НЕПРОЦЕНЛИВО КУЛТУРНО БОГАТСТВО ДОВЕДЕНО ВО КАТАКЛИЗМА ПРИ ЕКСПЛОАТАЦИЈА НА РУДИ И МИНЕРАЛИ
Културното наследство во Македонија со векови се разграбува и уништува. Тоа се правело уште во изминатите векови од страна на разни држави преку нивни емисари, дипломати и разузнавачи испратени во Македонија. Тие собирале разновидни експонати од материјалната култура на Македонија, кои ги испраќале во своите земји каде завршувале во државните музеи или приватните колекции. Низ Македонија продефилирале голем број истражувачи, дипломати, авантуристи и други странски претставници, кои на разни начини и за разновидни цели собирале разновидно културно наследство од просторот на Македонија. Такви се Вилијам Мартин Лик, Ј. Г. Хан и други оид Англија, Богдан Филов, Гаврил Кацаров, С. Стефанов и други од Бугарија, Никола Вулиќ, Миодраг Кокиќ, Миодраг Грбиќ, Милан Мачкиќ и други од Србија, Виктор Григоровиќ од Русија и други. Дел од пронајдените археолошки артефакти биле искористени за формирање музејска збирка во Скопје, која подоцна е основа за Археолошкиот музеј на Македонија, но голем број артефакти, денес, ги красат витрините на музеите и музејските збирки во државите на споменатите истражувачи.
Таквата состојба останала до стекнувањето независност на Република Македонија во рамките на СФР Југославија во 1945 година. Тогаш започнуваат да се формираат македонски институции надлежни за истражување и заштита на културното наследство, но уништувањето на значајни содржини од материјалната култура не прекинало. Освен, често споменуваното, диво копање по археолошките локалитети, значајно културно наследство е уништено со неконтролираното давање концесии на фирми кои експлоатираат природно богатство, односно, руди, минерали и сл. Веројатно е дека соработката меѓу институциите за заштита на културното наследство, Министерството за Економија, преку кое се издаваат концесиите, и концесионерите е несоодветна, а тоа доведува до неконтролирано уништување на културно наследство на локалитетите, кои располагаат со остатоци од материјална култура, а за кои се издадени концесии за експлоатација. Само во Прилепско можеме да наброиме повеќе од десет локалитети на кои се вршела експлоатација и, притоа, е уништена значајна материјална култура, најмногу од праисториските периоди, особено енеолитот, бронзеното и железното време, а со тоа и на наследство од поновите периоди, како што се раната антика, римскиот период и доцната антика, па и средниот век. За ваквата состојба, на разни места и на разни начини се обидуваме да алармираме, но таа останува и натаму непроменета.
Овде кратко ќе се осврнеме на десетина локалитети наведувајќи ги со краток опис на културата што ја поседуваат и која е, во голема мерка, уништена со тешката технологија со која се врши експлоатација на природното богатство, разновидни руди и минерали, а најмногу со експлоатација на гранит. Во нашето истражување констатиравме дека многу населби од енеолитот и бронзеното време биле формирани околу масивни гранитни форми, карпи со фасцинантна димензија и форма, кои биле искористени како своевидни централни објекти на старите населби. Токму таквите природни објекти, по кои се среќаваат и интервенции од човечка рака за нивно прилагодување за намената за која биле избрани, се напаѓани од концесионерите и, притоа, се девастирани цели локалитети со остатоци од населби од споменатите периоди. Многу од нив не се регистрирани во Археолошката карта на Република Македонија, па тоа им ја „олеснува“ работата на надлежните институции за издавање концесија, како и на концесионерите при експолатацијата. Во јавноста, често, се шпекулира дека ваквите концесии, под изговор за експлоатација на природни суровини, се барани и со цели за потрага по скриено богтаство и вредни археолошки предмети. Ваквите шпекулации наоѓаат оправдание во некои примери, кога концесинерите со својата машинерија ги напаѓаат централните делови на локалитетите, делови со земна површина, не водејќи сметка за гранитната маса, која е нивна основна цел добиена со договорите за концесија.
