ЕДНО ГОЛЕМО, НО ПОДЗАБОРАВЕНО ЗЛОСТОРСТВО НА БУГАРСКАТА ВЛАСТ ВО ПРИЛЕП ОД ВРЕМЕТО НА ПРВАТА СВЕТСКА ВОЈНА
Големите злосторства не застаруваат и не можат да бидат заборавени, но можат да бидат „подзаборавени“ или „подзадскриени“. Определени политички и системски констелации, пак, придонесуваат за таквото „подзаборавање“. Асимилаторските пропаганди играле голема улога, како во извршувањето на злосторствата, така и во нивното „подзаборавање“. Денес, се чини, некои од тие пропаганди станаа дел од официјалната, односно, од националната политика во Македонија. Се оди дури дотаму, та се обидуваат да ни наметнат мислење дека злосторствата биле извршувани во името на националното освестување и напредокот на Македонија. Колкава е штетата од злосторствата и надворешната политика во однос на нив можеме само да претпоставуваме. На разни начини, како дел од структурите на државите, носители на асимилаторските пропаганди, во нив се инволвирани и Македонци, кои во определени настани одиграле значајна улога во македонската историја и култура. Заклучоците околу овој факт не треба да бидат избрзани, зашто тие можат да го поттикнат раздорот меѓу Македонците и да го раситнат македонското ткиво со заземање, ваква или онаква пропагандистичка страна. Целта на пропагандите е токму тоа, односно, постигнување внатрешен раздор во Македонија и меѓу Македонците. Затоа, секое потсетување на злосторствата на пропагандите треба да го искористиме за да извлечеме поука и да ги согледаме објективните околности во кои се збиднувале тие и да бараме вистински излез од наметнатата состојба на раздор, која и денес владее со македонското општество. Уште повеќе, таа состојба, денес, често изгледа уште полошо. За да биде злото поголемо, пропагандистичката политичка машинерија вината за злосторствата им ја припишува на самите Македонци, кои секогаш се нејзини жртви, без разлика дали се на една или на друга страна. Иако е сосема јасно дека зад пропагандистичките лабаратории стојат силни државнички структури, извесен број од Македонците, од различни побуди и интереси, стануваат дел од нив, а кај друг дел се создаваат нејаснотии, збунетост, недефинирани чувства и нејасно оформени ставови во врска со сопствениот идентитет.
ЅВЕРСТВОТО НАД 44 ПРИЛЕПЧАНИ ИЗВРШЕНО ОД БУГАРСКАТА ВЛАСТ НА 15 ЈАНУАРИ 1916 ГОДИНА
Примерот со злосторството, кој ќе го изнесеме овде ги содржи сите погореизнесени елементи. Се работи за злосторство, според објавената вест во српскиот весник „Илустровани Лист“, извршено на 15 јануари 1916 година, во близина на Прилеп, северозападно од градот, во местото, кое и денес е познато како „Ѓупско Долче“.1 Веста за злосторството, од авторот Ђорђе Тодоровић, под наслов „Бугарска ѕверства“, поткрепена со фотографии од жртвите, е објавена во мај 1921 година.2 Според објавената вест, во една јама во местото „Ѓупско Долче“ биле пронајдени и откопани 44 тела на масакрирани прилепчани. Според авторот на веста, состојбата на откопаните тела упатувала на тоа дека сите 44 покојници биле живи закопани, поради тоа што „на нив никаде не можеше да се види дка се убиени од пушка, туку само удирани со тупо орудие“.3 На некои од телата се забележувале разновидни повреди, како скршени черепи, траги од тепање по разни делови од телата, скршени коски и сл. Според авторот на текстот, сите жртви биле врзани еден за друг, натрупани во јамата еден преку друг, а на многумина им биле врзани, односно, покриени и очите со крпа.4
