ПОСЛЕДНИОТ ЖИТЕЛ НА СЕЛОТО ПИСОКАЛ УБИЕН ОД ТУРСКИТЕ КАЧАЦИ ОД СЕЛАТА КАНАТЛАРЦИ И ЕРЕКОВЦИ
(Од книгата „Жива историја – раскажувања за историјата на Пелагонија и Мариово (1856 – 1950) со преданија за населени места“ – запишано од Томе Велјаноски, подготовка за печат, Тренчо Димитриоски)
Една саботна вечер на 1875 или 1876 година Петко од селото Писокал со товарен добиток се враќал сам од Прилеп. Кога дошол до местото Слива, превојот преку кој од Пелагонија се влегува во Мариово, го пречекала банда качаци од селата Канатларци и Ерековци, го претепале и ограбиле и така претепан си дошол дома во Писокал. По кратко време Петко умрел од тепањето и го погребале во писокалските гробишта. По смртта на Петко неговата жена останала сама да го одржува семејството со четирите деца – Митра, Митре, Тодор и Тале. Вдовицата на Петко не можела да го одржува семејството сама со малолетните деца и била повикана од тогашниот бег во Писокал да појде кај него да работи аргатинка на неговиот чифлиг за да биде побезбедна и да има посигурен живот. Петкојца се согласила и со целиот нејзин имот станала ортак со писокалскиот бег и почнала да работи аргатинка на неговото имање. Откако Петкојца влегла во ортаклук со бегот тој ѝ префрлал дека таа има деца, кои не се способни за работа и дека многу повеќе трошат отколку што придонесуваат. Секој месец бегот ѝ скусувал од нејзиниот имот и за една година Петкојца го загубила целиот имот, како земјата, така и куќата. Бегот и дал на Петкојца еден покров за децата и ја избркал од селото Писокал. Со солзи на очите Петкојца си ги зела децата и се преселила во Штавица. Но и во Штавица таа не нашла топол покрив над главата за себе и за своите деца. Таа со нив спиела по водениците и пештерите, слугувала низ селото работејќи каква било работа само да обезбеди леб за децата и чекала надевајќи се на посреќни денови во животот.

За вдовицата Петковица разбрал богатиот рајатин од село Марул Ристе Дамјанов Дамјаноски – Патрун, кој бил на возраст од преку 60 години. Тој решил да се ожени со Петкојца од Писокал, а на тоа се спротивставила неговата снаа од синот Васил, Василица – Цинцарица, како што ја викале марулските жени бидејќи потекнувала од Цинцарите од Прилепец. Василица сметала дека со Петкојца ќе дојдат и нејзините четири деца, кои кога ќе пораснат ќе побараат дел од имотот и за нејзините три деца нема да остане ништо. Ристе Дамјаноски – Патрун и Петкојца решиле да се земат, но децата да ги раздадат раненичиња каде што ќе најдат. Така, и покрај несогласувањето на неговиот син Васил и снаата Василица, Ристе Дамјаноски ја зел Петкојца и ја донесол во селото Марул. Нејзините деца ги раделиле и ги раздале на разни места. Малолетната ќерка на Петко од Писокал, Митра, која била најстара од децата, со неполни шеснаесет години ја омажиле за Тале Јованов Грујоски – Курело од Марул. Двете братчиња Митре и Тодор ги дале раненичиња во селото Подмол. Митре кај Саботковци, Тодор кај Ристе Талески, стар деленик на Илиовци.
По извесно време откако се зеле Ристе Дамјаноски и Петкојца и ги раздале децата на Петкојца раненичиња, таа останала трудна на преку шеесет години и во 1880 година им се родил син. Синот, кој бил помлад од внучињата на Ристе Дамјаноски – Патрун, од неговиот син Васил, го крстиле со наследничко име Дамјан, по таткото на Ристе. Снаата на Ристе, Василица, ја фатило паника зашто имотот на Дамјановци ќе мора да се дели братски меѓу нејзиниот маж Васил и новороденото дете на Ристе Дамјаноски, Дамјан. Во тоа време Дамјановци биле многу богати. Старите од селото Марул велеа дека клопчето кај Дамјановци е замотано, само се одмотува и крајот никако не му доаѓал.

