СТАРИОТ ГРАД ПРИЛЕП БИЛ ГРАД УШТЕ ВО МАКЕДОНСКИОТ И РИМСКИОТ ПЕРИОД (8)
ГРАЃАНИ НА АНТИЧКИОТ ГРАД ПРИЛЕП (КЕРАМИЈА) ПОЗНАТИ ОД ПРОНАЈДЕНИТЕ СПОМЕНИЦИ СО НАТПИСИ (2)
– ЦАРЕВИ, СЛУЖБЕНИЦИ, ГРАЃАНИ, СЕМЕЈСТВА – ЗОСИМ, АЛЕКСАНДАР, АНТИГОН, –
- Ζωσιμά τόν
άνδρα Αλέξανδρον
κέ τέκνα ζώντα20
Зосима ги остави живи сопругот Александар и децата
Еден надгробен споменик, кој се наоѓа во дворот на црквата „Св. Никола“ во Варош, во релјефното поле содржи претстава на цело семејство од стариот град Прилеп од II век на нашата ера и натпис на кој повторно го среќаваме името Александар.Горниот дел на мермерната стела е откршен, а со тоа се оштетени и фигурите на двајцата возрасни – родителите. Имено, тргнувајќи од лево кон десно, во оформено поле со правоаголна рамка се среќава фигура на маж со тога, потоа жена во долг фустан и три помали човечки фигури, односно, деца. Првото од децата е најмало, она во средината најголемо, а последното со средна височина.21
Според натписот од површината на плочата под полето со релјеф, се работи за семејството на Зосима и Александар, кои биле граѓани на стариот град кај Прилеп во II век на нашата ера. Зосима и Зосим се имиња, кои мошне често ги среќаваме на епиграфски споменици од Македонија, како и од областите Пелагонија и Мариово. Тоа значи дека и ова е име е карактеристично за македонскиот простор.
- τόν μέγιστον Τει-
ότατον Αυτοκράτορα
Καίσαρα Λούκιον Σεπτί-
μιων Σευήρων Ούλπί-
α Εισιδώρα ή και Σαραπι-
άς και Αυρήλιοι Αντί-
γονος ό κέ Πολέμων
και Αντιγόνη ή κέ Σαρα-
πιας κληρονόμοι Αυρή-
λιον Αντιγόνου πρει-
μοπιλαρίων κατά δια-
τεκεν τού Αντιγόνου22
Неговото височество царот Цезар Луциј Септимиј Север Улпија Исидора Сарапис и Аурелиј Антигон од Полемон и Антигона или Сарапис наследници на Аурелиј Антигон примопилариј против волјата на Антигон
Споменикот се наоѓа во ѕидот на црквата „Св. Никола“ во Варош, Прилеп, на десниот агол од западниот ѕид од градбата, при неговата основа, а датиран е во крајот на II и почетокот на III век на нашата ера, односно, во периодот 191 – 211 година. Тој претставува мермерен блок со правоаголни форми, односно, своевидна основа од извесно споменично обележје посветено на царот Луциј Септимиј Север. Овој споменик упатува на вообичаената практика да им се оддава почит и да се прават обележја во чест на императорите, особено во поголемите градски населби. Освен споменици со текст во кој се величел царот и му се искажувале божествени почести, на плоштадите во градовите се подигнувале и скулптури со ликот на царот, како и цели храмови во нивна чест, односно, свети објекти, кои биле дел од почитувањето на култот на императорот и неговата божествена природа.
Споменикот за кој овде станува збор е втор од ваков тип од Прилеп, односно, споменик на кој му се оддава почит на римскиот цар. Претходно, веќе го опишавме споменикот на кој го среќаваме името на римскот император Марко Антониј Гордијан. Овие споменици, речиси, недвосмислено упатуваат на значењето на градот Прилеп (Керамија?) во тој период.
Натписот, за кој станува збор овде, потекнува од времето на еден од римските императори од познатото семејство, Севери, односно, во првиот дел од натписот го среќаваме името на императорот, Луциј Септимиј Север (193 – 211), а веднаш до него е врежано името на Улпија Исидора,23 веројатно жител на населбата, односно, на градот. Интересно е дека од семејството Улпија потекнува и познатиот римски цар Трајан (98 – 117). Потоа следи името на богот, Сарапис.24 Сарапис бил култ во Египет, а во Македонија, односно, на Балканот е востановен како култ за време на династијата македонски фараони во Египет, Птолемеи, односно од основачот на оваа династија Птолемеј I Сотер (323 – 283), кој бил еден од најблиските другари и генерал, учесник во походот на Александар Македонски, а по неговата смрт станал владател на Египет. Сарапис бил бог на плодородноста и изобилието, како и бог на подземниот свет и здгробниот живот, лечител и спасител.
Во подолниот дел од натписот го среќаваме името, Аврелиј Антигон, па Полемон, три пати се повторува Антигон и уште еднаш богот, Сарапис.Една од формите во кои се содржи името Антигон претставува женско име Антигона. Во најдолниот дел од натписот среќаваме име на висок службеник, односно, старешина, примипилариј (он).25 Оваа функција, веројатно, се однесува на Аврелиј Антигон, кој, како што се гледа од натписот, носи римско (Аврелиј), но и македонско (Антигон) име. Имено, познато е дека една од династиите македонски кралеви е, токму, Антагониди, востановена од кралот Антигон I Едноокиот (382 – 301 г. п.н.е.), кој бил еден од генералите во војската на Александар Македонски и основач на оваа династија, која владеела со Македонија од 277 до 168 година п.н.е. Службената функција Примипилариј е позната и од други места од тој период, како од еден натпис од селото Пештани, Мариово, исто така со споменување на Северите, кој е датиран неколку децении подоцна од споменикот од црквата „Св. Никола“ во Варош.26 На тој начин, споменатиот споменик со натпис станува, особено, интересен и содржаен и, секако, заслужува сериозно научно внимание бидејќи е значаен документ за Прилеп, односно, за политичкото, административното и културното ниво на стариот град расположен на ридот Маркови Кули, како и на просторот на Варош и Заград, во времето на првите векови од новата ера. Исто така, личните имиња од ваквите споменици упатуваат на почитувањето на старата традицијата на поставување лични имиња кај Македонците, која е долга со векови.
