ПЕЛАГОНСКОТО КРАЛСТВО И НЕГОВИТЕ ДВА ИМПОЗАНТНИ ОБЈЕКТИ ОД АТАРИТЕ НА СЕЛАТА КРУШЕВИЦА, БОНЧЕ И ПОДМОЛ
На просторот на Македонија, освен во делот, кој денес е во рамките на Грција, најзначајни археолошки објекти, односно, културни спооменици од античкиот период се наоѓаат во областа Пелагонија. Што значи тоа и како треба да се толкува и објаснува? Дали Пелагонците биле една од македонските заедници, која во тој период достигнала највисоко културно ниво и зошто е тоа така.
Последниве две децении, за жал, малку „срамежливо“ беа актуелизирани два крупни археолошки локалитети со два крупни археолошки објекта, кои упатуваат на значењето на Пелагонците во подлабокото минато. Тоа се монументалниот објект на врвот Висока на Селечка Планина и, исто така, монументалната гробница на ниските падини на истиот врв, на страната на рамнината, Пелагонија, меѓу селата Бонче и Подмол.1 Првиот објект беше новооткриен, во 2002 година,2 додека вториот беше познат од поодамна, за жал, во голема мерка запоставен од археологијата во Македонија. И, додека за вториот објект се знае дека бил гробница на некоја истакната личност од 4 век пред нашата ера, за објектот од врвот Висока, само се претпоставува дека е своевиден кралски дворец или значајно светилиште од истиот период.3 За жал, иако, на почетокот беа започнати помали археолошки зафати и беа откриени делови од ѕидовите градени со монументални камени блокови и скали за влез во внатрешноста на градбата, како и впечатливи движни наоди од керамика и метал, меѓу кои и монети од различни периоди, почнувајќи од македонскиот период, се до доцниот среден век,4 активностите брзо беа прекинати, а градбата оставена на стихијата на времето и природата. Слично се постапи и со кралската гробница од локалитетот „Павла Чука“, која доживеа извесни нови откритија, кружен ѕид („прстен“) околу погребната градба, повеќе конструкции од погребување во мали форми – гробови од типот циста, како и извесни движни наоди,5 но целата градба, повторно, остана во недооткриена, неуредена и неугледна форма, изложена на оштетување и уривање. Во меѓувреме, беа направени и неколку помали ископувања на делови од некрополи на локалитетот „Старо Бонче“, а притоа беа пронајдени поголем број интересни археолошки наоди,6 кои упатуваат на повиоско културно ниво на населбата од раната антика и следнте периоди. најзначајните објекти, монументалната градба од Висока – претпоставената кралска палата и кралската гробница од локалитетот „Павла Чука“ како да паднаа во сенка, односно, беа занемарени и покрај нивната ексклузивност и значење за археологијата, историјата и културата.
Мораме да истакнеме дека несоодветниот однос кон толку значајни археолошки објекти и локалитети, односно, кон културни споменици од највисокакатегорија упатува на помисла дека институциите во државата, надлежни за оваа област, немаат капацитет за соодветно следење на потребите од истражување, проучување, презентација и заштита на ваквите културни споменици или (се надеваме дека не е така) немаат соодветен интерес за тоа.
За нас нема дилема дека двата споменати објекти, кралската палата (условно кажано) од Висока и кралската гробница од „Павла Чука“ се централни културни споменици, остатоци од пелагонската култура, која е малку позната, не само за пошироката, туку и за научната јавност. Се разбира, кон нив се придружуваат и голем број археолошки објекти, како и археолошки предмети од движен карактер, кои потекнуваат од нив и нивната околина. Особено, треба да се имаат предвид значајните споменици на култура од Пелагонија, како што се гробниците од македонски тип, кои археолозите ги карактеризираат и како „пелагонски“, зашто оваа област располага со значаен број такви погребни објекти – неколку десетици.7 Од оваа култура не можат да се издвојат, ниту камените објекти, односно, винарниците во камен кои, исто така, во оваа област се присутни во завиден број,8 иако тоа не е многу познато за научната и општествената јавност.