Пораснал Дамјан и го ожениле за момата Ристана Петрева Митреска – Декароска од селото Лопатица, Прилепско. По извесно време умреле родителите на Дамјан и тој останал да живее со брата си Васила до 1917 година, кога Васил умрел. Стрикото Дамјан кој бил помал од своите внуци Мица и Трена останал да живее во заедница со семејството на Дамјановци се до делбата која ја направиле 1924 година. Истата година (1924), на празникот Крстовден, при бербата и делбата на лозјето, кое се наоѓало во местото Капка во русечкиот (Рувчанскиот) синор, не спогодувајќи се кому да му припадне една лозова пенушка, Дамјан и неговиот внук Јован се скарале. Дамјан се наведнал да бере грозје од пенушката, а неговиот внук Јован, подбуцнат од неговата жена Менка, која по потекло била од селото Волково, го зел кросното со кое го толчеле грозјето во буре ставено на запрежната кола, му се доближил на Дамјана со молчење и го мавнал со него по главата. Дамјан паднал на местото каде што берел грозје и додека го товарат на колата за да го однесат на доктор во Прилеп умрел.
Дамјан си ја оставил својата жена вдовица, со пет деца. Ристана – Дамјаница ја доживеала судбината на својата свекрва Петкојца. За убиството на својот стрико Дамјан Јован лежел затвор 8 години. Ристана – Дамјаница си ги изгледала своите пет деца и кога пораснале сите си ги удомила. Ќерката Ѓурѓа ја омажила за Ордан Чолако од Мојно; синот Ристе го оженила за Митра Вишиноска од Прилепец; Стојна ја омажила за Петре Николоски од Алинци, Прилепско; Никола го оженила за Панда Маркоска од Мало Рувци, а Петкана за Методија Мамалигоски од Мојно. Никола нема потомство, а од другите деца на Ристана и Дамјан Дамјаноскиот сој многу се раширил.
На третиот ден на Велигден 1959 година умре старата баба Ристана Дамјаница, на повеќе од осумдесет години старост, при синовите Ристе и Никола, кои живееја заедно. Баба Дамјаница беше прочуена како бајачка од разни болести, како почудиште, аланѓузи, заушки и др.
И покрај сите обиди не успеав да го дознам родното место и името на Петкојца, мајката на четирите сирачиња, Митра, Митре, Тодор и Тале, подоцна втората жена на Ристе Дамјаноски – Патрун од Марул. Додека се обидував да го сретнам нејзиниот внук Ристе од синот Дамјан, тој се разболе и умре во 1988 година. Тој бил роден 1914 година. Од неговото потомство не успеав да дознаам за името и местото на раѓање на Петкојца бидејќи не знаеја ни самите.

ПОТОМСТВОТО НА ЧЕТИРИТЕ ДЕЦА СИРАЧИЊА НА ПЕТКО И НЕГОВАТА ЖЕНА ПЕТКОЈЦА, РОДЕНИ ВО ПИСОКАЛ
I – ќерката Митра
Петковата ќерка Митра, откако се омажила за Тале Јованов Грујоски – Курело во Марул, со него изгледале три деца: Петра, Тодор и Невена.
1 – Петра
Петра се омажила во селото Клепач, а се премажила во селото Алинци, Прилепско за Ѓоре Недески. Нејзини деца се Живко и Крсте, кои имаат свое потомство.
2 – Тодор
Тодор се оженил со Цвета Перкоска од Алинци, Прилепско. Тие имаат две деца: Лазар и Ангелина. Лазар е оженет за Пауна Пупеска од Добрушево, имаат ќерка Благуна, мажена во Олевени, Битолско, имаат свое потомство.
Ангелина е мажена за Иван Тушевски од Добрушево со кого имаат две ќерки, кои, исто така, имаат свое потомство.
