ОД ПРЕСТОЛНИНАТА НА ПЕЛАГОНСКОТО КРАЛСТВО – „ВИГНАТА“, ЛОКАЛИТЕТ СО ОСТАТОЦИ ОД РАНОХРИСТИЈАНСКА БАЗИЛИКА

Еден од локалитетите кои, всушност, се дел од големиот локалитет „Старо Бонче“ или барем се во негова непосредна близина, е и локалитетот со впечатливи археолошки наоди, познат како „Вигната“. Тој се наоѓа од западната страна на долината и сосема е веројатно дека е само дел од големата населба која егзис­тирала во антиката која, во содоветниот период (до 4 век п.н.е.), била своевиден центар на Пелагонците, односно, центар на Пелагонското кралство. Овој локалитет претставува една помала тумба на чии падини и зарамнети места се забележуваат впечатливи споменици од мермер, остатоци од ѕидови од градби, меѓу кои, сосема веројатно, и еден стар храм, а според извесни белези и ранохристијанска базилика.1 Тука, до скоро, можеше да се види еден добро сочуван мермерен столб, како и еден фрагмент од мермерен столб, кој е поставен на видно место на локалитетот, а можат да се сретнат и други мермерни елементи, кои упатуваат на раното христијанство, односно, мермерни елементи од старата христијанска базилика.2 Такви се едно, малку оштетено, прозорско мено, импост капител за мено, како и поголем фрагмент од мермерен архитрав (греда).  Освен мермерните архитектонски елементи се среќаваат и поголеми количества градежен камен, фрагменти од керамика и сл.

Фрагмент од мермерен блок на „Вигната“

На падините на кои се среќаваат остатоците од ранохристијанската базилика, се наоѓа и некропола со гробови од типот циста,3 што значи дека во времето во кое христијанската градба била активна во нејзина близина имало и погребување, односно, во црквата се вршеле и погребни христијански обреди. На околу 200 m западно од локалитетот „Вигната“, на една каменеста тумба, се наоѓаат добро обработени гробови во карпа.4 Таа е оддалечен околу 2 km југоисточно од селото Бонче и претставува една поголема тумба, со карпа на нејзиниот врв и извесен зарамнет дел земна површина. На карпестата површина можат да се забележат десетина гробови вдлабени во карпа, кои се дел од некропола на карпестата тумба. Освен гробовите, на површината на карпите од североисточната страна, се гледаат и други траги од длабење, како каналести и кружни форми и сл.,5 можеби дел од некаква симболика поврзана со култот кон предците. Според формата на гробните јами, кои главно се правоаголни, може да се претпостави дека потекнуваат од раната антика, односно, од македонскиот период. Токму во тој период се среќаваат археолошки остатоци во поширокиот круг на локалитетот „Старо Бонче“. Од локалитетот, познат како „Спаница“, кој е недалеку одовде потекнуваат и неколку монети од антички македонски кралеви.  Тоа упатува на констатција дека и споменатата некропола може да потекнува од сличен период, односно, од раната антика – времето на владеењето на македонските кралеви, Аминта III, Филип II, Александар III, Касандар и Александар IV, чии монети се пронајдени на овој лока­литет.6 Локали­тетот е регистриран и во Археолошката карта на Република Македо­нија во која се спо­менуваат осамени наоди “од хеленистичкото и доцноантичкото време”, односно монети на Александар Македонски и Јован II Комнен.7

Камен блок – елемент од старата градба

Од поширокиот простор на големиот локалитет „Старо Бонче“ се познати голем број други наоди на монети од македонските кралеви од антиката,8 а на мало растојание од „Вигната“ е и местото на кое се пронајдени штитовите – остатоци од бронзени опкови на дрвени штитови, со апликација на големо сонце во релјеф и натпис по периферијата на кругот на сонцето „BASIL[EWS] DHMHTРIO[U]“ (КРАЛ ДЕМЕТРИЈ) и седум осумкраки помали сонца по периферијата на кругот на штитот.9

Штит од Бонче, Прилепско – фрагмент 2

Прашањето од каде на ова место, дури, три штитови со посвета на македонскиот крал Деметриј е, особено, интересно. Секако, тоа упатува на значењето на античката населба, која била расположена на голем простор на локалитетот „Старо Бонче“, кај селото Бонче, Прилепско, како и на локалитетот „Висока“ („Ќаве“, „Цуцул“), во атарот на селото Крушевица, Прилепско, каде во 2002 година откривме градба со монументални димензии, изградена од големи и квалитетно оформени камени блокови, под највисокиот дел од врвот.10 Се разбира, претпоставката дека овој локалитет крие голема населба во раноантичкиот, односно, македонскиот, римскиот и доцноантичкиот период е поставена на цврсти основи, како што има и цврсти аргументи, барем од археолошка природа, кои упатуваат на тоа дека таа е долго бараниот, исчезнат град, Пелагонија, ценатар на кралството на Пелагонците и центар на четвриот дел на Македонија по римското завладување.

Локалитетот „Вигната“, е само мал дел од споменатата населба, односно, од големиот антички град, чии остатоци ги среќаваме во разни форми на секој чекор на широкиот локалитет, „Старо Бонче“, како и на, нему, соседните локалитети. Овде, особено, мислиме на локалитетот „Павла Чука“ со кралската гробница, но и на други локалитети, кои допираат до „Старо Бонче“. Всушност, долината меѓу селата Бонче и Подмол, како и нејзините соседни простори, кријат завидна култура од античкиот период, која чека на откривање, растајнување, презентирање и афирмација. За жал, до денес, културните содржини на овој простор се наоѓаат во незавидна положба, без соодветно истражување и, речиси, без никаква заштита.

Два гроба во карпа 2

При нашата последна посета на локалитетот „Вигната“ доживеваме уште едно разочарување од аспект на заштитата на културното наследство. Експонатите, кои до пред извесно време беа на самото место, денес се во нечиј непознат двор. Големиот и добро сочуван мермерен столб, прозорското мено и импост капителот не успеавме да ги видиме, а жители од селото Бонче тврдат дека извесни лица дошле со теренско возило, ги товариле и ги однесле во непознат правец.

Кралската гробница меѓу селата Подмол и Бонче
Кралската гробница меѓу селата Подмол и Бонче
Пред влезот во кралската палата
Пред влезот во кралската палата

   

1 Дејан Кебакоски, Ранохристијанска базилика на Вигна, Бонче, Прилепско, 51 – 58.

2 Исто, 55 – 57.

3 Исто, 54, 55.

4 Тренчо Димитриоски, Древна Пелагонија II, Ризница – Прилеп, Прилеп 2009, 41, 42.

5 Исто.

6 К. Кепески, Монети на македонските кралеви …, 41 – 63.

7 Археолошка карта …, 282.

8 Костадин Кепески, Монети на македонските кралеви во збирката на прилепскиот музеј, МАА, бр. 7-8, Скопје 1987, 41 – 63. Тренчо Димитриоски, Древна Пелагонија II, 35, 36.

9 Темелкоски Душко, Пјер Жуел, Антички македонски штитови од Пелагонија, Прилеп 2007. Тренчо Димитриоски, Древна Пелагонија II, 33 – 38.

10 Тренчо Димитриоски, Древна цивилизација II – Мариово, РАСТЕР-КОМ – Прилеп, Прилеп 2002, 140 – 143.