СОСТОЈБАТА ПРЕДИЗВИКАНА СО ЕКСПЛОАТАЦИЈА НА МИНЕРАЛНИ СУРОВИНИ ВО ПРИЛЕПСКО СТАНУВА КАТАКЛИЗМИЧНА

Веќе десетина дена, жителите на Прилеп, особено, жителите на селата Ореовец, Крстец и Плетвар се крајно вознемирени од една долго запоставувана и неконтролирана состојба поврзана со издавање концсии за експлоатација на мермер. Нередот од десетици копови за мермер околу градот сè повеќе заличува на еколошка катаклизма, која му се заканува и на градот Прилеп.

            Експолатацијата на минарални суровини во Прилепско станува сериозен проблем за градот Прилеп и некои од блиските населени места. Ова, особено, се однесува на експлоатацијата на мермери, која последниве децении доживеа експанзија со експлоатација на огромни количества мермер. Притоа се уништуваат цели природни ридови, а се создаваат огромни нови вештачки планини од неправилни мермерни блокови, тампон и мермерна прашина. Со натрупаниот мермерен отпад се уништуваат и старите патишта, како и извори на вода, а околните ридови се испресечени со патишта за транспорт на мермерното „злато“. Со еден од рудниците е уништено и селото Присад кое, буквално е затрупано, односно, блокирано од огромни купови од мермерен крш и тампон, со чести експлозии од минирање, со облаци бела прашина, која се дига до небото, како и со громогласни звуци од тешката механизација, па условите во него се невозможни и опасни по животот. На тој начин, на сопствениците од селото Присад им е оневозможено располагањето со сопствениот имот, односно, користењето на имотот претставува и своевидна опсаност по квалитетот на животот во ова село.

Новиот коп кај Ореовец е опасна закана за селото и долината

            На слична опасност, како споменатото село Присад, сè повеќе, се изложени и селата Плетвар и Ореовец, а загрозени се и условите за пристап до, исто така, атрактивниот простор на селото Крстец, кое се наоѓа подлабоко во пазувите на планината Бабуна, во подножјето на убавиот врв Козјак. Последниве неколку месеци, особено, е загрозен опстанокот на селото Ореовец, кое располага со десетици новоизградени куќи, вили и камп-куќички, во кои постојано се присутни неколку десетици граѓани, а неколку семејства се со постојан живот во селото. Уште поважно, селото е ставено во урбанистички план на општина Прилеп со изработен генерален и детален урбанистички план, а некои содржини, како детски паркови и игралишта, како и детска градинка се планирани, токму, во близина на најновиот коп, кој е отворен и се започнати активности за ископ на материјал за тампон за патишта. За таа цел е ангажирана соодветна тешка механизација, а се вршат и минирања, кои ги оштетуваат градбите во селото и силно ги вознемируваат неговите жители и сопствениците на градбите во селото.

ЕДИНСТВЕНИТЕ ИЗВОРИ НА ВОДА ЗА ПИЕЊЕ НА ПРИЛЕП СЕ ДОВЕДЕНИ ВО ОПАСНОСТ ОД ЗАГАДУВАЊЕ ИЛИ ИСЧЕЗНУВАЊЕ НА ВОДАТА

            Дека издавањето концесии личи на несериозен однос и хаотична постапка, потврдува и фактот што никој не ги зел предвид можните деструкции на поширокиот простор на падините на планината и во долината, каде се наоѓаат, според некои постари жители, дури, 10 извори на вода за пиење, која е вклучена во градската водоводна мрежа на Прилеп. Уште повеќе, тие се единствените извори на вода за пиење со кои располага Прилеп во рамките на својата општина. Дека со минирање во нивна близина и извршување активности, кои претставуваат тешка деструкција на природните геолошки форми изворите се доведени во опасност нема никаква дилема. Од друга страна некои од изворите се на опасно блиско растојание до самиот коп. Според информации од жители на селото Ореовец, по неколку минирања во споменатиот коп, од некои локални извори е забележано истекување матна вода. Постојат сериозни сомневања дека надлежните за издавање концесии немат соодветен увид на просторот на кој е отворен копот во близина на Ореовец. Тоа значи дека не се земени предвид основните услови за потпишување договор и издавање одобрение за вршење експлоатација.  Фактот дека копот е на само неколку стотици метри од последините градби во селото може да се утврди и со обична посета на селото. Дека минирање во таква близина на градбите претставува сериозна опасност за нив, исто така, може да се констатира со обичен поглед. Какво е чувството да се престојува во простории од градба во чија близина се минира најдобро знаат сипствениците на градбите во Ореовец и Плетвар. Тешката деструкција и нагрдувањето, односно, нарушувањето на природниот амбиент на овој убав предел, полн со разновидни природни и културни вредности, претставува вистински грев.