Иако авторот изнесува податок за 44 тела, односно, за 44 жртви на злосторството на бугарската војска во Прилеп, на фотографијата, која е пренесена заедно со информацијата, се забалежуваат поголема група граѓани со неколку тела од жртвите. Според авторот на текстот, тоа е направено селективно, поради определени причини, веројатно, повторно е во игра пропагандата, односно, на фотографијата се претставени телата на лица, кои се иднтификувани како соработници на српската пропаганда, па и нејзини „стари четници“. Самиот автор изнесува дека „на сликата се само неколку тела затоа што тоа го сакавме ние, односно, нивните семејства, кои сме околу нив фотографирани“.5 Меѓу нив ги споменува, Јосип Ристиќ од Прилеп, како стар српски четник, извесен Јевтиќ, исто така српски четник, потоа Никола хаџи Јоваковиќ – ракиџија и Милорад Ѓукановиќ.6
Авторот информира дека сите 44 жртви, по потекло, се од Прилеп и неговата околина, односно, од Прилепскиот срез и констатира дека сите се убиени без никаква вина, а како командна личност во извршувањето на грозниот чин, односно, старешина на војниците, кои го извршиле го наведува Милан Ѓурлуков, стар македонски војвода по потекло од селото Кривогаштани. Датумот на злосторството, според објавениот текст, е 15 јануари 1916 година, два месеца по доаѓањето на Бугарите во Прилеп, а до извршувањето на злосторството, тие биле чувани во затвор, каде биле подложени на „иследување“.7
ЗЛОСТОРСТВОТО БИЛО ЗАДСКРИВАНО
Овој настан е, речиси, непознат за денешната јавност, односно, има индиции дека бил „задскриван“, па тешко е да се најдат информации за него на друго место. Извесно расветлување за злосторството сретнавме во една необјавена брошурка, која ја составил Драган Белокоски – Дупјачанец од селото Дупјачани, општина Долнени, по кажување на неговиот татко, Цветан Белокоски, кој за „влакно“ бил спасен и бил очевидец на егзекуцијата на прилепчаните. Уште на почетокот на оваа брошура, авторот го потврдува фактот дека злосторството било намерно задскривано. Имено, според Драган Белокоски, неговиот татко бил приморан 30 години да молчи за настанот, „од страв за својата безбедност.“8 Интересна е констатцијата на Драган Белокоски поврзана со фактот дека настанот успешно бил скриен од јавноста, но и од историчарите во Прилеп и Македонија. Еве што изјавува за тоа, Белокоски: „Истражувајќи околу овој настан, се сретнав и разговарав со повеќе еминентни историчари на градот Прилеп, но на никој од нив не им беше познато, а мнозина од нив овој настан го мешаат со тн. Дабничко клање, друг трагичен настан од нашата понова историја, кој се одиграл во 1941 и 1945 година.“9
Податоците изнесени за ова злосторство во брошурата од Драган Белокоски, во извесен дел, не се совпаѓаат со оние од објавената информација во весникот „Илустровани лист“ но, речиси, е сигурно дека се работи за ист настан. Имено, во „Илустровани лист“ е наведено дека датумот на злсторството е 15 јануари 1916 година, додека кај Белокоски е наведен 14 август 1915 година. Несовпаѓање има и во изнесениот број на жртвите, односно, во српскиот весник се работи за 44, а кај Белокоски за 19 жртви.
Во секој случај, јасно е дека се работи за настан во текот на Првата светска војна, дека злосторството е направено од страна на бугарската власт во Прилеп, а не е спорно ниту местото на злосторството, односно, „Ѓупско Долче“. И во двата текста има поголем број сличности и во описот на самиот настан, односно, дека затворениците се однесени на споменатото место, дека намерата била да не се пука во нив со оружје, туку да бидат убиени на друг начин, односно, со поинакви орудија. Откопаните тела, за кои информира весникот „Илустровани Лист“, дава јасна потврда дека во ликвидирањето на жртвите не било употребено огнено оружје.
