МИТОЛОШКИ, РЕЛИГИСКИ И ИСТОРИСКИ ВРСКИ НА ЕГИПЕТ СО БАЛКАНОТ И МАКЕДОНИЈА (1)
Основа на развојот на човештвото е заемноста. Цивилизациите и културите се развивале, достигнувале своевиден врв и паѓале, но севкупното човештво продолжувало со својот напредок. Напредокот се должел, токму, на различните достигнувања во различните цивилизации и култури, кои на крајот станувале општочовечка придобивка. Денес, во голема мерка, се водат „битки“ околу тоа кое достигнување, кому му припаѓа. Притоа, во желбата за престиж пред другите, но и за привилегираност, често, различни народи и држави, не почитувајќи ги доказите и аргументите, узурпираат вредности на други народи и држави и, на груб начин, си присвојуваат општочовечки заслуги. Ваквиот однос создава неред во меѓународните односи, кој неретко преминува во серозен конфликт со тешки последици за светот и човештвото. За жал, ваквиот однос, себичноста, нарцисоидноста, шовинизмот бескрупулозното „газење“ на послабите од страна на посилните продолжува до денес. Уште повеќе, можеби, денес се соочуваме со вистинска кулминација на тој негативен меѓусебен однос меѓу народите од светот. Особено, овде на Балканот во кој Македонија и Македонците се во самиот центар на таквата разврска во која, на извесен начин, учествува добар дел од „силниот“ свет. Овде, сепак, горното го користиме само како мал вовед во една тема на заемност меѓу различни народи. Конкретно, старите врски на древната цивилизација и култура на Египет со древната цивилизација и култура на Балканот, а во тој контекст и на Македонија.
Дека на Балканот и Медитеранот, во чиј состав спаѓа и Македонија постоела култура, која егзистирала паралелно со египетската добро е познато од пишаните извори особено од материјалната култура, која е откриена со развојот на Археологијта, Историјата, Етнолгијата, Антропологијата. Меѓу најстарите култури во Медитеранот се сметаат критскоминојската на Крит и микенската, на Пелопонез, но ним, веројатно треба да им се додадат и културите на Бригијците, Пелагонците, Пајонците, Илирите и Тракијците, како култури со свои особености, денес, во официјалната наука пренесувани во една општоприфатена култура под поимот хеленска. Последните четири култури, заедно со културите на уште поголем број етнички заедници од овој простор, во подоцнежниот период биле основа на македонската култура, чие непризнавање во светската наука, како и отфрлање како засебен идентитет во светската култура и општиот културен историски развој на човештвото, претставува своевидна научна, но и општокултурна неправда. Дека има бројни докази и културни сличности и симболи, кои упатуваат на заемност и мешање на египетската култура со културата на Медитеранот и Балканот не треба воопшто да се соменавме. Уште повеќе, тоа е, речиси, нашироко познат факт.
Што се однесува на Балканот, особено на Македонија, најстарите податоци потекнуваат од митологијата и упатуват на извесно религиско поврзување на двата простори во некое далечно време. За тоа говорат старите автори, како Херодот, Плутарх, Диодор, Страбон, Аријан и други антички автори. Едно од старите преданија е поврзано со најстарите жители на Балканот, Пелазгите, кои се народ близок до Пелагонците,1 чие кралство е евидентирано во областа Пелагонија, која своето име го задржала и денес. Имено, тоа старо предание говори за едно од најстарите пророчишта на Балканот, а тоа е пророчиштетот на Ѕевс во градот Додона во Епир. Тоа гласи: „Во далечно време, два црни гулабици полетале од египетската Теба, едната кон либискиот Амон, а другата кон Додона, двете слетале на по еден даб и ги прогласиле дабовите за пророчишта на Ѕевс. Во Додона, свештеничките на Ѕевс ги прислушувале гугутањата на гулабите или шушкањето на лисјата на дабот, или тропањето на металните садови, кои виселе на гранките.“2 За постанокот на пророчиштето во Додона, малку поопширно се произнесол и таткото на историјата, Херодот. Тој во египетскиот град Теба слушнал една приказна за двете пророчишта – за тоа на Балканот и за тоа во Либија (Африка). Таму му раскажувале дека Феникијците грабнале две жени од светилиштето на Амон и една од нив ја продале во Либија, а другата во Хелада. Според тоа раскажување, овие две жени формирале пророчишта на тие места.3 Понатаму, Херодот пренесува дека свештеничките од Додона му раскажувале дека „Од Теба во Египет полетале две цве црни гулабици. Едната од нив долетала во Либија (Африка), а другата долетала во Додона, седнала на една бука и со човечки глас проговорила дека на тоа место треба да се основа пророчиштето на Ѕевс.“4 Херодот понатаму го објаснува преданието, тврдејќи дека двете пророчишта се многу слични и дека гатачката вештина води потекло од Египет.5
Од митолошките преданија познати се и голем број други содржини, кои упатуваат на старите историски и културни врски и блискости меѓу Египет и Медитеранот, а за Македонија е, особено, интересна врската со култот на Дионис, чиј пандан во Египет е Озирис. Според преданието, Дионис, ја пренесол виновата лоза во Египет и ги научил тамошните жители како да ја одгледуваат и да прават вино од неа.6 Ова го сметаме за важно зашто култот на Дионис е особено застапен на македонскиот простор и бил еден од најпочитуваните култови, кој бил чествуван со многу чувства, верба и посветеност.