Градата слика на планината меѓу селата Плетвар и Ореовец

            Надлежните институции, кои издаваат концесии и одобренија за истражување и експлоатација, веројатно, ги занемариле основните вредности, кои треба да бидат заштитени од вакви деструктивни активности. Освен изворите со вода за пиење, безбедното живеење на жителите и располагањето со сопствениот имот, загрозено е и културното наследство со кое атарите на селата Ореовец, Плетвар и Крстец се, исклучително, богати. При еден површен увид, лично забележавме остатоци од култура и на самиот локалитет на кој се наоѓа последниот коп на кој работи странската фирма „Бехтел И Енка“. Дали е направен соодветен увид од надлежна институција не ни е познато, но со оглед на кусиот период во кој е зпочнат копот, тешко дека тоа се имало предвид.

МАКЕДОНСКАТА СИВКА (ЧИНГОВА ОКАТКА) ЕНДЕМСКИ ВИД ПЕПЕРУТКА СТАВЕНА НА ЦРВЕНА ЛИНИЈА НА ЗАГРОЗЕНИ БИОЛОШКИ ВИДОВИ ВО СЕРИОЗНА ОПАСНОСТ ОД ИСЧЕЗНУВАЊЕ

            Чингова окатка, Македонска сивка или лажна хазарка (Pseudochazara cingovskii) е ендемски вид пеперутка, која живее на само 1,5 km2 во атарот на селото Плетвар. Токму тука се отворени десетина копови за мермер, тампон и слични суровини. Веројатно е дека добар дел од нејзиниот ареал е уништен, а бројот на Македонската сивка намален. Според научниците на овој мал простор се констатирани само 3000 возрасни единки на оваа пеперутка и тој број е во опаѓање. Поради тоа Македонската сивка е ставена на црвена линија на загрозени животински видови во светот. Ставањето на таква листа на загрозени видови, надлежните институции како и да не го забележуваат, па рударските копови околу селото Плетвар и Ореовец никнуваат преку ноќ. Последниот коп беше оној во близина на селото Ореовец, кој исто така го загрозува ареалот на споменатата ендемска пеперутка, но и ареалот на жителите на селото Ореовец. Има ли увид во тоа Министерството за животна средина и инспекциските служби, кои се грижат за заштита на природата и заштита на животната средина? Можеби, но состојбата со концесиите и експлоатацијата на минерални суровини во Прилепско го негира тоа. Крајно време е од страна на надлежните министерства, особено погореспоменатото да се формира соодветен стручен тим кој ќе го истражи проблемот со рударската активност и експлоатацијата на минералните суровини, односно, проблемот со нарушувањето на природните услови, природниот амбиент и штетата, која им е нанесена на основните природни вредности од кои зависи опстанокот на живиот свет и луѓето во тој простор. Каква иднина им следи на жителите на Прилеп и населените места, како и на животинскиот свет, кои го делат истиот простор за живеење во услови кога тој е постојано напаѓан со тешка механизација и се уриваат, односно, уништуваат цели планини, речиси, непосредно до некои од селата, а на опасно растојание од самиот град? Негативните последици веќе се јасно забележливи, често има загадување на водите во реките, се прават штети на градбите во населените места предизвикани од минирањата, се заматуваат некои од изворите на вода и се оневозможува мирниот престој во живеалиштата. Како тоа го чувствува Македонската сивка, чувствителната пеперутка, која успеала да опстане само на простор од 1,5 km2 во атарот на селото Плетвар, може само да се претпостави. Според жители на Ореовец, по започнатите активности на новоотворениот коп на фирмата „Бехтел и Енка“, особено по извршените минирања, повеќе од нив по нивните дворови и куќи забележале змии отровници, а тоа си го објаснуваат со тоа дека и змиите бараат засолниште исплашени од тешката деструкција на планината. Поради тоа, тие велат дека ретко кој сопственик на имот во Ореовец не пронашол, поскок, шарка или друг вид змија во сопствените дворови.

Македонска сивка (Чингова окатка)

            Освен Македонската сивка, пределот околу врвот Козјак и селото Плетвар располага и со голем број други ендемски видови од животинскиот и растителниот свет. За жал, токму овој предел е еден од најзагрозените во Прилепско, заедно со пределот од атарите на селата Присад и Небрегово каде се отворени огромни копови за експлоатација ма мермер.  