- Νεικοτυχη
τόσ άγαλμα
Κοκκειανός
έτευξ έπαράς
Αντιγόνη τε
όμού συνό-
μαιμαιμος
————-27
Никотихе, статуата на Кокејанос, била подигната од Антигона.
Интересно е што, веќе, споменатото име Антигон, од претходниот споменик, во неговата женска форма, се среќава на уште еден споменик пронајден кај црквата „Св. Никола“ во Варош. Се работи за надгробен споменик во форма на ара, со натпис на една од страните, кој поставен од извесен Кокејан, заедно со неговата сестра Антигона Никотихе.27 На него стоела скулптура или биста, веројатно, претстава на покојникот на чиј гроб стоел. Тој се чува во Музејот на Македонија во Скопје.28 На јужната страна од црквата, во близина на оградата се наоѓаат уште два репрезентативни споменици со натписи и релјефни претстави. Тие се во големина до 1,5 m и имаат форма на ара. Едниот од нив е во исправена положба, додека другиот е прекршен во два дела и се наоѓа во легната положба.
- Ούαλέριος καί —
οί γονήις καί Αρ-
χος ό άδελφός
Παράμονον ήρωα
έτών . κζ . μνίων . ιά .
μνήμης χάριν.
Валериј и родителите и Архос, братот Парамон херој на годината Г. за спомен и вечно паметење.
Се работи за интересен споменик со нагласени димензии во форма на ара, прекршен на два дела. На една од страните располага со релјеф со претстава на хеоризиран покојник на коњ на горниот дел од споменикот, а под него стои натпис во 6 реда. На овој натпис се споменуват три имиња, Валериј, Арх и Парамон – граѓани на стариот град, а надгробниот споменик бил на член на нивното семејство, веројатно, Парамон.
- Од црквата „Св. Никола“ во Варош потекнуваат уште два споменици со натписи. За жал, натписите се во голема мерка оштетени и се идентификувани само мали фрагменти од нив. Едниот споменик претставува надгробен споменик – плоча од мермер со горен дел оформен во триаголник – тимпанон украсен со релјеф со претстава на Тракиски коњаник, во полето веднаш под него се изработени четири човечки фигури во различна големина, а во најдолното поле има натпис,29на кој се распознаваат само мал дел од зборовите и тешко може да се идентификува име или сличен термин, но јасно е дека се работи за споменик на извесен покојник од градот.
- Вториот споменик е, исто така, стела со натпис со 1,72 m височина, 0,65 m ширина и 0,13 m дебелина.30На неа, исто така, се среќава натпис, кој располага со текст во 4 реда, но во голема мерка оштетен и е идентификуван само мал дел од него.31
- Τίτος Αίλιος Αν-
τίγονος Αίλίαν
Νίκην τήν σύμ-
βιων ετών λς32
Тит Елиј Антигон Ајлиј Нике ……..
Овој споменик претставува мермерна плоча со димензии 1,13х0,70х0,17 пронајдена кај црквата „Св. Димитрија“ во Варош, а денес се чува зо Завод и музеј – Прилеп.33 Натписот се наоѓа на една од двете страни на плочата, во горниот дел на добро оформеното натписно поле со трослојна рамка. Натписот содржи пет различни имиња, веројатно, на две личности. Првото лице, граѓанин на стариот Прилеп е заведено како Тит Ајлиј Антигон, а второто како Ајлиј Нике. Додека Тит и Ајлиј се имиња од латинско потекло, имињата Антигон и Нике се од домашно, балканско, односно, македонско потекло. Уште повеќе, и двете имиња се среќаваат на голем број епиграфски споменици од Пелагонија и другите области на Македонија. Веќе забележуваме дека Антигон, како име на граѓанин на стариот Прилеп го среќаваме на повеќе епиграфски споменици од Варош – Прилеп, односно, на три од дваесетина.
- Ιουλιανή τω ι-
διω άνδρι Παρα-
μόνω καί αυτή
ζώσα μετά τών
τέκνον μνή-
μης χάριν34
Јулиана на својот маж Парамон со децата заради вечен спомен
На овој споменик, кој е датиран од II до III век на нашата ера, сопругата Јулиана му подига споменик на својот покоен сопруг, Парамон, заедно со своите деца. Парамон како име на граѓани на стариот град Прилеп, го среќаваме, дури, на четири споменици од Прилеп. Тоа значи дека ова име било, особено, популарно во овој град.
20 Fanula Papazoglu, Milena Milin, Marijana Ricl, Inscriptiones…, 104, Tabula XXVIII – 217.
21 Исто, Tabula XXVIII – 217.
22 Исто, 103, 104, Tabula XXVIII – 218.
23 Исто, 103.
24 Исто.
25 Исто, 104.
26 Исто, 93.
27 Исто, 105, Tabula XXVIII – 222.
28 Исто.
29 Исто, 107.
30 Исто.
31 Исто.
32 Исто, 104.
33 Исто.
34 Исто, 105, Tabula XXVIII – 221.