МОНАХОТ ЛУНГУР ОД КОКРЕ, ВОСПИТАНИК ОД СВЕТА ГОРА, ЕДЕН ОД ПРВИТЕ РАКОВОДИТЕЛИ НА УЧИЛИШТЕТО ВО СЕЛОТО ВИТОЛИШТЕ, ПРИЛЕПСКО

За образованието во Мариово малку се знае. Особено за постарите времиња. Од досегашните сознанија од познато е дека првите училишта биле по старите манастири, како што во областа Мариово е манастирот „Св. Димитрија“, познат како Чебренски манастир, кој денес се наоѓа во атарот на селото Зовиќ, општина Новаци. Всушност, овој манастир поседувал тн. Келијно училиште во кое се подготвувале свештеници за областа. Врските на монасите во овој манастир досегале и до најголемите и најзначајни црковни центри, како што е полуостровот Атос, познат како Света Гора. Токму воспитаници од Света Гора, често биле и учители во други области, а меѓу нив и во Мариово. За еден таков воспитаник старите автори тврдат дека бил од селото Кокре, Прилепско. Според пишувањето на Георги Трајчев и други постари автори, монахот со име Лунгур, од селото Кокре бил еден од таквите светогорски воспитаници. Тој престојувал во еден од манастирите на светата планина Атос на Халкидик од каде се вратил во својот роден крај и работел на верско воспитување и образование во Мариово. Меѓу другото, тој се споменува како раководител на училиштето во селото Витолиште кое било активно во 1829 година.

Зградата на училиштетот во селото Витолиште, денес

Еве што наведува Г. Трајчев:

            „Центарот на неговото образование (се мисли на Мариово) било Витолишкото училиште, кое постоело уште во 1829 година под раководството на калуѓерот Лунгур родум од селото Кокре (мариовско) и светогорски воспитаник. Учебните предмети биле: Наустница, Псалтир и Евангелие. Витолишкото училиште било расадник за просвета во областа. Оттаму излегувале ѓаци и попови, иако со многу ограничени познавања. Слично училиште, во старо време, имало и во Чебренскиот манастир (мариовско).1

Селото Кокре
Селото Кокре

            Се обидовме да побараме некаков спомен за овој познат калуѓер (монах) меѓу сегашните и поранешните жители на селото Кокре, но во тоа не успеавме. Сепак, сметаме дека Георги Трајчев имал веродостојни сознанија за неговото постоење. Во досегашните трагања по слични личности во Мариово, Лунгур е уште еден светогорски воспитаник од овој крај, покрај дедо Стале Чешелков од селото Полчиште, кој го основал манастирот „Св. Илија“ кај селото Мелница.2

Живописот со дедо Стале Чешелков
Живописот со дедо Стале Чешелков во црквата „Св. Илија“, Мелница

            Лунгур, како светогорски воспитаник и учител во Мариово го споменува и Крсте Бинов Андонов од селото Витолиште во Мариово кој, исто така, бил учител, син на уште еден учител од ова село, Бино Андонов. Кај Крсте Бинов, монахот од селото Кокре го среќаваме под името, Лингур. Еве што наведува тој во неговата книга „Записи од Мариово“:

            „Бугарската книга во Мариово првпат била донесена од некој си калуѓер по име Лингур, дојден некаде од Света Гора пред 35-40 години. Како што насекаде во епохата на нашата преродба манастирите и ќелиите биле единствените расадници на просветата, така и тука првата настава на црковно-словенски јазик според познатата ќелијна метода 22) се одржувала во манастирите „Чебрен” (што го споменавме порано), „Успение Пр. Богородици” и „Св. Пр. Илија”. Лека-полека наставата се преместувала од нив и се ширела по селата, ослободувајќи се од непрактичноста на споменатата метода, напредувала но само формално, што сеуште не е доказ дека училиштата во Мариово се поставени на здрава основа.3

Девојки од селото Кокре – стара фотографија
Една од подобро сочуваните куќи во селото Кокре

1 Георги Трајчев, Мариово, Македонска библиотека, Софија 1942, 12.

2 Исто, 28. Тренчо Димитриоски, Древна цивилизација II – Мариово, РАСТЕР КОМ – Прилеп, Прилеп 2002, 32 – 34.

3 Крсте Бинов Андонов, Записи од Мариово.