НЕКРОПОЛИТЕ НА ЛОКАЛИТЕТОТ „СТАРО БОНЧЕ“ КАЈ СЕЛОТО БОНЧЕ, ПРИЛЕПСКО, ПОТВРДА ЗА ГОЛЕМИНАТА И ЗНАЧЕЊЕТО НА АНТИЧКИОТ ГРАД
Локалитетот „Старо Бонче“ кај селото Бонче Прилепско долго време го привлекува вниманието на археолозите, но и на трагачите по скриено богатство, кои постојано атакуваат на овој локалитет, кој е распространет на десетици хектари површина, во големата долина под врвот Висока, каде беше откриена значајна градба, под самиот врв, изградена од големи камени блокови.1 Од овој локалитет се извадени непознат број монети, особено од македонските кралеви, разновидни други предмети, керамички садови и сл. Малку од нив се пронајдени во официјални археолошки ископувања. Сепак, доволно за да знаеме дека се работи за исклучително голем и значаен археолошки локалитет. Последниве две децении беа изнесени мислења и констатации дека токму овде се наоѓа еден од античките градови по кој се трага, речиси, два века, односно, градот Пелагонија.2 Ова, особено по откривањето на споменатата монументална градба на врвот Висока, која упатува на остатоци од значајна населба и своевиден општествен, политички и културен центар. За самата градба беше изнесено дека е можна кралска палата поврзана со племето Пелагонци, односно, центар на Пелагонското кралство, веројатно до доаѓањето на престолот во Македонија на Филип II – Македонски.3 Има претпоставки и тоа дека еден од главните команданти во војската на Филип Македонски, а следователно и на Александар Македонски, Парменион, бил по потекло од кралската лоза на Пелагонците.4 Се разбира, особено, е значајна и монументалната градба од јужната страна на локалитетот „Старо Бонче“, кралската гробница на локалитетот „Павла Чука“, која е откриена и ограбена уште пред повеќе од еден век.5 Тука биле присутни бугарски археолози и истражувачи за време на Првата светска војна (1917), а неколку години подоцна (1936) истражување правел српскиот археолог Никола Вулиќ.6 Имаме слаби информации за тоа што пронашле и едните и другите, но во тој простор и денес се раскажува за извесна кочија, која била натоварена со предмети и заминала во непознат правец. Подоцна, во осумдесетите години, делумно ископување вршеле археолози од Прилеп,7 но повторно не се постигнати којзнае какви резултати. Гробницата е карактеризирана како „кнежевска“, како неупотребена и слично. Сепак, се зборува за фрагмент од саркофаг, кој бил пронајден во неа.
Последниве две децении малку се интензивираа истражувањата на овој простор, но не во којзнае каков обем. Сепак, беа откриени нови делови од градбата, какви што се кружниот ѕид и хероонот, како и извесен број движни наоди.8 Наоди за нејзиното вистинско идентификување, сепак, не се презентирани. Градбата останува и натаму своевидна мистерија, освен фактот дека се работи за монументална градба со завидно ниво на архитектура. За нас овде е важно што беше откриено дека околу градбата се формирала помала некропола со гробови од типот циста, која егзистирала подолго време. Всушност, според најновите археолошки истражувања регистрирани се, најмалку, 10 погребувања околу гробницата, повеќето со детски димензии, од кои 6 во гробови од типот циста и 4 слободни погребувања.9 Се разбира дека оваа појава има свое објаснување, односно, дека градбата била посебно почитувана, па затоа и се практикувало погребување на покојници во нејзината непосредна околина.10 Всушност, може да се каже дека овие покојници биле од привилегиран слој, бидејќи нивните гробови биле правени во близина на кралско почивалиште со што им се давало повисоко духовно и религиско ниво, иако немаме информации од археолозите за тоа. Од каде потекнувале покојниците во гробовите, односно, каде била населбата во која живееле тешко е да се каже, но од една монета на Јулиан Апостат (363 – 363 г. на н.е.), која е пронајдена во еден од гробовите,11 се знае дека некои од гробовите, потекнуваат од неговото време. Со поновите истражувања од страна на Заводот и Музеј од Прилеп откринеи се уште неколку гробни конструкции од левата страна на влезот на дромосот на гробницата и, според наодите, констатирано е дека тие потекнуваат од 4 и 5 век на н.е.12 Затоа, самата кралска гробница и гробовите од подоцнежниот период околу неа можеме да ги третираме како дел од поширокиот културен простор во чиј центар била големата населба на локалитетот „Старо Бонче“.