Постоењето на импозантни архитектонски обејкти, какви што се споменатата кралска гробница и кралскиот дворец, кои располагаат со посебни вредности – нагласени архитектонски димензии, посебна градежна техника и привлечност, изградени со големи камени блокови и сл., упатува на посебно општествено, политичко и културно значење на просторот од нивната околина, бидејќи станува јасно дека со овие објекти се поврзани највисоки личности, владетели на поширока област, кои имале значајна моќ за поширокиот простор во овој дел на Блаканот. Некои сличности на градбите на овие два објекти, со сличните градби од поширокиот Балкан, особено на југот од Пелагонија, во егејскиот дел на Македонија – денес во Грција, како што се кралските гробници од Ајга, упатуваат на посериозно размислување и анализа на карактеристиките и нивната културна и идентитетска заемност. Овде, само ќе наведеме едно наше скромно забележување на сличност на градбата на погребната просторија од „Павла Чука“ и гробницата од Кутлеш, која се смета за гробница на Филип II Македонски. Имено и двете погребни простории биле изградени со сличен материјал, односно, блокови од полесен и полесно обработлив камен – бигор.
ЗНАЧЕЊЕТО НА ИМПОЗАНТНИТЕ ОБЈЕКТИ НА ВИСОКА И „ПАВЛА ЧУКА“ И ВИСОКИТЕ ЛИЧНОСТИ ПОВРЗАНИ СО НИВ
Двата споменати централни објекти од пелагонската култура се опкружени со специфични археолошки наоди од различен вид. Меѓу нив, особено, доаѓаат до израз големиот број обејкти во камен со разновидна симболика,9 кои во иднина треба да бидат подведени под посебно научно истражување и анализа, како своевидни експонати на една постара култура од тн. мегалитска култура. Во тој контекст, посебно место имаат населбите од енеолитот и бронзеното време, кои биле формирани околу карпи со импозантни димензии и впечатливи форми и голем број други видови слични културни појави и ескпонати,10 кои носат потенцијал да бидат карактеризирани како дел од една култура со свои особености и вредности, односно, како дел од посебната пелагонска култура.
Кога имаме предвид дека се работи за два значајни објекта од старата пелагонска култура, мораме да помислиме и на значењето на нивните сопственици, односно, на личностите, кои ги поседувале како свое живеалише, односно, владетелски објект – кралската палата на Висока и почивалиште – кралската гробница од локалитетот „Павла Чука“. Всушност, се работи за прашањето, кои се владетелите, кои владееле со Пелагонците и нивното кралство од палатата на врвот, Висока, и кој е покојникот за кого била изградена кралската гробница од „Павла Чука“. Во порталот Пелагон, во поранешен прилог, се обидовме да идентификуваме неколку кралеви на Пелагонското кралство,11 но темата е навистина малку истражувана, а со тоа и малку позната, па треба да се очекува дека иднината ќе ни донесе посериозни информации за нив. Во врска со тоа, особено, се значајни археолошките истражувања, кои треба да дојдат во некоја поскора иднина, со соодветен однос на високите државни институции, кои се надлежни за материјалната култура на Македонија, односно, за нејзиното истражување, заштита и афирмирање.
Споменуваните кралеви, како епонимниот јунак, Пелагон – Пелегон, кој се споменува уште во стариот еп на Хомер, Илијада,12 секако треба да го имаме предвид, зашто ја навестува староста, потеклото и идентитетот на Пелагонското кралство и соодветната култура. Извесни податоци, како пелагонски кралеви ги наведуваат имињата, Сира, Арабај или Арабеј,13 но податоците до денес не се на соодветно ниво за вистинска потврда. Од друга страна, слични или исти имиња на кралеви и во Линкестидското кралство упатуваат на блиски врски, односно, на срдоство меѓу нив, што упатува на заемност и сродство меѓу Пелагонците и Линкестите. Всушност, информацијата дека двете заедници се македонски14 и информацијата дека под Пелагонија, во постарите периоди се подразбирала и целата етничка територија на Македонија15 зборува за уште поинтересна заемност и етничка и култура поврзаност. Многу подоцна споменуваните кралеви и високодостојници на Пелагонското кралство, како кралот со непознато име, но определен со името на епонимот, Пелагон, како и неговиот современик, Менелај Пелагон, кои ги среќаваме на епиграфски споменици, едниот од 365/4, а другиот од 363/2 година пред н.