ЕДНО СВЕТСКО ЧУДО ОД ОКОЛИНАТА НА ПРИЛЕП ПРЕД УНИШТУВАЊЕ ОД МАШИНЕРИЈАТА НА АМЕРИКАНСКО-ТУРСКИОТ КОНЗОРЦИУМ „БЕХТЕЛ И ЕНКА“

Ексклузивен локалитет, единствен по бројот на ретки минерали, кои се застапени на него, вистинско светско чудо за геолозите, минералозите и познавачите на геологијата и минералогијата, но и редок како локалитет кој содржи значајни културни остатоци од населба од праисториските периоди пред ТОТАЛНО УНИШТУВАЊЕ. Нашите информации говорат за тоа дека тешката машинерија, веќе, „бревта“ во близина на локалитетот и е подготвена за бришење на ова светско чудо од лицето на земјата. Надлежните геолошки институции од земјата, барем засега, не покажуваат особен интерес за спречување на овој крајно необмислен чин, а стручните лица кои се ангажирани во нив без верба дека нешто може да се спречи, особено, со оглед на важечката законска регулација и потпишаниот договор меѓу фирмата „Бехтел и Енка“ и домашната влада. Слично е расположението и во институциите, кои се надлежни за заштита на културното наследство во Македонија.

            Ние од Пелагон се прашуваме: Има ли свест, знаење и сила во нашето општество, кои ќе го спречат овој злостор за да се зачува дел од овој локалитет со природни вредности, кои се присутни само на ова место за Македонија, но и за светот, како и материјалната култура, која преостанала на него?

ЛОКАЛИТЕТ НА КОЈ Е ПРОНАЈДЕН РЕДОК МИНЕРАЛ, КОЈ Е НАРЕЧЕН МАКЕДОНИТ

            Се работи за исклучително интересен локалитет, кој се наоѓа во атарите на селата Шелеверци и Алинци, Прилепско. Тој е на само 10 km јужно од Прилеп, околу 300 m источно од патот Прилеп – Битола, околу 500 m јужно од селото Алинци и околу 300 m северозападно од селото Шелеверци, од десната страна на патот Прилеп – Алинци. Познат е под името „Каракамен“ и се состои од два помали локалитети „Шелеверски Камен“ во атарот на селото Шелеверци и „Алински Камен“ во атарот на селото Алинци. И во двата атари овој локалитет е особено интересен од аспект на природни врености, особено присуството на поголем број ретки минерали, како што се МАКЕДОНИТ (пронајден е на овој локалитет и го има уште само на еден локалитет во Шведска), амазонит, титанит, рутил, монацит, арфедсонит, антас и кварц. Ваквите наоди го прават овој локалитет редок во светот и, особено, значаен. Според тврдењето на жителите на двете села – Алинци и Шелеверци, локалитетот бил посетуван од стручни лица – геолози, рудари и минералози уште многу одамна и од разни земји. Особено се нагласува посетата на овој локалитет од извесен германски геолог или минералог, кој подолго време престојувал во селото Шелеверци и го истражувал овој локалитет. Тој со себе носел фотоапарат и кожена чанта во која ги собирал минералите кои ги наоѓал по теренот. Исто така, на локалитетот доаѓале и престојувале по неколку дена и ученици и студенти од рударско-геолошката област од средните училишта во Македонија и Факултетот за рударство и геологија.       За овој локалитет и денес, стручњаците од соодветната област се добро запознати и објаснуваат за неговото значење како редок локалитет во светот на кој се среќаваат повеќе видови минарали, а македонитот е откриен прво тука, а потоа регистриран само уште на еден локалитет во Шведска.

„Каракамен“ – локалитетот со праисториска населба 2

            До шеесеттите години на дваесеттиот век на двата дела на локалитетот „Каракамен“ – Шелеверски Камен“ и „Алински Камен“ располагале со големи карпи со исклучителна форма и изглед. Според кажувањето на современици, особено од селото Шелеверци. Децата од ова село често оделе на ридот со големата карпа на „Шелеверски Камен“. Некои од нив велат дека карпата изгледала многу чудна, па дури и се плашеле да одат кај неа. Била грамадна карпа со разновидни шуплини, темна боја и чудни форми по нејзините профили. „Беше голем камен, многу интересен, со многу дупки како камари, во нив се гнездеа птици. Тој беше огромен и се гледаше оддалеку, но подоцна целиот го искршија за обѕидување на каналите низ Пелагонија.“ (по кажување од Атанас Кузманоски, некогашен жител на селото).