Оваа мала некропола, која се развила околу кралската гробница, третирајќи ја како култен објект е само една од големиот број поголеми и помали некрополи, односно, погребни места на жителите од овој простор. Гробови од типот циста, како и гробови издлабени во карпа се среќаваат на повеќе места во долината на локалитетот „Старо Бонче“, а целиот локалитет, кој претставува широка долина со рамни или благо закосени површини, кои се протегаат кон Бонечка Река и кон атарот на селото Подмол, заградена со повисоки или пониски ридови кои се спуштаат од доминантниот врв, Висока, како да бил „заштитен“ со погребни места, односно, со погребани покојници на најистакнатите тумби. Дали тоа е правено поради култот на мртвите, односно, верувањето во улогата на покојниците за заштита на жителите и целата населба, која опстојувала во долината и на самиот врв Висока или, едноставно, за поставување на истакнато место на самите покојници тешко е да се каже, но ние веруваме дека биле важни и двете наведени причини, како вредности што се почитувале.
На локалитетот „Колкот“, кој е еден рид со куполеста форма, на неколку стотици метри источно од кралската гробница археолозите уште 1985 година ископуваа тумул со пречник од 30 метри, исто колку и кругот од големи камени блокови на гробницата. Овој тумул бил поставен на доминантно место, а во него не беа пронајдени остатоци од погребување, туку само кружен ѕид од кршен камен, кој поседуваше делови изработени во техниката рибина коска, а беа документирани и 5 кружно издлабени јами во камен, како и помал број фрагменти, кои упатуваат на раната антика.13 Тумулот се однесува како вистински „заштитник“ на долината на „Старо Бонче“, заедно со кралската гробница од локалитетот „Павла Чука“, особено како заштитник на големата некропола на локалитетот „Спаница“, кој се наоѓа од северната страна. Во повисокиот дел на ридот, источно од „Колкот“ на еден рамен дел со поголема површина среќаваме поголем број гробови, веројатно од тумул, кој е сосема растурен од диво раскопување.
На спротивната страна на долината, од страната на селото Бонче, на ридот кој се спушта западно од Висока, во пониското подножје на тумбата позната како „Цветково“, на која има остатоци од утврдување, среќаваме еден гроб со правоаголна камена ограда, исто така, диво раскопан а, според информациите, последниве години на него работеле и археолозите од Заводот и Музеј од Прилеп. Уште позападно од него, се среќаваат уште два повисоки врвови, а на едниот од нив, подолниот, среќаваме помала некропола со гробови издлабени во карпа, кои се „чувари“ на долината од таа страна. Колку што може да се види на теренот, за жал, сите биле раскопани од непознати лица во некое подалечно или поблиско минато и поради тоа е тешко да се добијат вистински податоци за нив. Во пониските делови на долината, на една поголема ниска карпа се распоредени неколку гробови, исто така во карпа, во близина на остатоци од една градба на локалитетот познат како „Вигната“, која археолозите ја третираат како ранохристијанска црква, пред се поради специфичните мермерни елементи на теренот, како еден поголем мермерен столб, фрагмент од помал мермерен столб, основи од прозорски меноа и фрагменти од керамика карактеристични за тој период.14 Гробови од типот циста можат да се сретнат на многу места во долината, особено во нејзиниот централен дел, а најголемата некропола се наоѓа на л. „Спаница“,15 на југоисточниот дел од долината, во близина на ридот, кој од таа страна се спушта од исток кон запад и завршува со, веќе споменатиот тумул на тумбата „Колкот“ за кој веќе стана збор. Таа се протега на падините на ниските ридови, кои се спуштаат во долината под врвот Висока. Нејзината големина, како по површина, така и по бројот на гробовите, секако, говори за големината и значењето на античката населба, односно, упатува на тоа дека се работело за значајна населба, веројатно, град.
