Иксион го среќаваме и Пиритој или Пејритој, кој е еден од Лапитите и како нивен водач го изгонил „дивиот народ“ Кентаври (Кентаури) од планината Пелион во Тесалија и завладеал со тој простор.7
Една претстава во храм на Тезеј во Атина, кој бил во близина на еден гимназион, кој бил нарекуван Гимназион на Птолемеј, зашто бил основан од него, нѐ доближува до претставата на споменикот од Охрид. Имено, во овој храм на Тезеј, како што соопштува Павсаниј, имало насликано битка меѓу Кентаурите и Лапитите, но и слика на која Тезеј убива еден Кентаур. Иако авторот не пренесува детали за начинот на кој Тезеј го убива Кенатурот,8 оваа сцена, сепак, потсетува на сликата на споменикот од Охрид на која противникот на Кентаурот го зарил својот меч во телото на Кентаурот. Дали можеби тој борец е споменатиот митолошки јунак Тезеј?
Оваа претстава не е единствена на која Тезеј со бори со Кентаури. Во една така претстава, односно, свадбата на Пиритој, каде има борба меѓу Кентаурите и Лапитите, тој се брани од Кентаурите со секира.9
Според запишаните митолошки преданија и претставите на разновидни споменици од антиката, борба со Кенатурите имал и митскиот јунак Херакле. На едно место во Спарта,односно во Амикла имало претстава, борба на Херакле со Кентаурот Ореј, а на друго место Павсаниј пренесува за тоа дека во Елида, во областа Трифилија, каде тече реката Анигра, Херакле го погодил со стрела еден од Кентаурите (според едни Хирон, според други Пиленор), кој избегал и дошол на реката да ја измие раната.10
Меѓу Кентаурите има и познати ликови, а најпознат е Хејрон (или Хирон), кого го среќаваме како вешт мајстор, познавач на медицина, пророштво, мудрец и учител на многу јунаци од митолгијата. Тој е лик, кого можете да го сретнете како ги подучува луѓето и јунаците, но и во друштво со боговите. Нему му бил доверен да го одгледа и најславниот јунак од битката за градот Троја, Ахил, кого и го подучувал.11 Кај Хомер среќаваме и интересни стихови, кои говорат за тоа дека Ахил користел Копје од јасен од планината Пелион, кое на неговиот татко Пелеј му го изработил и подарил, токму, Кентаурот Хејрон (Хирон). Еве ги тие стихови:
„Но не го дофати тој копјето на потомокот на Еак
големо, тешко и цврсто; ниеден Ахаец
не можеше со него да фрла, Ахил знаеше само
пелијски јасен да метне, кој на неговиот татко му го даде
Хејрон од врвот на Пелиј, смрт на јунаците да им готви.“12
За Кентаурите може да се сретнат голем број информации кај античките автори, а според некои од нив, Кентаурите од Магнезија биле последни Пелазги.13
Опишаното претставување на луѓето од племето Кентаури како половина коњ, половина човек се објаснува на неколку начини. Еден од нив е поврзан со култот на коњот, кој се среќава на повеќе места. Коњите биле посветени на Месечината, а се сметало дека играчите со коњски маски можат да предизвикаат дожд. Според некои, легендата за луѓето, кои биле половина коњ, половина човек е поврзана со овој ритуал при кој учесниците носеле коњски маски.14 Се смета дека Кентаур е пророчки херој со опашка од змија. Легендата, која говори за северниот ветар, Бореј, кој ги оплодувал кобилите, исто така се поврзува со ваквите претстави.15
Доколку споменикот од Охрид е само фрагмент од поголема претстава од извесен споменик, кој бил орнамент од некој стар објект од антиката, на кој имало повеќе слични претстави, веројанто е дека бил посветен на ривалството меѓу двете племиња, Кентаури и Лапити. Сепак, истата претстава може да биде посветена и на други настани опишани во старите преданија, како што се борба со Кентаур на Херакле, Тезеј или друг сличен јунак.
Кентаурите или Кентаврите, биле претставувани и со други карактеристики, односно, со две козји предни нозе, со рогови на главата и слично, па тешко се разликувале од Сатир, кој е слично претставуван, односно со козји нозе, со рогови и слично.16
Овде, треба да споменеме и за големиот број споменици од античкиот период, кои се среќаваат вградни во смата црква или во дворот на црквата „Св. Софија“ во Охрид. Според раскажувањето на старите Охриѓани, црквата „Св. Софија“ била изградна по примерот на „Св. Софија“ во Цариград. Тоа го забележал и истражувачот и патеписец Хан при неговата посета на Охрид во втората половина на 19 век.17 Таа изобилува со историја и култура од различни периоди. Иако значајни и богати содржини, особено од нејзиниот живопис, се уништени, сепак, останало големо богатство од разновидни споменици, кои зборуваат за различни периоди, тргнувајќи од античкиот, особено, римскиот период. Се разбира, тешко е да се каже кои од овие споменици се дел од извесни стари градби на истата локација, пред изградбата на денешната црква, а кои се донесени од други антички градби од нејзината околина, но фактот за нивното присуство заслужува посебно внимание.