На ваков начин денес ги среќаваме уништени повеќе значајни локалитети, а штетата која е направена е тешко да се процени. Има неколку примери при кои се вршени археолошки истражувања на нападнатите локалитети и, притоа, се откриени архитектонски конструкции од населбите, како и пронајден извесен број археолошки предмети, но самите локалитети не се заштитени, а експлоатацијата не е спречена. Други такви локалитети воопшто не се истражувани, па дури не се ниту посетени од надлежна институција и стојат уништени со експлоатацијата на природниот материјал. Какви резултати можат да се постигнат со евентуално археолошко истражување може само да се претпоставува.
- Ридот – с. Мажучиште
Локалитетот се наоѓа на околу 6 km западно од Прилеп и на неполн километар североисточно од селото Мажучиште. Претставува долг рид со правец северозапад – југоисток, кој на северозападниот дел располага со доминантен врв со помало плато и со неколку тераси од источната и западната страна, „украсени“ со впечатливи форми грантини карпи. Локалитетот е нападнат пред дваесетина години и, речиси, целосно се девастирани површините со остатоци од населба од бронзеното и железното време, како и раната антика. Овој локалитет ја имаше „среќата“ да биде археолошки истражуван со една поголема сонда на самиот врв и толку. Тогаш беа пронајдени завидни археолошки остатоци, како една повеќеслојна градба на врвот и поголем број движни археолошки наоди. Денес е во сосема уништена состојба и напуштен, дури, и од концесионерите. По неговата површина можат да се забележат голем број културни остатоци од старите населби, како и остатоици од архитектонски конструкции, разновидна симболика и сл.1
- Самовилец – Г. Мраморани
Уште еден, многу интересен локалитет со значајни остатоци од енеолитот и бронзеното време. Се наоѓа на околу 3 km западно од претходноопишаниот, на околу 1 km источно од селото Мало Мраморани, а на локалитетот кој се наоѓал во непосредна близина до испустеното село Големо Мраморани, расположен во подножјето на ридот Негрее, познат и како Мраморски Рид. Праисториската населба била организирана околу една импозантна гранитна карпа со издолжена топчеста форма, која е главна цел на експлоатацијата на гранит. Со неколкугодишна експлоатација, речиси, целиот локалитет е разроварен со тешката машинерија, а притоа на површина се појавуваат разновидни археолошки предмети од керамика и метал, како и помали остатоци од архитектонски форми, кои упатуваат на погореспоменатите културни периоди, како и на периоди, кои следат. Немаме информација дека него го посетила екипа на надлежна институција за да направи увид на културните содржини и за сотојбата во која се наоѓаат тие. Лично, сметаме дека се работи за значаен локалитет, со сопствени културни особености, непознат за културата и науката до денес. Ние сме објавувале повеќе прилози за него, посочувајќи на неговата состојба и содржините, кои се среќаваат на неговата разроварена површина.2
И овој локалитет е напуштен од концесионерите и, денес, се наоѓа во „жална“ состојба.
