АЛЕКСАНДАР МАКЕДОНСКИ – ПРВИОТ МАКЕДОНЕЦ, ФАРАОН НА ЕГИПЕТ
МИТОЛОШКИ, РЕЛИГИСКИ И ИСТОРИСКИ ВРСКИ НА ЕГИПЕТ СО БАЛКАНОТ И МАКЕДОНИЈА (2)
Размената на културите – обичаите, симболите, религиите, култовите и ритуалите меѓу различните народи е постојана појава низ долгата историја на чивештвото, таа е во континуирана динамика, во меѓусебна комуникација, заемно движење и надополнување, со еден збор, владее севкупна заемност, чиј резултат е развој на културата на човекот во најопшта смисла. Таков впечаток се добива читајќи ги старите автори, кои пишуваат за историјата на разновидните кралства, народи и култури и нивното испреплетување во различни форми. Во тој комплекс од култури и културни идентитети, на автентичен начин со вклопува и македонската култура, со сите свои културни белези, религиски и историски вредности. Следејќи ги достапните информации од најстарите автори, кои пишувале за овој простор и неговите историски, митолошки, религиски, културни и етнографски вредности, можеме да ги следиме и најстарите врски на Македонија и Македонците со другите култури од Медитеранот, па и пошироко. Овде, нашата цел е да допреме до таквите врски со Египет и египетската култура, како една од најстарите култури во развојот на човештвото. Всушност, во овој текст, ќе се концентрираме на приказната за раѓањето, верувањата и физичките контакти на Македонците со Египет и египетската култура, во времето на големиот освојувач, Александар III Македонски.
Познато е дека на својот голем поход преку големата империја, Персија, до Индија, Александар Македонски со својата војска го освоил и Египет. Всушност, не постои вистинско воено освојување на ова кралство од Александар и Македонците, туку постои само влегување во земјата, каде големиот крал војсководач и неговата македонска војска се пречекани како сакани гости, односно, како ослободители. Всушност, според старо предание, доаѓањетона Александар било очекувано, и тој е пречекан како свој човек, крал, фараон а, оттука, и како божество.1 На што се должи ваквата постапка на Египтјаните со Александар? Дали е тоа ослободувањето од стегите на Персијанците, кои во тоа време владееле со Египет освојувајќи го претходно со војна? Можеби и тоа е една од причините, но многу подлабоко не носаат преданијата и легендите, како и историските и културните врски на тогашна Македонија и поширокиот Балкански Полуостров со Египет. Оние, кои нѐ упатуваат на севкупната испреплетеност на цивилизациите, културите, кралствата и народите, односно, нивниот близок контакт и блиска соработка и размена уште во тоа време. Денешната расцепканост во политичката тесноградост, материјализмот, затворањето во мали духовни простори, малодушноста и себичноста нѐ спречуваат да ја видиме заемноста во животот и опстанокот на стариот свет.
ЗА ПОТЕКЛОТО НА АЛЕКСАНДАР МАКЕДОНСКИ ОД ХЕРАКЛЕ, ЅЕВС И АМОН
За горната цел ќе се обидеме да ги дофатиме најстарите информации, поврзани со културната заемност меѓу двете култури, кои се основа за врските на Македонците и Александар со египетската култура. Ќе започнеме со Херодот, кој на повеќе места нагласува дека многу божества, односно, нивните имиња во нашиот простор дошле од Египет,2 а меѓу нив, со Египет е поврзан и врховниот бог, кој се почитувал во претхристијанскиот период, Ѕевс. Неговото појавување на Балканот упатува на своевидна заемност меѓу него и врховниот бог на Египтјаните, Амон. Херодот му посветил сериозно внимание на потеклото на боговите на овој простор, особено, на имињата на боговите. Тој, како што раскажува, лично одел во најстарите храмови на божествата и, таму, разговгарал со свештениците, кои им служеле. За да добие податоци за потеклото на Херакло, тој одел во Египет, разговарал со египетските свештеници и од нив добивал интересни информации. Според нив, овој бог бил многу стар култ во Египет, па тврделе дека тој потекнувал 17.000 години пред фараонот Амасис (570 – 526 п.