Гробовите во оваа некропола се разликуваат од гробовите на другите споменати некрополи од околината. Имено, покојниците биле погребувани во гроб од камена конструкција заграден со исправени, плочести и столбести камења, наредени во круг, во правоаголна или квадратна форма. Неколку од нив ископуваа и археолозите од на Завод и Музеј од Прилеп, па тоа е мала утеха за денешната состојба на оваа некропола, која е, можеби, најзначајната за населбата, која егзистирала на овој локалитет во македонскиот и почетокот на римскиот период. На тоа упатуваат специфичните конструкции на гробовите, како и наодите претставени од страна на археолозите, чие датирање досега и до 5 век п.н.е.16 Ако се знае дека оваа некропола е во голема мерка диво раскопана во изминатите неколку децении, а при археолошките истражувања се пронајдени вредни предмети, меѓу кои и златни, може само да се претпоставува какво културно наследство исчезнало оттука во непознат правец.
Може да се каже дека најголемата некропола, која зафаќа повеќе од еден хектар е во жална состојба, речиси, целосно раскопана и тоа, главно, со диво раскопување, без можност за добивање материјал корисен за расветлување на културата со која располагал овој локалитет и расветлување на соодветното значење на старата населба, веројатно град со значителни размери. Дали се работи за исчезнатиот град Пелагонија, кој бил центар на Пелагонците, а подоцна главен град на Четвртата мерида на Македонија тешко е да се каже без соодветна аргументација. Засега на тоа упатуваат двете монументални градби, онаа на самиот врв Висока, како кралска палата и онаа од л. „Павла Чука“ во ниските делови, која претставувала кралска гробница. Се разбира, во прилог на оваа претпоставка се и споменатата голема некропола од „Спаница“, како и другите помали и поголеми некрополи во непосредната околина на долината. Не треба да се заборават и мермерните елементи од градби на самиот локалитет, како и мермерните елементи кај манастирот „Св. Јован“ во близина на селото Бонче.17 Дека се работи за значајна населба, особено говорат наодите на трите дрвени штитови со бронзен опков (беа пронајдени фрагменти од опковот) со изработена централна форма со изработен симбол, сонце со дванаесет краци во средината и 7 помали сонца со 8 краци по периферијата на штитот – сите со македонска стилизација и името на кралот Деметриј на нив.18 За нив се смета дека биле парадни штитови, што упатува на тоа дека оваа населба имала посебно значење во македонскиот период, зашто наодите на парадни штитови, токму на тоа упатуваат. За жал, по нивното отркивање со помош на претходно диво раскопување, археолозите местото на нивното наоѓање сосема го запоставија. На тој начин немаме претстава каде се наоѓале овие експонати, односно, во кој дел од населбата, во каков простор, во каква градба и во кој контекст биле поставени. За нас е познато само тоа дека во близина на сондата, која беше обработена при откривањето на местото на овие наоди излезе еден ѕид од камен, кој беше делумно откопан. Дали тој беше од градбата во која се наоѓале штитовите останува мистерија.
Освен погореспоменатите некрополи расположени околу локалитетот „Старо Бонче“, познати нѝ се уште најмалку две, кои се малку подалеку од него, во пошироката долината во која е расположено и селото Бонче. Овде мораме да ги споменеме и тумулите, погребни објекти карактеристични за бронзеното, особено, за железното време, од кои има повеќе, блиску до „Старо Бонче“ или на поодалечено место, но повторно во атарот на селото Бонче. За нив, како и за пооддалечените некрополи ќе посветиме внимание во некој следен прилог.