Не помалку се важни и приказните за подвизите во Египет на античкиот јунак и божество, Херакле, за кои не известуваат старите антички автори. Овде нема да се впуштаме во пренесување на подвизите на Дионис и Херакле во Египет, но ќе истакнеме дека ваквите податоци од митолошките преданија говорат за безброј други врски меѓу двата простора а, особено, не треба да се заборави и преданието за наводната божествена родствена врска на Александар Трети Македонски со египетскиот бог Амон. За овие и другите видови поиврзувања на Македонија и Балканот со Египет во некој следен прилог. Овде малку повеќе внимание ќе му посветиме на информациите пренесени од старите автори за воените подвизи на египетски фарони при кои стигнале до балканскиот простор. Ова особено важи за еден од позначајните египетски фарони, петтиот по ред од дванаесеттата династија, Сезострис III или Сенусрет III (1878 – 1839 пред н.е.), кој на една од своите воени освојувачки операции, стигнал до Мала Азија, го преминал Хелеспонт и освоил делови од Балканот во кои оставил свои обележја – столбови со соодветни натписи со неговото име. Еве што вели за тоа стариот историчар Херодот: „За него (за Сезострис, зм.) свештениците зборуваат дека прв испловил на долги бродови од Арабискиот Залив и ги покорил народите на брегот на Еритрејското Море, но дека потоа морал да се врати, бидејќи стигнал до море по кое поради плитки води не можело да се плови. Кога се вратил од тој подвиг во Египет, како што раскажуваат свештениците, го прокрстарил копното со војска и ги покорил сите народи на кои наишол.“7
На сите места кои ги освоил со сила и со напор, Сезострис оставил столбови со натпис на кои било врежано неговото име и името на неговиот татко а, како што пренесува Херодот, на местата кои ги освоил без мака и војување, поставил исто такви столбови, со ист натпис, но на нив наредил да бидат врежани и срамни делови од женското тело, како потврда дека жителите на тие места биле страшливци и кукавици.8
Информациите од Херодот говорат дека Сезострис од Мала Азија преминал во Европа и ги покорил тамошните племиња, Скити и Тракијци. „Правејќи така, го прокрстарил копното и, најпосле, од Азија преминал во Европа и таму ги покорил Скитите и Тракијците. Мислам дека египетската војска не допрела подалеку. Во земјите на овие народи се гледаат исто такви столбови, а подалеку од Скитија и Тракија тие не можат да се видат.“9
Алудирајќи на овие големи воени подвизи на египетскиот фараон Сезострис, Херодот констатира и силно влијание на Египќаните во освоените простори. „Имено, очигледно е дека Колхиѓаните по потекло се од Египет и во тоа јас лично се уверив пред да слушнам за тоа од другите. За да бидам начисто со тоа, се распрашав за тоа и кај едните и кај другите и Колхиѓаните подобро се сеќаваат на Египќаните, отколку Египќаните на Колхиѓаните. Велат дека Египќаните ги сметале Колхиѓаните за потомци на војниците на Сезострис; јас пак мислам дека тоа е можно, бидејќи Колхиѓаните имаат црна кожа и кадрава коса. “10
Сличноста на Колхиѓаните со Египќаните Херодот ја гледа и по формата и начинот на облекување. Имено, тој вели: „Единствено тие прават ленена ткаенина исто како и Египќаните, а сличен им е и јазикот и целиот начин на живот. Ленената ткаенина од Колхида во Елада се вика сардонска, а ленената ткаенина, која се увезувала од Египет се викала египетска.“11
Столбовите кои ги поставувал Сезострис по освоените земји, како што констатира Херодот, повеќето ги немало и во негово време. Сепак, тој тврди дека во Сириска Палестина самиот имал видено неколку од нив на кои имало натписи и насликани женски полови органи. Во Јонија, пак, во Мала Азија, Херодот споменува и две статуи на Сезострис, едната на патот од Ефес за Фокеја, а втората на патот од Срад за Смирна. Тоа биле скулптури, кои претставуваат човек висок 4,5 лакти (приближно природна височина на човек), кој во десната рака држи копје, а во левата лак, а целата опрема му била египетска и етиопска. Исто така, тој тврди дека преку градите на скулптурата имало натпис со „свето“ египетско писмо, кој гласи: „Оваа земја јас ја стекнав со своите рамена“.12