3 – Невена
Невена е мажена за Стојан Китаноски од Подмол со кого имаат еден син, Вецко. Вецко е женет за Ордена од Путурус со која имаат осум деца: Сребре, Цена, Паца, Драги, Диме, Пецо, Лоринка и Невена.
II – синот Митре
Митре бил даден раненик кај Сабатковци во село Подмол. Тој бил женет за Мара Дудукоска, близначка од Подмол. Митре и Мара имале четири деца: Јованка, Менка, Ѓорѓија и Тале.
1 – Јованка
Јованка е мажена за Ѓорѓија Измироски во Алинци, Битолско. Јованка и Ѓорѓија имаат три деца: Борис, Тренко и Драги. Сите имаат потомство.
2 – Менка
Менка Митрева Саботкоска е мажена за Јоше Петрев Кочоски – Сиџимоски од Подмол. Менка и Јоше имаат шест деца: Зојка, Игне, Малинка, Ѕана, Лоринка и Иванка. Сите имаат свое потомство.
3 – Ѓорѓија
Ѓорѓија Митрев Саботкоски е женет за Петкана Степаноска од Тополчани. Тие имаат две деца: Живко и Зора, кои имаат и свое потомство.
4 – Тале
Тале Митрев Саботкоски е женет за Трајана од Путурус. Тие имаат пет деца, сите женски: Божана, Велика, Писана, Цвета и Олгица. Сите имаат свое потомство.
III – синот Тодор
Третото дете на писокалецот Петко, Тодор, бил даден раненик кај Ристе Талески во Подмол, стар деленик на Илиовци. Тодор се оженил од Аспровци од Мојно. Името на неговата жена не ми е познато. Со неа Тодор немал деца. Затоа зеле раненик од шурата на Тодор, братот на неговата жена. Името на раненикот е Блаже и е познат како Блаже Аспра. Блаже се оженил за Спаса Митрева Карбеска од Мало Рувци, Прилепско. Со неа имале пет деца: Михаил, Мирјана, Борис, Спасе и Добрица. Сите тие имаат свое потомство.
IV – синот Тале
Четвртото дете на Петко Писокалецот, Тале, бил даден раненик во селото Старо Лагово, Прилепско, кај, за мене непознато семејство. Тале се оженил, но името и потеклото на неговата жена не ми се познати. Тој имал три женски деца: Маса, Велика и Митра. Тале и неговата жена умреле млади од туберкулоза и нивните деца останале сирачиња. Децата ги зел нивниот стрико Митре Саботкоски во Подмол. Тој ги пораснал и ги омажил во селата Подмол, Црничани и Могила.
1 – Маса
Ќерката на Тале, Маса се омажила во Подмол за Ристе Москоски, вдовец. Прва жена на Ристе Москоски му била Пауна од семејството Цоцевци од Подмол, сестра на комитата Рсите Цоце, кој е убиен во Бонче. Ристе и Пауна имале едно машко дете Најдо. Пауна умрела и Ристе останал вдовец. Потоа тој се заљубил во девојката Маса и се зеле. На Маса не и пречело дека Ристе бил вдовец со едно дете. Маса и Ристе имале три деца: Трајан, Киска и Вангел.
– Трајан се оженил за Рада од Орле. Со неа имале четири деца: Добре, Иванка, Слободанка и Бисера. Сите имаат потомство.
– Киска се омажила за Раде Здравески од Мојно. Со него имале две деца. Нивните имиња не ми се познати, но знам дека имаат свое потомство.
– Вангел се оженил за Тодорка Перкоска од Алинци, Прилепско. Со неа имале пет деца: Иван, Зоре, Снежана, Роза и Гордана. Сите пет деца имаат свое потомство.
