СТАРИОТ ГРАД ПРИЛЕП БИЛ ГРАД УШТЕ ВО МАКЕДОНСКИОТ И РИМСКИОТ ПЕРИОД (7)

ГРАЃАНИ И БОГОВИ ОД АНТИЧКИОТ ГРАД ПРИЛЕП (КЕРАМИЈА) ПОЗНАТИ ОД ПРОНАЈДЕНИТЕ СПОМЕНИЦИ СО НАТПИСИ

– ПАРМЕНИОН, МАКЕДОН, КАСАНДАР, ХЕРАКЛЕ, ДИЈ ОЛИМПИЕЦОТ –

            Едно е факт: Ако се изземе истражувањето правено со цел да се откријат „словенските“ културни содржини до 1990 година (во извесен дел и подоцна), археолошките истражувања поврзани со стариот град Прилеп се правени, главно, „службено“, во рамките на службените должности на надлежните институции, без посебно насочување и истражување со цел да се откријат извесни конкретни вредности поврзани со неговата постара историја и култура. Поради тоа, сметаме дека не се направени и соодветни анализи за соодветно согледување на севкупноста на историското значење, како и на материјалната и духовната култура поврзана со стариот град врз основа на откриениот материјал, односно, направена е несоодветна категоризација и карактеризација на културниот простор на кој била расположена населбата. Сепак, преку археолошките истражувања, кои во еден период се правени мошне интензивно, а повремено се прават и во поново време, на површина излегоа многу податоци, особено, преку откривањето на нагласен број археолошки предмети, кои упатуваат на постарите периоди, како на раната антика, односно, македонскиот период, но и на римскиот период. Тие упатуваат на значењето на стариот град Прилеп во античкиот период. Иако, до денес, немаме соодветна слика за неговиот обем, големиот број предмети, односно, разновидните археолошки наоди од споменатите периоди, јасно упатуваат на тоа дека стариот град, чие веројатно име бил Керамија, имал нагласен обем и нагласено значење во тие периоди. Ова, особено, може да се каже за римскиот период, кој е документиран со голем број мермерни споменици, меѓу кои, значаен број со натписи, кои се своевидни документи за времето, за граѓаните на овој град во тоа време, како и за начинот на живот, општественото и политичкото уредување, религијата, верувањата и традицијата. Анализата на епиграфските споменици, кои потекнуваат од просторот на кој бил расположен градот Прилеп во римскиот период, може да биде, особено, интересна и да не воведе во животот на граѓаните на овој град, во начинот на кој  размислувале и го чувствувале световниот и духовниот живот во тоа време, положбата во која се наоѓале, па и во нивниот интимен дел од животот.

            Проследувањето, односно, проучувањето на епиграфските споменици, односно, спомениците со натпис треба да биде направено од експерти за епиграфика но, со оглед дека тоа за стариот град кај Прилеп не е направено, ние ќе се обидеме да направиме еден скромен приказ со пренесување на имињата, кои се застапени на овие споменици, како и со некои моменти поврзани со нивниот живот. Со оглед на фактот дека не располагаме со македонски превод на натписите, преводите кои ги пренесуваме овде се недоволно прецизни и очекуваме читателите тоа да го имат предвид.

            До денес, не знамеме за споменик со натпис ос македонскиот период, иако со археолошките ископувања се пронајдени голем број археолошки предмети, монети и керамички садови и други видови археолошки материјал од тој период.1 Oд литературата се познати повеќе од 20 споменици со натписи од Прилеп датирани во римскиот период.2 Инаку, според една информација од римскиот историчар Ливиј, Керамија од Римјаните бил освоен во 170 година пред н.е.3 Натписите, кои потекнуваат од Прилеп, пак, се од II и III век на нашата ера. На нив се среќаваат имиња на граѓани на стариот град Прилеп од различно потекло. Жителите на Прилеп ја зачувале традицијата на личните имиња од македонскиот период, односно, ги зачувале своите домашни имиња. Некои од античките македонски имиња се повторуваат по повеќе пати, а можно е и тоа, едно име да се споменува и на повеќе споменици, односно, да се работи за име на исто лице на повеќе натписи.