На крајот, мораме уште еднаш да се осврнеме на фактот за постојаното уништување на материјалната култура на овој простор со неконтролирано раскопување од различни причини. Од трагање по богатства и археолошки експонати до концесии и експлоатација на минерали, гранит, кварц и слично. Штетата се прави континуирано и безмилосно, а контролата на институциите е, речиси, невидлива. Овде ќе се дрзнеме да им сугерираме на надлежните институции начин на каква-таква заштита на ваквите и слични археолошки богатства. Тргнувајќи од нашето долгогодишно истражувачко искуство во оваа област, сметаме дека надлежните институции треба да се ангажираат на постојано следење на ваквите состојби и почесто посетување на локалитетите, особено, на позначајните во нивниот ресор. Сугерираме да се направи анализа и класификација на локалитетите од ресорот и да се определат неколку позначајни локалитети. кои почесто ќе се посетуваат и ќе бидат предмет на поактивно следење, како и да се прават почести контакти со жителите на населените места во близина на локалитетите. Сметаме дека на тој начин, не само што ќе се воспостави извесна контрола и следење на состојбите, туку ќе се збогатат и информациите за културните содржини на посебните локалитети, односно, културните содржини на посебни делови од областите. Еден таков локалитет го сметаме, токму, погореопишаниот, кој се наоѓа во круг на голем број други локалитети со значајни културни содржини од различни периоди, што значи дека таквиот однос кон овој локалитет ќе значи и сличен однос со материјалната култура од неговите соседни локалитети. Всушност, соодветното истражување и проучување на локалитетот „Старо Бонче“, заедно со локалитетите „Павла Чука“, со кралската гробница и локалитетот „Висока“, со остатоци од претпоставен кралски дворец на Пелагонското кралство, ќе биде исклучителен археолошки истражувачки зафат, кој може да ни открие културни содржини со потенцијал за вистински развој на сознанијата за културата и цивилизацијата на овој простор, но и на поширокиот регион. Во тој контекст и афирмирање на овие локалитети и нивните културни содржини како исклучителна атракција за развој на туризмот.
1 Оваа градба е лично откритие на авторот на овие редови уште во 2002 година, пред објавувањето на книгата „Древна цивилизација II – археологија, митологија, преданија, Мариово“ (Види: Тренчо Димитриоски, Древна цивилизација II – археологија, митологија, преданија, Мариово, РАСТЕР КОМ – ПРИЛЕП, Прилеп 2002, 140 – 142).
2 Виктор Лилчиќ – Дејан Кебакоски, Историјат на истражувањето и убицирањето на античкиот и средновековен град Пелагонија, Македонско наследство, бр. 27, Скопје 2006, 23 – 28.
3 Тренчо Димитриоски, Древна цивилизација II – археологија, митологија, преданија, Мариово, РАСТЕР КОМ – ПРИЛЕП, Прилеп 2002, 140 – 142. Истиот автор, Древна Пелагонија I, Ризница – Прилеп, Прилеп 2009, 15 – 17.
4 Џ. Р. Елис, Македонскиот империјализам, превод Свето Серафимов, Мисла, Скопје 1988, 81.
– Елис посочува еден необјавен истражувачки ракопис на Ц. Ф. Едисон под наслов “Кој бил Парменион?” во кој овој автор сугерира дека Парменион потекнува од владејачкото семејство на Пелагонија. Тренчо Димитриоски, Древна Пелагонија I, 22.
5 Тренчо Димитриоски, Древна Пелагонија I, 19 – 21.
6 Ivan Mikulčić, Pelagonija u svetlosti arheoloskih nalaza – od egejske seobe do Augusta, Arheolosko drustvo Jugoslavije – Arheoloski muzej – Skopje, Skopje 1966, 62, 63. Антонио Јакимовски, Кралската гробница од Старо Бонче, UDK 904: 726.823 (381) „-04“, 95 – 101.
7 Антонио Јакимовски, Кралската гробница …, 95.
8 Исто, 95 – 101.
9 Исто, 98, 99.
10 Исто, 99.
11 Исто.
12 Исклучително вредни наоди кај Старо Бонче, Нова Македонија, 12.12.2019 година.
13 Китаноски Благоја, Колкот Подмол, Археолошки преглед, 1987. Тренчо Димитриоски, Древна Пелагонија I, 24.
14 Димитриоски, Древна Пелагонија I, 36, 37.
15 Археолошка карта на Република Македонија, МАНУ – Музеј на Македонија – археолошки оддел, Скопје 1996, 282.
16 Накит и украсни предмети најдени во некропола кај Старо Бонче, Канал 5 ТВ, 30.07.2015.
17 Виктор Лилчиќ, Македонскиот камен за боговите, христијаните и за животот по животот, том I, Македонска цивилизација, Скопје 2001, 380, 381. Димитриоски, Древна Пелагонија I, 34, 35.
18 Темелкоски Душко, Пјер Жуел, Антички македонски штитови од Пелагонија, Прилеп 2007, 14 – 27. Димитриоски, Древна Пелагонија I, 29 – 33.