- Мал Сурун – Орлов Камен – с. Дупјачани
Овој локалитет ја имаше „тешката несреќа“ да добие, особено, агилен концесионер, па да биде нападнат на самиот негов врв, со раскопување и отворање патишта, речиси, по целата негова површина. Тој е карпест рид, источно од селото Дупјачани, општина Долнени, со утврдено плато на врвот и отворена населба од јужната, југозападната и југоисточната страна, со многу археолошки наоди, кои упатуваат на значајна населба од раната антика и римскиот период. Неговата близина до поголем број гробници од македонски тип со аристократски димензии, расположени во потегот кон Горно Село, кое се наоѓа на околу 3 km југоисточно од него, е дополнителен аргумент во прилог на неговото значење. Пред неколку години, археолозите од Завод и Музеј – Прилеп извршија мало истражување на еден негов дел, констатирајќи значајни наоди од недвижен и движен карактер со потекло д споменатите периоди и толку. Денес, останува во жална ссотојба, напуштен и од „агилниот“ концесионер.3
- Каменица – Прилеп
Каменица се наоѓа во близина на Прилеп, на околу 500 m од неговата северна страна, лево од патот кон кон превојоит Дервен. Тој претставува помала карпеста тумба, на крајниот дел од ридот Баба – Кукул. Локалитетот содржи бројни остатоци од населба од средниот неолит, како и од поновите периоди. На некои делови од него можат да се констатираат остатоци од праисториските куќи, како и од поновите културни периоди. Тој е регистриран во Археолошката карта на Република Македонија, но уништен со експлоатација на гранит уште пред повеќе десетици години, ако не и стотина.4
- Казан – с. Кален
Локалитетот Казан е непознат за официјалната археолошка наука и можеме да кажеме дека за него сме објавувале само ние, врз основа на податоци добиени со обична посета на локалитетот, за жал. Откако тој беше нападнат од концесионерите и целосно девастира. На местата кои биле раскопани со тешката технологија на концесионерите се среќаваат остатоци од стара населба, како фрагменти од керамички садови, питоси, тегули и сличен археолошки материјал. Кој упатува на бронзеното време, како и на поновите периоди. На еден дел од локалитетот се среќава и утврден дел, како своевидна мала акропола на населбата.5
- Големи Камен – Лопатица
Овој локалитет е особено богат со наоди од енеолитот и бронзеното време, но има остатоци и од подоцнежните периоди. На него истражуваа археолозите од Завод и Музеј од Прилеп и беа констатирани интересни материјали до праисториската населба, меѓу кои и остаток од градба делумно градена од камен. По локалитетот, кој претставува тумба со фасцинантни форми гранитни карпи, кои му даваат на локалитетот „волшебен“ изглед, се среќаваат разновидни форми и содржини на стара култура, а неговата околина е, исто така, преполна со такви содржини од повеќе периоди, се до средниот век.6
- Грамаѓе – Белило – с. Манастир
Грамаѓе – Белило се наоѓа на околу 500 m источно од селото Манастир и е целосно уништен со експлоатација на дијатомејска земја. Тој е регистриран во Археолошката карта на Република Македонија и се води како локалитет со сотатоци од некропола од римскиот период, со скромно „според кажувањето на работниците, порано биле откриени неколку питоси и еден гроб со конструкција од камени плочи, во кој биле најдени монети.“7 Според она што може да се види денес на лице место на локалитетот, и покрај урнебесниот простор, полн со копови и тунели, овој локалитет е повеќе од некрижопола, односно, на него можат да се забележат остатоци од градби, од покриви на градбите и сл. На некои места има купишта со тегули и имбрекси, а фрагменти од керамички садови се среќаваат на многу поширок простор. Тоа значи дека овде е уништена извесна населба од римскиот период и, веројатно, доцната антика.
- Каракамен – с. Шелеверци
За Каракамен кај меѓу селата Алинци и Шелеверци, Прилепско пишувавме во два прилога во Пелагон.8 Тоа е исклучителен локалитет со импресивни наоди од новото камено време, како и исклучително наоѓалиште на ретки минерали (дури 8 видови). За жал, овој локалитет може да го добие квалификативот „сосема уништен“, бидејќи централната карпа, која била импозантна по големина и по форма, била сосема уништена, односно, збришана од ридот а, со тоа, биле „збришани“ и остатоците од старата населба и наоѓалиштето на минерали од кои еден редок минерал го носи името македонит, бидејќи токму на овој локалитет, односно, за првпат е констатиран на ова место во Македонија.