Иако сосема кратко и недоволно јасно, за освојувањата на Сезострис, но и на Псаметих споменува и Страбон, кој живеел 4 века подоцна од Херодот. „Некои од нив, се разбира, се добро познати на широкиот аудиториум, но преселувањата на Карите (Карците, зм.), Трерите, Тевкрите и Галатите, како и подвизите на владателите, како на скитот Мадус, Египќаните Сезострис и Псаметих, и Персијците од времето на Кир до Ксеркс, не се толку познати за сите.“13
Според извесни информации од старите автори, слични воени подвизи правел и подоцнежниот египетски фараон, Псаметих (664 – 610 п.н.е.), кого со балканскиот простор го поврзува едно старо предание за еден негов „научен“ експеримент. Експериментот се однесувал на тоа да се утврди кој народ на светот е најстар. Дотогаш Египќаните верувале дека се тие најстар народ, па Псаметих решил и да го докаже тоа. Еве како раскажува Херодот за овој стар експеримент на египетскиот фараон, Псаметих: „Две новородени деца од некои прости родители му ги дал на еден овчар да ги одгледа кај стадото, и тоа вака. Наредил никој во присуство на овие деца да не проговори ниту еден збор, потоа да лежат во една осамена куќа, па во определено време да им доведуваат кози, и кога ќе се нацицаат од нивното млеко, пак да ги остават сами. Псаметих го уредил тоа и така наредил, затоа што сакал да слушне кој збор најпрво ќе го изговорат децата, кога ќе проговорат после првото гугање. И така, значи, и се случило. Овчарот го правел тоа цели две години, и кога еден ден ја отворил врататаи влегол внатре, истрчале двете деца пред него со испружени раце и повикале ’бекос’. Кога овчарот тоа првпат го слушнал, не обраќал внимание на тоа, но кога, доаѓајќи кај нив, секогаш од нив го слушал истиот збор, го известил за тоа господарот и, по негова наредба, ги довел децата пред него. А кога тоа го слушнал и самиот Псаметих, се распрашувал кој народ има збор ’бекос’. И најпосле дознал дека таков збор имаат Фригијците и дека тој кај нив значи ’леб’. Затоа Египќаните признале дека Фригијците се постари од нив.“14
Зошто овде го принесуваме ова предание? Па познато е дека Фригијците се народ, кој живеел во областа Фригија во Мала Азија, како и тоа дека тие се дел од племето Бригијци, кои живееле на Балканот, односно, во Македонија, дека се со слична култура и јазик како и Македонците и дека според голем број автори тие се македонско племе, односно, македонска етничка заедница, која до појавата на Македонците го населувале истиот простор кој потоа е познат како етнички простор на Македонците.15
Врските на Медитеранот, како и Балканот во тие рамки, но и Македонија и Македонците во тој состав, со Египет и египетската култура, можат да се разгледуваат од различни аспекти и преку различни дисциплини. Секако се непобитни и заслужуваат многу подлабока анализа. Особено внимание заслужуваат последните три века на Египетското кралство, кога го владееле македонски владатели од лозата на Птолемејците. Засега, остануваме на овој краток осврт, кој се однесува за постарите врски и меѓусебни влијанија.
1 Гаврил Кацаров, Принос кʼм старата географија и историја на Македонија, Блгарското географско дружество, Софија 1921.
2 Роберт Гревс, Грчки митови, Фамилет, Београд 1999, 145.
3 Херодотова историја I, превод Милан Арсениќ, Матица српска, Нови Сад 1988, 137.
4 Исто. – Интересно е дека Херодот ова предание го слушал лично од свештеници и свештенички од храмовите од негово време, меѓу кои и свештенички од споменуваните пророчишта. „Најстарата меѓу свештеничките кои ми го раскажуваа тоа се викаше Променеја, втората Тимарета, а најмладата Никандра … (Херодот, 137).
5 Исто, 138.
6 Роберт Гревс, Грчки митови,…, 85, 86.
7 Херодотова историја I, 155.
8 Исто.
9 Исто.
10 Исто, 104.
11 Исто.
12 Исто, 105.
13 Страбон, Географија, Книга 1, Глава 3 – 21.
14 Херодот, Историја, Книга I, 111, 112.
15 Елеонора Петрова, Бригите на централниот Балкан во II и I милениум пред н.е., Музеј на Македонија, Скопје 1996.