НЕПОЗНАТ НАТПИС СО ИМЕТО ДУОСКУРИД ВО СЕЛОТО НИКОДИН, ПРИЛЕПСКО
(Новооткриен – непознат
епиграфски споменик)
При една наша скорешна посета на селото Никодин, Прилепско, на прагот на вратата на трпезријата забележавме една мермерна плоча со натпис. Натписот е формиран во четири реда, а во првиот ред, јасно, се чита името Диоскурид, додека другите три реда се потешки за идентификување, барем за нас. Откако ја проследивме литературата, која ја поседуваме поврзана со апиграфските споменици во Македонија, констатиравме дека овој натпис од Никодин, до денес, не е регистриран, па можеме да кажеме дека се соочивме со своевидно откритие на еден нов интересен споменик од антиката со натпис, кој допрва треба да биде проучен од епиграфичарите. Ние можеме да констатираме само тоа дека споменикот бил подигнат во име на сеќавање на некоја личност можеби на Дисокурид или самиот Диоскурид го посветил на некој свој современик. Самото име, Диоскурид, е од божествено потекло, односно, тоа води потекло од познатите божества, двајцата браќа близнаци познати како Диоскури.
Дискурите се божества, кои биле многу популарни во античкиот период, меѓу другото, и во македонскиот простор. Нивниот култ е документиран на голем број споменици со релјефи и натписи во Пелагонија, Мариово и Прекурид, областите, кои се главен предмет и приоритет во нашите истражувања на историјата и културата на Македонија. Овие двајца близнаци, Кастор и Полидевк или Полукс биле деца на Тиндареј и Леда, а браќа на Елена Спартанска, позната и како Елена Тројанска, а нивна сестра била и Клитајмнестра,1 која била жена на познатиот крал на Микена, Агамемнон. Двајцата браќа биле многу познати и почитувани во Атина, поради нивните дела. Кастор бил познат како војник и скротител на коњи, а Полидевк како најголем боксер на сите времиња. Браќата биле секогаш заедно и никогаш не се раздвојувале, а заедно се познати со едно име, Диоскури.2 Нивното име означува синови на богот, односно синови на Ѕевс. Всушност, според митологијата тие се сметаат како деца на Тиндареј, но синови на Ѕевс, кој бил заљубен во Леда и поради тоа ја обљубил претворен во лебед. Иако близнаци, поради фактот што Ѕевс ја обљубил Леда, а во исто време таа била и со нејзиниот сопруг, Тиндареј, во преданието се пренесува дека тие се од двајца татковци, односно, едниот е од Ѕевс, а другиот од Тиндареј. Токму поради тој факт, синот на Ѕевс, Полидевк, е бесмртен како и неговиот татко, а синот на Тиндареј, Кастор, е смртен, каков што бил и самиотТиндареј.3
Светилишта на Диоскурите се среќаваат на многу места на Балканот, но и на поширокиот простор во Медитеранот, не само во Спарта од каде потекнуваат. Меѓу другото, тие биле заштитници на морнарите, но и на тврдините и градовите. Двајцата се облекувале исто, претставувани со бригијска – фригијска капа на главата, носеле по едно копје и јавале на коњи.
Токму од нивното заедничко божествено име, Диоскури, на просторот на Пелагонија, Мариово и Прекурид, но и поширко во Македонија среќаваме име изведено од името на близнаците, најчесто Диоскурид или Диоскур. Имајќи ја предвид констатацијата дека Македонците, за разлика од Грците, имале обичај да поставуваат имиња на лица изведени од имињата на божествата и името Диоскурид, кое го среќаваме на мермерниот споменик од црквата „Св. Атанас“ во селото Никодин, Прилепско има божеско потекло, односно од заедничкото име на двајцата близнаци Кастор и Полидевк, Диоскури. Тоа, на своевиден начин потврдува дека култот на овие божества бил почитуван и во областа Прекурид или пошироко, во областа Раец, во која припаѓа и Никодин. Веројатно е дека на некои од околните ридови, со специфични врвови, кои со својата форма ја симболизирале небесната капа, која е карактеристика за споменатите божества, се наоѓале нивни светилишта, односно, самите врвови им биле посветени ним. За споредба ќе го употребиме документираното светилиште на врвот Градиште, меѓу селата Кокре и Пештани во Мариово, каде е пронајдена и мермерна стела со претстава на двајцата близнаци.4 Уште повеќе, култот на овие божества, особено е присутен во областа Пелагонија, која во антиката се протегала на многу поширок простор, односно, во неа спаѓала и областа Раец, па дури и самиот антички град Стоби бил сметан како дел од Пелагонија. Во периодот 187 – 155 и 155 – 120 пред н.е. Диоскурите како коњаници биле претставувани и на римските републикански монети – денари, а тоа се совпаѓа со времето во кое градот Пелагонија (до денес, со сѐ уште јасно неидентификувана локација) бил главен град, односно, центар на четвртиот дел на Македонија (168 – 148 г. пред н.е.), а двајцата јавачи се претставени и на бронзена монета, која ја ковал токму овој град.5
Од селото Никодин потекнуваат и други два споменици со натписи, кои се објавени во научната литература. Првиот потекнува од локалитетот Антои Грамади во околината на селото. Се работи за обработена плоча од мермер и е датирана во вториот век на нашата ера. На плочата среќаваме натпис во 9 реда, во кој се среќаваат повеќе имиња. Прво го читаме името Публиј Ајлиј Маркелин, типично римско име, а по него следи име со мешан состав, односно, дел со римско, дел со домашно потекло и, повторно, со божествено потекло. Се работи за името Гај Дионинос, по кое следат двете имиња, Дионис и Фила.6 Значи, овде среќаваме две имиња на лица со потекло од божество, односно од името на богот Дионис, значи уште еден пример на поставување имиња со божествено потекло.
Вториот споменик е мермерна стела (надгробен споменик во чиј горен дел бил изработен релјеф со претстава на 4 човечки фигури, од десно кон лево – маж во стоечка положба, па две деца, сито така во стоечка положба и, последна, жена седната на постамент или стол. Во долниот дел има натписно поле со текст во 6 реда, на кој се среќаваат неколку имиња – Аурелиј Маркијан, Ајлиа Викторина, Гајан и Орторио. Стелата е во добро сочувана форма. Двата споменика се чуваат во Завод и Музеј во Прилеп.7
Ние забележавме и други споменици од античкиот период во селото Никодин. Особено е интересен еден споменик со релјефна претстава на две змии извиени во вертикален став и свртени една кон друга. Споменикот од Никодин се одликува со посебни карактеристики, но овде нема да правиме посебна анализа за него. Змијата како симбол во областа Прекурид е присутна на повеќе места, па на таа тема ќе подготвиме материјал во иднина. Освен овој споменик, во селото среќаваме и еден мермерен столб – фрагмент, кој бил изработен од домашен камен, а среќаваме и еден споменик со форма на жртвеник (ара), како и еден мермерен камен со неправилна кружна форма, кој располага со корито со кружна форма.
1 Роберт Гревс, Грчки митови, Фамилет, Београд 1999, 197 -202.
2 Исто.
3 Исто, 198, 199.
4 Виктор Лилчиќ, Диоскурите и градот Пелагонија, Македонско наследство, бр. 28, 2006, 63 – 67.
5 Исто.
6 Inscriptiones graecae, epiri, macdoniae, thraciae, scythiae, pars II Inscriptiones macedoniae, ediderunt Fanula Papazoglu, Milena Milin – Marijana Ricl, Gualterus de gruyter, Berolini – Novi Eboraci, MIM, 117, 118 и Tabula XXXIV.
7 Исто.