Во двата текста има разлика и во наведувањето на лицето, кое било старешина на војниците за извршување на егзекуцијата. Имено, додека во српскиот весник е наведен стариот војвода Милан Ѓурлуков, кај Драган Белокоски го среќаваме името на Спиро Тошев, исто така, познат војвода од Македонската револуционерна организација и прилепчанец по потекло. Како и да е, и двата известувачи ја потврдуваат состојбата и страдањата на Македонците во канџите на странските пропаганди, иднтифиувани како подржувачи на една или друга страна. Мора да се има предвид фактот дека, токму, состојбата предизвикана од пропагандите, нивните пропагандистички мерки за асимилирање на Македонците и силеџиството во нивното применување се основна причина за положбата на Македонците и нивното страдање. Тоа го потврдува и настанот од „Ѓупско Долче“.
Описот на настанот кај Драган Белокоски се должи на раскажувањето на само едно лице, и тоа, триесетина години по неговото извршување, па мораме да примиме со резерва голем број изнесени факти во него. Сепак, фактот, што раскажувачот е жртва на бугарскиот терор и очевидец на целото случување, заслужува целосно внимание. Поради тоа ќе ги пренесеме најзначајните делови од него во овој материјал.
Сагата за настраданите прилепчани во „Ѓупско Долче“, според текстот на Драган Белокоски, започнува во времето по Втората балканска војна од 1913 година, кога Врадарскиот дел на Македонија и е доделен на Србија. Имено, веќе летото 1914 година, Србите почнале да регрутираат војска од новододелената територија. Една таква група била собрана од Прилепско и одведена во Јагодина за да бидат оспособени за идни офицери во српската војска во Македонија.10 Токму во оваа група, која била составена од 20 лица бил и Цветан Белокоски од селото Дупјачани, Прилепско. Иако обуката требало да трае 1 година, звршила за 6 месеци, а во неа, покрај воената вештина, идните македонски офицери биле убедувани дека „тој народ што се нарекувал Македонци се, всушност, Срби само со посебен дијалект на говорот.“11
Во 1915 година, поради губењето на воените позиции во војната со Бугарија, српската власт морала да се повлече од Македонија, а групата офицери, кои биле подготвувани за офицери во српската војска во Македонија се нашла во поинакви услови, односно, им било понудено да останат во српската војска во самата Србија, но тие ја одбиле понудата правдајќи се дека во Македонија имаат свои семејства, сопруги, деца, мајки и татковци и дека сакаат да се вратат во своите домови во Македонија. Тие биле на возраст од 35 до 45 години и сите имале семејства со по 5-6 деца. По подолго убедување и навреди дека сите тие се Бугари и затоа сакаат да ја напуштат српската војска, луѓето биле пуштени да си заминат, но без основни средства за опстанок, без пари за превоз, без храна и слично. По долго патешествие и проблеми поврзани со превозот и прехранувањето по патот, една вечер, пред зимските празници, стигнале во Прилеп. Нивната среќа од враќањето во своите домови и средбата со своите семејства немала крај. За жал, среќата не траела долго. Откако ги поминале зимските празници и дошла пролетта, во месец мај, ненадејно, биле уапсени од бугарската власт и затворени во прилепскиот затвор. Во затворот останале околу два месеца без да бидат обвинети за што било.12
На крајот од третиот месец, односно, на самиот празник „Св. Богородица“13 ги разбудиле рано во затворот, околу 3 часот по полноќ, „ги врзале двајца по двајца, врзани над лактите. Во најголема тишина го напуштиле прилепскиот затвор,…“ Ги довеле во местото „Ѓупско Долче“, кое однапред било определено за намерата, која ја имале. Со себе понеле и алат за копање – казми и лопати и, кога дошле на местото, веднаш ги присилиле затворениците сами да си го копаат гробот, пуштајќи ги по пет-шест души за да копаат и до 7 часот јамата била готова. Бугарските полицајци не криеле зошто се затворениците доведени на местото, туку отворено и дрско почнале да избираат кој кого од затворениците ќе го убие, односно, ќе го коли. Еден од полицајците, кој бил најмал од сите, пројавил желба да го заколе најголемиот од затворениците, кого го викале Боге Црвениот и бил од селото Долнени, Прилепско. Како последна желба пред егзекуцијата, им донесле на затворениците една кофа со вода од бунарчето во близина и им дале да пијат, обраќајќи им се со зборовите: „Напијте се за последно, зашто не чини да одите суви на тој век!“14