Стела на Парменион со Херакле
  1. Αυρήλιος Παρμενίων

εκατοντάρχης τούς

υιούς κέ τόν τείον μνείας

χάριν4

            Аврелиј Парменион, стотник со неговите синови за вечен спомен.

            Еден интересен споменик со натпис од стариот град Прилеп содржи  исклучително античко име, Парменион. Велиме исклучително бидејќи такво име носел и еден од најголемите македонски војсководци, кој бил командант во војската на кралот Филип II Македонски, а потоа во војската на Александар III Македонски.5 Споменикот за кој станува збор го подигнал граѓанин на стариот град Прилеп (Керамија), кој во натписот стои како Аврелиј Парменион.6 Тоа не упатува на фактот дека овој Македонец примил латинско, односно римско име за да биде прифатен од страна на тогашните владетели, Римјани, но го задржал своето второ име Парменион за да не ја прекине старата македонска традиција на поставување лични имиња на свои претци. Овој споменик е датиран во перидот II – III век на нашата ера.7 На споменикот, кој претставува стела, односно, надгробен споменик, во највиоскиот дел, фронтонот, е изработен човечки лик до половина, а во оформеното поле под него, во рамка се изработени три човечки ликови во стоечка положба. Во средината е претставен воин со хитон (горна облека закопчана на едното рамо), наметнат со хламида (наметка), од левата страна носи меч, а на десната рака држи стап на центурион. Од неговата лева страна стои маж во тога, а од неговата десна страна жена од типот голема херкуланка.8

  1. Λʋσᾶς Ἀντιχάροʋ

                Κασσάνδρω ʋἱῷ

                θανόντι και Αμμ-

                ιᾳ τῇ συμβίω και ʋιῷ

                Γαίώ και έαʋτῷ ζώ-

                ντων μνήμης

                        χάριν9

            Лисас Антихару Касандро, ………. за вечен спомен

            Вториот споменик, кој го претставуваме овде, е стела од мермер со релјеф и натпис, носи слична датација, односно, II – III век н.е., а во натписот среќаваме уште едно македонско име, Касандар (Касандро), кое е име и на еден македонски крал, односно, Касандар, синот на Антипатар, намесникот во Македонија, поставен од Александар Македонски по неговото заминување во поход на Персија. Касандар владеел со Македонија по смртта на Александар, односно, од 305 до 297 година пред н.е. Касандар, како име на граѓанин на стариот град Прилеп, го среќаваме и на овој надгробен споменик – стела од мермер, која поседува натпис во 7 реда. Покрај Касандро, на натписот го среќаваме и името, Амија,10 кое е карактеристично за нашиот простор.

Мермерен блок со натпис од времето на Северите
Постамент со натпис од црквата „Св. Никола“
  1. τὸν μέʏιστον

            καὶ ϴԑιότατον

            Αὺԏοκράԏορα

            Καίσαρα Μάρκον Αυτώ-

            νιοἡ Γορδιανόν

            Ευτυχή Ευσεβή

            Σεβαστόν

            ἡ πόλις

            ἡ τῶν Ἀρүε-

            σταίων11

            Најголемиот и најсветиот император Цезар Марко Автониј Гордијан од граѓаните на Аргос (Аргостајците)

             Еден од таквите споменици со потекло од стариот град Прилеп се наоѓа во Музеј на Македонија во Скопје. Се работи за мермерен постамент за биста или скулптура со натпис во 10 реда датиран во 242 година на нашата ера. Овој споменик го подигнал градот Аргос во слава и чест на тогашниот римски император Марко Антониј Гордијан (238 – 244) кој, на натписот, е наречен и божествен.12 Градот Аргос, до денес, не е лоциран, но познато е дека градови со такво име во македонскиот и римскиот период егзистирале во Македонија. Фактот што и самото македонско кралско семејство се нарекувало Аргеади, секако, значи своевиден аргумент за постоењето на градови со такви имиња.