н.е) (Амазис II, познат и како Ахмос), кога од осум богови станале 12, а за еден од нив тврделе дека е Херакло.3 Продолжувајќи со своето истражување, Херодот се упатил во градот Тир, каде имало храм на овој бог. Свештениците во овој храм тврделе дека храмот бил изграден кога што бил изграден и самиот град, во тоа време, веќе, бил стар 2.300 години4 но, во Тир, Херодот посетил уште еден храм на Херакло, кој се викал храм на Херакло од Тасос и кого го поврзува со доаѓањето на Феникијците на овоие простори. Овој храм, според Херодот, потекнувал 5 поколенија пред раѓањето на Херакло, синот на Амфитрион (и Алкмена, зм.).5 Овој Херакло, синот на Амфитрион и Алкмена, се славел како јунак, односно, како херој. По добивањето на овие информации, Херодот констатира дека „Херакло е едно прастаро божество“, па додава дека „имаат право оние Хелени, кои имаат два храма на Херакло и во еден од нив принесуваат жртви на божеството кое се вика Олимписки Херакло, а во другиот му принесуваат жртви како на умрен херој“.6
За нас е посебно интересна последната констатација и информација од Херодот. Имено, од историската и археолошката наука е познато дека старите Грци Херакло го славеле како јунак, односно, како херој, додека старите Македонци го славеле како бог.7 Се разбира дека овој факт заслужува многу поголемо внимание и посебно објаснување, односно, подлабока анализа на информациите од старите автори, но ние само ќе се навратиме на врската со овој бог и Александар III Македонски, кој потекнува од македонската лоза кралеви Хераклиди од која прв крал, по предание, бил Херакле а, според историските податоци, за прв македонски крал од оваа лоза, го знаеме Каран (808 или 825 – 778 п.н.е.). Неколкумина од старите автори, кои пишувале за Александар Македонски, го нагласуваат ваквото потекло на Александар, односно, дека тој по татко е по потекло од Херакле, а по мајка од Ахил.8
Друг бог, кој ги поврзува Египет и нашиот простор, односно, денешниот Балкански Полуостров, е Ѕевс чиј пандан во Египет е Амон. Овие дава култа ги поврзува старо предание, кое го пренесуваат античките автори. Тоа, исто така, го пренесува Херодот, кој го истражувал култот на Амон во Египет, како и култот на Ѕевс во тн. Елада.
Херодот пренесува тоа што му раскажувале свештениците на Амон во градот Теба во Египет. „Свештениците на Амон во Теба ми раскажуваа дека таму еднаш Феникијците грабнале и ги однесле од храмот две жени и, едната, како што слушнале тие, ја продале во Либија, а другата во Хелада, па дека тие жени, всушност, први основале пророчишта кај споменатите народи.“9
Од свештениците во Додона во Епир, Херодот слушнал поинакво предание. Имено, тие му раскажале: „Од Теба во Египет одлетале две црни гулабици. Едната од нив долетала во Либија, а другата долетала кај нив (кај свештениците, зм.) во Додона, застанала на една бука и со човечки глас проговорила дека на тоа место треба да се основа пророчиште на Ѕевс. Тие тоа го сметале за наредба на богот и веднаш го направиле. За онаа гулабица, пак, која одлетала во Либија велат дека наредила да се основа пророчиште на Амон и во Либија, значи, уште едно пророчиште на Ѕевс. Најстара од свештеничките, кои ми го раскажуваа тоа, беше Променеја, втората Тимарета, а најмладата Никандра, а со нив се согласуваше и другото свештенство од Додона.“10
Светилиштето во Додона, се смета за најстаро светилиште – пророчиште на Ѕевс на Балканот и се поврзува со најстариот народ на овој простор, Пелазгите.11 Според научниците, етнонимот Пелазги не може да се одвои од етнонимот Пелагонци,12 а неговата етимологија не води во многу други простори и до многу други имиња, како Пела, Пелоп, Пелопонез, Пелагион, Пелена и други слични познати именувања.