Ценејќи дека претставата на борбата со Кентаур, на извесен начин, е блиска со спомениците со антички натписи, како и со другите споменици, кои се датирани во тој период, овде ќе изнесеме кратки информации за извесен број од нив, кои се среќаваат како сполии во днешната градба на „Св. Софија“ или на разни места во нејзиниот двор.
Неколку споменици со натпис се среќаваат на источниот ѕид, во близина на апсидата, од нејзината северна страна. Еден од нив е блок од мермер, вграден во ѕидот во близина на апсидата, датиран во 196 година на нашата ера, а на натписот ги среќаваме имињата, Кајсар Лукиј Септимиј Север, Марко Антоние, Трајан, Хадријан и други, во контекст на Собранието на Дасаретите,18 уште една етничка заедница од македонскиот круг, која по Енхелејците или Енгеланите се поврзува со областа околу Охрид. Потоа следи уште еден споменик со натпис од црквата „Св. Софија“ каде го среќаваме името, Марко Антоние Гордијан и, повторно, етничка идентификација, Дасарети. Споменикот е датиран од 238 до 244 година на нашата ера.19
Еден од спомениците со натпис е со латинско писмо, датиран 260 – 268, каде меѓу другото, се забележува името Кајсар Публиј Лицини Егнатиј Галиен Август, како и две легии – II Партика и III Августа со водач Аврелиј Августијан.20
Уште еден споменик, повторно на латинско писмо, е со неколку имиња, а се споменува и провинцијата Епир и е датиран во 333 – 337 година на нашата ера.21
Од сличен, ако не и постар период е и еден капител од јонски тип, кој лежи од јужната страна на црквата, крај оградата. Слично можат да се третираат и голем број други споменици од мермер, односно, столбови, големи и добро обработени блокови и слично, кои ги среќаваме во колонадите на западниот ѕид, односно, на тремот од таа страна, како и на тремот од северната страна. Голем број од столбовите се поставени на основи, кои можат да се датираат во римскиот период. Особено внимание привлекува еден капител од коринтски тип, кој се наоѓа во култниот бунар од северната страна на црквата во големиот трем од таа страна. Тој е со впечатлива обработка, со украсување со какво располагале сличните капители од овој тип.
1 Роберт Гревс, Грчки митови, Фамилет, Београд 1999, 161, 162.
2 Исто, 248 – 253. Досега во литературата не сме нашле, ако некаде го кријат во некоја депо како јас што ги кријам археолошките предмети во депо, бидејќи не можам да ги изложам, тогаш можеби има, ви литературата не сме сретнале, на интернет не сме нашле, ова е единствен археолошки експонат, кој што не знам колку ќе им се допадне на нашите комшии, но нас многу ни се допаѓа“, изјави Паско Кузман, директор на Управа за заштита на културно наследство. Никос Чаусидис, Бронзената статуета на „Дедал“ од Плаошник во Охрид – семиотички интерпретации, УДК. 904-034.3:730.027.1(497.771)“652“
3 Исто, 248, 249.
4 Ј. Г. Хан, Путовање кроз поречини Дрине и Вардара,
5 Роберт Гревс, Грчки митови, 284 – 286.
6 Исто, 169.
7 Страбон, Географија – кн. 9 – 5 (Пета глава), 19.
8 Павсаниј, Водич по Хелади, Логос, Сплит 1989, 37.
9 Исто, 256.
10 Исто, 249.
11 Исто, 173.
12 Хомер, Илијада, 83.
13 Роберт Гревс, Грчки митови, 38.
14 Исто, 170.
15 Исто, 25. Хомер, Илијада, 327.
16 Роберт Гревс, Грчки митови, 286. Павсаниј, Водич по Хелади,269.
17 Ј. Г. Хан, Путовање кроз поречини Дрине и Вардара,
18 Fanula Papazoglu, Milena Milin, Marijana Ricl, Inscriptiones Graecae, Epiri, Macedoniae, Thraciae, Skythiae, Gaulterus de Gruyiter, Berolini – Novi Eboraci, MIM, 179 и Tabula LI, бр. 360.
19 Исто, 181 и Tabula LI, 362.
20 Исто и Tabula LI, 364.
21 Исто, Tabula LI, 365.