Стела на Македона со Херакле и Афродита
  1. [Ε]πικτησις τόν άν-

            δρα Μακαηδόνα και

            έαυτήν ζώσα κέ

            τά τέκνα μνήμ-

            ης χάριν13

            Епиктеса за човекот Македона, кој ме остави да живеам сама со децата за вечен спомен

            Надгробен споменик – стела со натпис на кој се среќава име, кое произлегува од изворниот македонски идентитет, односно, Македон. Имено, од натписот може да се дознае дека споменикот е подигнат од Епиктеса, сопругата на Македон, граѓанин на Прилеп. Двете имиња, Епиктеса и Македон се со домашно потекло. Додека Македон е изведено од самиот идентитет на Македонците, Епиктеса е, исто така, име карактеристично за овој простор, односно, за Балканот и има старо потекло.

            На споменикот среќаваме и многу интересни претстави на релјефот во средниот дел, изработен во оформена рамка, кој говори за односот на прилепските граѓани кон своите покојници, но и за верувањето и култовите кои ги почитувале. Ако одиме со ред, во највисокиот дел од стелата – фронтонот, имаме претстава на небесниот круг, односно, небесен симбол во форма на круг – топка со полукружни форми од двете страни, а целата претстава упатува на севкупниот вселенски круг со животодарувачот – сонцето во неговиот центар. Под оваа претстава следува добро оформена правоаголна рамка со четири фигури претставени во релјеф. Првата фигура од левата страна го претставува мажот, Македон, облечен во тога, со големина која ја опфаќа, речиси целата височина на рамката, а до него, во многу помала форма е претставен Херакле, гол и со топуз во десната рака, а лавовска кожа во десната. Веднаш до него, во малку помала форма од Херакле е претставена божицата Афродита, а крајно десно има претстава на жената на Македон, Епиктеса,14 облечена во фустан кој, речиси, целосно го покрива нејзиното тело, а има и наметка со која е покриена и нејзината глава. надвор од облеката е подлактицата на нејзината десна рака, која е свиткана во лактот и ја држи наметката во пределот на градите, а во долниот дел од телото, одфустанот излегува дел од нејзината лева потколеница.

Стела на Македона со Херакле и Афродита 3

          

Стела на Македона со Херакле и Афродита 2

Познато едека Херакле Македонците го почитувале и славеле како бог15 и дека негови претстави се среќаваат на многу места низ Македонија,16 а тоа упатува на фактот дека, како родоначалник на Македонците и македонската кралска лоза Хераклиди,17 тој бил голем култ за Македонците и бил, особено, почитуван. Во претставата од стелата за која станува збор овде, веројатно, тој и Афродита, се поставени како заштитници на душите на покојниците, но и како заштитници на нивните потомци и на семејствата од кои потекнуваат. Ваквите споменици, секако, имаат потенцијал за многу поголема анализа и продлабочување на сознанијата за животот на древните граѓани на Прилеп (Керамија), за нивните верски обичаи, начинот на облекување, односите во семејството и семејната хиерархија, односот кон своите покојници и кон семејството и сл.