Стара фотографија – поглед на „Каракамен“ од селото Канатларци

            На крајот на шеесетите години, двете карпи, односно, целиот рид бил нападнат од страна на извесна фирма која се занимавала со изградба на одводните канали во Пелагонија и уредување на коритата и кејовите на реките во Прилеп и на други места и, притоа, големите карпи биле целосно уништени. На тој начин е направена непоправлива штета на локалитетот, уништено е непроценливо богатство од ретки минерали иматеријална култура, а целиот локалитет е девастиран и нагрден. Со тоа е нагрден и лишен од такви природни вредности целиот околен простор, во кој, сосема, бил изменет природниот амбиент. Денес на овој локалитет, ова наоѓалиште на 8 различни ретки минерали, за некои светско чудо е пред целосно уништување, всушност, пред бришење од лицето на земјата.

ПРЕД ДОУНИШТУВАЊЕ И ОСТАТОЦИТЕ ОД ПРАИСТОРИСКА НАСЕЛБА НА „КАРАКАМЕН“

            При експлоатацијата на камен за градба се раскопани и големи делови од земниот простор од двете страни на карпите, со што е уништен најзначајниот дел со остатоци од праисториската населба, која се наоѓала околу карпата. Овде, особено, ќе го нагласиме уништувањето на посебните објекти од природен карактер, односно грамадните карпи, кои имале и нагласено културно значење. Тоа произлегува од фактот дека археолошките наоди на двата дела на „Каракамен“ располагаат со разновидни остатоци од стара култура. Ова особено се однесува на локалитетот „Шелеверски Камен“ каде среќаваме разновидни археолошки наоди од керамички садови, фигурини на женски тела, куќен лепеж (остатоци од ѕидови од куќи од печена земја и материјал од дрво), камени орудија, орудија од кремен и други фрагменти од археолошки предмети. Посебно треба да се нагласи присуството на антропоморфни фигури и фрагменти од жртвеници од керамика, кои го потврдуваат постоењето на населба околу големата карпа во времето на енеолитот (3500 – 2500 г.п.н.е.). Сосема е веројатно дека населбата околу оваа карпа започнала да се развива уште во претходниот период, односно, неолитот, но во енеолитот таа посебно се развила и продолжила да живее и во следните периоди, особено бакарното и бронзеното време.

Од минералите на „Каракамен“

            Штетата од уништувањето на карпата е во тоа што таа била централен објект во населбата и имала централно место во духовниот живот на жителите на населбата, како објект, кој бил највисоко почитуван од тогашните жители и бил третиран на таков начин, како своевиден централен култен објект, центар на верување и обожување, како објект во кој престојуваат божествата, кои биле почитувани во тоа време. Извесни остатоци од градежен камен, како и големите количества куќен лепеж упатуваат и на тоа дека градби од населбата – за живеење или за религиски потреби, имало и до самата карпа.

Изградба на пат кај селото Шелеверци со Каракамен во позадина – стара фотографија

Само пред четириесетина години од лицето на земјата, речиси, е избришан единствен споменик на природата и единствен археолошки локалитет од атарот на селата Алинци и Шелеверци, Прилепско. И тоа, само пред неколку децении!!? Ова, сметајќи дека во тоа време, речиси, е неможно да не постоел човек, да не постоела институција или каков било правен субјект, а да не може да забележи дека се работи за вистинско злосторство. Замислете, пред само неколку децении две големи карпи со исклучителни форми и исклучителни културни остатоци, биле употребени за кејови, плочници и сл. Две карпи во внатрешниот дел на Пелагонија, каде таквите појави се сосема ретки, додека по нејзината периферија има изобилство од камен од различни видови. Од друга страна, жителите од околните села и денес раскажуваат за „чудата“ кои ги содржеле овие карпи. И не само тоа, туку тие раскажуваат дека во нивно време на овој локалитет доаѓале личности од Германија, од Словенија и други држави, спиеле тука во шатори и учеле за минералите, кои ги крие локалитетот. Не ни е познато дали тие знаеле и за културните вредности кој биле дел од истиот локалитет. Веруваме дека, барем некои од нив знаеле. Но … . Во седумдесетите и осумдесеттите години на минатиот век, некои „моќни глави“, решиле сето тоа да го уништат за сметка на кејови и плочници. И, во голема мерка, го уништиле, успеале во тоа! Денес нема ни трага од две големи карпи – помалата позната како Алински Камен и поголемата, позната како Шелеверски Камен. Заедно, Каракамен. Со тоа им е нанесена голема штета и неколкуте видови минерали кои биле присутни на локалитетот. Вистинска природна реткост – 8 минерали на едно место. Сепак, според информациите и увидот на лице место, потрагата по ова природно богатство, од страна на лица кои се занимаваат со ретки минерали, продолжува и денес но, еве, се појави нова опасност, многу поголема од та во седумдесеттите години на минатиот век и многу побезумна – сега на локалитетот му се намериле тешки машини за да го доуништат со експлоатација на материјал за подлога на планираната изградба на нов пат Прилеп – Битола. Машините се во близина, чекаат да бидат активирани и да започнат со апокалиптичната цел. Имаме информација дека е направен увид од екипа на Заводот и Музеј од Прилеп, но и информација дека е тешко нешто да се направи и да се спречи злосторството. Речиси, да се псомневаме дека во ова има и нечија свесна намера да ни го земе, нам, но и на светот, на обичниот и на стручниот дел од него, да го уништи и да не лиши од едно вакво неповторливо богатство, светско чудо, нас, но и генерациите што доаѓаат. Малку е да се каже дека се работи за неодговорност, особено, несоодветно е да се употреби ваков термин во ваков случај но, речиси, јасно е дека се работи за безобѕирна и бескрупулозна трка по заработка.