АЛЕКСАНДАР, ЅЕВС И АМОН
Според преданието, кое го раскажувале Македонците, Александар не е син на Филип, туку на Ѕевс, односно на Амон. Значи, додека претходноизнесенотопредание од Херодот ги оврзува Ѕевс и Амон, поновото предание го поврзува Александар Македонски со Амон. Според ова предание, Александар не е син на Филип, туку син на Амон, а предането за оваа врска го наведува еден египетски фараон, кој во времето на раѓањето на Александар бил пребеган во Македонија. Тој располагал со необични волшепства, па со нив, и овозможил на мајката на Александар, Олимпијада, да зачне преку мистичното појавување и присуство на споменатиот бог. Предание за тоа дека Александар бил син на Амон пренесувале и самите Македонци.13
Мирното прифаќање на власта на Александар и Македонците од страна на Египтјаните, некои од авторите го објаснуваат, токму, со овој факт, односно, со фактот дека Александар бил сметан за син на врховниот египетски бог,14 што значи тој го има правото на оваа земја и може да владее со неа како фараон. Всушност, може да се каже дека Александар е првиот Македонец, кој е прогласен за фараон, владател на Египет, а по неговата смрт, како фараон, продолжил да владее неговиот близок другар и генерал, Птолемеј Лагов за кого Македонците тврделе дека му бил полубрат, односно, дека му е брат по неговиот татко Филип II Македонски.15 Македонската лоза Птолемеи продолжила да владее со Египет и следните, речиси, три века, се до последниот потомок на оваа лоза, кралицата Клеопатра VII, која е една од најпознатите личности во светската историја.
Прашањето е дали во тоа време, односно, во времето на Александар Македонски немало раширено предание во Македонија и Египет за своевидна заемност, односно, предание, кое упатувало на некакво пророштво, кое го знаеле свештениците во Египет, особено оние во храмовите на Амон, кои го толкувале на начин дека од Македонија ќе дојде спасителот на Египет, кој во тоа време бил во ропски услови наметнати од Персиското кралство. Фактот дека во тоа време пророштвата имале посебно место во животот на човештвото, особено во животот на кралските семејства, оди во прилог на изнесеното. Старите автори, кои пишувале за животот и освојувањата на Александар Македонски му даваат посебно место на неговиот однос кон божествата, а особено на неговиот однос и постапката кон египетскиот врховен бог Амон.16
Александар, по големата победа над Персијанците во битката кај Ис, заземањето на Феникија, заедно со градот Тир, на Сирија и Палестина, како и голем дел од Арабија, од Газа се упатил кон Египет и, најпрво стигнал во градот Пелузиј,17 кој бил пограничен град на Египет. Не наидувајќи на отпор во Египет и заземајќи ги градовите на неговиот пат без борба, стигнал во градот Мемфис, а таму му принесол жртви на богот Апис и на другите богови и, по организирањето на свечени гимнастички и музички натпревари, со штитоносците, стрелците Агријани и кралската коњаничка чета од своите повереници пловел низ реката Нил, се до морето.18 Кога стигнал во градот Каноб, го испловил езерото Марија (Мариотис) и дошол до местото на кое решил да направи нов град, кој ќе го носи неговото име и ќе биде своевиден нов центар на неговата империја, односно, центар на светот. Имено, во близина на Каноб, тој го забележал островот Фар и тоа место му се видело како најзгодно за големиот потфат, кој го планирал, односно, изградбата на новиот град Александрија.19
1 Плутарх, Александар Македонски, Славните ликови од антиката, избор од Споредбени животописи, превод, увод и белешки – Милан Ѓуриќ. Матица српска, Нови Сад 1978, 133 – 137., Pauzanija, Vodič po Heladi, Logos, Split 1989, 209. Аријан, Александрова војна (Анабаза), Матица Хрватска, Загреб 1952, 104 – 108.
2 Херодотова историја, книга I, Матица Српска, Нови Сад 1988, 126 – 136.
3 Исто, 131, 132.
4 Исто, 132. По освојувањето на градот Тир, Александар Македонски принесол жртви во храмот на Херакло и приредил голем број свечености во негова чест (Аријан, Анабаза, 99.
5 Исто.
6 Исто.
7 Наде Проева, Студии за античките Македонци, Historia Antiqua Macedonica, посебни изданија, Скопје 1997, 162.
8 Плутарх, Александар Македонски, 101. Диодор, ИСТОРИЧЕСКАЯ БИБЛИОТЕКА, Книга XVII, I.
9 Херодот, книга I, 137,
10 Исто.
11 Исто, 135 – 138.
12 Гаврил Кацаров, Пеонија, Прилог кон старата етнографија и историја на Македонија, Бугарско географско друштво, Софија 1921, 9.
13 Pauzanija, Vodič po Heladi, Logos, Split 1989, 209.
14 Аријан, Александрова војна…, 107. Pauzanija, Vodič po Heladi, Logos, Split 1989, 209.
15 Pauzanija, Vodič po Heladi, Logos, Split 1989, 25.
16 Плутарх, Аријан, Диодор и други.
17 Аријан, Александрова војна…, 104.
18 Исто, 105.
19 Исто. Плутарх, Александар Македонски, 133 – 135.