 

Споменик со натпис посветен на Диј Олимпиецот (врховниот бог кај Македонците)
  1. Διί Ολυμπιω

            Αλεξάνδρα

            Παραμόνων

            ευχήν υπέρ τέ-

            κνον Παραμό-

            νων Στρατονι-

            κης και Νικομα-

            χης18

            На Диј (Ѕевс) Олимпиецот Александра Парамон, за децата на Парамон Стратоник и Никомах

            Уште еден споменик со исклучително интересни содржини од Прилеп, е една ара (жртвеник), посветена на врховниот бог од антиката, Ѕевс, односно, Диј (Дии). Овој споменик е пронајден во населбата Варош, Прилеп, односно, на просторот на кој бил расположен стариот град. Тој е датиран во II век на нашата ера. На жртвеникот се среќава натпис, освен формата Διί Ολυμπιω (Диј Олимпиецот – Олимписки) среќаваме уште неколку имиња од домашно потекло, односно, од македонско, балканско и медитеранско. Најпрво е името Александра, која го подига жртвеникот во чест на врховниот бог со молба да ги заштити нејзините деца со Парамон, Стратоник и Никомах. Интересно е дека во овој натпис среќаваме имиња, исклучиво, од македонско, односно, балканско потекло, без учество на име од латинско потекло. Се разбира, првото место го зазема името Александра, кое има исклучително старо потекло и е едно од најпопуларните имиња кај Македонците уште од најстарите времиња, а старо е и потеклото и на другите имиња од натписот. За нас е интересно и името Никомах кое исто така е многу старо име карактеристично за овој простор. Никомах се викал и таткото на Аристотел, кој бил од лозата на Асклепијадите и бил доктор во македонската кралска куќа во времето на Филип II, како и еден познат сликар од тоа време.19

            Што се однесува до формата Διί Ολυμπιω, особено првото име Διί, интересно е дека таа е карактеристична за именување на врховниот бог во антиката на македонската почва. Слично именување на овој бог среќаваме и на голем број други споменици во разни места низ Македонија. Секако, тоа не упатува на размисла и анализа дека оваа форма била карактеристична за Македонците, односно, за македонските заедници, но во некој друг материјал.

 

1 Бошко Бабиќ, Материјалната култура на Македонските словени во светлината на археолошките истражувања во Прилеп, Институт за истражување на старословенската култура (ИСК), Прилеп 1986.

2 Fanula Papazoglu, Milena Milin, Marijana Ricl, Inscriptiones Graecae, Epiri, Macedoniae, Thraciae, Skythiae, Berolini – Novi Eboraci MIM, 99 – 108 и Tabula XXVIII – 209 – 226.

3 Фанула Папазоглу, Македонски градови у римско доба, Жива антика – посебна издања, Скопје 1957, 223 – белешка 52.

4 Fanula Papazoglu, Milena Milin, Marijana Ricl, Inscriptiones…, 101, Tabula XXVIII – 211.

5 Тренчо Димитриоски, Најголемиот и најзначаен генерал на Филип Втори и Александар Трети Македонски, Парменион, веројатно бил последниот крал на Пелагонското кралство, (https://www.pelagon.mk/2021/10/13/)

6 Fanula Papazoglu, Milena Milin, Marijana Ricl, Inscriptiones…, 101.

7 Исто.

8 Исто, Tabula XXVIII – 211. Борка Јосифовска, Водич низ лапидариум, Археолошки музеј – Скопје, Скопје 1961, 30, 31.

9 Fanula Papazoglu, Milena Milin, Marijana Ricl, Inscriptiones…, 100, Tabula XXVIII – 210.

10 Исто, 99.

11 Исто. Борка Јосифовска, Водич низ лапидариум, Археолошки музеј – Скопје, Скопје 1961, 71, 72.

12 Исто.

13 Fanula Papazoglu, Milena Milin, Marijana Ricl, Inscriptiones…, 102, Tabula XXVIII – 214.

14 Исто, Tabula XXVIII – 214.

15 Наде Проева, Студии за античките Македонци, Historia antiqua macedonica, посебни изданија, Скопје 1992, 162.

16 Исто, 161, 162.

17 Исто, 161.

18 Fanula Papazoglu, Milena Milin, Marijana Ricl, Inscriptiones…, 103, Tabula XXVIII – 214.

19 Јуџин Н. Борза, Во сенката на Олимп – појавата на Македон, Патрија, Скопје 2004, 290, 335.