УШТЕ МАЛКУ ЗА ЗНАЧЕЊЕТО НА УНИШТЕНИТЕ КАРПИ И ЗА ОНА ШТО ОСТАНАЛО ОД ЛОКАЛИТЕТОТ

Ние само ќе појасниме: Карпите биле и средиште на култура уште од новото камено време, веројатно, биле своевидни култни објекти, односно, објекти на особена почит, на особен третман и објекти, кои предизвикувале највисока почит кај тогашните жители. Тоа го „кажуваат, големиот број фрагменти од садови од керамика и камени орудија, разни форми, со различно украсување и во исклучителен број, растурени во кршот кој бил направен со минирање и кршење на карпите. Се забележуваат, дури и остатоци од ѕидови од камен, како и остатоци од градби правени со плет и глина, која денес ја среќаваме во изобилство со трагите од дрвото за кое била залепена, поцрвенета или потемнета од сонцето и печките, кои гореле во просториите на објектите.

Минерал од „Каракамен“

Речиси, зачудувачки содржајни се и денешните раскажувања на жителите од двете села за Алински и Шелеверски Камен. Во нив се содржат и природните и културните вредности, кои биле одлика на целиот локалитет и на главните објекти кои го обележувале просторот – двете карпи. Еве едно такво раскажување од нашиот соговорник од селото Алинци, Миле Мирчески:

– Имаше два камена, еден во нашиот атар, Алински Камен и еден во атарот на селото Шелеверци, Шелеверски Камен. Целото место се вика Каракамен. Нашиот камен беше помал, а оној од Шелеверци многу поголем. На двата имаше чудни работи. На Шелеверски Камен скали и стапалка од Кралот Марко, вистинска стапалка. Имаше и три места каде што засекол со сбјата, како и еден бутим. На нашиот камен имаше фурна направена во каменот, со огниште и отвор за да излегува чадот. На двете места се наоѓаа многу убави украси, како за на прстен или за на белегзија. Еден таков украс што лично го видов, мора да имаше злато во него, толку беше убав, ама незнам каде отиде. По нашите куќи имаше многу такви украси порано, незнам каде отидоа. На Каракамен, и денес, доаѓаат некои луѓе, копаат и бараат од таквите украси за да ги продаваат во градот.

„Шелеверски Камен“ од север со датали

Ете, жителите, речиси знаеле дека се работи за нешто вредно, исклучително. Знаеле геолози, рудари и минералози. Знаеле ли институциите што се занимавале и биле надлежни за културното наследство? Не сме запознати со тоа, но уништувањето на вакви вредности, барем нам, ни изгледа непростливо, апсурдно и крајно неодговорно. Ваквата констатација, сепак, изгледа излишна по направената деструкција. Ние, сепак, сметаме дека, со соодветен однос, може нешто да се зачува, особено да се истражи и дознае за културните и природните вредности на овој локалитет, кој во извесни стручни области е познат и во светот. И не само тоа, туку и да се уреди, истражи, афримира и уреди во корист на поширокиот свет, особено за научниот дел од светот, кој може да дојде до драгоцни сознанија за геологијата, за минералите, но и за геолошкиот развој на овој простор. Најновите настани поврзани со овој локалитет го фрлаат во вода нашето мислење па, дури, и надежите дека, сепак постои зрела свест во нашето опкружување.