ЦВЕТАН БЕЛОКОСКИ ГО СПАСИЛА МАЈКАТА БОЖЈА – СВЕТА БОГОРОДИЦА
Додека се случувале споменатите активности на местото „Ѓупско Долче“, мајка му на Цветан Белокоски, кој бил еден од затворениците, утрото, пред да се разбуди, се разбудила сонувајќи чуден сон. Од сонот ја разбудила св. Богородица за да појде во затворот кај својот син и да му однесе храна зашто, со тоа, не само што ќе го нахрани, туку и ќе му го спаси животот. Станала неговата мајка, Злата, ставила едно пиле да се вари, замесила погача и усукала мазник, па откако ја спремила храната, ја скорнала својата ќерка, Васка, и се упатиле кон затворот во Прилеп. Таму ги пречекал Спиро Тошев, кој веднаш ги препознал Злата и Васка, зашто бил роднина со нив, односно, бил женет за сестра на Лефта, жена на еден од браќата на Цветан, Тале. По обавениот разговор, Спиро ја испратил Злата со нејзината ќерка Васка за дома, пренесувајќи ѝ дека затворениците се појдени во касарните каде растоварале ќумур и дрва, дека таму ќе останеле целден, па не може, тој ден, да го види син ѝ Цветан.15
Откако заминале жените, Спиро Тошев со брзање се упатил кон „Ѓупско Долче“, кај затворениците и, кога стигнал, веднаш прашал кој е Цветан Белокоски, а кога Цветан се јавил, Спиро му наредил на еден од стражарите да го одврзе, Спиро му покажал на Цветан на местото на брегот крај градината, која била во близина, а овој, зачуден, отишол таму и седнал крај бунарот, кој се наоѓал во близина. Веднаш потоа, Спиро се завртил кон групата со затворениците и наредил: „Масакрот може да почне!“.
„Во тој миг оној најмалиот во групата се одвоил и се упатил кај Боге Црвениот извикувајќи: ʼнаведи ја главата бе прч еден!ʻ и посегнал да го фати за брадата, пуштајќи ја левата рака, а во десната го држел ножот со кој сакал да го заколе. Но, кога Боге ја видел смртта пред очи – смрт што му се заканувала од еден двапати помал од него, си рекол: ʼНе, не Боге, не смееш да загинеш како жена туку ќе загинеш како маж!ʻ Ја пуштил Боге раката, ја фатил со неа раката на крвникот што го држела ножот, го стуткал под себе и му го закачил ножот три-четири пати во грбот, при што овој умрел тука, на лице место.“16
Откако забележал што се случува, самиот Спиро свикал по стражарите да стрелаат со пушките во затворениците, а тие ги грабнале пушкте и веднаш припукале во нив. Затворениците, погодени на разни места испопаднале на местото и, како што пишува Драган Белокоски, по раскажувањето од неговиот татко, Цветан, „кој со скршеници на раце, кој на нозе, пиштејќи така, уште живи биле фрлени во дупката што сами си ја ископале, за да бидат живи закопани.“17
По закопувањето на 19-те прилепчани (Цветан, во своето раскажување, му пренесол на Дргана дека биле убиени 19 прилепчани) Спиро Тошев, лично, се вратил во затворот заедно со Цветан Белокоски и му го предал на командирот на затворот со наредба строго да го чува за да не му се случи ништо лошо, зашто ќе одговара лично пред него, велеќи му: „– ако се случи некој да го убие, јас тебе ќе те убијам!“18
Во затворот, Цветан останал уште три месеци, а за тоа време го фотографирале него и неговите другари, а фотографиите ги испраќале по селата во кои Србите „палеле и гореле“, па кога не добиле никаква вест за тоа дека некој ги видел да учествуваат во колежите што ги правеле Србите, Спиро донесол решение да го пушти Цветана на слобода. Пред да ги испрати дома, тој го повикал во својата канцеларија насамо и строго му наредил да внимава да не каже никому за масакрот во „Ѓупско Долче“, ако сака да остане на слобода.19
По заминувањето на Бугарите, откако завршила Првата светска војна, Цветан Белкоски продолжил со својот живот, во периодот кога Македонија била под српска власт, но набрзо, во 1918 година, повторно се нашол затвор, кога извесни жители на Горно Село, кое е соседно село на Дупјачани, му го украле стадото овци. Тогаш Цветан морал со пушка да си го врати стадото од грабнувачите, а притоа еден од нив бил ранет и Цветан затворен и осуден на 13 години затвор. По извесна обнова на случајот, казната му била намалена на 5,5 години, која ја одлежал во периодот 1918 – 1923 година.