2 – Велика
Второто дете на Тале, Велика, пораснала кај стрико и Митре Саботкоски во Подмол и се омажила во Црничани, Битолско за Стојан Костески. Велика и Стојан немале деца, Стојан се разболел и умрел и Велика останала вдовица. Нејзиниот свекор Марко не дозволувал снаата да се премажи и да замине од неговата куќа, небаре ќе и донесел домазет во неговата куќа. Него на прекар го викале Кутело и бил клет човек. Се договориле селаните и со нејзин изим ја извадиле од куќата силум. Марко го врзале за стожерот во гумното, неговата снаа Велика ја извадиле од куќата на Костевци и таа се омажила за Недан Тодороски – Мрсе во истото село, Црничани. Со новиот маж Велика родила четири деца: Митре, Божана, Трајанка и Тодор.
– Митре се оженил од Трап, Битолско. Името на неговата жена не ми е познато. Имале четири деца: Рада, Љуба, Менка и Благојче. Рада е мажена во Маловиште, Битолско, а за другите немам информации.
– Божана е мажена во Агларци, Битолско и има свое потомство.
– Трајанка е мажена, исто така, во Агларци и има свое потомство.
– Четвртото дете на Велика и Недан, Тодор, е женет за Даница од Маково, Мариово. Тодор и Даница имале четири деца: Роберт, Андон, Коле и Илинка. Сите имаат свое потомство.
3 – Митра
Третото дете на Тале Писокалски, Митра, исто така, пораснал кај стрикото Митре Саботкоски во Подмол. Митра се омажила во Могила, Битолско. Митра не била во добри односи со нејзиниот стрико и слабо доаѓала во Подмол. Последен пат во Подмол таа била видена на погребот на нејзината сестра Маса, која била мажена за Ристе Москоски. Митра имала ќерка, а нејзината ќерка, исто така, ќерка.
Толку успеав да дознаам за последното семејство од испустеното село Писокал. Најмладата генерација што е запишна овде е на старост до 40 години. Ако се погледа лозата на семејството на Петко и Петкојца од Писокал, околу 80 % од нив се руси луѓе.
Како посебна личност од лозата на Петко Писокалецот може да се спомене неговата правнука Ѕана. Во годините од 1960 до 1970 година русокосата Ѕана Сиџимоска беше доминантна личност во своето родно село Подмол. Таа беше прочуена и во околните села по својата убавина, бистрина, духовитост, отменост и природната надареност. Посебно беше нагласена нејзината дарба за музика. Таа е надарена за играње на сите народни ора, како за водење на кецот, ширење или собирање на орото и сл. Во нејзин спомен ја напишав и оваа песна:
ПЕСНА ЗА ЛИЧНА ЅАНА
Кога одиш, Ѕано мори, ти на вода,
Сонцето, Ѕано мори, застанува да ти се тебе нагледа.
Кога идиш, Ѕано мори, ти од вода,
Сонцето, Ѕано тргнува патот да ти осветли.
Еј, мори Ѕано, ти млада фиданке, (2 пати)
Ѕано, Ѕанке, лично моме, ти подмолке. (2 пати)
Кога орото земиш, мори, да го водиш,
Многу народ, Ѕано, се собира
Гледајќи твоите ситни чекори.
Кога глава вртиш, мори, да разгледаш,
Многу лица благо насмеваш
Со твоите нежни погледи.
Еј, мори, Ѕано, ти млада фиданке, (2 пати)
Ѕано, Ѕанке, лично моме, ти подмолке. (2 пати)
Кога уста отвориш да прозбориш,
Многу птици, Ѕано, замолчуваат
Слушајќи твојот глас мелодичен.
Кога пуштиш коса како коприна,
Полична си од самовила.
Еј, мори, Ѕано, ти млада фиданке (2 пати)
Ѕано, Ѕанке, лично моме, ти подмолке. (2 пати)
Кажувано од:
- Ристе Дамјанов Дамјаноски од Марул, внук од син на Петкојца од нејзиниот втор маж Ристе Дамјанов Дамјаноски – Патрун
- Слободанка Ристева Дамјаноска од Марул
- Калина Виданова Тошеска – Кеноска одПодмол
- Благоја Грујов Талески од Подмол
- Јован Божиноски од Црничани