РАНЕТИОТ УБАВЕЦ КОЗЈАК КАЈ ПРИЛЕП

            Пред повеќе од десетина години, бескрупулозно е издаден документ за истражување и експлоатација на средна висина на еден од најубавите и најатрактивни врвови во Прилепско, врвот Козјак на планината Бабуна во близина на прилепското село Плетвар. Копот е отворен од страната на селото Беловодица, во самото „срце“ на убавиот врв и на еден од најубавите негови профили. Со тоа му е нанесена неизлечлива „рана“ на овој убавец кој, со својата големина, со изразената пирамидална форма и сивобелата нијанса на неговите избраздени страни, ја краси целата околина, како кон Пелагонија, така и кон долината на Раец и другите страни од неговата поширока околина. Да биде глупоста поголема, копот е отворен, раскопан, миниран и расечен добар дел од профилот на врвот, па напуштен од експлоататорите како ништо да не се случило. Изговорот е дека материјалот што го пронашле не бил со соодветен квалитет. А големата рана на Козјак, а неговото уништено „срце“? Каде биле во тоа време надлежните институции? Каде било Министерството за економија, Министерството за животна средина, надлежните инспекциски служби, општинските власти – градоначалници, претседавачи, советници? Проблемот е вистински, тежок за прифаќање, но сурово реален и непоправлив зашто она што ќе се исече и уништи од планината никогаш нема да се обнови и го губиме засекогаш, колку и да било вредно. Затоа, одговорноста на наделжните институции, чија задача е да ги заштитат ваквите вредности е огромна. Тешка, но и благородна. За жал, нам ни се случуваат и вакви катаклизмични состојби, кои ни ги бришат неповторливите вредности пред нашите очи, ни ја подриваат подлогата за опстанок и ја потхрануваат, всушност, ја предизвикуваат депресијата во нас и не фрлаат во очај.

Врвот Козјак со својата рана

            Значи, проблемот со издавањето концесии во околината на Прилеп и експлоатацијата на минерални суровини е несогледлив за иднината и на луѓето и на животните и растенијата. Некои зафати од последно време не тераат на сериозни размислувања дали, освен потребата од минерални суровини, нема и други намери, односно, намери од поинаква природа. Овде само ќе го нафрлиме фактот дека при отоворањето на коп на локалитетот „Каракамен“ кај селата Алинци и Шелеверци, Прилепско, беше нападнат локалитет богат со култура и природни реткости, односно, ретки минерали, а меѓу нив и еден, кој е наречен Македонит, поради местото на наоѓање, а во атарот на селото Плетвар и Ореовец со голем број копови е напданата Македонската сивка, нежната и чувствителна пеперутка, која може да опстане само тука и никаде на друго место на планетата Земја. Му пречи ли некому изворното име и на двата вида природни реткости поради тоа што носат идентитетска вредност во своето име? Не сакаме да веруваме во тоа, но мораме да го потенцираме!!!

Големата „рана“ на Козјак никој не се обиде да ја спречи, ниту да ја „залечи“

ДОЛИНАТА ВО КОЈА СЕ СМЕСТЕНИ СЕЛАТА ОРЕОВЕЦ И КРСТЕЦ Е ЕДИНСТВЕНА ПО СВОИТЕ ВРЕДНОСТИ И БОГАТСТВА

            Долината во која се сместени селата Крстец и Ореовец е единствена по своите вредности во општина Прилеп и имала исклучително значење за овој град во минатото, а такво значење има и денес. Во неа, освен разновидниот животински и растителен свет, се крие и исклучително културно наследство, кое до денес не е соодветно истражувано и валоризирано, а е под силен притисок од уништување. За жал, голем дел од него е и уништено од неконтролираните активности на тој простор, со рудни зафати, отворање патишта, раскопување со тешка механизација и слично. На тој начин, сите вредности на оваа раскошна долина се во сериозна опасност од уништување, место да бидат ставени во самиот темел на соодветен развој, кој е вистинска потреба на жителите на Прилеп и на околните населени места. Урбанистичкиот план на Ореовец, кој е изработен пред неколку години, за тој простор предвидува населба со капацитет до 5000 жители. Токму оттогаш ова село доживува своевиден раст на жителите и изградба на инфарструктура, куќи за живеење, викендици, вили со базени и сл. Има ли некој, кој располага со „вистински очи“ за да го забележи незапирливото уништување на неповторливите вредности на овој простор и поткопувањето на темелите на неговата иднина?

Новиот коп кај Ореовец е опасна закана за селото и долината

            Овде само ќе ги споменеме топонимите Леково, Лекујна Вода и Бањиште, кои упатуваат на содржини поврзани со здравјето и лекувањето, кои опстојувале во подлабокото минато. Културните остатоци на просторот во кои се расположени овие места го потврдуваат нивното значење. За жал, споменатата долина е нападната со рударски копови и отворање на голем број пристапни патишта од повеќе страни, без да се води сметка за споменатите вредности. Тоа не наведува на помисла дека нашата свест не е на завидно ниво. Таа, засега, се појавува кај жителите на некои поединци од Прилеп, како и кај жителите и сопствениците на имот во селата Ореовец, Плетвар и Крстец, како и во другите околни села, кои се под директна закана од уништување. Нашата надеж е дека таквата свест ќе доживее вистинска експанзија и ќе застане на патот на катаклизмата, која се случува.