е.,16 недвосмислено го потврдуваат постоењето на Пелагонското кралство. Според она што е познато од историските документи и литература, ова кралство постоело до доаѓањето на македонскиот кралски престол на Филип II Македонски, кој територијата на Пелгонското кралство ја вклопил во кралството Македонија.17 Имајќи го предвид фактот што Пелагонците, како и Линкестите, биле македонски племиња, нивното влегување во рамките на поголемото Македонско кралство, веројатно, не било многу „болен“ процес. Можеби токму поради тоа не се познати какви било воени дејства за нивно припојување кон Македонија. Уште повеќе, извесни сродства меѓу кралските куќи, како што е она на Филип II со кралското семејство на Линкестите, односно, на неговото потекло по мајка од градот Линк, центарот на споменатата заедница,18 веројатно биле олеснителен момент при тоа припојување. Такви сродни членови, според се, имало и во двете кралски семејства – на Пелагонците и Линкестите кои, како заедница, веројатно, се издвоиле од заедницата на Пелагонците, односно, освен, македонско, тие (во постарите периоди) можат да се сметаат и за пелагонско племе. Веројатно, токму тоа е причината за појавата на исти имиња на кралеви и кај двете кралства – на Пелагонците и на Линкестите. Такви имиња, пак, се Сира и Арабеј.19
Следејќи го континуитетот на историјата и културата на Пелагонците и пелагонското кралство, интересно е да се спомене и еден обид за индицирање за можното потекло од кралската лоза на Пелагонците на еден од најзначајните војсководачи на кралевите Филип II и неговиот син, Александар III Македонски, Парменион.20 Според некои од авторите, има голема веројатност дека тој потекнува од кралската лоза на Пелагонците, односно, дека тој е последниот крал од таа лоза, со кого ова кралство на македонското племе Пелагонци влегло во составот на големото Македонско кралство во 359 година п.н.е., со доаѓањето на власт на кралот Филип II.21
ПАРАДНИТЕ ШТИТОВИ НА КРАЛОТ ДЕМЕТРИЈ ОД ЛОКАЛИТЕТОТ „СТАРО БОНЧЕ“
При пишувањето за центарот на Пелагонското кралство кој, според сите индиции, бил на просторот на врвот Висока, кај селото Крушевица каде се наоѓал престижен, централен објект на кралството – кралска палата и тврдина и на локалитетот „Старо Бонче“, кај селото Бонче каде се наоѓала голема отворена населба и кралска гробница,22 мора да се имаат предвид различните случајни или намерни наоди на движни или недвижни археолошки експонати, на просторот на самите локалитети или во нивната поблиска околина. Најпрво, не можеме, а да не истакнеме дека пронајдените три штитови на локалитетот „Старо Бонче“,23 кои беа резултат на диво копање, е вистински доказ за богатството на овој простор со разновидни археолошки остатоци од ексклузивен карактер. Секако, присуството на штитовите на овој локалитет не е случајна работа, туку показател за значењето на овој комплексен локалитет во минатото и за фактот дека на него се крие значајна населба – центар на стара култура, односно, центар на пелагонската култура и Пелагонското кралство. На бронзениот опков од штитовите, од кој се сочувани фрагменти од три различни штитови, се среќава симболот на Македонците – македонско сонце со дванаесет краци во централниот дел и 7 такви симболи со 8 краци по периферијата на кругот на штитот, како и името на еден македонски крал, односно, кралот Деметриј, кое е релјефно претставено кружно околу централниот симбол.24 Фактот што се работи за парадни штитови упатува на натамошно размислување, односно, дека во градот, кој опстојувал на овој простор во античкиот период се случувале значајни општествени, воени и политички настани со свечени паради и други видови манифестации со присуство на кралеви и кралски достоинственици. Ваквите наоди се релативно ретка појава, не само во Македонија, туку и во поширокиот простор на Блаканот, а тоа упатува на значењето на населбата, која егзистирала на ова место. Значи, парадните штитови, кои се случајно пронајдени на локалитетот „Старо Бонче“ кај селото Бонче, Прилепско, упатуват на тоа дека на тој простор се наоѓала значајна населба во која имало значајни и престижни градби, значајни институции и слично. Се разбира дека во неа се наоѓале и непредвидливо количество значајни предмети од различен тип кои, веројатно, во голем број се исчезнати и однесени во непознат правец, но соодветно археолошко истражување, сепак, може дадоведе до значајни откритија, кои ќе помогнат во расветлувањето на димензиите и карактерот на населбата за која се претпоставува дека бил градот Пелагонија, центарот на Пелагонското кралство и главниот град на четвртиот дел на Македонија по нејзината поделба по освојувањето од страна на Рим.25
ЗНАЧАЈНИ НАОДИ ОД ОКОЛИНАТА НА ПРОСТОРОТ НА КОЈ БИЛ РАСПОЛОЖЕН ГРАДОТ – ПРЕСТОЛНИНА
При ваквата анализа, не треба да се занемарат и археолошките остатоци и археолошките наоди од атарите на околните села, како што се селото Подмол и Лопатица од страната на Пелагонија, како и селата Крушевица, Орле и Чаниште од страната на Мариово, па и малку подалечните села, Кален, Дуње и Пештани. Во некои од нив се пронајдени значајни археолошки локалитети како и археолошки наоди од повисоко естетско ниво, кое коинцидира со значењето и нивото на населба каква што бил градот меѓу селата Бонче, Подмол и Бонче со главните локалитети, „Висока“, „Старо Бонче“ и „Павла Чука“.