- Кукул – рудник за гранит, Прилеп
Еден локалитет со остатоци од македонскоримскиот период, но и остатоци од праисториска култура е уништен и од северната страна на ридот Баба кај Прилеп, со рудникот за гранит Кукул, кој денес, исто така, е напуштен. Токму во рамките на коповите се среќаваат фрагменти од керамички садови, тегули. Питоси и сличен археолошки материјал, а на западната страна на локалитетот се среќаваат и фрагменти од праисториска керамика и камени орудија. Во периферијата на локалитетот, среќаваме и една гробница од македонски (пелагонски) тип, која рударите ја користеле како магацин за чување динамит и други материјали потребни при експлоатацијата на гранитот.9
- Леково – с. Ореовец
Леково е еден од најзначајните и најинтересни локалитети во атарот на селото Ореовец, Прилепско. Тој не е уништен со експлоатација на природнио суровини, туку со изградба на стрелиште пред околу 70 години. Со разновидни копови, долги канали, јами и други конструкции бил раскопан добар дел од остатоците од населба од римскиот период, која продолжува да се уништува со разновидни други интервенции, како отворање на патишта за рудници, раскопување на локалитетот со тешка машинерија во потрага по археолошко богатство и сл.10
Слична состојба среќаваме и на други локалитети во Прилепско, низ Пелагонија, па и пошироко во Македонија. Особено на локалитетите кои располагаат со гранит и мермер, кои се цел на експлоатација. Колаква штета се прави со неконтролираното издавање концесии може само да претпоставуваме. Секако дека се работи за штети од непроценлива вредност, особено за материјалната култура на овој простор, која во себе ги содржи сите аспекти и вредности на човековото постоење и дејствување на овој простор и, со нејзиното уништување, ја губиме можноста за добивање драгоцени сознанија за културата на Македонија, но и за културата, која има значење и за општиот културен развој на човештвото.
1 Тренчо Димитриоски, Древна цивилизација I – археологија, митологија, преданија, Прилепско, ЦПРТВ-Прилеп, Прилеп 2000, 187 – 191. Александар Миткоски – Душко Темелкоски, Локалитетот Ридот кај селото Мажучиште, Macedoniae acta arheologica бр. 21 – Скопје 2008 – 2010.
2 Тренчо Димитриоски, Древна Пелагонија I, Ризница, Прилеп 2009, 125 – 131. Истиот автор, По митолошкото време на Македонија: Остатоци од Хомеровото време кај селото Мраморани, Прилепско, pelagon.mk, август 22, 2018.
3 Тренчо Димитриоски, Древна Пелагонија I …, 145 – 150. Александар Миткоски – Душко Темелкоски, Три нови пелагонски гробници кај Горно Село, Мекедонско наследство, Македонска цивилизација – Скопје, Скопје 2013.
4 Тренчо Димитриоски, Древна цивилизација I …, 136 – 138. Благоја Китаноски, Прилеп и Прилепско низ историјата.
5 Тренчо Димитриоски, Древна цивилизација II – Мариово, РАСТЕР КОМ – Прилеп, Прилеп 2002, 158 – 159.
6 Тренчо Димитриоски, Древна Пелагонија I …, 48 – 58. Александар Миткоски, Извештај од извршен увид на локалитетите „Големи Камен“ и „Ѓупска Пештера“ кај село Лопатица, Прилепско, Завод и Музеј – Прилеп.
7 Тренчо Димитриоски, Древна цивилизација II – Мариово, 98, 99. Археолошка карта на Република Македонија, (Б. К., Л. К., К. К.), Том I, МАНУ – Музеј на Македонија – археолошки оддел, Скопје 1994.
8 Тренчо Димитриоски, Тајните на локалитетот „Каракамен“ меѓу селата Алинци и Шелеверци (1) pelagon.mk, декември 12, 2020 и (2), јуни 2, 2021. Прилепско, pelagon.mk, август 25, 2018.
9 Тренчо Димитриоски, Аристократска гробница од македонски тип – Визбата, Прилепско, pelagon.mk, август 25, 2018. А. Миткоски – Д. Темелкоски, Три нови пелагонски гробници … .
10 Тренчо Димитриоски, Непознат антички град се крие во атарот на селото Ореовец, Прилепско, pelagon.mk, септември 28, 2018.