Во 1941 година, Цветан по вторпат се сретнал со Спиро Тошев, кој дошол со бугарската војска во Прилеп, а притоа дошол на гости во Дупјачани со своја придружба. При повторната средба со Спиро, кај Цветан оживеало сеќавањето за масакрот во „Ѓупско Долче“.
Цветан зел активно учество во НОБ, а по ослободувањето на Македонија, во 1946-47 година бил оставен за претседател на општина Дупјачани. За потребите на образованието во селото, Цветан доброволно ја отстапил својата убава куќа за училиште. Ова училиште го носи и неговото име во периодот од 1946 до 1956 година, односно, се викало „Народно основно училиште Цветан Белокоски“, с. Дупјачани. Починал во длабока старост од 85 години, во 1952 година.20
На крајот, само да констатираме дека податоците за масакрот во „Ѓупско Долче“ во Прилеп, пренесени од авторот на текстот во српскиот весник „Илустровани Лист“ и оние во раскажувањето на Цветан Белокоски, кој жив сведок бидејќи бил приморан да го следи грозоморното ликвидирање, односно, закопувањето на неговите, сѐ уште живи сограѓани, не се совпаѓаат во битни моменти. Сепак, според описот на настанот, веројатно е дека се работи за ист настан, пренесен на два различни начини. Особено, голема е разликата во бројот на жртвите, кои во „Илустровани Лист“ се 44, додека во раскажувањето на Цветан се 19, како и разликата за старешината, кој командувал за извршувањето на масакрот, односно, во првиот извор е наведен Милан Ѓурлуков, додека во кажувањето на Цветан Спиро Тошев. Нема разлика во името на местото на кое се случил грозоморниот чин, односно, на двете места стои името „Ѓупско Долче“, а постои совпаѓање во тврдењето дека жртвите биле со повреди по телото и дека биле закопани во јамата, сѐ уште живи. Како и да е, ваквите грозоморни дела не можат и не треба да бидат заборавени, туку да бидат своевидно предупредување за да не се повторат. Секако, останува обврска на историчарите, во името на вистината, да го расветлат овој грозоморен настан со трагични последици за голем број лица и семејства од Прилеп.
1 Ђорђе Тодоровић – архивар од Прилеп, Бугарска зверства – невине жртве побијене код Прилепа, „Илустровани лист“, бр. 20, мај 1921 година, 5.
2 Исто, 14.
3 Исто, 5.
4 Исто.
5 Исто.
6 Исто.
7 Исто.
8 Драган Белокоски – Дупјачанец, Масакрот на Џупско Долче – во Прилеп (необјавена брошура), 14 август 1915, 3.
– Му благодариме на авторот за искажаната доверба и допуштање да искористиме податоци однеговата брошура.
9 Исто, 3, 4.
10 Исто, 9.
11 Исто, 10.
12 Исто, 13.
13 Исто.
14 Исто, 13, 14.
15 Исто, 14, 15.
16 Исто, 15, 16.
17 Исто, 16.
18 Исто.
19 Исто.
20 Исто, 23.