Еден интересен локалитет, во близина на селото Лопатица, познат како „Голем Камен“,26 може да се третира како значаен пелагонски „експонат“, како по содржините со кои располага, така и по карактеристиките на наодите и симболиката застапена на нив и на објекти од неговата блиска околина. Освен специфичните наоди од енеолитот и бронзеното време пронајдени при едно, релативно, скромно археолошко истражување,27 посебно место има една поголема неистражена некропола во подножјето на ридот „Голем Камен“, која претставува мистерија за археологијата,28 а не помалку интересни се и извесни објекти во карпи, со разновидна антропоморфна симболика направена со боја или со врежување.29
При ваквата анализа не треба да се заборават наодите од околината на селото Подмол, каде често се појавуваат разновидни фигури од бронза и други видови материјали, посветени на разни божества, како и остатоците на разновидни градби со мермерни архитектонски елементи. Такви остатоци има во кругот на денешното основно училише, во кругот на црквата „Св. Димитрија“, како и на други места низ самото село и неговата околина.30 Сите тие упатуваат на извесно значење на поширокиот простор, односно, на значењето на извесна населба во центарот на тој простор.
Наодите од атарот на селото Крушевица, особено оние од 4 век п.н.е., особено се вклопуваат во тој амбиент на естетиката на повисоката култура, соодветна на значењето на населбата од Висока. Во тој амбиент, особено, влегува еден наод на значаен експонат од крајот на класичната уметност на раната антика, односно, македонскиот период – извесно поклопче од огледало со квалитетна претстава во релјеф на горгоната Медуза, како и фигури од бронза на Херакле, Пан, претстава на Силен и други слични наоди од тој период.31
За нас, посебно се значајни два помали локалитети од блиската околина на Висока – „Градиште“, кој претставува понизок рид со рамно плато и остатоци од тврдина од страната на селото Крушевица32 и Цветково, сличен помал рид од страната на селото Бонче.33 Двата помали рида, претставуваат вистински чувари на главниот врв, Висока, на кој бил расположен утврден дел од големата населба – престолнина и сосема е сигурно дека играле, баш, таква улога, бидјќи и двата рида располагале со слични содржини, односно, заштитни ѕидови, кои веројатно биле снабдени со соодветна посада, за следење на движењето од пониските делови во околината – од рамнината Пелагонија и котлината, Мариово, како и за заштита на главниот центар, кој се наоѓал на Висока..
1 Тренчо Димитриоски, Древна Пелагонија I, Ризница, Прилеп 2009, 15 – 26.
2 Тренчо Димитриоски, Древна цивилизација II – Мариово, РАСТЕР-КОМ, Прилеп, 2002, 140 – 143.
3 Виктор Лилчиќ – Дејан Кебакоски, Историјата на истражувањето и убицирањето на античкиот град Пелагонија, Македонско наследство бр. 27, Македонска цивилизација, Скопје 2006, 28.
4 Виктор Лилчиќ, Диоскурите и градот Пелагонија, Македонско наследство бр. 27, Македонска цивилизација, Скопје 2006.
5 Антонио Јакимовски – Душко Темелкоски, Археолошки локалитет Павла Чука – истражувања 2019, Археолошки информатор, ЗГ Менелај, Прилеп 2019. Тренчо Димитриоски, Древна Пелагонија I, 21 – 26.
6 Антонио Јакимовски – Душко Темелкоски, Археолошки локалитет Павла Чука
7 Тренчо Димитриоски, Древна цивилзација I – археологија, митологија, преданија, Прилепско, ЦПРТВ – Прилеп, Прилеп 2000, 121 – 126. Древна Пелагонија I, 138 – 148 и 159, 161. Александар Миткоски, Објекти издлабени во карпа од Прилепско, МАА бр. 14.
8 Исто. Тренчо Димитриоски, Древна цивилизација II – Мариово…
9 Тренчо Димитриоски, Камени богови – мегалити и карпи со култни белези, Ризница, Прилеп 2013.
10 Исто.
11 Тренчо Димитриоски, Траги од пелагонски кралеви, pelagon.mk, мај 6, 2018.
12 Хомер, Илијада, превод Михаил Д. Петрушевски, Македонска книга, Скопје 1982, XXI песна, Рапсодија П, „Патроклово одликување“, песна XVI, почетни стихови и „Бој крај реката“, стих: 153 – 160, 358.
13 Тренчо Димитриоски, Древна Пелагонија I, 24, 25. Иван Микулчиќ, Пелагонија у светлости археолошких налаза од егејске сеобе до Августа, том III, АДЈ, Археолошки музеј, Скопје 1966, 73. Џ. Р. Елис, Македонскиот империјализам, превод од англиски Свето Серафимов, Мисла, Скопје 1988, 80.
14 Thukydides, The Peloponnesian War, Oxford Worldʼs classics, 127. Страбон, книга 7, фрагменти, 11. Диодор Сицилиски и др.
15 Гаврил И. Кацаров, Пајонија – принос кон старата географија и историја на Македонија, Бугарското географско друштво, Софија 1921, 9 (види: Фуснота 3, стр. 8 и 9.
16 Фанула Папазоглу, Македонски градови у римско доба, Жива антика, Скопје 1957, 199, 200. Наде Проева, Студии за античките Македонци, HISTORIA ANTIQUA MACEDONICA, посебни изданија, книга 5, Скопје 1997, 107. Р. Џ. Елис, Македонскиот империјализам, 356 (белешка 79). Фанула Папазоглу, Хераклеја и Пелагонија, Жива антика, IV год., 2 том, Филозофски факултет – семинар за класична фолологија, Скопје 1954, 324.
17 Нема историски информации за каков било судир меѓу Филип II и Пелагонците, што значи дека припојувањето на територијата на пелагонското кралство се случила на мирен начин, со своевиден договор. Сепак, има индиции дека некои од високите Пелагонци не се сложувале со анексијата, а еден од нив бил веќе споменуваниот Менелај Пелагон, кого во тоа време не го среќаваме на територијата на Пелагонија и Македонија, туку во Атина, Мала Азија и на други места.
18 Наде Проева, Студии …, 107.
19 Фанула Папазоглу, Хераклеја и Пелагонија, 324.
20 Џ. Р. Елис, Македонскиот империјализам, 81.
21 Исто.
22 Тренчо Димитриоски, Древна Пелагонија I, 21 – 23.
23 Темелкоски Душко Пјер Жуел, Антички македонски штитови од Пелагонија, Прилеп 2007.
24 Исто.
25 Фанула Папазоглу, Хераклеја и Пелагонија. Виктор Лилчиќ – Дејан Кебакоски, Историјата на истражувањето и убицирањето … 25.
26 Александар Миткоски, Извештај од извршен увид на локалитетите “Големи Камен” и “ѓупска Пештера” кај с. Лопатица, Завод и Музеј Прилеп. Тренчо Димитриоски, Древна пелагонија I , 48 – 52. Тренчо Димитриоски, Остатоци од населба од енеолитот и бронзеното време кај селото Лопатица, Прилепско, раскопана со експлоатација на гранит, pelagon.mk, февруари 5, 2019.
27 Истражувањето беше направено по нападот на локалитетот од страна на концесионер со отворање рудник за експлоатација на гранит ред дваесетина години.
28 Тренчо Димитриоски, Древна пелагонија I, 56, 57. Тренчо Димитриоски, Остатоци од населба од енеолитот и бронзеното време кај селото Лопатица, Прилепско, раскопана со експлоатација на гранит, pelagon.mk, февруари 5, 2019.
29 Исто, 53 – 56 и 57, 58.
30 Исто, 44 – 47.
31 Тренчо Димитриоски, Древна цивилизација II – Мариово, 145 – 148.
32 Исто, 154.
33 Тренчо Димитриоски, Древна пелагонија I, 43.